2. Коринќаните
8 Сега браќа, сакаме да ве известиме за Божјата незаслужена доброта, која им е покажана на македонските собранија.+ 2 Иако се наоѓаа во тешкотии бидејќи доживеаја големи искушенија, изобилуваа со радост, па од нивното крајно сиромаштво произлезе голема дарежливост.+ 3 Имено, можам да посведочам дека даваа според своите можности,+ па и повеќе отколку што беа во можност. 4 Зашто, и тие самите сесрдно нѐ молеа и нѐ преколнуваа да им овозможиме да го приложат својот великодушен дар и да учествуваат во собирањето помош за светите.*+ 5 И не само што направија онака како што се надевавме, туку пред сѐ му се дадоа себеси на Господарот*+ и нам, по Божја волја. 6 Затоа го замоливме Тит,+ како што порано го започна така и да го доврши собирањето на вашиот великодушен прилог. 7 Затоа, како што изобилувате во сѐ+ — во верата, во способноста за проповедање, во знаењето,+ во својата ревност и во оваа љубов со која ве сакаме — така изобилувајте и во ова собирање на прилози.
8 Не ви го зборувам ова како да ви заповедам,+ туку поради ревноста на другите и за да ја испитам искреноста на вашата љубов. 9 Зашто, ја познавате незаслужената доброта на нашиот Господар Исус Христос: иако беше богат, стана сиромашен заради вас,+ за вие да се збогатите+ преку неговото сиромаштво.
10 А ова е моето мислење+ во врска со тоа: за ваша корист+ е да го довршите тоа дело, кое го започнавте пред една година. И не само што го извршувавте туку го правевте тоа доброволно.+ 11 А сега довршете го тоа дело — како што спремно сакавте да го направите така и довршете го, од она што го имате. 12 Всушност, давањето е особено добредојдено ако човек има желба да даде. Од секого се очекува да го даде она што го има,+ а не она што го нема. 13 Но не сакам на другите да им биде лесно,+ а вам тешко, 14 туку, со цел да дојде до изедначување, вашиот вишок сега да ја покрие нивната немаштија, за некогаш и нивниот вишок да ја покрие вашата немаштија — да има еднаквост.+ 15 Како што е напишано: „Кој имаше многу, немаше премногу, а кој имаше малку, немаше премалку“.+
16 А му благодарам на Бог што истата ревност за вас му ја стави в срце на Тит.+ 17 Зашто, тој спремно го прифати нашиот поттик, но бидејќи е многу ревносен, сам по своја желба тргна кај вас. 18 А со него го праќаме братот кого го фалат сите собранија поради она што го прави за добрата вест. 19 И не само тоа, собранијата го назначија+ да биде наш сопатник во ова дело на собирање прилози, кое треба да го извршиме за слава+ на Господарот и како доказ за нашата спремност да им помогнеме на другите.+ 20 Така сакаме да избегнеме некој нешто да ни приговори+ во врска со тој великодушен прилог+ кој ни е доверен. 21 Зашто, „настојуваме сѐ да правиме чесно, не само пред Јехова туку и пред луѓето“.+
22 А со нив го испраќаме и нашиот брат во чија ревност многупати во многу нешта сме се увериле, но сега е уште поревносен поради големата доверба во вас. 23 А ако некој праша нешто за Тит — тој е мој другар и соработник,+ кој служи за ваше добро. А ако праша за нашите браќа — тие се апостоли на собранијата и слава Христова. 24 Затоа, пред собранијата покажете им дека ги сакате+ и дека со право се фалевме со вас.+