Јован
6 Потоа Исус отиде на другата страна од Галилејското, односно Тиверијадското Езеро. 2 А големо мноштво луѓе одеа по него, бидејќи ги гледаа чудата што ги правеше лекувајќи ги болните. 3 Така Исус се качи на планината и седна таму со своите ученици. 4 А се приближуваше Пасхата, празникот на Евреите. 5 Кога Исус виде дека кон него доаѓа многуброен народ, го праша Филип: „Од каде да купиме леб за сите овие луѓе?“ 6 А тоа го рече за да го испита, зашто веќе знаеше што ќе направи. 7 Филип му одговори: „Кога би купиле леб и за 200 денарии,* не би имало доволно дури ни за секој да добие по малку“. 8 Еден од неговите ученици, Андреј, братот на Симон Петар, му рече: 9 „Овде има едно момче кое има пет јачменови леба и две мали риби. Но, што е тоа за толку многу народ?“
10 Исус тогаш рече: „Кажете им на луѓето да седнат“. На тоа место имаше многу трева, па така луѓето испоседнаа. А беа околу 5.000 мажи. 11 Потоа Исус ги зеде лебовите и му се заблагодари на Бог, па им ги раздели на оние што седеа таму. Така ги раздели и рибите, па имаа да јадат колку што сакаа. 12 А кога се наситија, им рече на своите ученици: „Соберете го она што остана, за да не се фрли ништо“. 13 Откако народот јадеше, го собраа она што остана од петте јачменови леба и наполнија 12 кошници.
14 А кога го видоа чудото што го направи, луѓето велеа: „Ова навистина е Пророкот што требаше да дојде во светот“. 15 А Исус знаеше дека сакаат да дојдат, да го фатат и да го направат цар, па повторно се повлече во планината сосема сам.
16 Кога дојде вечер, неговите ученици слегоа до езерото 17 и влегоа во чамец, па тргнаа кон Капернаум, кој беше на другата страна од езерото. Веќе беше мрак, а Исус уште не беше дојден кај нив. 18 А езерото се разбранува, бидејќи дуваше силен ветар. 19 Кога одвеслаа околу пет до шест километри,* го видоа Исус како оди по водата и се приближува до чамецот, и многу се уплашија. 20 Но тој им рече: „Јас сум, не плашете се!“ 21 А тие се израдуваа, па го зедоа во чамецот и за кратко време стигнаа на брегот каде што беа тргнале.
22 Другиот ден, народот кој сѐ уште беше на другата страна од езерото виде дека на брегот нема ниту еден чамец. Претходно таму имаше еден мал чамец, но учениците на Исус беа влегле во тој чамец и беа отпловиле без него. 23 А некои чамци од Тиверијада стигнаа близу до местото каде што луѓето јадеа леб откако Господарот му се заблагодари на Бог. 24 Кога виде дека таму ги нема ниту Исус ниту неговите ученици, народот влезе во чамците и отиде во Капернаум за да го бара Исус.
25 И кога го најдоа на другата страна од езерото, го прашаа: „Учителе,* кога дојде овде?“ 26 Исус им одговори: „Вистина, вистина ви велам, вие не ме барате затоа што видовте чуда, туку затоа што јадевте од лебот и се наситивте. 27 Немојте да работите за храна што се расипува, туку за храна што трае и води во вечен живот. Синот човечки ќе ви даде таква храна, бидејќи Таткото, самиот Бог, му ја даде таа власт“.*
28 Тогаш го прашаа: „Што бара Бог од нас да правиме?“ 29 Исус им одговори: „Бог бара да верувате во оној кого тој го испрати“. 30 А тие му рекоа: „Какво чудо ќе направиш за да ти поверуваме кога ќе го видиме? Што ќе направиш? 31 Нашите прататковци јадеа мана во пустината, како што е напишано: ’Им даде да јадат леб од небото‘“. 32 Потоа Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам, Мојсеј не ви го даде вистинскиот леб од небото, туку мојот Татко ви го дава вистинскиот леб од небото. 33 Зашто, лебот од Бог е оној што слегува од небото и му дава живот на светот“. 34 Тогаш му рекоа: „Господару, секогаш давај ни го тој леб“.
35 А Исус им рече: „Јас сум лебот на животот. Оној што доаѓа кај мене нема никогаш да огладни, и оној што верува во мене нема никогаш да ожедни. 36 Но како што ви реков, ме видовте, а сепак не верувате. 37 Сите што ми ги дава Таткото ќе дојдат кај мене, и нема да го истерам оној што ќе дојде кај мене, 38 бидејќи не слегов од небото да ја вршам својата волја, туку волјата на оној што ме испрати. 39 А волјата на оној што ме испрати е да не изгубам никого од оние што ми ги даде, туку да ги воскреснам во последниот ден. 40 Зашто, волјата на мојот Татко е секој што го прифаќа Синот и верува во него да има вечен живот, а јас ќе го воскреснам во последниот ден“.
41 Тогаш Евреите почнаа да приговараат против него бидејќи рече: „Јас сум лебот што слезе од небото“. 42 И велеа: „Не е ли ова Исус, синот на Јосиф? Ги знаеме и татко му и мајка му. Како може да каже: ’Слегов од небото‘?“ 43 А Исус им рече: „Престанете да мрморите! 44 Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото кој ме испрати. И јас ќе го воскреснам во последниот ден. 45 Во Пророците е напишано: ’Сите ќе бидат поучени од Јехова‘. Секој што го слуша Таткото и учи од него доаѓа кај мене. 46 Никој не го видел Таткото освен оној што доаѓа од Бог. Тој го видел Таткото. 47 Вистина, вистина ви велам, оној што верува ќе добие вечен живот.
48 Јас сум лебот на животот. 49 Вашите прататковци јадеа мана во пустината, а сепак умреа. 50 Но, оној што јаде од лебот што слегува од небото нема да умре. 51 Јас сум лебот на животот што слезе од небото. Кој јаде од овој леб, ќе живее вечно. Всушност, тој леб е моето тело што ќе го дадам за да може светот да живее“.
52 Тогаш Евреите почнаа да се расправаат меѓу себе: „Како може овој човек да ни го даде неговото тело да го јадеме?“ 53 Затоа Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам, ако не го јадете телото на Синот човечки и не ја пиете неговата крв, нема да добиете живот.* 54 Кој го јаде моето тело и ја пие мојата крв, ќе добие вечен живот, и јас ќе го воскреснам во последниот ден. 55 Зашто, моето тело е вистинска храна, и мојата крв е вистински пијалак. 56 Кој го јаде моето тело и ја пие мојата крв, останува во единство со мене и јас во единство со него. 57 Како што јас живеам благодарение на живиот Татко кој ме испрати така и оној кој го јаде моето тело ќе живее благодарение на мене. 58 Ова е лебот што слезе од небото. Тој не е како лебот што вашите прататковци го јадеа, а сепак умреа. Кој го јаде овој леб, ќе живее вечно“. 59 Ова го рече додека поучуваше во една синагога* во Капернаум.
60 Кога го чуја тоа, многу од неговите ученици рекоа: „Какви ужасни зборови! Кој може да слуша вакво нешто?“ 61 А Исус знаеше дека неговите ученици негодуваа поради тоа, па им рече: „Зарем поради ова ќе престанете да верувате?* 62 А што ако видите како Синот човечки се вознесува таму каде што беше порано? 63 Духот е тој што дава живот, а не телото. Зборовите што ви ги кажав се од духот и даваат живот. 64 Но некои од вас не веруваат“. А Исус го кажа тоа бидејќи од почетокот знаеше кои се тие што не веруваат и кој е оној што ќе го предаде. 65 Па додаде: „Затоа ви реков: ’Никој не може да дојде кај мене, ако Таткото не му дозволи‘“.
66 Поради тоа, многу негови ученици се вратија на она што го беа оставиле и престанаа да го следат. 67 Затоа Исус ги праша 12-те апостоли: „Да не сакате и вие да си одите?“ 68 А Симон Петар му одговори: „Господару, кај кого да одиме? Ти ги имаш зборовите кои водат до вечен живот! 69 Ние веруваме и знаеме дека ти си оној што е свет и испратен од Бог“. 70 Исус тогаш им рече: „Зарем јас не ве избрав вас 12-мина? Сепак, еден од вас е клеветник“.* 71 Всушност, зборуваше за Јуда, синот на Симон Искариот, зашто тој имаше намера да го предаде, иако беше еден од 12-те апостоли.