Јован
17 Откако го кажа ова, Исус погледна кон небото и рече: „Татко, дојде времето. Прослави го својот син, за синот да те прослави тебе. 2 Му даде власт над сите луѓе за да може да им даде вечен живот на сите што му ги довери. 3 А за да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат* тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос. 4 Јас те прославив на земјата и ја извршив задачата што ми ја довери. 5 А сега, Татко, прослави ме и дозволи ми да бидам покрај тебе и да ја имам славата што ја имав додека бев со тебе пред да настане светот.
6 Им го објавив твоето име на луѓето што ми ги даде од светот. Твои беа, а ти ми ги даде мене, и тие се послушни на твоите зборови. 7 Сега знаат дека сѐ што ми даде е од тебе, 8 зашто им го пренесов тоа што ти ми го кажа мене. Тие го прифатија и навистина се уверија дека дојдов како твој претставник, и поверуваа дека ти ме испрати. 9 Јас те молам за нив. Не те молам за светот, туку за оние што ми ги даде, бидејќи се твои, 10 а сѐ што е мое, твое е, и сѐ што е твое, мое е. И јас се прославив меѓу нив.
11 Јас веќе не сум во светот, зашто доаѓам кај тебе, но тие се во светот. Свет Татко, чувај ги заради своето име кое ми го даде, за да бидат едно,* како што и ние сме едно.* 12 Кога бев со нив, јас ги чував заради твоето име кое ми го даде. Ги заштитив, и ниту еден од нив не беше уништен, освен оној што ќе биде уништен* за да се исполни Писмото. 13 Но сега доаѓам кај тебе, и ова го зборувам додека уште сум во светот за вистински да ја почувствуваат мојата радост. 14 Јас им ја пренесов твојата реч, но светот ги замрази, бидејќи не се дел од светот, како што и јас не сум дел од светот.
15 Не те молам да ги земеш од светот, туку да ги чуваш од Злобниот. 16 Тие не се дел од светот, како што и јас не сум дел од светот. 17 Посвети ги* преку вистината. Твојата реч е вистина. 18 Како што ти мене ме испрати во светот, така и јас нив ги испратив во светот. 19 Останувам свет за нивно добро, за и тие да станат свети преку вистината.
20 Не те молам само за нив, туку и за оние што ќе поверуваат во мене откако ќе ги слушнат нивните зборови. 21 Те молам сите да бидат едно, како што си ти, Татко, во единство со мене и јас во единство со тебе. И тие нека бидат во единство со нас, за светот да поверува дека ти си ме испратил. 22 Им ја дадов славата што ти ми ја даде мене, за да бидат едно, како што сме ние едно. 23 Јас сум во единство со нив и ти си во единство со мене за да бидат потполно* обединети. Така светот ќе знае дека ти ме испрати и дека ги сакаш и нив како што ме сакаш мене. 24 Татко, сакам оние што ми ги даде да бидат со мене таму каде што ќе бидам јас, за да ја видат славата што ти ми ја даде, зашто ме сакаше уште пред настанувањето на светот. 25 Праведен Татко, светот не те познава, но јас те познавам, а и тие знаат дека ти ме испрати. 26 Им го објавив твоето име и ќе продолжам да го објавувам, за да покажуваат љубов кон другите како што ти ми покажуваш мене и за да бидам во единство со нив“.