Јехова е Бог на завети
„Ќе склучам со домот Израилев и со домот на Јуда нов завет“ (ЈЕРЕМИЈА 31:31).
1, 2. а) Каква прослава започнал Исус ноќта на 14 низан 33 н. е.? б) На кој завет се осврнал Исус во врска со својата смрт?
НОЌТА на 14 низан 33 н. е., Исус ја прославил Пасхата со своите 12 апостоли. Поради тоа што знаел дека ова ќе биде негов последен оброк со нив и дека наскоро ќе умре од рацете на своите непријатели, Исус ја искористил приликата за да им објасни повеќе важни работи на своите најблиски ученици (Јован 13:1—17:26).
2 Токму во ова време, откако го отпуштил Јуда Искариотски, Исус го воспоставил единствениот годишен религиозен обичај што бил заповедан за христијаните — Меморијалот на неговата смрт. Извештајот вели: „Додека јадеа понатаму, Исус зеде еден сомун, и откако кажа благослов, го скрши и им го даде на учениците, велејќи: ‚Земете, јадете. Ова значи моето тело‘. Исто така, зеде еден пехар и, откако кажа благодарност, им го даде, велејќи: ‚Пијте од него, сите вие; зашто ова значи мојата „крв на заветот“, што треба да биде пролеана во корист на многумина за проштавање на гревовите‘“ (Матеј 26:26—28, NW). Исусовите следбеници требало да се сеќаваат на неговата смрт на еден едноставен, достоинствен начин. И Исус се осврнал на еден завет во врска со својата смрт. Во извештајот во Лука, тој е наречен „Новиот завет“ (Лука 22:20).
3. Кои прашања се поставени во врска со новиот завет?
3 Што претставува овој нов завет? Ако е тоа новиот завет, дали тоа значи дека има и стар завет? Дали постојат други завети што се поврзани со него? Ова се важни прашања затоа што Исус рекол оти крвта на заветот ќе биде пролеана „за проштавање на гревовите“. На сите нам очајно ни е потребно такво простување (Римјаните 3:23).
Завет со Авраам
4. Кое древно ветување ни помага да го разбереме новиот завет?
4 За да го разбереме новиот завет, мораме да се вратиме наназад скоро 2.000 години пред Исусовата земна служба, во времето кога Тара и неговото семејство — вклучувајќи го и Аврам (подоцна Авраам) и Аврамовата сопруга, Сара (подоцна Са́ра) — напорно патувале од напредниот Ур Халдејски до Харан во северна Месопотамија. Таму останале сѐ до смртта на Тара. Тогаш, на Јеховина заповед, 75-годишниот Авраам ја преминал реката Еуфрат и патувал југозападно до земјата Ханан за да води номадски живот во шатори (1. Мојсеева 11:31—12:1, 4, 5; Дела 7:2—5). Тоа било во 1943 пр. н. е. Додека Авраам сѐ уште бил во Харан, Јехова му рекол: „Од тебе ќе направам голем народ, и ќе те благословам, и името твое ќе го прославам и ти ќе бидеш благословен. Ќе ги благословам оние, што тебе ќе те благословуваат, и ќе ги проколнам оние, што тебе ќе те проколнуваат и преку тебе ќе бидат благословени сите родови [семејства, NW] на земјата“. Подоцна, откако Авраам поминал во Ханан, Јехова додал: „Оваа земја ќе му ја дадам на твоето потомство [семе, NW]“ (1. Мојсеева 12:2, 3, 7).
5. Со кое историско пророштво е поврзано Јеховиното ветување до Авраам?
5 Ветувањето до Авраам било поврзано со едно друго Јеховино ветување. Всушност, тоа го направило Авраам клучна фигура во човечката историја, една алка во исполнувањето на првото пророштво што некогаш било забележано. Откако Адам и Ева згрешиле во градината Едем, Јехова објавил пресуда над нив двајцата и во истата прилика му се обратил на Сатана, кој ја завел Ева, велејќи: „Ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената и помеѓу твоето семе и нејзиното семе. Тоа ќе ти ја повреди главата, а ти ќе му ја повредиш петицата“ (1. Мојсеева 3:15, NW). Јеховиниот завет со Авраам покажал дека Семето, преку кое Сатановите дела ќе бидат доведени до ништо, ќе се појави во лозата на тој патријарх.
6. а) Преку кого требало да се исполни Јеховиното ветување до Авраам? б) Што е авраамскиот завет?
6 Поради тоа што Јеховиното ветување било поврзано со семе, на Авраам му бил потребен син преку кој би дошло Семето. Но, тој и Сара остареле и сѐ уште биле бездетни. Сепак, најпосле Јехова ги благословил, чудотворно оживувајќи ги нивните репродуктивни сили, а Сара му родила на Авраам син, Исак, и на тој начин се одржало во живот ветувањето за семе (1. Мојсеева 17:15—17; 21:1—7). Со години подоцна, откако ја испитал Авраамовата вера — дури до точката на неговата спремност да го принесе својот љубен син, Исак, за жртва — Јехова го повторил своето ветување до Авраам: „Навистина, Јас ќе те благословам и преблагословам, и потомството [семето, NW] твое ќе го умножам и преумножам како ѕвездите на небото и како песокта на морскиот брег! А потомците [семето, NW] твои ќе ги завладеат градовите на непријателите свои. И ќе бидат благословени преку потомството [семето, NW] твое сите народи на земјата, зашто го послуша гласот Мој“ (1. Мојсеева 22:15—18). Ова проширено ветување честопати е наречено авраамски завет, а подоцнежниот нов завет требало да биде тесно поврзан со него.
7. На кој начин Авраамовото семе почнало бројно да расте, и кои околности довеле до тоа да бидат резиденти во Египет?
7 Со текот на времето, Исак имал машки близнаци, Исав и Јаков. Јехова го избрал Јаков да биде предок на Ветеното Семе (1. Мојсеева 28:10—15; Римјаните 9:10—13). Јаков имал 12 сина. Јасно, сега било времето Авраамовото семе да почне да се зголемува. Кога Јакововите синови биле возрасни, мнозина со свои сопствени семејства, гладот ги принудил сите нив да се преселат долу во Египет, каде што преку божествено провидение Јакововиот син Јосиф го имал подготвено патот (1. Мојсеева 45:5—13; 46:26, 27). После неколку години, гладот во Ханан ублажил. Но, Јакововото семејство останало во Египет — отпрвин како гости, а подоцна како робови. Дури во 1513 пр. н. е. — 430 години откако Авраам го преминал Еуфрат — Мојсеј ги извел Јакововите потомци од Египет на слобода (2. Мојсеева 1:8—14; 12:40, 41; Галатјаните 3:16, 17). Сега Јехова требало да му обрне посебно внимание на својот завет со Авраам (2. Мојсеева 2:24; 6:2—5, NW).
„Стариот завет“
8. Што склучил Јехова со Јакововото потомство на Синај, и каква врска имало ова со авраамскиот завет?
8 Кога Јаков и неговите синови се преселиле во Египет, тие биле проширено семејство, но нивните потомци заминале од Египет како големо тело од многучлени племиња (2. Мојсеева 1:5—7; 12:37, 38). Пред да ги доведе во Ханан, Јехова ги одвел на југ кон подножјето на една планина по име Хорив (или Синај) во Арабија. Таму склучил завет со нив. Тој бил наречен „Стариот завет“ во однос на „Новиот завет“ (2. Коринтјаните 3:14). Преку стариот завет, Јехова на еден илустративен начин го управувал исполнувањето на својот завет со Авраам.
9. а) Кои четири работи ги ветил Јехова преку авраамскиот завет? б) Какви натамошни изгледи отворил Јеховиниот завет со Израел, и под кој услов?
9 Јехова му ги објаснил на Израел условите на овој завет: „Ако го слушате гласот Мој и го пазите заветот мој, ќе ми бидете народ избран меѓу сите народи, зашто Моја е земјата цела. И вие ќе ми бидете царство на свештеници и народ свет“ (2. Мојсеева 19:5, 6). Јехова ветил дека Авраамовото семе 1) ќе стане голема нација, 2) ќе му биде дадена победа над неговите непријатели, 3) ќе ја наследи земјата Ханан и 4) ќе биде канал за благослови на нациите. Сега тој открил дека самите тие би можеле да ги наследат овие благослови како негов посебен народ, Израел, „царство на свештеници и народ свет“, ако ги слушаат неговите заповеди. Дали Израелците се согласиле да стапат во овој завет? Тие одговориле во еден глас: „Сѐ што рекол Господ ќе направиме и ќе послушаме“ (2. Мојсеева 19:8).
10. На кој начин Јехова ги организирал Израелците во нација, и што очекувал од нив?
10 Затоа, Јехова ги организирал Израелците во нација. Им дал закони кои го регулирале обожавањето и цивилниот живот. Исто така, обезбедил табернакул (подоцна, храм во Ерусалим) и свештенство за да врши света служба во табернакулот. Држењето на заветот значело да ги слушаат Јеховините закони и, особено, да го обожаваат само него. Првата од Десетте заповеди, кои биле јадрото на тие закони, била: „Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од земјата Египетска, од домот на ропството. Немој да имаш други богови освен Мене!“ (2. Мојсеева 20:2, 3).
Благослови преку заветот на Законот
11, 12. На кои начини ветувањата во стариот завет се исполниле спрема Израел?
11 Дали ветувањата во заветот на Законот биле исполнети спрема Израел? Дали Израел станал ‚свет народ‘? Како потомци на Адам, Израелците биле грешници (Римјаните 5:12). Па сепак, под Законот биле принесувани жртви за да ги покријат нивните гревови. Во врска со жртвите што се принесувале на годишниот Ден на искупување, Јехова рекол: „На овој ден ќе биде направено искупување за вас за да бидете прогласени за чисти. Ќе бидете чисти од сите свои гревови пред Јехова“ (3. Мојсеева 16:30, NW). Затоа, кога бил верен, Израел бил света нација, исчистена за Јеховината служба. Но, оваа чиста состојба зависела од нивното слушање на Законот и од постојаното принесување жртви.
12 Дали Израел станал „царство на свештеници“? Уште од почетокот, тој бил царство со Јехова како небесен Цар (Исаија 33:22). Понатаму, заветот на Законот вклучувал подготовки за човечко царување, така што подоцна Јехова бил претставуван од цареви кои владееле во Ерусалим (5. Мојсеева 17:14—18). Но, дали Израел бил царство на свештеници? Па, тој имал свештенство кое вршело света служба во табернакулот. Табернакулот (подоцна храмот) бил центар на чистото обожавање и за Израелците и за не-Израелците. А нацијата била единствениот канал на откриената вистина до човештвото (2. Летописи 6:32, 33; Римјаните 3:1, 2). Сите верни Израелци, а не само левитските свештеници, биле Јеховини „сведоци“. Израел бил Јеховин „слуга“, формиран за да ‚ја разгласува Неговата слава‘ (Исаија 43:10, 21). Многубројни понизни странци ја виделе Јеховината моќ во полза на неговиот народ и биле привлечени кон чистото обожавање. Тие станале прозелити (Исус Навин 2:9—13). Но, всушност, само едно племе служело како помазани свештеници.
Прозелити во Израел
13, 14. а) Зошто може да се рече дека прозелитите не биле учесници во заветот на Законот? б) Како дошле прозелитите под заветот на Законот?
13 Каква била положбата на таквите прозелити? Кога Јехова го склучил својот завет, тоа било само со Израел; оние од ‚огромното мешано друштво‘, иако биле присутни, не биле именувани како учесници (2. Мојсеева 12:38, NW; 19:3, 7, 8). Нивните првороденци не биле земени во сметка кога била пресметана откупната цена за израелските првороденци (4. Мојсеева 3:44—51). Со децении подоцна, кога Хананската земја била делена помеѓу израелските племиња, за неизраелските верници не било одвоено ништо (1. Мојсеева 12:7; Исус Навин 13:1—14). Зошто? Затоа што заветот на Законот не бил склучен со прозелитите. Но, мажите-прозелити биле обрежувани во послушност на Законот. Тие ги држеле неговите одредби и извлекувале корист од неговите подготовки. Прозелитите, како и Израелците, дошле под заветот на Законот (2. Мојсеева 12:48, 49; 4. Мојсеева 15:14—16; Римјаните 3:19).
14 На пример, ако еден прозелит случајно убиел некого, тој можел, како и еден Израелец, да побегне во некој град прибежиште (4. Мојсеева 35:15, 22—25; Исус Навин 20:9). На Денот на искупувањето била принесувана жртва „за целото општество на Израелците“. Како дел од собранието, прозелитите учествувале во процедурите и биле опфаќани со жртвата (3. Мојсеева 16:7—10, 15, 17, 29; 5. Мојсеева 23:7, 8). Под Законот, прозелитите биле толку тесно поврзани со Израел што на Пентакост 33 н. е., кога бил употребен првиот ‚клуч од царството‘ во полза на Евреите, прозелитите исто така извлекле корист. Како резултат од тоа, ‚Николај, придојден [прозелит, NW] од Антиохија‘, станал христијанин и бил меѓу ‚седуммината чесни луѓе‘ кои биле наименувани да се грижат за потребите на ерусалимското собрание (Матеј 16:19; Дела 2:5—10; 6:3—6; 8:26—39).
Јехова го благословува Авраамовото семе
15, 16. Како под заветот на Законот бил исполнет Јеховиниот завет со Авраам?
15 Со Авраамовите потомци организирани како нација под Законот, Јехова ги благословил според своето ветување до патријархот. Во 1473 пр. н. е., Мојсеевиот наследник, Исус Навин, го довел Израел во Ханан. Наредната поделба на земјата меѓу племињата го исполнила Јеховиното ветување дека ќе му ја даде земјата на Авраамовото семе. Кога Израел бил верен, Јехова го исполнил своето ветување дека ќе им даде победа над нивните непријатели. Ова особено било случај за време владеењето на цар Давид. До времето на Давидовиот син Соломон, се исполнил третиот аспект на авраамскиот завет. „Јудејците и Израил, бидејќи многубројни како песокта при морето, јадеа, пиеја и се веселеа“ (3. Царства 4:20).
16 Па сепак, на кој начин нациите би се благословиле преку Израел, Авраамовото семе? Како што веќе беше споменато, Израел бил Јеховин посебен народ, негов претставник меѓу нациите. Кратко пред Израел да вмаршира во Ханан, Мојсеј рекол: „Веселете се, незнабошци, со Неговиот народ“ (5. Мојсеева 32:43). Многу туѓинци се оѕвале. „Огромно мешано друштво“ (NW) веќе го следело Израел кога излегувал од Египет, посведочило за Јеховината моќ во пустелијата и ја чуло Мојсеевата покана да се радува (2. Мојсеева 12:37, 38). Подоцна, Моавката Рут се омажила за Израелецот Воз и станала предок на Месијата (Рут 4:13—22). Кенеецот Јонадав и неговите потомци, како и Етиопјанинот Авдемелех, се разликувале со тоа што се придржувале за исправните начела кога многу природни Израелци биле неверни (4. Царства 10:15—17; Јеремија 35:1—19; 38:7—13). Под Персиското Царство, многу туѓинци станале прозелити и се бореле со Израел против неговите непријатели (Естер 8:17, NW, фуснота).
Потребен е нов завет
17. а) Зошто Јехова ги отфрлил северното и јужното царство на Израел? б) Што довело до конечното отфрлање на Евреите?
17 Сепак, за да го добие потполното исполнување на Божјето ветување, Божјата посебна нација морала да биде верна. Но, не била. Вистина, имало Израелци со истакната вера (Евреите 11:32—12:1). Меѓутоа, во многу прилики, нацијата се свртувала кон пагански богови, надевајќи се на материјални користи (Јеремија 34:8—16; 44:15—18). Поединци погрешно го применувале Законот или едноставно го игнорирале (Неемија 5:1—5; Исаија 59:2—8; Малахија 1:12—14). По смртта на Соломон, Израел бил поделен на северно и јужно царство. Кога северното царство се покажало сосем бунтовно, Јехова објавил: „Зашто ти си отфрлил знаење [спознание, NW], и Јас ќе те отфрлам од свештенодејството пред Себе“ (Осија 4:6). Јужното царство исто така било тешко казнето затоа што се покажало лажно спрема заветот (Јеремија 5:29—31). Кога Евреите го отфрлиле Исус како Месија, Јехова исто така ги отфрлил нив (Дела 3:13—15; Римјаните 9:31—10:4). Најпосле, Јехова направил една нова подготовка која ќе го управува потполното исполнување на авраамскиот завет (Римјаните 3:20).
18, 19. Каква нова подготовка направил Јехова за да може авраамскиот завет да се исполни на потполн начин?
18 Таа нова подготовка била новиот завет. Јехова го имал претскажано ова кога рекол: „Еве настапуваат дни, вели Господ, и ќе склучам со домот Израилев и со домот на Јуда нов завет . . . Еве го заветот, што ќе го склучам со домот Израилев по оние дни, вели Господ: ќе го вложам Мојот закон во утробата нивна и ќе го напишам во срцата нивни, па Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ“ (Јеремија 31:31—33).
19 Ова е новиот завет на кој се осврнал Исус на 14 низан 33 н. е. Во таа прилика тој открил дека ветениот завет штотуку требало да биде склучен помеѓу неговите ученици и Јехова, со Исус како посредник (1. Коринтјаните 11:25; 1. Тимотеј 2:5; Евреите 12:24). Преку овој нов завет, Јеховиното ветување до Авраам требало да има пославно и трајно исполнување, како што ќе видиме во следната статија.
Можеш ли да објасниш?
◻ Што ветил Јехова во авраамскиот завет?
◻ Како го управувал Јехова исполнувањето на авраамскиот завет спрема телесниот Израел?
◻ На кој начин прозелитите извлекле корист од стариот завет?
◻ Зошто бил потребен нов завет?
[Слика на страница 9]
Преку заветот на Законот, Јехова управувал едно уводно исполнување на авраамскиот завет