СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 45
Да си покажуваме лојална љубов еден на друг
Покажувајте си еден на друг лојална љубов и милосрдие (ЗАХ. 7:9, фус.)
ПЕСНА 107 Да покажуваме љубов како Бог
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1-2. Кои добри причини ги имаме за да си покажуваме лојална љубов еден на друг?
ИМАМЕ добри причини за да си покажуваме лојална љубов еден на друг. Кои се некои од нив? Одговорот го наоѓаме во следните изреки од Библијата: „Лојалната љубов и вистината нека не те оставаат... па ќе стекнеш наклоност и кај Бог и кај луѓето“. „Човекот кој покажува лојална љубов ѝ прави добро на својата душа.“ „Кој оди по праведност и по лојална љубов, наоѓа живот“ (Изр. 3:3, 4, фус.; 11:17, фус.; 21:21, фус.).
2 Во овие изреки се спомнати три причини зошто треба да покажуваме лојална љубов. Прво, со тоа што покажуваме лојална љубов ние сме скапоцени за Бог. Второ, тоа што покажуваме лојална љубов ни користи нам лично, на пример, ни помага да имаме трајни пријателства. Трето, поради тоа што покажуваме лојална љубов, ќе добиеме благослови во иднина, во што спаѓа и вечен живот. Навистина имаме добри причини да бидеме послушни на Јеховините зборови: „Покажувајте си еден на друг лојална љубов и милосрдие“ (Зах. 7:9, фус.).
3. Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?
3 Во оваа статија ќе добиеме одговор на четири прашања: На кого треба да покажуваме лојална љубов? Што можеме да научиме од книгата Рут во врска со покажувањето лојална љубов? Како ние денес може да ја покажуваме оваа особина? Каква корист имаат оние што покажуваат лојална љубов?
НА КОГО ТРЕБА ДА ПОКАЖУВАМЕ ЛОЈАЛНА ЉУБОВ?
4. Како може да покажуваме лојална љубов по примерот на Јехова? (Марко 10:29, 30).
4 Како што видовме во претходната статија, Јехова им покажува лојална љубов само на оние што го сакаат и му служат (Дан. 9:4). „Како негови љубени деца“, ние сакаме да се угледаме на Бог (Еф. 5:1). Затоа сакаме да развиваме срдечни чувства и длабока приврзаност кон нашите браќа и сестри. (Прочитај Марко 10:29, 30.)
5-6. Како луѓето обично го сфаќаат зборот „лојалност“?
5 Веројатно ќе се согласиш дека, колку подобро разбереме што е лојална љубов, толку полесно ќе ни биде да им ја покажуваме на нашите соверници. За да може подлабоко да ја разбереме оваа особина, да ја споредиме со лојалноста, односно со начинот на кој луѓето обично го разбираат зборот лојалност. Да наведеме еден пример.
6 За некој што со години работи за една иста фирма може да се каже дека е лојален работник. Сепак, за сите тие години можеби никогаш не ги запознал сопствениците на фирмата. Можеби не му се допаѓаат секогаш нивните одлуки. Тој не ја сака фирмата, но е задоволен што има работа која му овозможува редовно да добива плата. Тој ќе продолжи да работи таму сѐ додека не се пензионира или сѐ додека не најде некое подобро работно место.
7-8. а) Од кој мотив се покажува лојална љубов? б) Со која цел ќе разгледаме некои стихови од книгата Рут?
7 Разликата меѓу лојалноста, за која зборувавме во шестиот пасус, и лојалната љубов е во причината зошто некој ги покажува овие особини. Од кој мотив покажувале лојална љубов Божјите слуги за кои се зборува во Библијата? Тие го правеле тоа не затоа што морале туку затоа што сакале, односно затоа што срцето ги поттикнувало на тоа. Размисли за примерот на Давид. Неговото срце го поттикнувало да му покажува лојална љубов на својот драг пријател Јонатан и покрај тоа што таткото на Јонатан сакал да го убие Давид. Со години по смртта на Јонатан, Давид продолжил да му покажува лојална љубов на неговиот син Мефивостеј (1. Сам. 20:9, 14, 15; 2. Сам. 4:4; 8:15; 9:1, 6, 7).
8 Можеме да научиме многу за лојалната љубов ако разгледаме некои стихови од библиската книга Рут. Кои поуки за лојалната љубов може да ги извлечеме од личностите за кои се зборува во оваа книга? Како може да ги применуваме тие поуки во собранието?b
ШТО МОЖЕ ДА НАУЧИМЕ ЗА ЛОЈАЛНАТА ЉУБОВ ОД КНИГАТА РУТ?
9. Зошто Ноемина сметала дека Јехова се свртел против неа?
9 Во книгата Рут читаме за Ноемина, за нејзината снаа Рут и за еден богобојазлив човек по име Вооз, кој му бил роднина на мажот на Ноемина. Бидејќи во Израел завладеал глад, Ноемина, нејзиниот маж и нивните двајца синови отишле да живеат во Моав. Таму умрел мажот на Ноемина. По некое време, нејзините двајца синови се ожениле, но, за жал, умреле и тие (Рут 1:3-5; 2:1). Поради трагедиите што ја снашле, Ноемина сѐ подлабоко тонела во очај. Била толку потиштена што мислела дека Јехова се свртел против неа. Забележи како таа ги изразила своите чувства: „Раката Јеховина се подигна на мене“. „Семоќниот ме исполни со голема горчина.“ Исто така, рекла: „Јехова ме понижи... Семоќниот ми нанесе неволја“ (Рут 1:13, 20, 21).
10. Како реагирал Јехова на она што го кажала Ноемина?
10 Како реагирал Јехова на она што го кажала Ноемина? Тој не ја оставил и не престанал да ѝ помага. Напротив, ѝ покажал сочувство. Јехова знае дека „угнетувањето може да го наведе мудриот да постапува лудо“ (Проп. 7:7). Сепак, на Ноемина ѝ била потребна помош за да види дека Јехова не ѝ свртел грб. Како тој ѝ помогнал? (1. Сам. 2:8). Тој ја поттикнал Рут да ѝ покажува лојална љубов. Рут спремно го правела тоа, и така ѝ помогнала на својата свекрва да не биде толку обесхрабрена и да се увери дека Јехова сѐ уште ја сака. Што учиме од примерот на Рут?
11. Зошто грижливите браќа и сестри им помагаат на оние што се потиштени?
11 Лојалната љубов нѐ поттикнува да им помагаме на оние што се потиштени. Исто како што Рут не ја оставила Ноемина, така и денес многу браќа и сестри грижливо им помагаат на оние во собранието кои се обесхрабрени или потиштени. Тие ги сакаат своите браќа и сестри и спремни се да направат сѐ што можат за да им помогнат (Изр. 12:25; 24:10). Тоа е во склад со советот на апостол Павле: „Тешете ги потиштените души, помагајте им на слабите, бидете долготрпеливи со сите“ (1. Сол. 5:14).
12. Кој е обично најдобриот начин да му помогнеме на некој соверник кој е обесхрабрен?
12 Честопати, најдобриот начин да му помогнеме на некој соверник кој е обесхрабрен е да го слушаме и да му покажеме дека го сакаме. Јехова го забележува и многу го цени она што го правиш за неговите скапоцени овчички (Пс. 41:1). Во Изреки 19:17 стои: „Кој е милостив кон сиромавиот, му дава заем на Јехова, и Тој ќе му плати за неговите дела“.
13. Што одлучила Рут, а што Орфа, и како Рут покажала лојална љубов? (Види ја сликата на насловната страница.)
13 Ќе дознаеме нешто повеќе за лојалната љубов ако разгледаме што се случило со Ноемина по смртта на нејзиниот маж и на двајцата синови. Кога дознала дека „Јехова го погледнал својот народ и му дал леб“, Ноемина решила да се врати во својата земја (Рут 1:6). Нејзините две снаи тргнале со неа. Меѓутоа, додека оделе по патот, Ноемина три пати ги наговарала своите снаи да се вратат во Моав. Што се случило потоа? Извештајот вели: „Орфа ја бакна својата свекрва и замина, а Рут остана со неа“ (Рут 1:7-14). Со тоа што одлучила да се врати, Орфа ја послушала Ноемина, правејќи го она што таа го побарала од неа. Но, Рут направила нешто повеќе. И таа можела слободно да се врати дома, но поттикната од лојална љубов, решила да остане со својата свекрва и да ѝ помага (Рут 1:16, 17). Рут одлучила да биде покрај Ноемина не затоа што морала туку затоа што сакала. Рут покажала лојална љубов. Што учиме од овој извештај?
14. а) Како многу браќа и сестри го следат примерот на Рут? б) Според Евреите 13:16, со кои жртви го радуваме Бог?
14 Лојалната љубов нѐ поттикнува да се жртвуваме за другите. Исто како во минатото, и денес многу наши браќа и сестри им покажуваат лојална љубов на своите соверници, дури и на оние што не ги познаваат лично. На пример, кога ќе дознаат дека некаде се случила природна катастрофа, тие веднаш бараат начин да помогнат. Кога некој во собранието е во тешка финансиска состојба, тие брзо преземаат чекори за да пружат практична помош. Исто како Македонците од првиот век, тие се жртвуваат така што даваат дури и повеќе отколку што се во можност за да им помогнат на своите браќа кои се во тешка ситуација (2. Кор. 8:3). Колку само се радува Јехова кога покажуваме лојална љубов на ваков начин! (Прочитај Евреите 13:16.)
КАКО НИЕ ДЕНЕС МОЖЕ ДА ПОКАЖУВАМЕ ЛОЈАЛНА ЉУБОВ?
15-16. Како Рут покажала дека е цврсто решена да помогне?
15 Од библискиот извештај за Рут и Ноемина може да извлечеме убави поуки. Да разгледаме некои од нив.
16 Не се откажувај. Кога Рут ѝ кажала на својата свекрва дека ќе оди со неа во Јуда, таа на почетокот ја разубедувала. Но, Рут не се откажала. Кој бил резултатот? Извештајот вели: „Кога виде дека таа е цврсто решена да оди со неа, Ноемина не ја одвраќаше повеќе“ (Рут 1:15-18).
17. Што ќе ни помогне лесно да не се откажеме?
17 Поука за нас: Потребна е стрпливост за да им помагаме на оние што се потиштени, но не треба да се откажеме од нив. Една сестра која се бори со такви чувства можеби отпрвин ќе ја одбие нашата помош.c Сепак, лојалната љубов ќе нѐ поттикне да не се откажеме лесно од неа (Гал. 6:2). Се надеваме дека по некое време таа ќе ни дозволи да ѝ пружиме помош и утеха.
18. Што веројатно ѝ паднало тешко на Рут?
18 Не ги сфаќај работите лично. Кога пристигнала во Витлеем заедно со Рут, Ноемина се сретнала со некои луѓе што ги познавала. Таа им рекла: „Заминав со полни раце, а Јехова ме врати со празни раце“ (Рут 1:21). Замисли како се чувствувала Рут кога ги слушнала тие зборови. Таа направила толку многу за Ноемина. Плачела со неа, ја тешела и со денови пешачела заедно со неа. И покрај сето тоа, Ноемина рекла: „Јехова ме врати со празни раце“. Овие зборови, кои ги кажала во присуство на Рут, звучеле како воопшто да не ја цени нејзината помош. Тоа веројатно ѝ паднало многу тешко на Рут. Сепак, таа останала покрај неа.
19. Што ќе ни помогне и понатаму да бидеме покрај некој што е потиштен?
19 Поука за нас: Можеби многу се трудиме да ѝ помогнеме на некоја сестра која е потиштена. И покрај тоа, можеби ќе каже нешто со кое ќе нѐ повреди. Во таков случај, се трудиме да не го сфаќаме тоа лично. И понатаму остануваме покрај нашата сестра и го молиме Јехова да ни помогне да најдеме начин да ја утешиме (Изр. 17:17).
20. Што ѝ дало сила на Рут да продолжи понатаму?
20 Давај го потребното охрабрување. Рут покажувала лојална љубов кон Ноемина, но и нејзе ѝ требало охрабрување. Јехова бил свесен за тоа и го поттикнал Вооз да ја охрабри. Тој ѝ рекол на Рут: „Јехова нека ги награди твоите дела и Јехова, Богот на Израел, под чии крилја си дошла да побараш засолниште, нека ти даде целосна плата“. Тие утешни зборови ја допреле Рут до срце, и затоа му рекла: „Ти ме утеши... со своите зборови ја смири својата слугинка“ (Рут 2:12, 13). Она што Вооз ѝ го кажал на Рут ѝ ја дало потребната сила да продолжи понатаму.
21. Во склад со Исаија 32:1, 2, на кој начин старешините покажуваат грижа за браќата и сестрите?
21 Поука за нас: Оние кои им покажуваат лојална љубов на другите понекогаш и самите имаат потреба од охрабрување. Исто како што Вооз ја уверил Рут дека нејзината добрина не останала незабележана, така и старешините ги пофалуваат браќата и сестрите кога ќе видат дека од љубов им помагаат на другите. Таквите навремени и искрени пофалби ќе им ја дадат потребната сила да продолжат понатаму. (Прочитај Исаија 32:1, 2.)
КАКВА КОРИСТ ИМААТ ОНИЕ ШТО ПОКАЖУВААТ ЛОЈАЛНА ЉУБОВ?
22-23. Како се сменил ставот на Ноемина, и зошто? (Псалм 136:23, 26).
22 Откако поминало некое време, Вооз се погрижил Рут и Ноемина да добијат многу храна (Рут 2:14-18). Како реагирала Ноемина на дарежливоста на Вооз? Таа рекла: „Нека го благослови Јехова, кој не ги лиши од својата лојална љубов ниту живите ниту мртвите“ (Рут 2:20а). Колку голема промена во ставот на Ноемина! Претходно, таа со солзи во очите рекла: „Јехова ме понижи“. А сега со радост рекла дека Јехова не ги лишил „од својата лојална љубов“. Што можеби довело до оваа промена во нејзиниот став?
23 Ноемина конечно почнала да ја гледа Јеховината рака во својот живот. Додека патувала за Јуда, Јехова ѝ ја давал потребната поддршка преку Рут (Рут 1:16). Исто така, сфатила дека Јехова ѝ помага кога Вооз, еден од нивните „откупители“, великодушно се погрижил таа и Рут да имаат хранаd (Рут 2:19, 20б). Сигурно си помислила: „Сега сфаќам дека Јехова никогаш не ме напуштил. Тој бил со мене сето ова време!“ (Прочитај Псалм 136:23, 26.) Ноемина сигурно била многу благодарна што Рут и Вооз истрајно ѝ помагале. Сите тројца биле многу среќни што на Ноемина ѝ се вратиле силата и радоста.
24. Зошто сакаме и понатаму да им покажуваме лојална љубов на нашите соверници?
24 Што научивме за лојалната љубов од книгата Рут? Лојалната љубов нѐ поттикнува да не се откажуваме лесно од браќата и сестрите кои се обесхрабрени или потиштени. Исто така, нѐ поттикнува да правиме жртви за да им помагаме. Старешините треба навремено и искрено да ги пофалуваат оние кои им покажуваат лојална љубов на другите. Многу сме среќни кога гледаме како на оние на коишто сме им помагале им се враќа силата и почнуваат повторно да му служат на Јехова со радост (Дела 20:35). Но, која е најважната причина зошто и понатаму покажуваме лојална љубов? Тоа што сакаме да го следиме примерот на Јехова, кој е „полн со лојална љубов“ (2. Мој. 34:6, фус.; Пс. 33:22, фус.).
ПЕСНА 130 Спремно да простуваме
a Јехова сака да им покажуваме лојална љубов на нашите браќа и сестри. За да можеме уште подобро да разбереме што е лојалната љубов, ќе разгледаме како ја покажувале некои Божји слуги од минатото. Во оваа статија ќе видиме што може да научиме од примерот на Рут, Ноемина и Вооз.
b За да извлечеш поголема корист од оваа статија, те поттикнуваме самиот да ги прочиташ првото и второто поглавје од книгата Рут.
c Бидејќи го разгледуваме примерот на Ноемина, зборуваме за сестри кои имаат потреба од помош. Но, поуките од оваа статија подеднакво важат и за браќата.
d Нешто повеќе за улогата на Вооз како откупител можеш да прочиташ во статијата „Угледајте се на нивната вера — примерна жена“ во Стражарска кула од 1 октомври 2012, стр. 20.