Матеј
9 Откако се качи во чамецот, премина на другата страна од езерото и дојде во својот град. 2 Тогаш му донесоа еден парализиран човек, кој лежеше на носилка. Кога ја виде нивната вера, Исус му рече на парализираниот: „Не плаши се, сине. Простени ти се гревовите“. 3 А некои од познавачите на Законот* си рекоа во себе: „Овој човек хули“. 4 А Исус знаеше што мислат, па затоа им рече: „Зошто има толку зло во вашите срца? 5 Што е полесно? Да се рече: ’Простени ти се гревовите‘ или ’Стани и оди‘? 6 Но еве, за да знаете дека Синот човечки има власт на земјата да простува гревови...“ И му рече на парализираниот: „Стани, земи си ја носилката и оди си дома“. 7 И човекот стана и си отиде дома. 8 А кога го виде тоа, народот се исполни со стравопочит и го славеше Бог, кој им дал таква власт на луѓето.
9 Кога заминуваше оттаму, Исус здогледа еден човек, по име Матеј, како седи на местото каде што се собираше данок, и му рече: „Појди по мене“.* Тогаш тој стана и почна да го следи. 10 Подоцна, додека Исус беше во куќата и јадеше, дојдоа многу даночници и грешници и им се придружија нему и на неговите ученици на масата. 11 А кога го видоа тоа, фарисеите им рекоа на неговите ученици: „Зошто вашиот учител јаде со даночници и со грешници?“ 12 Кога ги слушна, Исус рече: „На здравите не им треба лекар, туку на болните. 13 Затоа, одете и разберете што значат зборовите: ’Милост сакам, а не жртва‘. Зашто, не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците“.
14 Тогаш кај него дојдоа учениците на Јован и го прашаа: „Зошто ние и фарисеите постиме, а твоите ученици не постат?“ 15 А Исус им рече: „Имаат ли пријателите на младоженецот причина да тагуваат додека тој е со нив? Но ќе дојде време кога младоженецот повеќе нема да биде со нив,* и тогаш ќе постат. 16 Никој не сошива ново парче ткаенина* на стара облека, зашто парчето ќе се откине од облеката, па дупката ќе стане уште поголема. 17 Ниту пак се става младо вино во стари мешини. Инаку мешините ќе се скинат и виното ќе се пролее, па мешините ќе пропаднат. Затоа, младо вино се става во нови мешини, па така и виното и мешините ќе се зачуваат“.
18 Додека им го кажуваше тоа, му пристапи еден поглавар, му се поклони и му рече: „Ќерка ми сигурно е веќе умрена, но дојди и положи ја својата рака на неа, па ќе оживее“.
19 Тогаш Исус и неговите ученици тргнаа со него. 20 А една жена, која 12 години страдаше од крварење, му пријде одзади и го допре работ од неговата облека. 21 Си мислеше: „Ако само ја допрам неговата облека, ќе оздравам“. 22 А Исус се сврте и ја виде, па рече: „Не плаши се, ќерко. Твојата вера те оздраве“. И во истиот момент жената оздраве.
23 Кога влезе во куќата на поглаварот, ги виде оние што свиреа погребна музика на флејта и луѓето како плачат на цел глас, 24 па им рече: „Излезете, зашто девојчето не е умрено, туку спие“. А тие му се потсмеваа. 25 Кога луѓето излегоа, тој влезе, го фати девојчето за рака и девојчето стана. 26 И веста за тоа се рашири по целиот тој крај.
27 Кога Исус заминуваше оттаму, двајца мажи кои беа слепи одеа по него и викаа: „Сожали се на нас, Сине Давидов!“ 28 Откако влезе во една куќа, слепите мажи дојдоа кај него, а Исус ги праша: „Верувате ли дека можам да ве излекувам?“ Тие му одговорија: „Да, Господару“. 29 Тогаш им ги допре очите и рече: „Затоа што имате вера, нека ви се отворат очите“. 30 И тие прогледаа. А Исус строго ги предупреди: „Гледајте никој да не дознае за тоа“. 31 Но штом излегоа, раскажаа за него по целиот тој крај.
32 Кога тие заминаа, му доведоа еден нем човек, обземен од демон. 33 И, откако Исус го истера демонот, немиот човек проговори. Луѓето кои беа собрани таму беа восхитени и велеа: „Никогаш не се видело вакво нешто во Израел!“ 34 А фарисеите велеа: „Ги истерува демоните со помош на владетелот на демоните“.
35 И Исус почна да ги обиколува сите градови и села, ги поучуваше луѓето во нивните синагоги, ја проповедаше добрата вест за Царството и лекуваше секакви болести. 36 А кога ги виде насобраните луѓе, се сожали на нив бидејќи беа измачени и запоставени* како овци без пастир. 37 Тогаш им рече на своите ученици: „Вистина, жетвата е голема, а работници има малку. 38 Затоа, молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“.