Јован
4 Господарот* Исус дозна дека фарисеите слушнале дека тој прави и крштава повеќе ученици отколку Јован — 2 иако не крштаваше Исус лично, туку неговите ученици. 3 Кога дозна за тоа, ја напушти Јудеја и пак отиде во Галилеја. 4 Но мораше да помине низ Самарија. 5 Така дојде во еден самариски град, кој се викаше Сихар, во близина на нивата која Јаков му ја даде на својот син Јосиф. 6 А таму беше бунарот на Јаков. Изморен од патот, Исус седеше крај бунарот. Беше околу шестиот час.*
7 Тогаш една Самарјанка дојде да нацрпи вода. Исус ѝ рече: „Дај ми малку вода“. 8 (А неговите ученици беа отишле во градот да купат нешто за јадење.) 9 Самарјанката го праша: „Како ти бараш вода од мене? Ти си Евреин, а јас Самарјанка!“ (Всушност, Евреите не сакаат да имаат ништо со Самарјаните.) 10 Исус ѝ одговори: „Да знаеше каков дар дава Бог и кој е оној што ти вели: ’Дај ми малку вода‘, ти ќе побараше од него и тој ќе ти дадеше вода што дава живот“. 11 А таа му рече: „Господине, немаш ни со што да нацрпиш вода, а бунарот е длабок. Од каде ти е тогаш таа вода што дава живот? 12 Зарем си ти поголем од нашиот прататко Јаков, кој ни го даде бунаров и кој заедно со своите синови и со својата стока пиеше од него?“ 13 Тогаш Исус ѝ рече: „Секој што пие од оваа вода пак ќе ожедни. 14 А кој ќе пие од водата што ќе му ја дадам јас, нема никогаш да ожедни, туку таа ќе стане во него извор на вода која донесува вечен живот“. 15 А жената му рече: „Господине, дај ми од таа вода за да не ожеднувам и да не мора да доаѓам ваму по вода“.
16 Тогаш ѝ рече: „Оди, викни го твојот маж и врати се тука“. 17 Жената му рече: „Немам маж“. А Исус ѝ рече: „Во право си кога велиш дека немаш маж. 18 Зашто, си имала петмина мажи, а човекот со кого сега живееш не ти е маж. Ја кажа вистината“. 19 Тогаш жената му рече: „Господине, гледам дека си пророк. 20 Нашите прататковци го обожаваа Бог на оваа планина, а вие велите дека само во Ерусалим треба да се обожава Бог“. 21 А Исус ѝ рече: „Верувај ми, ќе дојде време кога Таткото нема да го обожавате ниту на оваа планина, ниту во Ерусалим. 22 Вашето обожавање се темели на незнаење, а нашето обожавање се темели на знаење, зашто спасението доаѓа од Евреите. 23 Но ќе дојде време, и веќе дојде, кога вистинските слуги ќе го обожаваат Таткото со дух и со вистина, зашто Таткото бара такви да го обожаваат. 24 Бог е дух,* и оние што го обожаваат мора да го обожаваат со дух и со вистина“. 25 Жената му рече: „Знам дека доаѓа Месија, кого го викаат Христос. Кога тој ќе дојде, сѐ ќе ни објави“. 26 Тогаш Исус ѝ рече: „Јас сум тој, јас кој зборувам со тебе“.
27 Во тој момент дојдоа неговите ученици, и се изненадија затоа што тој зборуваше со жена. Но ниту еден не го праша: „Што бараш од неа?“ или „Зошто зборуваш со неа?“ 28 Тогаш жената ја остави својата стомна и отиде во градот, па им рече на луѓето: 29 „Дојдете да го видите човекот кој ми кажа сѐ што сум направила. Да не е тоа Христос?“ 30 И луѓето излегоа од градот и отидоа кај него.
31 Во меѓувреме, учениците го молеа: „Учителе,* јади“. 32 Но тој им рече: „Јас имам храна за која вие не знаете“. 33 Затоа учениците се прашуваа еден со друг: „Да не му донел некој нешто за јадење?“ 34 А Исус им рече: „Мојата храна е да ја вршам волјата на оној што ме испрати и да ја извршам задачата што ми ја довери. 35 Вие велите дека има уште четири месеци до жетвата. А јас ви велам: погледнете ги полињата и видете, зрели се за жетва! 36 Жетварот веќе прима плата и собира плод за вечен живот, за и сејачот и жетварот заедно да се радуваат. 37 Во тој поглед е вистинита изреката: ’Еден сее, а друг жнее‘. 38 Јас ве испратив да го жнеете она за кое не се трудевте. Други се трудеа, а вие имате корист од нивниот труд“.
39 Многу Самарјани од тој град поверуваа во него поради она што го кажа жената која посведочи: „Ми кажа сѐ што сум направила“. 40 Затоа, кога Самарјаните дојдоа кај него, почнаа да го молат да остане кај нив. И тој остана таму два дена. 41 И уште многу други поверуваа кога чуја што поучува, 42 па ѝ рекоа на жената: „Повеќе не веруваме само поради она што ни го кажа ти, зашто со свои уши го чувме и знаеме дека овој човек навистина е спасителот на светот“.
43 По два дена, Исус отиде оттаму во Галилеја, 44 иако самиот тој посведочи дека пророкот не е почитуван во својот роден крај. 45 Кога стигна во Галилеја, Галилејците убаво го примија, затоа што беа виделе сѐ што направи во Ерусалим на празникот, бидејќи и тие беа отишле таму.
46 И пак дојде во галилејскиот град Кана, каде што ја беше претворил водата во вино. А во Капернаум имаше еден службеник на царот, чиј син беше болен. 47 Кога слушна дека Исус дошол од Јудеја во Галилеја, тој човек отиде кај него и почна да го моли да дојде во Капернаум и да му го излекува синот, кој беше на умирање. 48 Но Исус му рече: „Ако не видите знаци и чуда, нема да верувате“. 49 Царскиот службеник му рече: „Господару, дојди пред да ми умре детето“. 50 Исус му рече: „Врати се дома. Син ти оздраве“. И човекот поверува во она што му го кажа Исус и си замина. 51 А додека уште беше на пат, во пресрет му дојдоа неговите робови и му кажаа дека неговиот син оздравел. 52 Тогаш тој ги праша кога почнал да се чувствува подобро. А тие му одговорија: „Треската му помина вчера околу седмиот час“.* 53 Тогаш таткото сфати дека тоа беше токму во моментот кога Исус му рече: „Син ти оздраве“. Така, тој и целиот негов дом поверуваа во Исус. 54 Тоа беше второто чудо што го направи Исус кога дојде од Јудеја во Галилеја.