Младите прашуваат . . .
Зошто пријателот ме повреди?
„Имав неколку пријателки . . . Потоа тие почнаа да се дружат со една друга девојка и ако им се приближев, престануваа да разговараат . . . Почнаа да ме исклучуваат од сѐ. Тоа навистина ми беше болно“ (Карен).a
МОЖЕ да им се случи на најдобрите пријатели. Еден ден двајца се неразделни; следниот ден воопшто не разговараат. „Пријател е некој на кого можеш да се потпреш и во кого можеш да имаш доверба, некој кому можеш да му се обратиш без оглед на сѐ“, вели 17-годишната Нора. Меѓутоа, понекогаш твојот најдобар пријател може да почне да постапува како да ти е најлош непријател.
Пријателството изложено на оган
Што е причина да се расипе едно убаво пријателство? Кај Сандра неволјата започнала кога нејзината пријателка Меган ѝ ја зела на заем омилената блуза. „Кога ми ја врати“, вели Сандра, „беше извалкана и малку скината на ракавот. Воопшто не ми го спомна тоа, како да мислеше дека јас нема да забележам“. Како се чувствувала Сандра заради безобѕирноста на Меган? „Ме налути“, вели таа. „Имав чувство дека нема обѕир кон моите работи . . . ниту кон моите чувства.“
Може да бидеш повреден и ако некој близок пријател направи или рече нешто што те понижува. Тоа ѝ се случило на Синди кога на една група сокласници им рекла дека сѐ уште не ја прочитала книгата за која требало да напише состав. Одеднаш, нејзината пријателка Кејт почнала да ѝ префрла. „Ме засрами пред еден куп пријатели“, се сеќава Синди. „Многу ѝ се налутив. После тоа работите навистина се променија.“
Понекогаш доаѓа до расцеп кога некој пријател ќе почне да се дружи со нови другари. „Имав една добра пријателка која влезе во едно мало друштво“, вели 13-годишната Бони. „Почна да ме игнорира.“ Или, пак, можеби си почнал да откриваш скриени мотиви во дружењето со некој пријател. „Боби и јас бевме навистина добри пријатели“, вели Џо, кој има 13 години. „Мислев дека ме сака заради тоа што јас сум јас, но открив дека ме сака само затоа што татко ми работи на реклами и секогаш можеше да добие добри билети за натпреварите и за концертите.“ Како се чувствува Џо сега? „Никогаш повторно нема да имам доверба во Боби!“, вели тој.
Во некои случаи, некој пријател може да открие пред другите некои информации кои ти си сакал да останат доверливи. На пример, Алисон разговарала со својата пријателка Сара за личниот проблем на еден нејзин колега. Следниот ден, Сара ја изнела таа работа баш пред колегата. „Никогаш не помислував дека ќе испадне толкава дрдорка!“, вели Алисон. „Бев бесна.“ Рејчел, која има 16 години, доживеала нешто слично кога една блиска пријателка разгласила нешто што тие две го разговарале насамо. „Се чувствував посрамена и изневерена“, вели Рејчел. „Си помислив: ‚Како можам некогаш повторно да ѝ се доверам?‘“
Пријателството може да биде извор на емоционална поддршка, особено ако дава чувство на заемна грижа, доверба и почитување. Сепак, дури и во блиските пријателства понекогаш може да дојде до затегнати односи. Библијата отворено забележува: „Има пријатели кои се склони да се разбијат еден со друг“ (Изреки 18:24, NW). Без оглед на причината, чувството дека си изневерен од некој пријател може да те сруши. Зошто се случува тоа?
Зошто пријателствата се разнишуваат
Ниту еден човечки однос — сеедно дали меѓу млади или меѓу возрасни — не е без проблеми. Па, точно е она што го напишал христијанскиот ученик Јаков: „Сите ние многу грешиме. Но оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го обузда и целото тело“ (Јаков 3:2; 1. Јов. 1:8). Бидејќи сите грешиме, сосема е за очекување дека порано или подоцна некој пријател ќе направи или ќе рече нешто што ќе те повреди. Можеби ќе се сетиш дури и на некоја прилика кога ти си го повредил него (Проповедник 7:22). „Сите сме несовршени и понекогаш ќе се изнервираме еден со друг“, вели 20-годишната Лиза.
Освен човечката несовршеност, има и други фактори кои би можеле да бидат вклучени. Запомни, додека растеш и зрееш, твоите интереси — како и интересите на твоите пријатели — се менуваат. Затоа, двајца луѓе кои некогаш имале многу заеднички работи можат да откријат дека полека но сигурно се разидуваат. Една тинејџерка се жалела на својата најдобра пријателка: „Не си телефонираме многу често, а кога сепак разговараме, повеќе не се сложуваме во сѐ“.
Се разбира, една работа е едноставно да се разидеш. Но, зошто некои луѓе ги повредуваат своите пријатели? Честопати се работи за љубомора. На пример, можеби некој пријател ќе почне да ти замерува заради твоите таленти или достигнувања. (Спореди 1. Мојсеева 37:4; 1. Цареви 18:7—9.) Како што наведува Библијата, „љубомората е гнилост за коските“ (Изреки 14:30, NW). Таа раѓа завист и расправии. Без оглед на причината, што можеш да направиш ако те повреди некој пријател?
Да се поправат работите
„Прво“, вели Рејчел, „ќе ја набљудувам пријателката и ќе се обидам да утврдам дали нејзината постапка била намерна.“ Ако си жртва на некој збор или постапка кои мислиш дека се навредливи, не реагирај само врз основа на моменталните чувства. Наместо тоа, биди трпелив и длабоко размисли за таа работа (Изреки 14:29). Дали со избрзано реагирање на навредата навистина ќе се подобри ситуацијата? Откако ќе размислиш за работите, можеби ќе одлучиш да го следиш советот од Псалм 4:4: „Не грешете, гневејќи се; размислете во срцата свои и на постелите свои, и смирете се“. Потоа можеби ќе одлучиш да оставиш ‚љубовта да покрие многу гревови‘ (1. Петрово 4:8).
Но, што ако мислиш дека едноставно не можеш да преминеш преку навредливата постапка? Во тој случај, можеби би било најдобро да му пристапиш на тоа лице. „Сретнете се само вие двајцата и отворено разговарајте за она што се случило“, вели 13-годишниот Франк. „Ако не, ќе држиш лутина.“ И 16-годишната Сузан мисли така. „Најдобро е“, вели таа, „да им кажеш дека си имал доверба во нив и дека те разочарале.“ И Жаклин повеќе сака да ги средува работите лично. „Се обидувам отворено да ги изнесам работите“, вели таа. „Обично таа личност е искрена со тебе и, практично, можеш да ги решиш работите на лице место.“
Се разбира, треба да внимаваш да не му пристапиш на својот пријател во излив на гнев. Библијата наведува: „Избувлив човек расправии крева, а трпеливиот расправии смирува“ (Изреки 15:18). Затоа, почекај да се смириш пред да се обидеш да ја решиш ситуацијата. „На почетокот си лут“, признава Лиза, „но треба да си дозволиш да се смириш. Почекај да ти стивне лутината кон таа личност. Потоа можеш да отидеш кај него, да седнете и да дискутирате за работите на мирољубив начин.“
Клучниот збор е „мирољубив“. Запомни, твојата цел не е да го камшикуваш со зборови својот пријател туку пријателски да ги средиш работите и, ако е можно, да го обновиш пријателството (Псалм 33:14). Затоа, зборувај од срце. „Можеш да речеш: ‚Јас сум ти пријател и ти си ми пријател, но едноставно морам да знам што се случи‘“, предлага Лиза. „Мора да ја знаеш причината што стои зад постапката. Кога ќе ја дознаеш, обично не е толку тешко да се справиш со ситуацијата“.
Сигурно дека би било погрешно да се обидеш да возвратиш со иста мера, можеби со тоа што ќе го озборуваш тоа лице или ќе се обидеш да ги натераш другите да бидат на твоја страна. Христијанскиот апостол Павле им напишал на Римјаните: „Никому не враќајте зло за зло“ (Римјаните 12:17). Всушност, без оглед на тоа колку длабоко си повреден, возвраќањето само ќе ги влоши работите. „Одмаздата не се исплаќа“, вели Нора, „затоа што никогаш повеќе нема да бидете пријатели.“ Спротивно на тоа, таа додава дека, ако дадеш сѐ од себе за да го поправиш односот, „ќе се чувствуваш како подобра личност“.
Но, што ако твојот пријател не реагира на твоите обиди да се помирите? Во тој случај, запомни дека има различни степени на пријателство. „Нема да ти биде близок секој пријател“, вели семејниот советник Џудит Меклис. „Научи дека можеш да имаш различни односи.“ Сепак, може да те теши фактот дека си го дал својот дел за да го обновиш мирот. Апостол Павле напишал: „Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:18).
Дури и најдобрите пријателства ќе поминат низ бури. Ако успееш да ја пребродиш бурата без да дозволиш да се уништи твоето гледиште за другите или, пак, твојата самопочит, веќе си на пат да станеш зрел возрасен човек. Иако некои може да „се склони да се разбијат еден со друг“, Библијата нѐ уверува и во тоа дека „има пријател кој е поприврзан и од брат“ (Изреки 18:24, NW).
[Фуснота]
a Некои имиња во оваа статија се променети.
[Слики на страница 29]
Можеш да го обновиш пријателството ако разговараш за она што се случило