Даниел
2 Во втората година од своето царување, Навуходоносор сонуваше нешто кое толку го вознемири* што не можеше повеќе да заспие. 2 Затоа заповеда да ги соберат свештениците кои се занимаваа со магија, гатачите,* волшебниците и халдејските астролози за да му кажат што сонувал. Кога дојдоа и застанаа пред царот, 3 тој им рече: „Сонував еден сон и многу се вознемирив. Сакам да ми кажете што сонував“. 4 А халдејските астролози му одговорија на царот на арамејски:* „О царе, да сте жив засекогаш! Раскажете им го сонот на Вашите слуги, па ние ќе Ви кажеме што значи“.
5 Тогаш царот им рече на халдејските астролози: „Ова е мојата одлука: Ако не ми откриете што сум сонувал и што значи сонот, ќе бидете распарчени, а вашите куќи ќе бидат претворени во јавни нужници.* 6 Но, ако ми го откриете сонот и неговото значење, ќе ви дадам дарови, ќе ве наградам и ќе ви укажам голема чест. Затоа, кажете ми што сонував и што значи тој сон“.
7 Тие му рекоа по вторпат: „Царе, раскажете им го сонот на Вашите слуги, па ние ќе Ви кажеме што значи“.
8 А царот одговори: „Јасно ми е дека сакате да добиете на време бидејќи ја знаете мојата одлука. 9 Ако не ми кажете што сум сонувал, сите ве чека иста казна. А вие сте се договориле да ме лажете и мамите, надевајќи се дека ќе се предомислам. Затоа, кажете ми го сонот! Тогаш ќе знам дека ќе можете и да ми објасните што значи“.
10 А халдејските астролози му рекоа на царот: „Никој на светот не може да го направи она што го бара царот! Ниту еден голем цар или владетел не побарал такво нешто од некој свештеник кој се занимава со магија, од некој гатач или од некој халдејски астролог. 11 Она што го барате, царе, е тешко, и нема таков што може да Ви го открие тоа освен боговите, а тие не живеат меѓу обичните смртници“.
12 Тогаш царот збесна, па нареди да бидат погубени сите вавилонски мудреци. 13 Кога беше издадена наредбата, царските слуги тргнаа да ги убијат сите мудреци. Тие ги побараа и Даниел и неговите пријатели за да ги погубат и нив.
14 А Даниел му се обрати со мудри и промислени зборови на Ариох, заповедникот на царската лична стража, кој тргна да ги погубува вавилонските мудреци. 15 Тој го праша царскиот заповедник Ариох: „Зошто царот издаде толку строга наредба?“ Кога Ариох му објасни за што се работи, 16 Даниел отиде кај царот и го замоли да му даде време за да може да му открие што значи сонот.
17 А потоа отиде дома и им раскажа сѐ на своите пријатели Ананиј, Мисаил и Азариј. 18 И ги замоли да го молат небесниот Бог да им се смилува и да им ја открие таа тајна за да не бидат погубени ни тие ни тој заедно со останатите вавилонски мудреци.
19 Тогаш тајната му беше откриена на Даниел во едно ноќно видение. Затоа тој му упати фалба на небесниот Бог, 20 велејќи:
„Нека се слави Божјето име во сета вечност,
бидејќи само Бог е мудар и моќен!
21 Тој влијае врз времето и настаните,
соборува и поставува цареви,
им дава мудрост на мудрите и знаење на разборитите.
22 Тој го открива она што е длабоко и скриено,
знае што е во темнината,
и светлината е насекаде околу него.*
23 Ти благодарам и те фалам, о Боже на моите прататковци,
бидејќи ми даде мудрост и моќ.
Ти ми го откри она за кое те молевме,
ни го откри сонот на царот“.
24 Потоа Даниел отиде кај Ариох, на кого царот му заповеда да ги погуби вавилонските мудреци, и му рече: „Немој да ги погубуваш вавилонските мудреци! Одведи ме кај царот, и ќе му кажам што значи сонот“.
25 Ариох веднаш го одведе и му рече на царот: „Најдов човек од изгнаниците од Јуда кој може да Ви каже што значи сонот“. 26 Тогаш царот го праша Даниел, кој се викаше Валтасазар: „Дали навистина можеш да ми кажеш што сонував и да ми откриеш што значи тој сон?“ 27 А Даниел му одговори: „Никој од мудреците, од гатачите, од свештениците кои се занимаваат со магија и од астролозите не може да ја открие тајната за која прашувате, царе. 28 Но, има Бог на небото кој ги открива тајните и кој Ви објавува Вам, царе Навуходоносор, што ќе се случи во последните денови. Ова е Вашиот сон и ова се виденијата што сте ги имале додека сте спиеле:
29 Вие сте сонувале,* царе, што ќе биде во иднина, и оној што открива тајни Ви објавил што ќе се случи. 30 А мене не ми беше откриена оваа тајна затоа што сум помудар од сите други, туку за да Ви се објави значењето Вам, царе, и за да дознаете што сте сонувале.*
31 Вие, царе, видовте многу голем кип. Тој кип, кој беше огромен и многу блескав, стоеше пред Вас и изгледаше застрашувачки. 32 Главата на кипот беше од чисто злато, градите и рацете беа од сребро, стомакот и колковите беа од бакар, 33 нозете беа од железо, а стапалата беа делумно од железо, делумно од глина.* 34 Додека гледавте, од една планина беше отцепен камен, но без да го допрат човечки раце. Тој удри во стапалата на кипот, кои беа од железо и глина, и ги здроби. 35 Тогаш се здробија и железото и глината и бакарот и среброто и златото, и станаа како плева на летно гумно. Ветрот ги одвеа, и од нив не остана ни трага. А каменот што удри во кипот стана голема планина, која се рашири по целата земја.
36 Тоа е сонот, царе, а сега ќе Ви кажеме и што значи. 37 Вие, о царе, сте цар над царевите, кому небесниот Бог му даде царство, моќ, сила и слава. 38 Тој Ви ги предаде луѓето, сеедно каде живеат, како и дивите животни и небесните птици, и Ве постави за владетел над сите нив. Вие сте главата од злато.
39 А по Вас ќе се крене друго царство, кое ќе биде послабо од Вашето. Потоа ќе се крене и трето царство, од бакар, кое ќе владее над целата земја.
40 Четвртото царство ќе биде цврсто како железо. Исто како што железото дроби, толчи и разбива сѐ, така и тоа ќе ги здроби и ќе ги разбие сите тие царства.
41 А тоа што видовте дека стапалата и прстите се делумно од глина,* а делумно од железо, значи дека царството ќе биде разделено. Сепак, дел од него ќе биде цврст како железо, бидејќи видовте дека железото е помешано со мека глина. 42 Тоа што прстите на стапалата беа делумно од железо, а делумно од глина, значи дека царството ќе биде делумно цврсто, а делумно кршливо. 43 А тоа што видовте дека железото е помешано со мека глина значи дека она што е претставено со железото ќе се помеша со луѓето,* но тие нема да се слеат во едно, исто како што железото не може да се слее со глината.
44 Во деновите на тие цареви, небесниот Бог ќе воспостави царство кое никогаш нема да биде уништено и нема да биде предадено на некој друг народ. Ова царство ќе ги здроби и ќе ги уништи сите тие царства, и само тоа ќе постои засекогаш, 45 бидејќи видовте дека од планината беше отцепен камен без да го допрат човечки раце, и тој камен ги здроби железото, бакарот, глината, среброто и златото. Величествениот Бог Ви откри, царе, што ќе се случи во иднина. Сонот навистина ќе се исполни, а неговото толкување е веродостојно“.
46 Тогаш, во знак на длабока почит, цар Навуходоносор се поклони со лицето до земја пред Даниел, па заповеда да му дадат дар и да принесат темјан во негова чест. 47 Царот му рече на Даниел: „Вашиот Бог навистина е Бог над боговите и Цар* над царевите, Бог што открива тајни! Затоа ти можеше да ја откриеш оваа тајна“. 48 Тогаш царот му даде голем број скапоцени дарови на Даниел и го постави на висока положба. Го постави за владетел над целата вавилонска покраина и за главен надгледник на сите вавилонски мудреци. 49 На барање на Даниел, царот ги постави Седрах, Мисах и Авденаго да му бидат помошници во управувањето со вавилонската покраина. А Даниел остана да служи во царскиот дворец.