Јеховиниот дар на светиот дух
„Колку повеќе небесниот Татко ќе им даде Свет Дух на оние кои го молат!“ (ЛУКА 11:13, Стварност).
1, 2. (а) Кое ветување го дал Исус за светиот дух, и зошто е тоа навистина утешно? (б) Што е светиот дух?
ЕСЕНТА 32 година од н.е. додека ја проповедал добрата вест во Јудеја, Исус на своите ученици им зборувал за Јеховината дарежливост. Употребил неколку силни споредби, а потоа дал прекрасно ветување: „Ако вие, иако сте зли, можете да им давате на своите деца добри дарови, колку повеќе Отецот небески ќе им даде Свет Дух на оние кои го молат!“ (Лука 11:13, Ст).
2 Колкава утеха се овие зборови! Додека истрајуваме во метежот на последните денови на овој свет, додека се соочуваме со непријателството на Сатана и неговите демони, и против сопствените паднати склоности, навистина е утешително да се знае дека Бог ќе нѐ зајакне со својот дух. Всушност, верната истрајност е невозможна без таа поддршка. Дали ти си ја искусил моќта на тој дух, а тоа е Божјата сопствена активна сила? Дали сфаќаш колку може да ти помогне? Дали ја користиш во потполност?
Силата на светиот дух
3, 4. Опиши ја моќта на светиот дух.
3 Размисли најпрвин за силата на светиот дух. Врати се наназад во 1954 година. Тогаш експлодира хидрогенска бомба на атолот Бикини во јужниот Пацифик. Веднаш по експлозијата на бомбата, тој прекрасен остров беше опкружен со огромна огнена топка и погоден со експлозија која според силата на детонацијата беше еднаква на 15 милиони тони ТНТ. Откаде дошла сета таа уништувачка сила? Настанала како резултат на промената на енергијата на само еден мал дел од уран и хидроген кои го сочинуваат јадрото на бомбата. Но, што кога научниците би можеле да го направат спротивното од она што го направиле во Бикини? Претпостави си кога би можеле да ја соберат сета таа огнена енергија и да ја претворат во неколку килограми уран и хидроген. Какво достигнување би било тоа! А сепак, Јехова сторил нешто слично на тоа, но во многу поголем обем кога „во почетокот [тој] ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1).
4 Јехова има огромни резерви на динамична енергија (Исаија 40:26). При создавањето сигурно впрегнал дел од таа енергија за да ја обликувал сета таа материја што го сочинува универзумот. Што употребил во таа творечка активност? Свет дух. Читаме: „Со Речта Господова [Јеховина, NW] се создадоа небесата, и со духот на неговата уста сета војска нивна“ (Псалми 33:6, ДК). Извештајот за создавање во 1. Мојсеева гласи: „Божјата активна сила [светиот дух] се движеше таму-ваму над површината на водите“ (1. Мојсеева 1:2, NW). Колку моќна сила е светиот дух!
Чудесни дела
5. На кои возвишени начини дејствува светиот дух?
5 Светиот дух сѐ уште работи на многу возвишени начини. Ја води и ја упатува Јеховината небесна организација (Језекиил 1:20, 21). Како енергијата ослободена од хидрогенската бомба, тој може уништувачки да се употреби за извршување на осуда над Јеховините непријатели, но тој исто така дејствувал и на други начини кои нѐ наведуваат да се чудиме (Исаија 11:15; 30:27, 28; 40:7, 8; 2. Солуњанима 2:8, сите ДК).
6. Како светиот дух ги поддржувал Мојсеј и децата Израелови во нивните постапки со Египет?
6 За илустрација, околу 1513 пр.н.е. Јехова го испратил Мојсеј да се појави пред египетскиот фараон за да побара слобода за децата Израелови. Претходните 40 години Мојсеј бил овчар во Мадијам, тогаш зошто фараонот би послушал еден овчар? Поради тоа што Мојсеј дошол во името на единствениот вистински Бог, Јехова. За да го докаже тоа, Јехова го ополномоштил да прави чуда. Тие биле толку впечатливи што дури и египетските свештеници биле принудени да признаат: „Ова е прст Божји“a (2. Мојсијева 8:19, ДК). Јехова донел десет неволји над Египет, од кои последната го присилила фараонот да му дозволи на Божјиот народ да го напушти Египет. Кога фараонот тврдоглаво ги прогонувал со својата војска, Израелците побегнале така што на чудесен начин им се отворил пат преку Црвеното Море. Египетската војска ги следела и се удавила во морето (Исаија 63:11-14; Агеј 2:4, 5).
7. (а) Кои биле некои од причините зошто светиот дух вршел чуда? (б) Зошто извештајот за чудата во Библијата е утешен, иако светиот дух повеќе не прави чуда?
7 Да, Јехова преку својот дух направил моќни чуда во корист на Израелците во времето на Мојсеј, а и во други прилики. Која била целта на таквите чуда? Тие ги поддржувале Јеховините намери, го разгласиле неговото име и ја покажале неговата сила. Понекогаш, како во случајот со Мојсеј, убедливо докажале дека поединецот ја имал Јеховината поддршка (2. Мојсеева 4:1-9; 9:14-16). Сепак, чудата направени преку свет дух биле ретки низ историјата.b Најверојатно, повеќето поединци кои живееле во библиски времиња никогаш и не виделе чудо, а денес повеќе не се случуваат. Сепак, додека денес се бориме со проблеми кои можеби изгледаат несовладливи, зарем не е утеха кога се знае дека ако побараме од Јехова со вера, тој ќе ни го даде истиот дух со којшто го поддржувал Мојсеј пред фараонот и со којшто им отворил пат на Израелците низ Црвеното Море? (Матеј 17:20).
Инспирирани списи
8. Која била улогата на светиот дух при давањето на Десетте заповеди?
8 По нивното ослободување од Египет, Мојсеј ги одвел Израелците до планината Синај кадешто Јехова склопил сојуз со нив и им го дал својот Закон. Централен дел од тој Закон кој бил даден преку Мојсеј биле Десетте заповеди, а оригиналните примероци од нив биле врежани на камени плочи. Како? Со свет дух. Библијата вели: „И кога [Јехова, NW] престана да зборува со Мојсеја на планината Синајска, му даде две плочи на сведоштвото, плочи камени, напишани со прст Божји“ (2. Мојсеева 31:18; 34:1).
9, 10. На кој начин бил активен светиот дух во пишувањето на Хебрејските списи, и како тоа е видливо од изразите што ги користеле Исусовите ученици?
9 Покрај Десетте заповеди, Јехова преку својот дух им дал на Израелците стотици закони и прописи за да ги води животите на верните мажи и жени. А требало да дојдат уште повеќе [инспирирани списи]. Со векови после Мојсеј, Неемија посведочил во една јавна молитва до Јехова: „Ти си ги трпел [Израелците] многу години опоменувајќи ги со својот дух преку своите пророци“ (Немија 9:30, ДК). Биле запишани многу инспирирани пророштва кои ги изговориле тие пророци. Понатаму, светиот дух ги поттикнал верните мажи да запишат свети истории и срдечни песни на фалба.
10 Павле зборувал за тие списи кога рекол: „Целото Писмо е од Бога вдахновено“ (2. Тимотеј 3:16; 2. Самоилова 23:2; 2. Петрово 1:20, 21). Всушност, кога ги цитирале овие библиски стихови, Исусовите ученици од првиот век често употребувале изрази како што се ‚Светиот Дух претскажал преку устата Давидова‘, „им рекол Духот Свети (...) преку пророкот Исаија“, или само ‚Светиот Дух вели‘ (Дела на св. апостоли 1:16; 4:25; 28:25, 26; Евреите 3:7). Каков благослов што истиот свет дух, којшто влијаел на запишувањето на Светите Писма, ги зачувал за да можат денес да нѐ водат и тешат! (1. Петрово 1:25).
Доверба во светиот дух
11. Која активност на светиот дух била очигледна во врска со градењето на шаторот за обожавање?
11 Додека Израелците биле улогорени во подножјето на Синајската гора, Јехова им наредил да изградат шатор за обожавање како центар на вистинското обожавање. Како би можеле да го извршат тоа? „Им рече Мојсеј на синовите Израилеви: ‚Ете, Бог го повика по име Веселеил, син на Уриј, синот Оров, од племето Јудино, и го исполни со Дух Божји, со мудрост и со разум, со знаење и со секоја умешност да гради‘“ (2. Мојсеева 35:30, 31). Светиот дух ја зајакнал секоја вештина што Веселеил ја поседувал, па можел успешно да го надгледува подигнувањето на таа извонредна градба.
12. Како духот на необичен начин зајакнал поединци после времето на Мојсеј?
12 Подоцна, Јеховиниот дух почнал да делува на Самсон, давајќи му натчовечка сила за да може да го ослободи Израел од Филистејците (Судиите 14:5-7, 9; 15:14-16; 16:28-30). Многу подоцна, на Соломон, кој бил крал на Божјиот избран народ, му била дадена посебна мудрост (2. Дневници 1:12, 13). Под неговото владеење Израел напредувал како никогаш порано, а неговата среќна положба станала пример за благословите на кои Божјиот народ ќе им се радува под Илјадагодишното владетелство на Исус Христос, Поголемиот Соломон (1. Царевите 4:20, 25, 29-34; Исаија 2:3, 4; 11:1, 2; Матеј 12:42).
13. Како нѐ охрабрува нас денес записот за зајакнувањето на Веселеил, Самсон и Соломон од страна на светиот дух?
13 Колкав благослов е тоа што Јехова ни го дава тој ист дух и нам! Кога се чувствуваме недоволно способни да извршиме некоја задача или да учествуваме во делото на проповедање, можеме да го молиме Јехова да ни го даде истиот дух што му го дал на Веселеил. Кога страдаме од болест или поднесуваме прогонство, истиот дух што му дал извонредна сила на Самсон ќе нѐ закрепне и нас — иако, се разбира, не на чудесен начин. Кога се соочуваме со тешки проблеми или кога мораме да донесеме важни одлуки, можеме да побараме од Јехова, кој на Соломон му дал извонредна мудрост, да ни помогне да постапиме мудро. Тогаш, како Павле, ќе речеме: „За сѐ имам сила преку оној кој ми дава моќ“ (Филипјаните 4:13, NW). И ветувањето на Јаков може да се примени на нас: „Ако некому од вас не му достига мудрост, нека ја моли од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без укор — и ќе му се даде“ (Јаков 1:5).
14. Кој, во древно време и денес, бил поддржуван од светиот дух?
14 Јеховиниот дух бил и на Мојсеј во неговата работа, кога судел на народот. Кога биле поставени другите да му помагаат на Мојсеј, Јехова рекол: „Ќе земам од духот кој е на тебе и ќе ставам на нив, за да го носат со тебе товарот народен и да не носиш ти сам“ (4. Мојсијева 11:17, ДК). Според тоа, тие мажи не морале да постапуваат со своја сопствена сила. Светиот дух ги поддржувал. Читаме дека подоцна во други прилики, Јеховиниот дух бил на други поединци (Судиите 3:10, 11; 11:29). Кога Самоил го помазал Давид за иден крал на Израел, записот вели: „Самуел зеде рог со масло, и го помаза среде неговите браќа. Дух Јахвин го обзеде Давид од тој ден“ (1. Самуелова 16:13, Ст). Оние коишто денес имаат тешки одговорности — семејни, собраниски или организациски — можат да се утешат од спознанието дека Божјиот дух сѐ уште ги поддржува неговите слуги додека тие се грижат да ги исполнат своите обврски.
15. На кој начин светиот дух ја зајакнал Јеховината организација (а) во времето на Агеј и Захарија? и (б) денес?
15 По околу илјада години послеМојсеј, верните од децата Израелови се вратиле од Вавилон во Ерусалим со налогот повторно да го изградат храмот (Јездра 1:1-4, ДК; Јеремија 25:12; 29:14). Меѓутоа, се појавиле тешки препреки и долги години биле обесхрабрени. Најпосле, Јехова ги подигнал пророците Агеј и Захарија за да ги охрабрат Евреите да не се потпираат на сопствената сила. Но како требало да се изврши задачата? „Не со војска не со сила, а со Мојот Дух, вели Господ Саваот“ (Захарија 4:6). И со помош на светиот дух храмот бил изграден. Божјиот народ денес постигнал многу на сличен начин. Проповедањето на добрата вест се раширило по Земјата. Милиони поединци се поучуваат за вистина и праведност. Се организираат конгреси. Се градат Царски сали и подружници. Многу од тоа е направено наспроти горки противења. Но Јеховините сведоци не се обесхрабриле бидејќи знаат дека сѐ што постигнале не е со воена сила, ниту со човечка сила, туку со Божји дух.
Божјиот дух во првото столетие
16. Какво искуство имале Јеховините претхристијански слуги со активноста на Божјиот дух?
16 Како што видовме, претхристијанските Божји слуги биле добро запознаени со силата на Божјиот дух. Имале доверба во него дека ќе им помогне во исполнувањето на тешки одговорности и дека ќе ја извршат Божјата волја. Исто така знаеле дека Законот и другите свети списи биле инспирирани, напишани под дејството на Јеховиниот дух, и затоа биле ‚Божја Реч‘ (Псалми 119:105, ДК). А како е со христијанската ера?
17, 18. Кои биле некои од зачудувачките манифестации на духот во христијанската ера, и за која цел служеле?
17 Во првиот век од нашата ера биле забележани прекрасни активности на Божјиот дух. Постоело пророкување инспирирано со дух (1. Коринтјаните 14:1, 3). Во исполнение на Исусовото ветување дека светиот дух ќе ги потсети неговите ученици на сите работи што ги рекол и дека ќе ги учи за понатамошните аспекти на вистината, биле напишани повеќе книги под влијанието на светиот дух (Јован 14:26; 15:26, 27; 16:12, 13). Имало и чуда, кои ќе бидат разгледани поцелосно во нашата следна статија. Всушност, првиот век започнал со извонредно чудо. Околу 2 година пр.н.е., требало да се роди посебно бебе, а како знак, неговата млада мајка требало да биде девица. Како можело да се случи тоа? Со помош на светиот дух. Записот вели: „А раѓањето на Исус Христос беше вака: кога Марија, неговата мајка, беше испросена за Јосиф, а уште додека не се беа состанале, се најде дека таа е трудна од светиот Дух“ (Матеј 1:18, ДК; Лука 1:35, 36).
18 Кога Исус пораснал, истерувал демони, лекувал болни, па дури ги подигнувал мртвите со силата на светиот дух. Некои од неговите следбенци исто така вршеле чуда и моќни дела. Тие посебни активности биле дарови на духот. Каква била нивната цел? Како што било случај со поранешните чуда, и тие ги поддржале Божјите намери и ја откриле неговата сила. Повеќе од тоа, ја покажале вистинитоста на Исусовото тврдење дека бил испратен од Бог; а подоцна, докажале дека христијанското собрание од првиот век било Божји избран народ (Матеј 11:2-6; Јован 16:8; Дела на св. апостоли 2:22; 1. Коринтјаните 12:4-11; Евреите 2:4; 1. Петрово 2:9).
19. Како е зајакната нашата вера со библискиот извештај за чудата на Исус и неговите апостоли?
19 Меѓутоа, апостол Павле рекол дека таквите зачудувачки манифестации на духот му припаѓаат на почетокот на собранието и дека ќе поминат, затоа ние денес не гледаме такви чуда од светиот дух (1. Коринтјаните 13:8-11). Сепак, чудата што ги извршиле Исус и неговите апостоли имаат повеќе од историска важност. Тие ја зајакнуваат нашата вера во Божјите ветувања дека за болеста и смртта нема да има место под Исусовото владеење во новиот свет (Исаија 25:6-8; 33:24; 65:20-24).
Корист од Божјиот свет дух
20, 21. Како можеме да имаме корист од подготовката на светиот дух?
20 Колку моќна сила е овој свет дух! Но како можат христијаните денес да имаат корист од него? Како прво, Исус рекол дека треба да молиме за него; тогаш зошто не би го правеле токму тоа? Моли го Јехова да ти го даде овој прекрасен дар не само во тешки моменти, туку во секоја прилика. Освен тоа, читај ја Библијата за да може светиот дух да ти говори. (Спореди Евреите 3:7.) Размислувај за она што го читаш и применувај го за да може светиот дух да влијае на твојот живот (Псалми 1:1-3). Понатаму, дружи се — поединечно, во собранијата и на собирите — со други кои се потпираат на Божјиот дух. Колку богато светиот дух ги зајакнува оние кои го благословуваат својот Бог „во насобраните толпи“! (Псалми 68:26, NW).
21 Зарем Јехова не е дарежлив Бог? Тој вели дека е доволно само да побараме свет дух и тој ќе ни го даде. Колку е лудо да се потпираме на сопствената мудрост и сила кога на располагање ни стои таква моќна помош! Меѓутоа, постојат и други работи што се поврзани со Божјиот дух кои нѐ засегаат како христијани, а тие ќе бидат разгледани во следната статија.
[Фусноти]
a Изразот „прст Божји“ обично се однесува на светиот дух. (Спореди Лука 11:20 и Матеј 12:28.)
b Повеќето од чудата забележани во Библијата се случиле во времето на Мојсеј и Исус Навин, Илија и Јелисеј, и Исус и апостолите.
Дали можеш да одговориш на следните прашања?
◻ Како Јехова ја создал сета материја во универзумот?
◻ На кои начини дејствувал светиот дух во претхристијанските времиња?
◻ Како денес нѐ теши спознанието за она што светиот дух го направил во древно време?
◻ Како можеме да имаме корист од подготовката на светиот дух?
[Слика на страница 10]
Духот кој му дал на Самсон натчовечка сила може да ни даде моќ за сѐ