Каква положба ќе имаш пред судската столица?
„А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја“ (МАТЕЈ 25:31).
1-3. Каква причина за оптимизам имаме во врска со правдата?
‚ВИНОВЕН ИЛИ НЕВИН?‘ — се прашуваат мнозина кога ќе слушнат извештаи за некаков судски случај. Судиите и членовите на поротата можеби се трудат да бидат чесни, но дали обично правдата преовладува? Зарем не си чул за неправда и нееднаквости во судските процеси? Таквата неправда не е нешто ново, како што можеме да видиме од Исусовата илустрација во Лука 18:1-8.
2 Без оглед на твоето искуство со човечката правда, забележи го Исусовиот заклучок: „Та Бог ли нема да ги заштити [да им прибави правда на, НС] Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе . . .? Ви велам, ќе ги заштити [ќе им прибави правда, НС] набргу. Но Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“
3 Да, Јехова ќе се погрижи неговите слуги конечно да ја добијат правдата. Во тоа е вклучен и Исус, особено сега затоа што живееме во „последните денови“ од сегашниот зол систем. Јехова наскоро ќе го употреби својот моќен Син за да ја избрише злобата од Земјата (2. Тимотеј 3:1; 2. Солунјаните 1:7, 8; Откровение 19:11-16). Можеме да добиеме увид во Исусовата улога ако разгледаме една од последните илустрации што ги дал тој, честопати наречена парабола за овците и јарците.
4. Како го разбиравме досега временското ускладување на параболата за овците и јарците, но зошто сега повторно ќе ѝ обрнеме внимание? (Изреки 4:18).
4 Ние долго време мислевме дека параболата опишува како Исус седнува како Цар во 1914 година и како оттогаш донесува пресуди — вечен живот за луѓето кои се покажуваат како овци и вечна смрт за јарците. Но, едно ново разгледување на параболата укажува на едно изменето разбирање за нејзиното временско ускладување и за она што таа го илустрира. Ова прочистување ја засилува важноста на нашето проповедничко дело и на значењето на одѕивот на луѓето. За да ја видиме основата за ова подлабоко разбирање на параболата, да разгледаме што покажува Библијата за Јехова и за Исус — обајцата како Цареви и Судии.
Јехова како врховен Судија
5, 6. Зошто е соодветно Јехова да го сметаме и за Цар и за Судија?
5 Јехова владее со вселената со моќ над сето творештво. Затоа што нема почеток и крај, тој е ‚Цар на вечноста‘ (1. Тимотеј 1:17, НС; Псалм 89:2, 4; Откровение 15:3, НС). Тој има власт да донесува одредби, односно закони, и истите да ги спроведува. Но, неговиот авторитет подразбира дека тој е Судија. Исаија 33:22 вели: „Господ е наш Судија, Господ е наш законодавец, Господ е наш цар: Он ќе нѐ спаси“.
6 Божјите слуги одамна го признавале Јехова како Судија за судски случаи и спорни прашања. На пример, откако „Судијата на целата земја“ ги одмерил доказите за злобата на Содом и Гомор, тој донел пресуда дека нивните жители заслужуваат уништување и таа праведна пресуда ја спровел (1. Мојсеева 18:20-33; Јов 34:10-12). Колку само би требало ова да нѐ увери дека Јехова е праведен Судија кој може секогаш да ги изврши своите пресуди!
7. Како дејствувал Јехова како Судија во постапувањето со Израел?
7 Во стариот Израел, Јехова понекогаш директно извршувал пресуда. Да си живеел во тоа време, зарем не би бил утешен со сознанието дека за работите решава совршен Судија? (3. Мојсеева 24:10-16; 4. Мојсеева 15:32-36; 27:1-11). Бог издал и „судски одлуки“ (НС) кои биле сосема добри како мерила за судење (3. Мојсеева 25:18, 19; Неемија 9:13, НС; Псалм 18:9, 10; 118:7, 75, 164; 147:8, 9). Тој е ‚Судија на сите‘ и затоа сме вклучени сите ние (Евреите 12:23).
8. Каква важна визија имал Даниил?
8 Во врска со ова, ние имаме сведоштво од „очевидци“. На пророкот Даниил му била дадена визија за сурови ѕверки кои претставувале влади или империи (Даниил 7:1-8, 17). Тој додал: „Видов најпосле дека се поставија престоли и седнат Старец [и седна Прастариот на денови, НС]; облеклото му беше бело како снег“ (Даниил 7:9). Забележи дека Даниил видел престоли ‚и како Прастариот на денови [Јехова] седнал‘. Прашај се: ‚Дали тука Даниил сведочел дека Бог станува Цар?‘
9. Кое е едно од значењата на изразот ‚седнува‘ на престол? Наведи примери.
9 Па, обично кога ќе прочитаме дека некој ‚седнал‘ на престол, би можеле да си помислиме дека тој станува цар, затоа што Библијата понекогаш користи таков јазик. На пример, „кога [Замвриј] стана цар и седна на престолот негов, тој . . .“ (3. Царства 16:11; 4. Царства 10:30; 15:12; Јеремија 33:17). Едно Месијанско пророштво гласи: „[Он] ќе седне на престолот свој и ќе биде владетел“. Според тоа, да се ‚седне на престол‘ може да значи да се стане цар (Захарија 6:12, 13). Јехова е опишан како Цар кој седи на престол (3. Царства 22:19; Исаија 6:1; Откровение 4:1-3). Тој е ‚Цар на вечноста‘. Сепак, кога истакнал еден нов аспект на сувереност, за него можело да се рече дека тој станал Цар, како одново да седнува на својот престол (1. Летописи 16:1, 31; Исаија 52:7; Откровение 11:15-17; 15:3; 19:1, 2, 6).
10. Која била првенствената улога на израелските цареви? Илустрирај.
10 Но, тука постои и еден клучен момент: Првенствената улога на древните цареви била да сослушуваат случаи и да донесуваат пресуди (Изреки 29:14). Сети се на Соломоновата мудра пресуда кога две жени тврделе дека поседуваат едно исто бебе (3. Царства 3:16-28; 2. Летописи 9:8). Една од неговите владини згради била ‚трем со престол, од кој тој судел‘, наречена и „трем за судилиште“ (3. Царства 7:7). Ерусалим бил опишан како место каде што ‚биле поставени престолите судиски‘ (Псалм 121:5). Јасно е дека ‚седењето на престол‘ може да значи и извршување на судска власт (2. Мојсеева 18:13; Изреки 20:8).
11, 12. а) Која била целта на Јеховиното седнување, споменато во Даниил, поглавје 7? б) Како потврдуваат и другите текстови дека Јехова седнува за да суди?
11 А сега да се вратиме на сцената во која Даниил видел како ‚Прастариот на денови седнува‘. Даниил 7:10 додава: „Седнаа судиите [судот, НС] и книгите се отворија“. Да, Прастариот на денови седнувал за да донесе пресуда во врска со светската превласт и за да го просуди Синот човечки како оној кој е достоен да владее (Даниил 7:13, 14). Потоа читаме дека ‚дошол Прастариот на денови и бил донесен суд во полза на светите‘, односно оние кои биле просудени како погодни да владеат со Синот човечки (Даниил 7:22, НС). Најпосле ‚седнал самиот суд‘ и донел негативна пресуда врз последната светска сила (Даниил 7:26, НС).a
12 Според тоа, кога Даниил видел како Бог ‚седнува на престол‘, тоа значело дека Тој доаѓа за да изврши пресуда. Порано Давид испеал: „[Ти Јехова] донесе пресуда за мене и ме одбрани; седна на престолот Свој, судија праведен“ (Псалм 9:4, 7). А Јоил напишал: „Нека се кренат народите и нека слезат во долината Јосафатова; зашто таму ќе седнам Јас [Јехова] за да им судам на народите по ред“ (Јоил 3:12; спореди Исаија 16:5). И Исус и Павле се нашле во ситуации во кои некој човек седел за да сослуша некаков судски случај и да донесе пресудаb (Јован 19:12-16; Дела 23:3; 25:6).
Исусовата положба
13, 14. а) Каква гаранција имал Божјиот народ за тоа дека Исус ќе стане Цар? б) Кога седнал Исус на својот престол, и во која смисла тој владеел од 33 година н. е. наваму?
13 Јехова е и Цар и Судија. А што е Исус? Ангелот кој го најавил неговото раѓање, рекол: „Ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида; . . . Царството Негово нема да има крај“ (Лука 1:32, 33). Исус требало да биде вечен наследник на Давидското царување (2. Царства 7:12-16). Тој требало да владее од небото, бидејќи Давид рекол: „Му рече Господ [Јехова, НС] на мојот Господ [Исус]: ‚Седи од Мојата десна страна, додека ги ставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои‘. Жезалот на Твојата сила ќе ти го прати Господ [Јехова, НС] од Сион: владеј меѓу непријателите Свои“ (Псалм 109:1-4).
14 Кога требало да биде тоа? Додека бил човек, Исус не владеел како Цар (Јован 18:33-37). Во 33 година н. е. тој умрел, бил воскреснат и вознесен на небото. Стихот од Евреите 10:12 вели: „Он, принесувајќи само една жртва за гревовите, засекогаш седна оддесно на Бога“. Каква власт имал Исус? „[Бог] Го постави од Својата десна страна на небесата, повисоко од секое началство, власт, сила и господство . . . и Го постави глава над сите во Црквата“ (Ефесјаните 1:20-22). Поради тоа што Исус тогаш имал царска власт над христијаните, Павле можел да напише дека Јехова ‚нѐ избавил од власта на темнината и нѐ вовел во царството на Својот возљубен Син‘ (Колосјаните 1:13; 3:1).
15, 16. а) Зошто велиме дека Исус не станал Цар на Божјето Царство во 33 година н. е.? б) Кога започнал Исус да владее во Божјето Царство?
15 Меѓутоа, во тоа време Исус не дејствувал како Цар и Судија над народите. Тој бил седнат покрај Бог, очекувајќи го времето да дејствува како Цар на Божјето Царство. Павле напишал за него: „А на кого од ангелите Бог некогаш му рекол: ‚Седи од Мојата десна страна, дури непријателите Твои не ги ставам во подножјето на нозете Твои?“ (Евреите 1:13).
16 Јеховините сведоци објавиле многу докази дека Исусовиот период на чекање истекол во 1914 година, кога станал владетел на Божјето Царство на невидливите небеса. Откровение 11:15, 18 вели: „Царството на светот стана царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и Он ќе царува во сите векови!“ „И се разгневија народите, и дојде Твојот гнев“. Да, народите изразиле гнев едни спрема други во текот на I светска војна (Лука 21:24). Војните, земјотресите, болестите, оскудицата на храна и слично, кои сме ги виделе од 1914 година наваму, потврдуваат дека Исус сега владее во Божјето Царство и дека е близу конечниот крај на светот (Матеј 24:3-14).
17. Кои клучни моменти ги утврдивме досега?
17 Да повториме накратко: За Бог може да се рече дека седи на престол како Цар, но тој може да седне на својот престол и во смисла за да суди. Во 33 година н. е., Исус седнал од Божјата десна страна, а сега тој е Цар на Царството. Но, дали Исус, кој сега владее како Цар, служи и како Судија? И зошто би требало тоа да нѐ интересира, особено во ова време?
18. Каков доказ постои дека и Исус ќе биде Судија?
18 Јехова, кој има право да поставува судии, го избрал Исуса за Судија кој ги задоволува Неговите мерила. Исус го покажал тоа кога зборувал за луѓето кои духовно оживуваат: „Отецот не суди никого, но целиот суд Му го предаде на Синот“ (Јован 5:22). Сепак, Исусовата судска улога оди уште подалеку од обичното судење, бидејќи тој е судија на живите и на мртвите (Дела 10:42; 2. Тимотеј 4:1). Павле еднаш изјавил: „[Бог] определи ден кога праведно ќе му суди на светот преку одредениот од Него Човек [Исус], откако ги увери сите со Неговото воскресение“ (Дела 17:31; Псалм 71:2-7).
19. Зошто е исправно да се каже дека Исус седнува како Судија?
19 Дали на темел на ова имаме право да заклучиме дека Исус седнува на славен престол во специфична улога на Судија? Да. Исус им рекол на апостолите: „При повторното раѓање [создавање, НС], кога Синот Човечки ќе седне на престолот на славата Своја, ќе седнете и вие на дванаесет престоли и ќе судите над дванаесетте Израилеви колена“ (Матеј 19:28). Иако Исус сега е Цар на Царството, неговата натамошна активност, спомената во Матеј 19:28, ќе вклучи и седнување на престол за да суди во текот на Милениумот. Во тоа време, тој ќе му суди на сето човештво — на праведните и на неправедните (Дела 24:15). Корисно е да се има ова на ум додека го свртуваме нашето внимание кон една од Исусовите параболи кои се однесуваат на нашево време и на нашиот живот.
Што вели параболата?
20, 21. Што прашале Исусовите апостоли, а кое всушност се однесува на нашево време, и до кое прашање води тоа?
20 Кратко пред Исус да умре, апостолите го прашале: „Кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање [присутност, НС] и за свршетокот на светот?“ (Матеј 24:3). Исус претскажал значајни настани на Земјата пред ‚да дојде крајот‘. Кратко пред тој крај, народите ќе „Го видат Синот Човечки како иде на небеските облаци, со голема слава и сила“ (Матеј 24:14, 29, 30).
21 Но, како ќе поминат луѓето од тие народи кога ќе пристигне Синот човечки во својата слава? Да го видиме тоа од параболата за овците и јарците, која започнува со зборовите: „Кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него сите народи“ (Матеј 25:31, 32).
22, 23. Кои точки укажуваат дека параболата за овците и јарците не почнала да се исполнува во 1914 година?
22 Дали оваа парабола се однесува на времето кога Исус седнал во царска моќ во 1914 година, како што долго време мислевме? Па, Матеј 25:34 зборува за него како за Цар, и затоа параболата логично се однесува на времето откако Исус станал Цар во 1914 година. Но, какво судење извршил набргу после тоа? Тоа не било судење на „сите народи“. Напротив, тој им обрнал внимание на оние кои тврдат дека го сочинуваат ‚Божјиот дом‘ (1. Петрово 4:17). Во склад со Малахија 3:1-3, Исус како Јеховин гласник, преку судска постапка ги испитал преостанатите помазани христијани на Земјата. Значи, исто така, тоа било време за судска казна над т. н. христијанство, кое лажно тврдело дека е „дом Божји“c (Откровение 17:1, 2; 18:4-8). Но, ништо не укажува на тоа дека во 1914 година или од таа година наваму, Исус седнал за конечно да им суди на луѓето од сите народи како на овци и јарци.
23 Ако ја анализираме Исусовата активност во параболата, го гледаме како тој најпосле им суди на сите народи. Од параболата не произлегува дека таквото судење ќе трае низ некој период од многу години, небаре секое лице коешто умрело во овие последни децении да било просудено како достојно за вечна смрт или вечен живот. Се чини дека повеќето од оние кои умреле во последниве децении, отишле во општиот гроб на човештвото (Откровение 6:8; 20:13). Сепак, параболата го опишува времето кога Исус им суди на луѓето од „сите народи“ кои тогаш се живи и кои се соочуваат со извршување на неговата судска казна.
24. Кога ќе се исполни параболата за овците и јарците?
24 Со други зборови, параболата укажува на иднината кога Синот човечки ќе дојде во својата слава. Тој ќе седне за да им суди на луѓето кои ќе живеат тогаш. Неговиот суд ќе се темели на тоа какви се покажале. Во тоа време јасно ќе биде утврдена „разликата меѓу праведник и безбожник“ (Малахија 3:18). Самото објавување и извршување на пресудата ќе биде извршено во ограничено време. Исус ќе донесе праведни одлуки на темел на она што било очевидно за секој поединец. (Види и 2. Коринтјаните 5:10.)
25. Што опишува Матеј 25:31 кога вели дека Синот човечки седнува на славен престол?
25 Според тоа, ова значи дека Исусовото ‚седнување на својот славен престол‘ за судењето, споменато во Матеј 25:31, се однесува на едно идно време кога овој моќен Цар ќе седне за да изрече и изврши пресуда над народите. Да, сцената на судењето која го вклучува Исус во Матеј 25:31-33, 46, може да се спореди со сцената во Даниил, поглавје 7, каде што владејачкиот Цар, Прастариот на денови, седнал за да ја изврши својата улога како Судија.
26. Кое ново објаснување на параболата станува очигледно?
26 Ваквото разбирање на параболата за овците и јарците покажува дека извршувањето на пресудата над овците и јарците ќе биде во иднина. Тоа ќе се случи откако ќе избувне „големата неволја“ (НС) спомената во Матеј 24:29, 30 и откако Синот човечки ќе ‚дојде во Својата слава‘. (Спореди Марко 13:24-26.) Потоа, кога целиот зол систем ќе дојде до својот крај, Исус ќе свика суд и ќе донесе и изврши пресуда (Јован 5:30; 2. Солунјаните 1:7-10).
27. Што треба да нѐ интересира да дознаеме во врска со Исусовата последна парабола?
27 Ова го разјаснува нашето разбирање на временското ускладување на Исусовата парабола, која покажува кога ќе бидат судени овците и јарците. Но, како се однесува ова на нас кои ревносно ја проповедаме добрата вест за Царството? (Матеј 24:14). Дали тоа го прави нашето дело помалку значајно, или донесува поголема одговорност? Во следната статија ќе видиме на кој начин ова се однесува на нас.
[Фусноти]
a Зборот преведен со „суд“ во Даниил 7:10, 26 исто така се наоѓа во Ездра 7:26 и во Даниил 4:37; 7:22 (сите НС).
b Во врска со тоа што христијаните се давале еден со друг на суд, Павле прашал: „Зарем ги поставувате за судии [буквално: „ги седнувате“] луѓето на кои во собранието се гледа од висина?“ (1. Коринтјаните 6:4, НС).
c Види Revelation—Its Grand Climax At Hand! (Откровение — Близу е неговата величествена кулминација!), страници 56, 73, 235-245 и 260, издадена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула од Њујорк, Инк.
Дали се сеќаваш?
◻ На кој начин Јехова служи и како Цар и како Судија?
◻ Кои две значења може да ги има ‚седнувањето на престол‘?
◻ Што рековме порано за временското ускладување на Матеј 25:31, но каква основа постои сега за едно изменето гледиште?
◻ Како што е покажано во Матеј 25:31, кога седнува Синот човечки на својот престол?