Христијански сведоци за божествената сувереност
„Да ги возвестите совршенствата на Оној, Кој ве повикал од темнина во Својата чудна светлина“ (1. ПЕТРОВО 2:9).
1. Какво делотворно сведоштво било дадено за Јехова во претхристијански времиња?
ВО ПРЕТХРИСТИЈАНСКИ времиња, една долга редица од сведоци смело посведочила дека Јехова е единствениот вистински Бог (Евреите 11:4-12:1). Цврсти во својата вера, тие бестрашно ги слушале Јеховините закони и одбиле да прават компромис во поглед на работите поврзани со обожавањето. Дале силно сведоштво за Јеховината универзална сувереност (Псалм 17:21-23; 46:1, 2).
2. а) Кој е Јеховиниот најголем Сведок? б) Кој ја заменил израелската нација како Јеховин сведок? Од каде го знаеме тоа?
2 Последниот и најголем претхристијански сведок бил Јован Крстител (Матеј 11:11). Тој ја имал предноста да го објави доаѓањето на Избраниот и да го претстави Исуса како ветениот Месија (Јован 1:29-34). Исус е Јеховиниот најголем Сведок, „Верниот и Вистинскиот Сведок“ (Откровение 3:14). Поради тоа што телесниот Израел го отфрлил Исус, и Јехова ги отфрлил нив, а наименувал една нова нација, духовниот Израел Божји, да биде негов сведок (Исаија 42:8-12; Јован 1:11, 12 Галатјаните 6:16;). Петар цитирал едно пророштво во врска со Израел и покажал дека тоа се однесува на „Израилот Божји“, христијанското собрание, кога рекол: „Вие сте род избран, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени, за да ги возвестите совршенствата на Оној, Кој ве повикал од темнина во Својата чудна светлина“ (1. Петрово 2:9; 2. Мојсеева 19:5, 6; Исаија 43:21; 60:2).
3. Која е првенствената одговорност на Божјиот Израел и на „големото мноштво“?
3 Петровите зборови покажуваат дека првенствената одговорност на Божјиот Израел е да даде јавно сведоштво за Јеховината слава. Во наше време, на оваа духовна нација ѝ се придружило едно „големо мноштво“ од сведоци кои исто така јавно го слават Бог. Тие извикуваат со силен глас за да чујат сите: „За спасението наше слава на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Агнецот“ (Откровение 7:9, 10; Исаија 60:8-10). Како можат Божјиот Израел и неговите придружници да го вршат своето сведоштво? Преку својата вера и послушност.
Лажни сведоци
4. Зошто Евреите од Исусово време биле лажни сведоци?
4 Верата и послушноста подразбираат да се живее според божествени начела. Важноста на ова се гледа од она што го рекол Исус во врска со еврејските верски водачи од неговото време. Тие ‚седнале на Мојсеевото седиште‘ како учители на Законот. Дури испраќале и мисионери за да преобраќаат неверници. Па сепак, Исус им рекол: „Обиколувате по море и по копно за да добиете еден последовател, и кога ќе успеете во тоа, тогаш го правите син на пеколот, двапати полош од вас“. Овие религионисти биле лажни сведоци — арогантни, лицемерни и нељубезни (Матеј 23:1-12, 15). Во една прилика, Исус им рекол на некои Евреи: „Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко“. Зошто би им рекол вакво нешто на членови на Божјата избрана нација? Затоа што не сакале да ги послушаат зборовите на Јеховиниот најголем Сведок (Јован 8:41, 44, 47).
5. Како знаеме дека христијанскиот свет дал лажно сведоштво за Бога?
5 На сличен начин, низ вековите од Исусовото време па наваму, стотици милиони луѓе во христијанскиот свет тврделе дека се негови ученици. Меѓутоа, тие не ја вршеле Божјата волја и затоа не се признаени од Исус (Матеј 7:21-23; 1. Коринтјаните 13:1-3). Христијанскиот свет испраќал мисионери, од кои многумина несомнено биле со искрени мотиви. Па сепак, тие ги учеле луѓето да обожаваат тринитаријански бог кој грешниците ги гори во пеколен оган, а повеќето од нивните преобратеници едвај покажуваат дека се христијани. На пример, африканската земја Руанда била плодно тло за римокатоличките мисионери. Сепак, руандските католици сесрдно се вклучија во неодамнешната етничка војна во оваа земја. Плодовите на тоа мисионерско поле покажуваат дека полето не добило вистинско христијанско сведоштво од страна на т. н. христијанство (Матеј 7:15-20).
Да се живее според божествени начела
6. На кои начини исправното однесување претставува витален дел од давањето сведоштво?
6 Неисправното однесување на оние кои тврдат дека се христијани, му донесува срам на „патот на вистината“ (2. Петрово 2:2). Еден вистински христијанин живее според божествените начела. Тој не краде, не лаже, не мами и не врши неморал (Римјаните 2:22). Секако, тој не го убива својот ближен. Христијанските сопрузи вршат љубезно надгледување на своите семејства. Сопругите со почитување го поддржуваат таквото надгледување. Децата се воспитувани од своите родители и на тој начин се подготвени да бидат одговорни возрасни христијани (Ефесјаните 5:21–6:4). Вистина, сите ние сме несовршени и правиме грешки. Но, еден вистински христијанин ги почитува библиските мерила и вложува искрени напори да ги применува. Другите го забележуваат тоа, и на тој начин се дава едно извонредно сведоштво. Понекогаш, оние кои порано ѝ се противеле на вистината, го забележуваат исправното однесување на некој христијанин и со тоа се придобиени (1. Петрово 2:12, 15; 3:1).
7. Колку е важно христијаните да се сакаат еден со друг?
7 Исус покажал еден важен аспект на христијанското однесување, кога рекол: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35). Сатановиот свет се карактеризира со ‚неправда, блудство, лукавство, користољубивост, злоба; полн е со завист, убиства, расправии, измами, лоши нарави; со оговарачи, клеветници, богомрасци, силеџии, фалбаџии, горди, измислувачи на зло, непослушни кон родителите‘ (Римјаните 1:29, 30). Во таква околина, постоењето на една светска организација која се карактеризира со љубов, треба да претставува силен доказ за делувањето на Божјиот дух — делотворно сведоштво. Јеховините сведоци сочинуваат токму таква организација (1. Петрово 2:17).
Сведоците се истражувачи на Библијата
8, 9. а) На кој начин псалмистот бил зајакнат преку проучувањето на Божјиот Закон и преку медитирањето за него? б) На кои начини проучувањето на Библијата и медитирањето ќе нѐ зајакнат да продолжиме да сведочиме?
8 За да има успех во давањето извонредно сведоштво, еден христијанин мора да ги познава и да ги сака Јеховините праведни начела и вистински да ја мрази расипаноста на светот (Псалм 96:10). Светот е убедлив во ширењето на неговото размислување, и на неговиот дух тешко може да се одолее (Ефесјаните 2:1-3; 1. Јованово 2:15, 16). Што може да ни помогне да задржиме исправен умствен став? Редовното и смисловно проучување на Библијата. Писателот на 118. Псалм многу пати ја повторил својата љубов кон Јеховиниот Закон. Постојано го читал и размислувал за него, „секој [цел, НС] ден“ (Псалм 118:92, 93, 97-105). Како резултат на тоа, можел да напише: „Ја замразив неправдата и се гнасам од неа; а Твојот закон го засакав“. Освен тоа, длабоката љубов го поттикнала на акција. Тој вели: „Седумпати на ден Те прославувам за судовите на Твојата правда“ (Псалм 118:163, 164).
9 На сличен начин, нашето редовно проучување на Божјата Реч и медитирањето за неа ќе ги допре нашите срца и ќе нѐ поттикне да го ‚прославуваме‘ — да сведочиме за Јехова — и тоа често, дури и „седумпати на ден“ (Римјаните 10:10). Во склад со ова, писателот на првиот псалм вели дека оној кој редовно медитира за Јеховините зборови, ќе биде „како дрво посадено крај воден извор, кое својот род го дава навреме, и чиј лист не вене; и во сѐ што прави, напредува“ (Псалм 1:3). Апостол Павле исто така ја покажал моќта на Божјата Реч кога напишал: „Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за изобличување, поправање и поучување во правдата, за да биде Божјиот човек совршен [потполно способен, НС] и годен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17).
10. Што е очигледно кај Јеховиниот народ во овие последни денови?
10 Брзиот пораст на бројот на вистински обожаватели во овој XX век зборува за Јеховиниот благослов. Без никакво сомнение, како група, овие современи сведоци за божествената сувереност во своите срца негувале љубов кон Јеховиниот закон. Како псалмистот, тие се поттикнати да го слушаат Неговиот закон и верно да сведочат „дење и ноќе“ за Јеховината слава (Откровение 7:15).
Јеховините моќни дела
11, 12. Што било постигнато со чудата што ги извршиле Исус и неговите следбеници?
11 Во првиот век, светиот дух ги ополномоштил верните христијански сведоци да извршуваат чуда кои претставувале силен доказ дека нивното сведоштво е вистинито. Кога Јован Крстител бил во затвор, испратил ученици да го прашаат Исуса: „Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг?“ Исус не одговорил со „да“ или „не“. Место тоа, рекол: „Одете и кажете му на Јована што слушате и што гледате: слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието; и блажен е оној, што не се соблазнува заради Мене“ (Матеј 11:3-6). Овие моќни дела послужиле како сведоштво за Јован дека Исус навистина е „Оној што треба да дојде“ (Дела 2:22).
12 На сличен начин, некои од Исусовите следбеници ги лекувале болните и ги подигале дури и мртвите (Дела 5:15, 16; 20:9-12). Овие чуда биле еден вид сведоштво од самиот Бог кое послужило во нивна корист (Евреите 2:4). А таквите дела ја покажувале и Јеховината семоќна сила. На пример, точно е дека Сатана, „кнезот од овој свет“, има начини на кои може да предизвикува смрт (Јован 14:30; Евреите 2:14). Но, кога Петар ја подигнал верната жена Дорка [Срна] од мртвите, тоа можел да го стори само со Јеховина сила, бидејќи единствено Тој може да врати живот (Псалм 15:10; 35:9; Дела 2:25-27; 9:36-43).
13. а) На кој начин библиските чуда сѐ уште сведочат за Јеховината моќ? б) На кој начин исполнувањето на пророштвата игра клучна улога во докажувањето на Јеховиното Божество?
13 Денеска повеќе не се случуваат вакви чудесни дела. Тие ја исполниле својата цел (1. Коринтјаните 13:8). Меѓутоа, записот за нив сѐ уште го имаме во Библијата, и за него посведочиле многу посматрачи. Кога христијаните денеска укажуваат на овие историски извештаи, тие дела сѐ уште служат како делотворно сведоштво за Јеховината моќ (1. Коринтјаните 15:3-6). Освен тоа, уште во времето на Исаија, Јехова укажал на точното пророштво како на истакнат доказ дека Тој е вистинскиот Бог (Исаија 46:8-11). Денес се исполнуваат голем број божествено инспирирани библиски пророштва — неколку од нив и врз христијанското собрание (Исаија 60:8-10; Даниил 12:6-12; Малахија 3:17, 18; Матеј 24:9; Откровение 11:1-13). Освен тоа што укажува дека живееме во „последните денови“, исполнувањето на овие пророштва го оправдува Јехова како единствен вистински Бог (2. Тимотеј 3:1).
14. На кои начини современата историја на Јеховините сведоци претставува силно сведоштво дека Јехова е Суверениот Господ?
14 Конечно, Јехова сѐ уште прави прекрасни и зачудувачки работи за својот народ. Зголемената светлина на библиската вистина е управувана од Јеховиниот дух (Псалм 85:10; Откровение 4:5, 6). Истакнатите порасти за кои се известува по целиот свет, се доказ дека Јехова ‚забрзува во свое време‘ (Исаија 60:22, НС). Во овие последни денови, кога од една земја во друга избувнувале жестоки прогонства, Јеховиниот народ можел храбро да истрае со зајакнувачката поддршка од светиот дух (Псалм 17:1, 2, 17, 18; 2. Коринтјаните 1:8-10). Да, современата историја на Јеховините сведоци сама по себе претставува силно сведоштво дека Јехова е Суверениот Господ (Захарија 4:6).
Добрата вест треба да се проповеда
15. Колку обемно сведоштво требало да даде христијанското собрание?
15 Јехова го поставил Израел за свој сведок на народите (Исаија 43:10). Но, само малкумина Израелци имале божествена заповед да одат и да им проповедаат на не-Израелци, и тоа обично со цел да ги објават Јеховините судови (Јеремија 1:5; Јона 1:1, 2). Меѓутоа, пророштвата од Хебрејските списи покажуваат дека еден ден Јехова во голема мера ќе го сврти своето внимание кон народите, а тоа и навистина го направил преку духовниот Израел Божји (Исаија 2:2-4; 62:2). Пред да се вознесе на небото, Исус им заповедал на своите следбеници: „Одете и научете ги сите народи“ (Матеј 28:19). Иако Исус се концентрирал на „загубените овци на домот Израилев“, неговите следбеници биле испратени до „сите народи“, дури „до крајот на земјата“ (Матеј 15:24; Дела 1:8). Целото човештво требало да го чуе христијанското сведоштво.
16. Кој налог го исполнило христијанското собрание од првиот век и во колкав обем?
16 Павле покажал дека тој добро го разбрал ова. До 61 година н. е., тој можел да рече дека добрата вест ‚принесувала плод и растела во целиот свет‘. Оваа добра вест не ѝ била проповедана само на една нација или на една секта, како некои кои се посветиле на „служење на ангелите“. Напротив, таа отворено му била ‚проповедана на секое поднебесно создание‘ (Колосјаните 1:6, 23; 2:13, 14, 16-18). На тој начин, Божјиот Израел од првиот век го исполнил својот налог да ‚ги возвести совршенствата на Оној, Кој ги повикал од темнина во Својата чудна светлина‘.
17. Како продолжува да се исполнува Матеј 24:14 во големи размери?
17 Сепак, тоа дело на проповедање од првиот век било само претслика на она што треба да се постигне во текот на последните денови. Особено гледајќи во пресрет на нашето време, Исус рекол: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14; Марко 13:10). Дали ова пророштво се исполнило? Навистина да. Од малиот почеток во 1919 година, проповедањето на добрата вест сега се проширило во над 230 земји. Сведоштвото се слуша и на замрзнатиот Север и во спарните тропи. Се обработуваат огромни континенти и се бараат оддалечените острови за да можат нивните жители да добијат сведоштво. Дури и среде големи немири, како што е војната во Босна и Херцеговина, добрата вест продолжува да се проповеда. Како што било случај во првиот век, сведоштвото дава плод „во целиот свет“. Добрата вест отворено му се објавува „на секое поднебесно создание“. Со каков резултат? Како прво, собрани се преостанатите од Божјиот Израел „од секое колено, јазик, народ и племе“. Второ, „од сите племиња и колена, народи и јазици“ почнале да се собираат милионите од ‚големото мноштво‘ (Откровение 5:9; 7:9). Матеј 24:14 и понатаму се исполнува во големи размери.
18. Кои се некои од работите што се постигнуваат преку светското проповедање на добрата вест?
18 Проповедањето на добрата вест ширум светот помага да се докаже дека Исусовата кралска присутност веќе започнала (Матеј 24:3). Понатаму, тоа е главното средство преку кое се жнее ‚жетвата на земјата‘, бидејќи ги насочува луѓето кон единствената вистинска надеж за човештвото — Јеховиното Царство (Откровение 14:15, 16). Со оглед на тоа што само искрените христијани учествуваат во проповедањето на добрата вест, ова важно дело помага да се направи разлика помеѓу вистинските и лажните христијани (Малахија 3:18). На овој начин, тоа придонесува да се спасат не само оние кои проповедаат туку и оние кои се одѕиваат на тоа (1. Тимотеј 4:16). Што е најважно, проповедањето на добрата вест му донесува фалба и чест на Јехова Бог — оној кој заповедал да се прави тоа, кој ги поддржува оние што го прават тоа и кој прави да има плод (2. Коринтјаните 4:7).
19. На каква решеност се охрабрени сите христијани додека навлегуваат во новата службена година?
19 Не е ни чудо што апостол Павле бил поттикнат да рече: „Тешко мене, ако не [ја] проповедам [добрата вест, НС]“ (1. Коринтјаните 9:16). Христијаните денеска го чувствуваат истото. Огромна предност и голема одговорност е да бидеме „соработници на Бога“, зрачејќи ја светлината на вистината во овој затемнет свет (1. Коринтјаните 3:9; Исаија 60:2, 3). Делото кое имало мал почеток во 1919, сега достигна зачудувачки размери. Скоро пет милиони христијани сведочат за божествената сувереност, поминувајќи преку една милијарда часови годишно за да им ја пренесат пораката за спасение на другите. Колкава радост е да се има удел во ова дело на посветување на Јеховиното име! Додека навлегуваме во 1996 службена година, да бидеме одлучни да не успориме. Напротив, повеќе од било кога порано ќе ги слушаме Павловите зборови упатени до Тимотеј: „Проповедај го словото, настојувај [итно држи се за тоа, НС] (2. Тимотеј 4:2). Додека го правиме тоа, од сѐ срце се молиме Јехова да продолжи да ги благословува нашите напори.
Дали се сеќаваш?
◻ Кој го заменил Израел како Јеховин „сведок“ за народите?
◻ Каков придонес има христијанското однесување во давањето сведоштво?
◻ Зошто за христијанскиот Сведок е особено важно да ја проучува Библијата и да медитира за неа?
◻ На кој начин современата историја на Јеховините сведоци служи како доказ дека Јехова е вистинскиот Бог?
◻ Што се постигнува со проповедањето на добрата вест?
[Слики на страница 15]
Далеку од тоа да е ограничена, добрата вест сега му се објавува „на секое поднебесно создание“