Поглавје 2
Книга која го открива спознанието за Бог
1, 2. Зошто ни е потребно водството од нашиот Творец?
СОСЕМА е разбирливо дека нашиот Творец полн со љубов би дал книга со упатство и водство за човештвото. А зарем не се сложуваш дека на луѓето им е потребно водство?
2 Пред повеќе од 2.500 години, еден пророк и историчар напишал: „Не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа стапките свои“ (Јеремија 10:23). Вистинитоста на таа изјава денес е поочигледна од кога и да е порано. Затоа, историчарот Вилијам Х. Мекнил забележува: „Човековото искуство на оваа планета претставува една скоро непрекината серија кризи и прекини на воспоставениот општествен ред“.
3, 4. а) Како треба да му пристапиме на проучувањето на Библијата? б) Како ќе ја испитаме Библијата?
3 Библијата ги задоволува сите наши потреби од мудро водство. Вистина, многумина се обесхрабрени кога првпат ќе ја разгледаат Библијата. Таа е голема книга, а некои нејзини делови не се разбираат така лесно. Но, ако ти дадат еден тестамент во кој се истакнува што мораш да сториш за да добиеш некое вредно наследство, зарем не би одвоил време внимателно да го проучиш? Ако некои делови од документот ти се тешко разбирливи, веројатно ќе добиеш помош од некој кој е искусен во таквите работи. Зошто не ѝ пристапиш на Библијата со сличен став? (Дела 17:11). Во прашање е нешто повеќе од материјално наследство. Како што научивме од претходното поглавје, спознанието за Бог може да доведе до вечен живот.
4 Да ја испитаме книгата која го открива спознанието за Бог. Најпрвин, накратко ќе ја разгледаме Библијата. Потоа ќе подискутираме за причините зошто многумина информирани веруваат дека таа е инспирирана Реч Божја.
ШТО СОДРЖИ БИБЛИЈАТА
5. Што содржат: а) Хебрејските списи? б) Грчките списи?
5 Библијата содржи 66 книги поделени на два дела, честопати наречени Стар завет и Нов завет. Триесет и девет библиски книги биле напишани главно на хебрејски јазик, а 27 на грчки. Хебрејските списи, кои се состојат од 1. Мојсеева до Малахија, зборуваат за создавањето, како и за првите 3.500 години од човечката историја. Со испитување на овој дел од Библијата, учиме како Бог постапувал со Израелците — од нивното раѓање како нација во XVI век пр. н. е. сѐ до V век пр. н. е.a Грчките списи, кои ги содржат книгите од Матеј до Откровение, се сосредоточуваат на учењата и активностите на Исус Христос и на неговите ученици во текот на првото столетие н. е.
6. Зошто треба да ја проучиме целата Библија?
6 Некои тврдат дека „Стариот завет“ е за Евреите, а „Новиот завет“ за христијаните. Но, според 2. Тимотеј 3:16, „целото писмо е од Бога вдахновено и полезно“. Затоа, за правилно да ја проучиме, мораме да ја земеме целата Библија. Всушност, двата дела на Библијата се надополнуваат еден со друг, обединувајќи се хармонично во развивањето на една сеопфатна тема.
7. Која е темата на Библијата?
7 Можеби со години си присуствувал на религиозни служби и си слушал кога гласно се читало нешто од Библијата, или можеби и самиот си читал извадоци од неа. Дали си знаел дека Библијата има една заедничка нишка од 1. Мојсеева па до Откровение? Да, една хармонична тема ја проникнува целата Библија. Која е таа тема? Тоа е оправдувањето на Божјето право да владее со човештвото, како и остварувањето на неговата љубезна намера преку неговото Царство. Подоцна ќе видиме како Бог ќе ја исполни оваа намера.
8. Што открива Библијата за Божјата личност?
8 Освен тоа што ја изложува Божјата намера, Библијата ја открива и неговата личност. На пример, од неа учиме дека Бог има чувства и дека изборите што ги правиме се битни за него (Псалм 77:40, 41; Изреки 27:11; Језекиил 33:11). Псалм 102:8-14 вели дека Бог е ‚штедар и милостив, долготрпелив и многумилостив‘. Тој со нас постапува сочувствително, ‚сеќавајќи се дека сме создадени од обичен прав‘ и дека при смртта се враќаме во прав (1. Мојсеева 2:7; 3:19). Какви само прекрасни особини покажува тој! Зарем тој не е токму таков Бог каков што сакаш да обожаваш?
9. Како ни дава Библијата јасно гледиште за Божјите мерила, и како можеме да извлечеме корист од таквото спознание?
9 Библијата ни дава јасно гледиште за Божјите мерила. Тие понекогаш се наведени како закони. Меѓутоа, многу почесто се одразени во начела за кои се дава поука преку примери. За наша корист, Бог дал да се запишат извесни настани од историјата на древните Израелци. Тие искрени извештаи ги покажуваат резултатите кога луѓето работат во склад со Божјата намера, како и жалосниот исход кога си тераат по свое (3. Царства 5:4; 11:4-6; 2. Летописи 15:8-15). Читањето на таквите вистинити извештаи, без сомнение, ќе влијае врз нашите срца. Ако се трудиме да си ги претставиме настаните што се запишани, можеме да се идентификуваме со луѓето кои се вклучени во нив. На тој начин, можеме да извлечеме корист од добрите примери и да ги избегнеме замките во кои паднале престапниците. Меѓутоа, треба да одговориме на следново животоважно прашање: Како можеме да бидеме сигурни дека она што го читаме во Библијата е навистина инспирирано од Бог?
МОЖЕШ ЛИ ДА ИМАШ ДОВЕРБА ВО БИБЛИЈАТА?
10. а) Зошто некои мислат дека Библијата е застарена? б) Што ни кажува 2. Тимотеј 3:16, 17 за Библијата?
10 Можеби си забележал дека многу книги кои нудат совети, застаруваат за само неколку години. А како е со Библијата? Таа е многу стара. Поминале скоро 2.000 години откако се запишани нејзините последни зборови. Затоа, некои мислат дека таа не е применлива во нашево модерно време. Но, ако Библијата е инспирирана од Бог, нејзиниот совет треба секогаш да биде современ и покрај нејзината голема старост. Светото писмо би требало сѐ уште да биде „корисно за поучување, за укорување, за исправање на работите, за воспитување во праведност, за човекот Божји да биде потполно способен, целосно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17, НС).
11-13. Зошто можеме да речеме дека Библијата е практична за нашево време?
11 Подробното испитување открива дека библиските начела подеднакво важат и денес, како што важеле во времето кога првпат биле запишани. На пример, Библијата покажува едно големо разбирање за човечката природа, кое важи за секоја генерација од човештвото. Тоа можеме лесно да го видиме од Исусовата Проповед на гората, што се наоѓа во книгата на Матеј, поглавја 5 до 7. Како што се известува, оваа проповед толку го импресионирала покојниот индиски водач Мохандас К. Ганди, што на британскиот вице-крал му рекол: „Кога Вашата и мојата земја би се сложиле на темел на учењата што ги изложил Христос во оваа Проповед на гората, би ги решиле проблемите не само на нашите земји туку и проблемите на целиот свет“.
12 Не е ни чудо што луѓето се импресионирани од Исусовите учења! Во Проповедта на гората тој ни го покажал патот до вистинска среќа. Објаснил како да се решаваат споровите. Исус дал поука како да се молиме. Го истакнал најмудриот став што треба да се има спрема материјалните потреби и го дал Златното правило за исправни односи со другите. Меѓу темите за кои се зборува во оваа проповед е и темата како да се откријат религиозните измами и како да се има сигурна иднина.
13 Во Проповедта на гората, како и на останатите нејзини страници, Библијата јасно ни кажува што да правиме, а што да избегнуваме за да ги подобриме своите околности во животот. Нејзиниот совет е толку практичен што еден педагог бил поттикнат да каже: „Иако сум советник со професорска и магистерска диплома и сум прочитал голем број книги за менталното здравје и психологијата, открив дека библискиот совет за таквите работи, како што се успешен брак, спречување на малолетничка деликвенција, како и стекнување и задржување на пријатели, е далеку посупериорен од сѐ друго што сум прочитал или студирал на колеџот“. Освен што е практична и современа, Библијата е и доверлива.
ТОЧНА И ДОВЕРЛИВА
14. Што покажува дека Библијата е научно точна?
14 Иако Библијата не е научна книга, таа е научно точна. На пример, во времето кога повеќето луѓе верувале дека Земјата е рамна плоча, пророкот Исаија се осврнал на неа како на ‚круг‘ (хебрејски: куг, кое ја пренесува идејата за „сфера“) (Исаија 40:22). Идејата за сферична Земја била широко прифатена дури илјадници години после Исаија. Освен тоа, Јов 26:7 — напишан пред повеќе од 3.000 години — наведува дека Бог „ја закачил земјата на ништо“. Еден библиски научник вели: „Прашањето како Јов ја знаел вистината дека Земјата виси самата од себе во празниот простор, кое го потврдува и астрономијата, не можат така лесно да го одговорат оние кои ја негираат инспирираноста на Светото писмо“.
15. На кој начин довербата во Библијата е зајакната со нејзиниот стил на раскажување?
15 Стилот на раскажување во Библијата, исто така, ја зајакнува нашата доверба во оваа прастара книга. За разлика од митовите, настаните за кои се зборува во Библијата се поврзани со одредени луѓе и датуми (3. Царства 14:25; Исаија 36:1; Лука 3:1, 2). И додека древните историчари скоро секогаш ги преувеличувале победите на нивните владетели, а ги криеле нивните порази и грешки, библиските писатели биле искрени и чесни — дури и кога се работело за нивните сопствени сериозни гревови (4. Мојсеева 20:7-13; 2. Царства 12:7-14; 24:10).
КНИГА НА ПРОРОШТВА
16. Кој е најсилниот доказ дека Библијата е инспирирана од Бог?
16 Исполнетите пророштва даваат уверлив доказ дека Библијата е инспирирана од Бог. Библијата содржи многу пророштва кои се исполниле во детали. Очигледно, тоа не можело да им се припише на самите луѓе. Тогаш, која е позадината на овие пророштва? Самата Библија вели дека „никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале просветувани од Светиот Дух“, односно Божјата активна сила (2. Петрово 1:21). Да разгледаме неколку примери.
17. Кои пророштва го прорекле падот на Вавилон, и како се исполниле?
17 Падот на Вавилон. И Исаија и Јеремија го прорекле падот на Вавилон под Медите и Персијците. Вредно е да се забележи дека Исаииното пророштво во врска со овој настан било запишано во времето кога Вавилон се наоѓал на врвот од својата моќ — околу 200 години пред да биде уништен! Следниве аспекти од пророштвото сега се историски добро документирани: исушувањето на реката Еуфрат со свртување на нејзините води кон едно вештачко езеро (Исаија 44:27; Јеремија 50:38), немарноста за обезбедување на речните порти на Вавилон (Исаија 45:1) и победата на еден владетел по име Кир (Исаија 44:28).
18. Како се исполнило библиското пророштво со подемот и падот на „царот на Грција“?
18 Подемот и падот на „царот на Грција“. Во една визија, Даниил видел како еден козел [јарец] кутнал еден овен, при што му ги скршил двата рога. Потоа, големиот рог на јарецот бил скршен, а на неговото место се појавиле четири рогови (Даниил 8:1-8). На Даниил му било објаснето: „Овенот со двата рога што ги виде тоа се мидијскиот цар и персискиот. А косестиот козел е царот на Грција, додека големиот рог што се наоѓа меѓу неговите очи, тоа е нејзиниот прв цар: тој е здробен и место него излегоа други четири: тоа се четирите царства што ќе се издигнат од тој народ, но не со негова сила“ (Даниил 8:20-22). Во склад со ова пророштво, околу два века подоцна, „царот на Грција“, Александар Велики, го соборил дворогото Медо-Персиско царство. Александар умрел во 323 пр. н. е. и, очигледно, го замениле четворица негови генерали. Меѓутоа, ниедно од овие следни царства не ја надминало моќта на Александровата империја.
19. Кои пророштва се исполниле на Исус Христос?
19 Животот на Исус Христос. Хебрејските списи содржат мноштво пророштва кои се исполниле преку раѓањето, службата, смртта и воскресението на Исус. На пример, повеќе од 700 години однапред, Михеј прорекол дека Месијата, или Христос, ќе се роди во Витлеем (Михеј 5:2; Лука 2:4-7). Исаија, современик на Михеј, претскажал дека Месијата ќе биде удиран и плукан (Исаија 50:6; Матеј 26:67). Петстотини години однапред, Захарија прорекол дека Месијата ќе биде издаден за 30 сребреници (Захарија 11:12; Матеј 26:15). Повеќе од илјада години однапред, Давид ги претскажал околностите поврзани со смртта на Месијата Исус (Псалм 21:7, 8, 18; Матеј 27:35, 39-43). А околу пет векови однапред, Данииловото пророштво открило кога ќе се појави Месијата, колку долго ќе трае неговата служба и кога ќе биде неговата смрт (Даниил 9:24-27). Ова се само некои примери за пророштвата што се исполниле на Исус Христос. Подоцна ќе видиш дека е корисно да прочиташ повеќе за него.
20. Каква доверба треба да ни даде библискиот совршен извештај за исполнетите пророштва?
20 Многу други долгорочни библиски пророштва веќе се исполниле. ‚Но‘ — можеби ќе прашаш — ‚каква врска има тоа со мојот живот?‘ Па, ако некој долги години ти ја кажувал вистината, дали одеднаш ќе се посомневаш во него ако ти каже нешто ново? Не! Низ целата Библија, Бог ја кажувал вистината. Зарем тоа не треба да ја изгради твојата доверба во она што го ветува Библијата, како што се нејзините пророштва за идниот земен рај? Навистина, можеме да ја имаме истата доверба како Павле, еден од Исусовите ученици од првиот век, кој напишал дека ‚Бог не лаже‘ (Тит 1:2). Освен тоа, кога ја читаме Библијата и го применуваме нејзиниот совет, покажуваме мудрост каква што луѓето не можат сами да ја стекнат, затоа што Библијата е книга која го открива спознанието за Бог кое води до вечен живот.
,БИДИ ЖЕЛЕН‘ ЗА СПОЗНАНИЕТО ЗА БОГ
21. Што треба да сториш ако некои работи што ги учиш од Библијата ти изгледаат претешки?
21 Додека ја проучуваш Библијата, веројатно ќе научиш некои работи кои се поинакви од она за што си бил поучуван во минатото. Можеби ќе го увидиш и тоа дека некои религиозни обичаи што си ги практикувал, не му се допаѓаат на Бог. Ќе научиш дека Божјите мерила за исправно и погрешно се повисоки од мерилата кои се вообичаени во овој попустлив свет. Отпрвин, тоа може да изгледа претешко. Но, биди стрплив! Внимателно испитај ја Библијата за да го најдеш спознанието за Бог. Биди отворен за можноста библискиот совет да бара исправање во твоето размислување и во постапките.
22. Зошто ја проучуваш Библијата, и како можеш да им помогнеш на другите да го разберат тоа?
22 Добронамерните пријатели и роднини може да ти се противат поради тоа што ја проучуваш Библијата, но Исус рекол: „Секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец небесен. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен“ (Матеј 10:32, 33). Некои можеби се плашат да не се поврзеш со некаква секта или да не станеш фанатик. Но, всушност, ти само се трудиш да постигнеш точно спознание за Бог и за неговата вистина (1. Тимотеј 2:3, 4). За да им помогнеш на другите да го разберат ова, биди разумен, не се расправај кога им зборуваш за она што го учиш (Филипјаните 4:5). Имај на ум дека многумина се „придобиени без збор“ (НС) кога ќе го видат доказот дека библиското спознание навистина им користи на луѓето (1. Петрово 3:1, 2).
23. Како можеш да ‚бидеш желен‘ за спознанието за Бог?
23 Библијата нѐ поттикнува: „Како новородените деца, бидете желни за вистинско и разумно млеко [кое ѝ припаѓа на речта, НС]“ (1. Петрово 2:2). Доенчето е зависно од хранењето од мајка си и настојува да му се задоволи таа потреба. На сличен начин, ние сме зависни од спознанието од Бог. ‚Биди желен‘ за неговата Реч така што ќе продолжиш со твоето проучување. Всушност, постави си за цел секојдневно да ја читаш Библијата (Псалм 1:1-3). Тоа ќе ти донесе богати благослови, зашто Псалм 18:11 за Божјите закони вели: „Кој ги пази голема награда добива“.
[Фуснота]
a Пр. н. е. значи „пред нашата ера“, што е поточно отколку пр. Хр. („пред Христа“). Н. е. значи „нашата ера“, честопати наречена и А. Д., односно ано домини, што значи „во годината на нашиот Господ“.
ПРОВЕРИ ГО СВОЕТО СПОЗНАНИЕ
На кои начини Библијата се разликува од сите други книги?
Зошто можеш да имаш доверба во Библијата?
Што ти докажува дека Библијата е Божја инспирирана Реч?
[Рамка на страница 14]
НАУЧИ ДОБРО ДА ЈА КОРИСТИШ ТВОЈАТА БИБЛИЈА
Запознавањето со Библијата не мора да биде тешко. Користи ја нејзината содржина за да го научиш редоследот и местото на библиските книги.
Книгите на Библијата имаат поглавја и стихови заради лесно пронаоѓање. Поделбата на поглавја била направена во текот на XIII век, а еден француски печатар од XVI век очигледно ги поделил Грчките списи и на стихови. Првата комплетна Библија која имала броеви на поглавја и броеви на стихови, било едно француско издание, објавено во 1553 година.
Кога во оваа книга се цитираат стихови, првиот број го покажува поглавјето, а следниот го означува стихот. На пример, цитатот „Изреки 2:5“ значи книга Изреки, поглавје 2, стих 5. Ако ги бараш наведените стихови, наскоро ќе ти биде лесно да ги пронаоѓаш библиските цитати.
Најдобриот начин да се запознаеш со Библијата е ако секојдневно ја читаш. Отпрвин тоа може да изгледа предизвикувачки. Но, ако читаш само три до пет поглавја на ден, зависно од нивната големина, за една година ќе ја прочиташ целата Библија. Зошто не почнеш уште денес?
[Рамка на страница 19]
БИБЛИЈАТА — ЕДИНСТВЕНА КНИГА
• Библијата е ‚вдахновена од Бог‘ (2. Тимотеј 3:16). Иако зборовите ги пишувале луѓе, Бог бил тој кој ги управувал нивните мисли, така што Библијата навистина е ‚Божје слово‘ (1. Солунјаните 2:13).
• Библијата била пишувана низ период од 16 векови, и тоа од околу 40 соработници со различно потекло. Меѓутоа, комплетната Библија е хармонична од почеток до крај.
• Библијата преживеала понасилни спорови од која и да било друга книга. Во средниот век, многу луѓе биле изгорени на клада само затоа што поседувале примерок од Светото писмо.
• Библијата е најпродаваната книга на светот. Целосно или делумно, преведена е на преку 2.000 јазици. Отпечатени се милијарди примероци и едвај да има место на Земјината топка каде што не може да се најде примерок од неа.
• Најстариот дел од Библијата датира од XVI век пр. н. е. Тоа е уште пред појавувањето на хиндуистичката Риг-Веда (околу 1300 година пр. н. е.), пред будистичкиот „Канон на трите кошници“ (петти век пр. н. е.), пред исламскиот Коран (седми век н. е.) и пред шинтоистичките Нихонги (720 година н. е.).
[Слика на целата страница 20]