‚Во името на светиот дух‘
„Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Светиот Дух“ (МАТЕЈ 28:19).
1. Кој нов израз го употребил Јован Крстител во врска со светиот дух?
ВО Израел во 29 година од нашата ера Јован Крстител бил активен во подготвувањето на патот за Месијата, и во текот на својата служба објавил нешто ново во врска со светиот дух. Се разбира дека Евреите веќе знаеле што Хебрејските списи кажуваат за духот. Но можеби биле изненадени кога Јован рекол: „Јас ве крштавам за покајание со вода, но Оној што иде по мене (...) ќе ве крсти со Дух Свети“ (Матеј 3:11). ‚Крштевање со свет дух‘ било нов израз.
2. Каков нов израз што го вклучувал светиот дух го вовел Исус?
2 Оној кој доаѓал бил Исус. Во текот на својот земски живот, Исус всушност не крстил никого со свет дух, иако многупати зборувал за светиот дух. Не само тоа, после неговото воскресение, се осврнал на светиот дух и на еден друг начин. На своите ученици им рекол: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“ (Матеј 28:19). Изразот „во името на“ значи „во знак на признавање на“. Крштевањето во вода во знак на признавање на Таткото, Синот и светиот дух требало пак да биде поинакво од крштевањето во свет дух. И тоа бил нов израз што го вклучувал светиот дух.
Крстени во свет дух
3, 4. (а) Кога се случиле првите крштевања со свет дух? (б) Како постапил светиот дух спрема Исусовите ученици на Пентакост 33 н.е., освен тоа што ги крстил?
3 Што се однесува до крштевање во свет дух, непосредно пред своето вознесување Исус им ветил на своите ученици: „Вие ќе бидете крстени во свет дух не по многу дни после ова“ (Дела на апостолите 1:5, 8, NW). Кратко потоа ова ветување било исполнето. Светиот дух слегол на околу 120 ученици кои биле собрани во една горна соба во Ерусалим додека Исус, од небесата, ги извршил своите први крштевања во свет дух (Дела на св. апостоли 2:1-4, 33). Со каков резултат? Учениците станале дел од духовното тело на Христос. Како што апостол Павле објаснува: ‚Преку еден Дух [тие] биле крстени сите во едно тело“ (1. Коринтјаните 12:13). Во исто време тие биле помазани да бидат идни цареви и свештеници во Божјето небесно Царство (Ефесјаните 1:13, 14; 2. Тимотеј 2:12; Откровение 20:6). Светиот дух исто така служел како почетен печат и знак за тоа славно идно наследство, но тоа не било сѐ (2. Коринтјаните 1:21, 22, NW).
4 Неколку години пред тоа, Исус му рекол на Никодим: „Ако некој наново не се роди, не може да го види Божјето Царство. (...) Ако некој не се роди од вода и дух, не може да влезе во Божјето Царство“ (Јован 3:3, 5, NW). А 120 луѓе биле повторно родени. Со помош на светиот дух биле присвоени како духовни Божји синови, браќа на Христос (Јован 1:11-13; Римјаните 8:14, 15). Сите тие активности на светиот дух на свој начин се попрекрасни од чуда. Уште повеќе, за разлика од некогашните чуда, светиот дух не престанал по смртта на апостолите, туку продолжил да биде активен на тој начин сѐ до денешен ден. Предност е што Јеховините сведоци во својата средина ги имаат последните духовно крстени членови на Христовото тело, а тие служат како ‚верен и разумен роб‘ за да обезбедува духовна храна во свое право време (Матеј 24:45-47, NW).
Крстени „во името на (...) Светиот Дух“
5, 6. Како првите крштевања во свет дух довеле до крштевања во вода?
5 Но што е со ветеното крштение во вода во името на Таткото, Синот и светиот дух? Тие први ученици кои биле крстени во дух не искусиле такво крштение во вода. Тие веќе го имале Јовановото крштение во вода, и бидејќи истото било прифатливо од Јехова во тоа одредено време, не морале повторно да бидат крстени. Но на Пентакост 33 н.е., големо мноштво луѓе го примиле новото крштевање во вода. Како се случило тоа?
6 Крштевањето на 120-те мина во свет дух било придружено со гласна бука која ги привлекла толпите. Тие биле зачудени кога ги слушнале учениците како зборуваат на јазици, т.е., на странски јазици кои ги разбирале тие што биле присутни. Апостолот Петар објаснил дека тоа чудо било доказ дека Божјиот дух бил излеан на Исус, кој бил подигнат од мртвите и сега седи на Божјата десна страна на небото. Петар ги охрабрил своите слушатели: „Нека знае целиот дом Израелов дека Бог го направил и Господ и Христос овој Исус кого вие го распнавте“. Потоа заклучил со зборовите: „Покајте се, и да се крстите секој од вас во името на Исус Христос за проштавање на гревовите; и ќе го примите дарот на светиот Дух“. На тоа реагирале околу 3 000 души (Дјела апостолска 2:36, 38, 41, ДК).
7. На кој начин биле крстени 3 000 души на Пентакост 33 н.е. во името на Таткото, Синот и светиот дух?
7 Дали може да се рече дека тие биле крстени во името на (во знак на признавање на) Таткото, Синот и светиот дух? Да. Иако Петар не им рекол да се крстат во името на Таткото, тие веќе го признавале Јехова како Суверен Господ, заради тоа што биле природни Евреи, членови на Нему предаден народ. Петар рекол: ‚Крстете се во името на Синот‘. Затоа нивното крштевање го означувало признавањето на Исус како Господ и Христос. Сега биле негови ученици и го прифаќале тоа дека простувањето на гревовите отсега било преку него. Конечно, крштевањето било знак на признавање на светиот дух, на кое се подложиле во одговор на ветувањето дека ќе го примат духот како бесплатен дар.
8. (а) Кое друго крштение го примиле помазаните христијани покрај крштевањето во вода? (б) Кој прима крштевање во вода во името на светиот дух освен 144 000?
8 Оние крстени во вода на денот Пентакост 33 н.е. биле исто така крстени во дух, помазани како идни цареви и свештеници во небесното Царство. Според книгата Откровение, од нив има само 144 000. Значи оние кои се крстени во свет дух и конечно ‚запечатени‘ како наследници на Царството изнесува само 144 000 (Откровение 7:4; 14:1, ДК). Меѓутоа, сите нови ученици — без разлика на нивната надеж — се крстени во вода во името на Таткото, Синот и светиот дух (Матеј 28:19, 20). Тогаш, што вклучува крштевањето во името на светиот дух за сите христијани, без разлика дали се од ‚малото стадо‘ или од ‚другите овци‘? (Лука 12:32; Јован 10:16). Пред да одговориме на тоа, да забележиме некои од активностите на духот во христијанската ера.
Плодот на духот
9. Која активност на светиот дух е важна за сите христијани?
9 Една важна активност на светиот дух е во тоа што ни помага да развиваме христијанска личност. Вистина е дека поради несовршеноста не можеме да избегнеме да грешиме (Римјаните 7:21-23). Но кога искрено се каеме, Јехова ни простува на темел на Христовата жртва (Матеј 12:31, 32; Римјаните 7:24, 25; 1. Јованово 2:1, 2). Освен тоа, Јехова исто така очекува да се бориме против нашата склоност да грешиме, а светиот дух ни помага во тоа. „Живејте по Духот“, рекол Павле, „и желбите на телото ваше нема да ги извршувате“ (Галатјаните 5:16). Павле понатаму рекол дека духот може да ги произведе најдобрите особини во нас. Тој напишал: „Плодот на духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста“ (Галатјаните 5:22, 23).
10. Како се развива плодот на духот во христијанинот?
10 Како духот овозможува такви плодови во еден христијанин? Тоа не се случува автоматски само затоа што сме предадени и крстени христијани. Мораме да работиме на тоа. Но ако се дружиме со други христијани кои ги покажуваат тие особини, ако му се молиме на Бог за неговиот дух да ни помогне да развиваме одредени особини, ако избегнуваме лошо друштво и ја проучуваме Библијата за совет и добри примери, тогаш плодот на духот ќе расте во нас (Приче Соломунове 13:20, ДК; 1. Коринтјаните 15:33; Галатјаните 5:24-26; Евреите 10:24, 25).
Наименувани преку светиот дух
11. На кој начин старешините се наименувани преку светиот дух?
11 Кога Павле им се обраќал на старешините во Ефес, укажал на друга активност на светиот дух кога рекол: „Внимавајте на себе и на сето стадо во кое светиот дух ве наименувал за надгледници да го пасете Божјето собрание, кое тој го откупил со крвта на својот Син“ (Дела на апостолите 20:28, NW). Да, собраниските надгледници, односно старешините се наименувани преку светиот дух. На кој начин? На тој начин што наименуваните старешини мораат да ги исполнуваат условите прикажани во инспирираната Библија (1. Тимотеј 3:1-13; Тит 1:5-9). Тие можат да ги развијат овие својства само со помошта на светиот дух. Понатаму, старешинството кое препорачува нов старешина, моли за водство на светиот дух за да се распознае дали тој ги исполнува условите или не. А самото наименување се извршува под надзор на духовно помазаниот верен и разумен роб.
Нека те води духот
12. Како може духот да влијае на нас преку Библијата?
12 Христијаните признаваат дека Светите Писма се напишани под влијание на светиот дух. Затоа, копаат по нив по духовно инспирирана мудрост, како што правеле и претхристијанските Сведоци на Јехова (Соломонови изреки 2:1-9). Ги читаат, размислуваат за нив и дозволуваат тие да го водат нивниот живот (Псалми 1:1-3; 2. Тимотеј 3:16). Затоа духот им помага да ‚испитуваат во длабините Божји‘ (1. Коринтјаните 2:10, 13; 3:19). Водењето на Божјите слуги на овој начин е важна активност на Божјиот дух во нашево време.
13, 14. Што користел Исус за да ги реши проблемите во собранието, и како денес го прави истото?
13 Понатаму, во книгата Откровение, воскреснатиот Исус им испратил пораки на седум собранија во Мала Азија (Откровение 2. и 3. поглавје). Во нив тој открил дека ги испитал собранијата и ја увидел нивната духовна состојба. Нашол дека некои од нив давале добар пример на вера. Во други, старешините дозволиле секташтвото, неморалот и млакоста да го расипат стадото. Собранието во Сард, освен неколкумина верни, било духовно мртво (Откровение 3:1, 4). Како Исус ги решавал тие проблеми? Со светиот дух. Кога на седумте собранија им давал совет, во секој случај Исусовата порака завршувала со изразот: „Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите“ (Откровение 2:7, 11, 17, 29; 3:6, 13, 22).
14 Исто така и денес Исус ги испитува собранијата. И кога ќе препознае проблеми, сѐ уште ги решава со помош на светиот дух. Духот може да ни помогне да ги препознаеме и да ги совладаме проблемите преку директно читање на Библијата. Помошта може исто така да дојде преку библиската литература издадена од духовно помазаниот верен и разумен роб, или може да дојде од духовно наименуваните старешини во собранието. Сеедно дали советот се однесува на поединци или на собранието како целина, дали ние внимаваме на Исусовите зборови: „Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот“?
Духот и делото на проповедање
15. Како духот постапувал спрема Исус со оглед на делото на проповедање?
15 Во една прилика кога Исус проповедал во една синагога во Назарет, покажал уште една активност на духот. Записот ни кажува: „Ја отвори [книгата], го најде местото каде што беше напишано: ‚Духот Господов [Јеховин, NW] е врз Мене; затоа Ме помаза да им соопштам радосна вест на бедните. Ме прати да ги исцелам сокрушените по срце, да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените.‘ И почна да им говори: ‚Денес се исполни ова Писмо, што го чувте‘“ (Лука 4:17, 18, 21; Исаија 61:1, 2). Да, Исус бил помазан со свет дух за да ја проповеда добрата вест.
16. Како светиот дух бил во голема мера вклучен во проповедањето на добрата вест во I век?
16 Кратко пред својата смрт, Исус претскажал една величествена акција на проповедање која ќе ја извршат неговите следбеници. Тој рекол: „Кај сите народи најнапред треба да се проповеда Евангелието [добрата вест, NW]“ (Марко 13:10). Тие зборови имале првобитно исполнување во првиот век, а улогата која светиот дух ја одиграл е вредна за забележување. Светиот дух бил тој кој го упатил Филип да му проповеда на етиопскиот евнух. Светиот дух го упатил Петар кај Корнилиј и светиот дух управувал со тоа Павле и Варнава да бидат испратени како апостоли од Антиохија. Подоцна кога Павле сакал да проповеда во Азија и Витинија, светиот дух на некој начин го спречил. Бог сакал делото на проповедање да се премести во Европа (Дела на св. апостоли 8:29; 10:19; 13:2; 16:6, 7).
17. Како е вклучен светиот дух во делото на проповедање денес?
17 Денес, светиот дух е повторно во голема мера вклучен во делото на проповедање. Во натамошно исполнение на Исаија 61:1, 2, Јеховиниот дух ги помазал Исусовите браќа да проповедаат. Во конечното исполнување на Марко 13:10, тие помазани, потпомогнати од големото мноштво, ја проповедаат добрата вест дословно во ‚сите народи‘ (Откровение 7:9). Духот ги поддржува сите нив во тоа. Како во првиот век, тој отвора подрачја и го води општиот напредок на делото. Ги јакне поединците, помагајќи им да ја совладаат плашливоста и да ги развијат вештините на поучување. Дури и повеќе, Исус им рекол на своите ученици: „Ќе ве одведат пред управници и цареви заради Мене, за да сведочите пред нив и пред незнабошците. Кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате (...) бидејќи не сте вие што ќе говорите, а Духот на вашиот Отец ќе говори во вас“ (Матеј 10:18-20).
18, 19. На кој начин духот ѝ се придружува на невестата во повикувањето на оние со кротки срца да ‚земат од водата на животот дарум‘?
18 Во книгата Откровение, Библијата повторно го нагласува учеството на светиот дух во делото на проповедање. Таму апостолот Јован известува: „Духот и невестата велат: ‚Дојди!‘ И кој чуе, нека каже: ‚Дојди!‘ И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум“ (Откровение 22:17). Невестата, претставена со останатите од 144 000 кои сѐ уште се на Земјава, ги покануваат сите да земат од водата на животот бесплатно. Но забележи дека и светиот дух вели „Дојди!“. На кој начин?
19 На тој начин што пораката којашто класата невеста — денес потпомогната од големото мноштво од други овци — ја проповеда, доаѓа од Библијата која е напишана под директно влијание на светиот дух. А истиот тој дух ги отворил срцата и мислите на класата невеста за да ја разбере инспирираната Реч и да им ја објасни на другите. Оние кои се крстени како нови ученици на Исус Христос, се восхитуваат да земат од водата на животот бесплатно. И се воодушевуваат да соработуваат со духот и невестата во кажувањето „Дојди!“ на други. Денес, повеќе од четири милиони учествуваат со духот во тоа дело.
Да живееме според своето крштение
20, 21. Како можеме да живееме според своето крштение во името на светиот дух, и како треба да гледаме на ова крштение?
20 Крштевањето во името на светиот дух е јавна изјава дека го цениме светиот дух и ја признаваме улогата што ја игра во Јеховините намери. Тоа подразбира дека ние ќе соработуваме со духот, и нема да правиме ништо со што би се спречило неговото делување меѓу Јеховиниот народ. Затоа го признаваме и соработуваме со верниот и разумен роб. Соработуваме со старешинското уредување во собранието (Евреите 13:7, 17; 1. Петрово 5:1-4). Живееме по духовна, а не по телесна мудрост и му дозволуваме на духот да ја обликува нашата личност, за да биде послична на Христовата (Римјаните 13:14). И со цело срце им се придружуваме на духот и на невестата во кажувањето „Дојди!“ на милионите кои можат уште да реагираат.
21 Колку е сериозно да се биде крстен ‚во името на светиот дух‘! Сепак, колкави благослови можат да произлезат! Нека бројот на такви крстени продолжи да се зголемува. И нека сите ние продолжиме да живееме според значењето на тоа крштение, додека му робуваме на Јехова и додека и понатаму сме „осветлени со духот“ (Римјаните 12:11, NW).
Што запомни за светиот дух?
◻ На кои начини светиот дух бил активен на Пентакост 33 н.е.?
◻ Како можеме да ги развиваме плодовите на духот?
◻ На кој начин старешините се наименувани преку светиот дух?
◻ Како Исус ги решава проблемите во собранието со помош на светиот дух?
◻ Како духот во голема мера е вклучен во делото на проповедање?
[Слика на страница 15]
Крштевањето за кое проповедал Петар било исто така во името на Таткото и светиот дух
[Слика на страница 17]
Духот е длабоко вклучен во проповедањето на добрата вест