„Ако Бог е за нас, кој ќе биде против нас?“
„Тогаш, што да речеме на тоа? Ако Бог е за нас, кој ќе биде против нас?“ (РИМЈАНИТЕ 8:31).
1. Кој го напуштил Египет заедно со Израелците, и што ги навело на тоа?
КОГА Израелците излегле на слобода, откако во Египет поминале 215 години, од кои поголемиот дел во ропство, ‚со нив тргнал и многу друг свет‘ (Излез 12:38). Овие не-Израелци ги доживеале десетте неволји што влеваат страхопочит, кои предизвикале опустошување на Египет и преку кои биле исмеани неговите лажни богови. Истовремено, ја виделе — особено од четвртата неволја па натаму — Јеховината способност да го заштити својот народ (Излез 8:23, 24). Иако имале ограничено спознание за Јеховините намери, во едно биле сигурни: Боговите на Египет не успеале да ги заштитат Египќаните, а Јехова се покажал силен во корист на Израелците.
2. Зошто Рава ги поддржала израелските извидници, и зошто нејзината доверба во Бог не била ставена во погрешни раце?
2 По четириесет години, токму пред Израелците да влезат во Ветената земја, Мојсеевиот наследник Исус Навин испратил двајца мажи за да ја извидат земјата. Таму ја сретнале Рава, жителка на Ерихон. Од она што го чула за Јеховините моќни дела, како ги заштитувал Израелците за време на 40-те години по напуштањето на Египет, таа знаела дека ако сака да има Јеховин благослов, мора да го поддржува неговиот народ. Поради нејзината мудра одлука, таа и нејзиното домаќинство биле поштедени од уништување кога Израелците подоцна го освоиле градот. Чудесниот начин на кој биле спасени сам по себе бил непогрешлив доказ дека Бог бил со нив. На тој начин довербата што ја имала Рава во Богот на Израелците не била ставена во погрешни раце (Исус Навин 2:1, 9-13; 6:15-17, 25).
3. а) Какво чудо направил Исус во близина на повторно изградениот град Ерихон, и како реагирале еврејските свештеници? б) Што сфатиле некои Евреи, а подоцна и многу не-Евреи?
3 Петнаесет векови подоцна, Исус Христос излекувал еден слеп питач во близина на повторно изградениот град Ерихон (Марко 10:46-52; Лука 18:35-43). Овој човек го преколнувал Исус да му се смилува, покажувајќи дека признава оти Исус ја има Божјата поддршка. Од друга страна, пак, еврејските верски водачи и нивните следбеници, општо земено, одбиле да ги прифатат чудата што ги правел Исус како доказ дека извршува Божје дело. Наместо тоа, му наоѓале маани (Марко 2:15, 16; 3:1-6; Лука 7:31-35). Дури и кога се соочиле со фактот дека Исус, откако го погубиле, бил воскреснат, не биле спремни да признаат дека тоа било Божје дело. Напротив, презеле водство во прогонувањето на Исусовите следбеници, обидувајќи се да го спречат нивното дело на ‚објавување на добрата вест за Господ Исус‘. Но, некои Евреи, а подоцна и многу не-Евреи, обрнале внимание на овие настани и правилно ги процениле. За нив било очигледно дека Бог ги отфрлил самоправедните еврејски водачи и дека ги поддржувал понизните следбеници на Исус Христос (Дела 11:19-21).
Кој има Божја поддршка денес?
4, 5. а) Што мислат некои луѓе за изборот на религија? б) Кое е стожерното прашање при идентификувањето на вистинската религија?
4 На прашањето за вистинската религија, некој свештеник во едно неодамнешно ТВ-интервју рекол: „Јас тврдам дека една религија е вистинска доколку од некого прави подобар човек кога тој живее според неа“. Се разбира, вистинската религија ги прави луѓето подобри. Но, дали фактот дека една религија прави подобри луѓе сам по себе докажува дека таа има Божја поддршка? Дали е тоа единствениот критериум според кој се одредува дали една религија е вистинска?
5 Секој цени кога може да направи личен избор, вклучувајќи го и изборот на религијата. Но, тоа што човекот поседува слобода да бира не гарантира дека ќе направи исправен избор. Некои луѓе, на пример, избираат религија на темел на нејзината бројност, богатство, церемонијална помпа или на темел на своите семејни врски. Ниедна од овие работи во никој случај не е решавачка во одредувањето дали една религија е вистинска или не. Стожерно прашање за оваа работа е: Која религија ги поттикнува своите следбеници да ја вршат Божјата волја и дава цврст доказ дека има божествена поддршка, така што нејзините приврзаници можат со доверба да речат: „Бог е за нас“?
6. Кои зборови на Исус фрлаат светлина врз темата за вистинската и лажната религија?
6 Исус го поставил правилото за распознавање на вистинското обожавање од лажното кога рекол: „Чувајте се од лажните пророци кои доаѓаат кај вас во овча облека, а однатре се грабливи волци. По нивните плодови ќе ги препознаете“ (Матеј 7:15, 16; Малахија 3:18). Да разгледаме некои од ‚плодовите‘, или знаците за идентификување на вистинската религија за да можеме, сосема отворено, да одредиме кој денес има божествена поддршка.
Знаци за идентификување на оние што имаат Божја поддршка
7. Што значи да се поучува само за она што се темели на Библијата?
7 Ги темелат своите учења на Библијата. Исус рекол: „Она што го научувам не е мое, туку му припаѓа на оној кој ме испрати. Ако некој сака да ја врши Неговата волја, тој ќе знае дали тоа учење е од Бог или зборувам сам од себе“. Исто така рекол: „Кој е од Бог, ги слуша Божјите зборови“ (Јован 7:16, 17; 8:47). Логично, за да се ужива Божја поддршка, мора да се поучува само за она што Бог го открива во својата Реч и да се отфрлат учењата што се темелат на човечка мудрост или традиција (Исаија 29:13; Матеј 15:3-9; Колошаните 2:8).
8. Зошто е важно да се користи Божјето име во обожавањето?
8 Го користат и го објавуваат Божјето име, Јехова. Исаија претскажал: „Ќе речете, во оној ден: ‚Фалете Го Господа, повикувајте Го Неговото име! Објавете им ги на народите Неговите дела, разгласувајте ја возвишеноста на Неговото име! Пејте Му на Господа, зашто создаде убавини, нека се знае тоа по целата земја!‘“ (Исаија 12:4, 5). Исус ги поучил своите следбеници да се молат: „Татко наш, кој си на небесата, нека се свети името твое“ (Матеј 6:9). Затоа, сеедно дали биле Евреи или не-Евреи, христијаните требало да служат како „народ за [Божјето] име“ (Дела 15:14). На Бог очигледно му е мило да ги поддржува оние што се горди да бидат ‚народ за неговото име‘.
9. а) Зошто членовите на вистинската религија ги карактеризира радост? б) Како Исаија прави контраст меѓу вистинската и лажната религија?
9 Ја одразуваат Божјата радосна личност. Како автор на ‚добрата вест‘, Јехова е „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11). Тогаш, како би можеле неговите обожаватели да бидат несреќни или постојано песимистични? И покрај светските неволји и личните проблеми, вистинските христијани задржуваат радосен дух, бидејќи редовно се гоштаваат со богата духовна храна. Исаија прави контраст меѓу нив и оние што практикуваат лажна религија: „Господ зборува вака: ‚Еве, Моите слуги ќе јадат, а вие ќе гладувате. Еве, Моите слуги ќе пијат, а вие ќе жеднеете. Еве, Моите слуги ќе се веселат, а вие ќе се срамите. Еве, Моите слуги ќе се радуваат, од среќа во срцето, а вие ќе викате од болка во срцето, и ќе пиштите со скрушен дух‘“ (Исаија 65:13, 14).
10. Како оние што ја имаат вистинската религија избегнуваат да учат од сопствените грешки?
10 Своето однесување и своите одлуки ги темелат на библиските начела. „Надевај се на Господа со сето свое срце и не се потпирај врз сопствениот разум“, нѐ советува писателот на Пословици, „мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Пословици 3:5, 6). Бог ги поддржува оние кои за водство се потпираат на него наместо на противречните теории на луѓето што ја игнорираат побожната мудрост. До онаа мера до која еден човек е спремен да го обликува својот живот според Божјата реч до таа мера ќе избегне да учи од сопствените грешки (Псалм 119:33; 1. Коринќаните 1:19-21).
11. а) Зошто не е можно членовите на вистинската религија да се делат на класи — на свештеници и лаици? б) Каков пример треба да му дадат на стадото оние што преземаат водство меѓу Божјиот народ?
11 Организирани се на истиот начин како и христијанското собрание од првиот век. Исус го дал начелото: „Вие не дозволувајте да ве нарекуваат Раби, зашто еден е вашиот учител, а вие сите сте браќа. Освен тоа, никого на земјата не нарекувајте го свој татко, зашто еден е вашиот Татко, небесниот. Не дозволувајте да ве нарекуваат ниту ‚водачи‘, зашто еден е вашиот Водач, Христос. Но најголемиот меѓу вас да ви биде слуга“ (Матеј 23:8-11). Едно собрание на браќа не дозволува постоење на горделива свештеничка класа што себеси си оддава чест со високозвучни титули и се издигнува над лаиците (Јов 32:21, 22). На оние што го пасат Божјето стадо им е речено да го прават тоа ‚не под принуда, туку доброволно; ниту од љубов кон нечесна добивка, туку желно; ниту како да господарат над оние кои се Божје наследство, туку станувајќи примери за стадото‘ (1. Петрово 5:2, 3). Вистинските христијански пастири не се обидуваат да се прават господари на верата на другите. Како соработници во Божјата служба, тие само настојуваат да дадат добар пример (2. Коринќаните 1:24).
12. Какво урамнотежено гледиште кон човечките влади бара Бог од оние што сакаат да имаат негова поддршка?
12 Подложни им се на човечките влади, а сепак остануваат неутрални. Оној што не е ‚подложен на вишите власти‘ не може да очекува Божја поддршка. Зошто? Затоа што „постојните власти се поставени од Бог на своите релативни положби. Затоа, оној кој се спротивставува на власта, зазел став против Божјето уредување“ (Римјаните 13:1, 2). Меѓутоа, Исус ја признал можноста за судир на интересите кога рекол: „Плаќајте го цезаровото на цезарот, а Божјето на Бог“ (Марко 12:17). Оние што сакаат да имаат Божја поддршка мораат да ‚продолжат да го бараат најнапред царството [на Бог] и Неговата праведност‘, додека истовремено се послушни на законите на земјата, кои се во склад со нивните повисоки одговорности кон Бог (Матеј 6:33; Дела 5:29). Исус ја нагласил неутралноста кога за своите ученици рекол: „Тие не се дел од светот, како што ни јас не сум дел од светот“. Подоцна додал: „Моето царство не е дел од овој свет“ (Јован 17:16; 18:36).
13. Каква улога игра љубовта во идентификувањето на Божјиот народ?
13 Тие не се пристрасни во правењето „добро на сите“ (Галатите 6:10). Христијанската љубов не знае за пристрасност, ги прифаќа сите луѓе без оглед на бојата на кожата, економскиот или образовниот статус, националноста или јазикот. Правењето добро на сите, а особено на оние што им се сродни по верата помага да се идентификуваат оние што имаат Божја поддршка. Исус рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13:35; Дела 10:34, 35).
14. Дали луѓето кои имаат Божје одобрување секогаш се општо прифатени? Објасни.
14 Спремни се да поднесуваат прогонство поради вршење на Божјата волја. Исус однапред ги предупредил своите следбеници: „Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас; ако го држеа мојот збор, ќе го држат и вашиот“ (Јован 15:20; Матеј 5:11, 12; 2. Тимотеј 3:12). Оние што имаат Божја поддршка отсекогаш биле непопуларни, како што бил Ное, кој го осудил светот со својата вера (Евреите 11:7). Денес, оние што сакаат да имаат Божја поддршка не смеат да ја разводнуваат Божјата реч или да ги компромитираат побожните начела за да избегнат прогонство. Тие знаат дека, сѐ додека верно му служат на Бог, луѓето ќе ‚се чудат и ќе зборуваат срамно‘ за нив (1. Петрово 2:12; 3:16; 4:4).
Време да се проценат фактите
15, 16. а) Кои прашања ќе ни помогнат да ја идентификуваме религиозната група што ужива Божја поддршка? б) До кој заклучок дошле милиони луѓе, и зошто?
15 Запрашај се: ‚Која религиозна група е позната по тоа што цврсто се придржува кон Божјата реч, дури и кога нејзините учења се разликуваат од верувањата на повеќето луѓе? Кој ја нагласува важноста на Божјето лично име, користејќи го дури и за да се идентификува себеси? Кој оптимистично укажува на Божјето Царство како на единственото решение за сите човечки проблеми? Кој ги поддржува библиските мерила на однесување по цена да биде сметан за старомоден? Која група е позната по тоа што нема платено свештенство, по тоа што сите нејзини членови се проповедници? Кои луѓе се фалени како граѓани послушни на законот, иако се воздржуваат од учество во политиката? Кој троши со љубов време и пари за да им помага на другите да научат за Бог и за неговите намери? И покрај сите овие позитивни работи, кои се тие што сепак се презирани, исмејувани и прогонувани?
16 Милиони луѓе низ целиот свет ги процениле фактите и се увериле дека само Јеховините сведоци ја практикуваат вистинската религија. До тој заклучок дошле на темел на учењата на Јеховините сведоци и начинот на кој тие се однесуваат, и на темел на користите што нивната религија ги донела (Исаија 48:17). Всушност, милиони луѓе велат, како што е претскажано во Захарија 8:23: „Ќе дојдеме со вас, чувме дека Господ е со вас“.
17. Зошто не е дрско од страна на Јеховините сведоци што истакнуваат дека тие ја имаат вистинската религија?
17 Дали е дрско од страна на Јеховините сведоци што истакнуваат дека само тие имаат Божја поддршка? Всушност, не, како што не било дрско ни од страна на Израелците во Египет, кои тврделе дека имаат Божја поддршка и покрај верувањата на Египќаните, или од страна на христијаните од првиот век кои тврделе дека имаат Божја поддршка, не вклучувајќи ги во тоа еврејските религионисти. Фактите зборуваат сами за себе. Во 235 земји Јеховините сведоци го вршат делото за кое Исус претскажал дека ќе го вршат неговите вистински следбеници во времето на крајот: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).
18, 19. а) Зошто не постои причина Јеховините сведоци да се откажат од вршењето на своето проповедничко дело, макар што доживуваат противење? б) Како Псалм 41:11 го поддржува фактот дека Сведоците имаат Божја поддршка?
18 Јеховините сведоци ќе продолжат да го вршат овој налог, никогаш не дозволувајќи некое прогонство или противење да ја попречи нивната активност. Јеховиното дело мора да се изврши и ќе се изврши. Секој обид што во минатиот век бил правен Сведоците да бидат спречени да го извршуваат Божјето дело на крајот завршил со неуспех, зашто Јехова ветил: „Не ќе успее оружјето исковано против тебе. Ќе докажеш дека е зол секој јазик што ќе се подигне против тебе на суд. Тоа е наследство на Господовите слуги, тоа им е победа од Мене“ (Исаија 54:17).
19 Фактот што сега Јеховините сведоци се посилни и поактивни од кога и да е порано — и тоа наспроти противење по целиот свет — е доказ дека на Јехова му е угодно она што го прават. Цар Давид рекол: „По тоа ќе знам дека сум ти мил: бидејќи мојот непријател не ќе се весели над мене“ (Псалм 41:11; 56:9, 11). Божјите непријатели никогаш нема да можат во триумф да извикуваат над Јеховиниот народ, зашто неговиот Водач, Исус Христос, оди напред кон конечна победа!
Можеш ли да одговориш?
• Кои се древни примери за луѓе што имале Божја поддршка?
• Кои се знаци за идентификување на вистинската религија?
• Зошто ти лично си убеден дека Јеховините сведоци имаат Божја поддршка?
[Слика на страница 13]
Оние што сакаат да имаат Божја поддршка мораат своите учења да ги темелат само на неговата Реч
[Слика на страница 15]
Христијанските старешини му служат за пример на стадото