Матеј
10 И ги повика своите 12 ученици и им даде власт да истеруваат нечисти духови и да лекуваат секакви болести.
2 Ова се имињата на 12-те апостоли: Симон, наречен Петар, и брат му Андреј; Јаков и Јован, синовите на Зеведеј; 3 Филип и Вартоломеј; Тома и Матеј даночникот; Јаков, синот на Алфеј, и Тадеј; 4 Симон Кананит* и Јуда Искариот, кој подоцна го предаде Исус.
5 Исус ги испрати овие 12 апостоли и им ги даде следниве упатства: „Не одете кај другите народи и не влегувајте во ниту еден самариски град, 6 туку одете кај загубените овци на израелскиот народ. 7 Одете и проповедајте: ’Се приближи Царството небесно‘. 8 Лекувајте болни, воскреснувајте мртви, очистувајте* лепрозни, истерувајте демони. Бесплатно добивте, бесплатно давајте. 9 Не носете ни златни, ни сребрени, ни бакарни пари во појасите, 10 ниту торба со храна за по пат, ниту резервна облека,* ниту сандали, ниту стап, зашто работникот ја заслужува својата храна.
11 Штом ќе влезете во некој град или село, побарајте го оној што е достоен за вашата порака, и останете таму додека не дојде време да си заминете од тоа место. 12 А кога ќе влезете во некоја куќа, поздравете ги сите во таа куќа. 13 Ако куќата е достојна, нека дојде на неа мирот што ѝ го посакувате, но ако не е достојна, вашиот мир нека ви се врати вам. 14 Ако некаде не ве примат или не ги послушаат вашите зборови, на излегување од таа куќа или од тој град истресете го правот од нозете. 15 Вистина ви велам, полесно ќе им биде на Содом и на Гомор во Судниот ден отколку на тој град.
16 Еве, јас ве праќам како овци меѓу волци. Затоа, бидете претпазливи како змии, а безопасни* како гулаби. 17 Пазете се од луѓето, зашто ќе ве предаваат на судови и ќе ве камшикуваат во нивните синагоги. 18 Поради мене ќе ве водат пред управители и цареви, а тоа ќе ви даде можност да им сведочите ним и на другите народи. 19 А кога ќе ве предадат на властите, немојте да се грижите како или што ќе зборувате, зашто во тој момент ќе знаете што да кажете. 20 Зашто, нема да зборувате вие, туку духот на вашиот Татко ќе зборува преку вас. 21 Брат ќе го предаде својот брат за да биде убиен, и татко своето дете, и децата ќе се свртат против родителите и ќе ги предадат за да бидат убиени. 22 И сите ќе ве мразат поради моето име. Но, кој ќе истрае до крајот, тој ќе биде спасен. 23 Кога ќе ве прогонуваат во некој град, бегајте во друг. Зашто, вистина ви велам, нема да успеете да ги поминете сите израелски градови пред да дојде Синот човечки.
24 Ученикот не е над својот учител, ниту робот е над својот господар. 25 Доволно е ученикот да биде како својот учител, и робот како својот господар. Ако домаќинот го нарекуваат Велзевул,* нема ли така да го наречат и неговото семејство? 26 Затоа, не плашете се од нив, зашто нема ништо скриено што нема да се открие, ниту нешто тајно што нема да се дознае. 27 Тоа што ви го зборувам во темнина, кажете го на светлина, и она што ви го шепотам, проповедајте го од покривите. 28 Не плашете се од оние што го убиваат телото, но не можат да ја убијат душата.* Туку плашете се од оној што може потполно да ги уништи* и душата и телото. 29 Не се продаваат ли две врапчиња за една паричка?* А сепак, ниту едно од нив не паѓа на земја без да знае вашиот Татко. 30 А вам и секое влакно на главата ви е изброено. 31 Затоа, не плашете се, вие вредите повеќе од многу врапчиња.
32 Секој што ќе застане на моја страна пред луѓето, и јас ќе застанам на негова страна пред мојот Татко кој е на небото. 33 Но, ако некој се одрече од мене пред луѓето, и јас ќе се одречам од него пред мојот Татко, кој е на небото. 34 Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата. Не дојдов да донесам мир, туку меч. 35 Зашто, дојдов да го раздвојам синот од неговиот татко, ќерката од нејзината мајка и снаата од нејзината свекрва. 36 Навистина, непријатели на човекот ќе му бидат неговите домашни. 37 Кој го сака својот татко или својата мајка повеќе од мене, не заслужува да биде мој ученик. Кој го сака својот син или својата ќерка повеќе од мене, не заслужува да биде мој ученик. 38 Кој не го прифаќа својот маченички столб* и не оди по мене, не заслужува да биде мој ученик. 39 Кој се обидува да си го спаси животот,* ќе го изгуби, а кој ќе го изгуби својот живот поради мене, ќе го спаси.
40 Кој ве прима вас, ме прима и мене, а кој ме прима мене, го прима и оној што ме испрати. 41 Кој прима пророк затоа што е пророк, ќе ја добие наградата што ја добива еден пророк. Кој прима праведник затоа што е праведник, ќе ја добие наградата што ја добива еден праведник. 42 Кој ќе му даде само една чаша ладна вода на еден од овие мали затоа што е мој ученик, вистина ви велам, нема да ја изгуби својата награда“.