Младите прашуваат
Дали да бидам „тужибаба“?
„Ми беше многу тешко. Бевме добри пријатели“ (Џејмс)a
„Во почетокот, ситуацијата беше доста напната. Пријателите ме отфрлија бидејќи ги издадов“ (Ен)
БИБЛИЈАТА вели: „Има... пријатели поприврзани од брат“ (Изреки 18:24). Ако и ти си нашол таков пријател, имаш нешто многу скапоцено.
Но, што ако некој твој пријател кој тврди дека е христијанин направи престап? На пример, што ако се вплетка во неморал, пушење, пиење алкохол пред да наполни 18 години, злоупотреба на дрога или направи некој друг сериозен грев? (1. Коринќаните 6:9, 10; 1. Тимотеј 1:9, 10). Што треба да сториш? Да му кажеш дека знаеш? Да им кажеш на твоите? Да им кажеш на неговите родители? Да му кажеш на некој од старешините во собранието?b Што ќе се случи со вашето пријателство ако го издадеш? Дали би било подобро да молчиш?
Да кажам или не?
Нема човек што не греши. Библијата го потврдува тоа со зборовите: „Сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23). Меѓутоа, некои лица прават сериозни престапи. Други грешат ненамерно и, ако не добијат помош, може да се најдат во уште поголеми проблеми (Галатите 6:1). Размисли за следниов вистинит настан:
◼ Една млада христијанка по име Сузан дознала дека нејзината другарка, која исто така е христијанка, има своја веб-страница со сексуално провокативни фотографии и песни со неморален текст.
Размисли: Што ќе стореше да беше на местото на Сузан? Дали воопшто ќе преземеше нешто или ќе си речеше дека тоа си е нејзина работа и дека никој не треба да ѝ се меша? Што би ѝ кажал на Сузан ако таа ти побараше совет?
․․․․․
Одлуката на Сузан: Откако размислила за целата ситуација, Сузан решила да ја каже другарката на нејзините родители. Таа вели: „Се плашев да го сторам тоа бидејќи и тие ми се добри пријатели. Ми беше толку тешко што се расплакав“.
Што мислиш? Дали Сузан постапила исправно или подобро ќе било да си молчи?
Еве неколку фактори што би можел да ги земеш предвид за да дојдеш до исправниот заклучок.
Што би сторил еден вистински пријател? Во Изреки 17:17 стои: „Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“. Ако некој ги прекршува библиските начела, тој е во неволја — сеедно дали е свесен за тоа или не. Иако е погрешно да бидеш „преправеден“ и да водиш спор околу најмали ситници, ќе покажеш дека си вистински пријател ако не се правиш слеп за нехристијанското однесување (Проповедник 7:16). Не заборавај дека такво нешто едноставно е неприфатливо (3. Мојсеева 5:1).
Стави се во положба на родител. Запрашај се: ‚Да бев јас родител и син ми или ќерка ми да имаше веб-страница со сексуално провокативна содржина, дали ќе сакав да знам за тоа? Како би се чувствувал ако син ми или ќерка ми имале пријател кој знаел за тоа, но не ми кажал?‘
Чии мерила се најважни? Се вели дека „молчењето е злато“, но тоа не важи и во ваква ситуација. Наместо да молчиш, попаметно би било да ги следиш Божјите начела запишани во Библијата. Имај на ум дека секогаш кога се трудиш да постапуваш исправно го радуваш твојот Творец (Изреки 27:11). Освен тоа, и самиот ќе бидеш задоволен, бидејќи она што си го сторил било за доброто на твојот пријател (Езекиел 33:8).
„Време за зборување“
Библијата вели дека има „време за молчење и време за зборување“ (Проповедник 3:7). Малите деца честопати не можат да проценат што е исправно, а што погрешно во дадена ситуација. Кога нивното другарче ќе згреши нешто, тие си мислат: ‚Нема да го кажам за да не го караат‘, или: ‚Нема да го кажам за да не ми се налути‘. Да беа ова единствените важни фактори за да се донесе исправна одлука, тогаш би испаднало дека ова е „време за молчење“.
Меѓутоа, како што растеш така почнуваш да размислуваш позрело. Сега, кога твојот пријател ќе згреши нешто, сфаќаш дека тој има проблем, дека му е потребна помош и дека ти можеш да преземеш нешто за да ја добие. Но, што конкретно можеш да сториш ако чуеш дека твојот пријател на некаков начин ги прекршил библиските закони и начела?
Како прво, утврди дали она што си го чул е точно или се работи за измислица (Изреки 14:15). Една тинејџерка по име Кејти се присетува: „Имав другарка која ми извади муабети, а што е најтрагично оние со кои бев најблиска ѝ поверуваа. Се плашев дека никој никогаш нема да ми верува!“ Библијата прорекла дека Исус нема да „укорува според она што го слуша“ (Исаија 11:3). Затоа, немој избрзано да претпоставиш дека сѐ што ќе чуеш е точно. Обиди се да ја дознаеш вистината. Размисли за следниов вистинит настан.
◼ Џејмс, кого го спомнавме на почетокот од оваа статија, чул дека другар му се дрогирал на некоја забава.
Размисли: Што ќе стореше да беше на местото на Џејмс? Како ќе утврдеше дали она што си го чул е вистина?
․․․․․
Одлуката на Џејмс: На почетокот, Џејмс се правел дека ништо не знае. „Но, совеста почна да ме пече“, вели тој. „Знаев дека ќе морам да разговарам со него за тоа.“
Што мислиш? Зошто е добро најпрво да разговараш со лицето што наводно извршило некаков престап?
․․․․․
Ако не ти е лесно да зборуваш со него за тоа, што друго би можел да сториш?
․․․․․
Другар му на Џејмс признал дека навистина се дрогирал на некоја забава, а потоа го терал да не каже на никого. Џејмс сакал да постапи исправно, но очекувал да постапи исправно и неговиот другар. Затоа, му рекол дека ќе му остави една седмица самиот да им каже за тоа на старешните и дека, во спротивно, тој ќе им каже.
Што мислиш, дали Џејмс бил фер или не? Зошто?
․․․․․
Бидејќи другар му не отишол кај старешините, отишол Џејмс и самиот им кажал. Сепак, по извесно време, неговиот пријател увидел колку погрешно постапил. Старешините му помогнале да сфати дека треба да се покае и повторно да биде во добар однос со Јехова.
Ќе испаднам ли тужибаба?
Сепак, би можел да прашаш: ‚Нема ли да испаднам тужибаба ако го кажам мојот пријател? Нема ли да биде полесно да се правам дека ништо не знам?‘ Што можеш да сториш ако се најдеш во ваква ситуација?
Како прво, мораш да сфатиш дека не е секогаш љубезно да го направиш она што е лесно и дека не е секогаш лесно да го направиш она што е љубезно. Потребна е храброст за да го обелодениш престапот на твојот другар. Зошто не му се помолиш на Бог за тоа? Побарај да ти ги даде мудроста и храброста што ти се потребни. Тој ќе ти помогне (Филипјаните 4:6).
Како второ, размислувај како тоа што ќе им кажеш на старешините за престапот на твојот пријател ќе биде за негово добро. Да дадеме еден пример. Замисли си дека ти и твојот пријател се искачувате по некој стрмен рид, кога одеднаш тој се лизнува и паѓа на некоја карпа. Очигледно е дека му е потребна помош. Што ако, од срам, тој ти вели дека сака сам да продолжи да се качува по стрмнината? Ќе му дозволиш ли да си го ризикува животот?
Слично е и кога некој твој пријател ќе се „лизне“ од вистината. Тој можеби мисли дека може сам да го обнови своето пријателство со Јехова. Но таквото размислување би било неразумно. Точно е дека на твојот пријател можеби му е срам поради тоа што го сторил. Но, твојот повик за помош може да му го спаси животот! (Јаков 5:15).
Затоа, ако некој твој пријател направил престап, не плаши се да му кажеш на некој што може да му помогне. На тој начин ќе покажеш лојалност кон Јехова и кон пријателот, кој можеби еден ден ќе ти биде многу благодарен за тоа.
[Фусноти]
a Имињата во оваа статија се сменети.
b Кај Јеховините сведоци, старешините им даваат духовна помош на лицата што ќе направат сериозен грев (Јаков 5:14-16).
РАЗМИСЛИ
◼ Зошто може да се каже дека, ако го обелодениш престапот на некој твој пријател, ти сепак си му лојален?
◼ Можеш ли да се сетиш на некои библиски личности чија лојалност кон пријателите била испитана? Што можеш да научиш од нив?
[Слика на страница 20]
Ако некој твој пријател се „лизне“ од вистината, би требало да се потрудиш да добие помош