Созданието вели: „тие немаат изговор“
„Она што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божеството, се гледа уште од создавањето на светот, гледани според нивните созданија, па така тие немаат изговор“ (РИМЈАНИТЕ 1:20).
1, 2. а) Каква горка жалба му изнел Јов на Јехова? б) Каков пресврт направил Јов подоцна?
ЈОВ, еден човек од старо време кој имал нескршлива беспрекорност спрема Јехова Бог, бил ставен на ужасен испит од страна на Сатана. Ѓаволот предизвикал Јов да го загуби сиот свој материјален имот, ја предизвикал смртта на неговите синови и ќерки и му нанел одвратна болест. Јов мислел дека Бог бил тој кој му ги нанел тие неволји и горко се жалел на Јехова: „Мило ли ти е да ме измачуваш, . . . та бараш порок во мене и бараш грев во мене, . . . макар што добро знаеш дека сум невин и дека нема кој да ме спаси од раката Твоја?“ (Јов 1:12-19; 2:5-8; 10:3, 6, 7).
2 Некое време после тоа, Јововите зборови до Бог одразиле целосен пресврт: „Јас го говорев она што не го разбирав, за чудни дела, што не можев да ги знам. Бев слушал за Тебе со слухот на увото; сега, пак, очите мои Те гледаат; затоа јас се откажувам и се покајувам во прав и пепел“ (Јов 42:3, 5, 6). Што се случило за да се промени ставот на Јов?
3. Со какво ново гледиште се здобил Јов во поглед на творештвото?
3 Во меѓувреме, Јехова се соочил со Јов од бурата (Јов 38:1). Тој го засипал Јов со прашања. ‚Каде беше ти кога ги поставував основите на земјата? Кој го прегради морето со врати и постави граници до каде да доаѓаат брановите? Можеш ли да предизвикаш облаците да го пуштат својот дожд на земјата? Можеш ли да предизвикаш тревата да расте? Можеш ли да ги врзеш соѕвездијата и да ги водиш по нивната патека?‘ Низ поглавјата 38 до 41 од книгата Јов, Јехова го опсипал Јов со овие и со многу други прашања за Неговото творештво. Му дал на Јов да го види огромниот јаз помеѓу Бог и човекот, силно потсетувајќи го Јов на мудроста и моќта што се одразува во Божјето творештво, работи кои се вон моќта на Јов да ги изврши, па дури и да ги сфати. Совладан од моќта која влева страв и од неверојатната мудрост на семоќниот Бог што е откриена во Неговите творби, Јов се плашел и да помисли дека имал дрскост да се препира со Јехова. Затоа рекол: „Бев слушал за Тебе со слухот на увото; сега, пак, очите мои Те гледаат“ (Јов 42:5).
4. Што би требало да забележиме од Јеховините творби, и каква е ситуацијата со оние кои не го гледаат тоа?
4 Многу векови подоцна, еден инспириран библиски писател потврдил дека Јеховините особини би можеле да се видат преку неговите творби. Апостолот Павле напишал во Римјаните 1:19, 20: „Она, кое може да се знае за Бога, ним им е познато, бидејќи Бог тоа им го откри. Оти она, што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божеството, се гледа уште од создавањето на светот, гледани според нивните созданија, па така тие немаат изговор“.
5. а) Каква вродена потреба имаат луѓето, и како некои неисправно ја задоволуваат? б) Каква била Павловата препорака до Грците во Атина?
5 Човекот бил создаден со вродена потреба да обожава виша сила. Д-р К. Г. Јунг, во својата книга The Undiscovered Self (Неоткриеното Јас), се осврнал на оваа потреба како на „инстинктивен став што му е својствен на човекот, а неговите манифестации можат да се следат низ целата човечка историја“. Апостолот Павле зборувал за човековиот вроден нагон да обожава, што објаснува зошто Грците во Атина направиле ликови и олтари на многу богови, познати и непознати. Павле исто така им го идентификувал вистинскиот Бог и покажал дека тие требало на исправен начин да го задоволат тој природен нагон и да го бараат Јехова, вистинскиот Бог, „не би ли некако Го усетиле и нашле, иако Он не е далеку од секого меѓу нас“ (Дела на св. апостоли 17:22-30). Колку сме поблиску до неговите творби толку повеќе ќе ги забележиме неговите особини и својства.
Зачудувачкиот воден циклус
6. Кои Јеховини особини ги гледаме во кружниот тек на водата?
6 На пример, кои Јеховини особини ги забележуваме во способноста на меките облаци да носат тони вода? Можеме да ја видиме неговата љубов и мудрост, зашто на тој начин тој овозможува дождовни врнежи на благослов на Земјата. Тоа го прави преку прекрасниот план што е вклучен во водениот циклус, споменат во Проповедник 1:7: „Сите реки течат во морето, но морето не се преполнува: тие одново се враќаат кон она место, од каде што потекуваат, за да течат пак“. Библиската книга Јов посебно објаснува како тоа се случува.
7. Како водата оди од океанот во облаците, и како можат меки облаци да држат тони вода?
7 Кога зимските потоци течат во морето, тие не остануваат таму. Јехова „црпе капки вода од морето и ги дестилира од маглата што ја направил“. Бидејќи водата е во форма на водена пареа и најпосле фина магла, „облаците висат урамнотежени над земјата, прекрасно дело на неговата усовршена вештина“ (Јов 36:27; 37:16, The New English Bible). Облаците лебдат сѐ додека се магла: „Тој ги затвора водите во своите облаци — маглите не се расцепуваат под нивната тежина“. Или како што вели еден друг превод: „Тој ги држи водите затворени во густи маглени маси, а облаците не се распрснуваат под нивната тежина“ (Јов 26:8, The Jerusalem Bible; NE).
8. Преку кои различни чекори „водените врчви“ се превртени, а кружниот тек на водата завршен?
8 Овие „небесни водени врчви — кој може да ги преврти“ за да предизвика да паѓа дожд на Земјата? (Јов 38:37, NW). Оној чија „усовршена вештина“ во почетокот ги ставила таму, кој „дестилира дожд од маглата што ја направил“. А што е потребно за да се дестилираат капки дожд од маглата? Мора да постои микроскопска цврста супстанција, како што се честици на прав или сол — од илјадници до стотици илјади такви на еден квадратен центиметар воздух — за да делуваат како јадро за капкичките кои се формираат околу него. Се проценува дека за тоа се потребни милион ситни облачни капкички за да создадат една просечна капка дожд. Дури после сиот овој развој облаците можат да ги истурат своите потоци на Земјата за да ги создадат теченијата кои ја враќаат водата во морето. Така кружниот тек на водата завршува. Дали сето тоа е слепа случајност? Навистина, ‚нема изговор‘!
Извор на Соломоновата мудрост
9. Што пронашол Соломон дека е значајно кај еден вид мравка?
9 Во стариот свет мудроста на Соломон била неспоредлива. Голем дел од таа мудрост се однесувал на Јеховините творби: „[Соломон] изговори и за дрвјата, од кедар, што е во Ливан, до исоп, што никнува по карпите; тој говореше и за животните, за птиците, за влекачите и за рибите“ (3. Царства 4:33). Истиот овој цар Соломон напишал: „Оди кај мравката, мрзливче, види ја нејзината работа и биди мудар. Таа нема ниту началник, ни настојник, ниту заповедник; но ја приготвува храната лете, ја собира во време на жетва храната своја“ (Соломонови изреки 6:6-8).
10. Како била оправдана Соломоновата илустрација за мравката жетварка?
10 Кој ја поучил мравката да собира храна лете за да се храни во текот на студената зима? Веродостојноста на Соломоновиот извештај за овие мравки кои жнеат семиња и ги собираат за да ги користат в зима, со векови била под сомнеж. Никој не нашол доказ за нивното постоење. Меѓутоа, во 1871, еден британски природонаучник ги открил нивните подземни амбари, и веродостојноста на библискиот извештај за нив била оправдана. Но како тие мравки можеле однапред да знаат во летото дека доаѓа зимски студ и да ја имаат мудроста што да прават во таков случај? Самата Библија објаснува дека многу од Јеховините творби во себе имаат програмирана мудрост за да преживеат. Мравките жетварки го примиле овој благослов од нивниот Творец. Пословици 30:24 (NW) говорат за тоа: „Тие се инстинктивно мудри“. Да се рече дека таквата мудрост можела да дојде сосем случајно, е неразумно; да не се забележи мудар Творец зад тоа, е неоправдливо.
11. а) Зошто џиновската секвоја влева толкаво стравопочитување? б) Што е толку зачудувачко кај првата реакција во фотосинтезата?
11 Разбирливо е дека човек во подножјето на дрвото џиновска секвоја, зачуден од неговата масивна величина, се чувствува како ситна мравка. Големината на дрвото влева стравопичитување: 90 метри високо, 11 метри дебело, кора дебела 0,6 метри, корење кои се шират на преку 1,2 до 1,6 хектари. Па сепак, далеку поголемо стравопочитување влеваат хемијата и физиката кои се вклучени во неговото растење. Неговото лисје зема вода од корењата, јаглерод диоксид од воздухот и енергија од Сонцето за да произведе шеќер и да испушти кислород — процес наречен фотосинтеза која вклучува околу 70 хемиски реакции, од кои не сите се разбираат. Зачудувачки е што првата реакција зависи од сончевата светлина која е токму со вистинската боја, со вистинската бранова должина; инаку не би била апсорбирана од хлорофилните молекули за да започне процесот на фотосинтеза.
12. а) Што е значајно во врска со тоа како секвојата ја користи водата? б) Зошто е потребен азотот во растот на растенијата, и како се завршува неговиот кружен тек?
12 Исто така е зачудувачки и фактот дека дрвото може да пумпа столбови од вода од корењата па до врвот на овој 90-метарски џин. Се црпе многу повеќе вода отколку што е потребно за фотосинтезата. Вишокот се ослободува низ лисјата преку испарување во воздухот. Тоа му овозможува на дрвото водено ладење, нешто слично како кога ние се ладиме преку потење. За да се создадат протеини за растењето, на шеќерите треба да им се додаде азот или јаглеродни хидрати. Листот не може да користи гасовит азот, земен од воздухот, туку организмите од почвата можат да го претворат гасовитиот азот во нитрати и нитрити кои се растворливи во вода и кои потоа патуваат од корењата до лисјето. Кога растенијата и животните коишто го употребиле овој нитроген во нивните протеини ќе умрат и се распаднат, се ослободува нитрогенот и се завршува азотниот кружен тек. Во сето ова, сложеноста што е вклучена е зачудувачка, и тешко дека би била задача што се извршува преку слепа случајност.
Без говор, зборови или глас, тие зборуваат!
13. Што му објавиле ѕвездените небеса на Давид, и што тие продолжуваат да ни кажуваат нам?
13 На колку стравопочитувачки начин се одразува Творецот во ѕвезденото ноќно небо кое ги исполнува посматрачите со почитување! Во Псалми 8:3, 4, Давид ја изразил стравопочитта што ја чувствувал: „Кога ќе ги погледам небесата, дела на прстите Твои, па месечината и ѕвездите, што си ги поставил Ти: Што е тоа човек, та се сеќаваш на него, или синот човечки, па го посетуваш [се грижиш за него, NW]?“ На оние кои имаат очи да видат, уши да слушаат и срце да чувствуваат, овие ѕвездени небеса им говорат како што му говореле на Давид: „Небесата ја објавуваат славата на Бога“ (Псалми 18:1-4).
14. Зошто динамичката енергија на една од ѕвездите е толку животоважна за нас?
14 Колку повеќе знаеме за ѕвездите, толку погласно тие ни зборуваат. Во Исаија 40:26 сме повикани да ја забележиме нивната огромна енергија: „Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледнете, кој ги создал? Кој го пресметал бројот на војската нивна? Он сите нив ги нарекува по име: поради големата моќ [изобилството на динамичка енергија, NW] и големата сила во Него ништо не недостига“. Силата на гравитацијата и динамичката енергија на една од нив, нашето Сонце, ја држат Земјата на нејзиното место во нејзината орбита, прават да растат растенија, нѐ греат и го овозможуваат сиот живот овде на Земјава. Апостолот Павле под инспирација рекол: „Ѕвезда се разликува од ѕвезда во славата“ (1. Коринтјаните 15:41, Даничиќ-Караџиќ). Науката познава жолти ѕвезди како нашето Сонце, како и сини ѕвезди, црвени џинови, бели џуџиња, неутронски ѕвезди и експлодирачки супернови кои ослободуваат несфатлива енергија.
15. Што е тоа што многумина пронаоѓачи го научиле од творештвото и се обидувале да го имитираат?
15 Многумина пронаоѓачи учеле од творбите и се обидувале да ги копираат способностите на живите суштества (Јов 12:7-10). Забележи само неколку истакнати аспекти на творештвото. Морските птици со жлезди што ја отсолуваат морската вода; риби и јагули кои произведуваат електрицитет; риби, црви и инсекти кои произведуваат ладна светлина; лилјаци и делфини кои користат сонар; оси кои прават хартија; мравки кои градат мостови; дабари кои градат насипи; змии кои имаат вградени термометри; барски инсекти кои користат цевчиња за дишење и нуркачки ѕвона; октоподи кои користат млазен погон; пајаци кои прават седум вида на пајажини, стапици, мрежи и ласоа и кои имаат бебиња-балонски патници, кои патуваат илјадници километри на огромна висина; риби и ракови кои користат пловни резервоари слични на подморници; и птици, инсекти, морски желки, риби и цицачи кои вршат зачудувачки подвизи на миграција — способности кои се вон моќта на науката да ги објасни.
16. Кои научни вистини ги запишала Библијата илјадници години пред науката да ги открие?
16 Библијата запишала научни вистини илјадници години пред науката да дознае за нив. Мојсеевиот Закон (XVI век пр. н. е.) ја одразил свесноста за бацилите на болестите илјадници години пред Пастер (3. Мојсеева, поглавја 13, 14). Во XVII век пр. н. е., Јов изјавил: „Ја закачил земјата на ништо“ (Јов 26:7). Илјада години пред Христос, Соломон пишувал за циркулацијата на крвта; медицинската наука морала да чека сѐ до XVII век за да научи за неа (Проповедник 12:6). Пред тоа, Псалми 138:16 го одразиле спознанието за генетскиот код: „Твоите очи го видоа зародишот [ембрионот, NW] мој и во Книгата Твоја сѐ е запишано за мене, дури и деновите мои се забележани кога уште не постоеше ниеден“. Во VII век пр. н. е. пред природонаучниците да ја разберат миграцијата, Јеремија напишал, како што е забележано во Јеремија 8:7: „Штркот на небото го знае времето кога да мигрира, гулабот и ластовицата и кривошијата го знаат годишното време за враќање“ (NE).
„Творецот“ што го избираат еволуционистите
17. а) Што вели Римјаните 1:21-23 за некои кои одбиваат да видат интелигентен Творец зад создадените чуда? б) Во извесна смисла, што избираат еволуционистите како нивни „творец“?
17 За оние кои одбиваат да видат интелигентен Творец зад создадените чуда, еден стих вели: „Тие . . . се заблудија во своите помисли, и нивното неразумно срце им се помрачи; наречувајќи се себе мудри, тие обезумија, и славата на вечниот Бог ја изменија во облик на смртен човек, на птици, на четвороножни животни и на лазачи“. „Тие ја заменија вистината Божја со лага и му се поклонија и му служеа на созданието повеќе отколку на Создателот“ (Римјаните 1:21-23, 25). Слично е и со еволуционите научници кои, всушност, величаат еден замислен нагорен синџир од праживотни–црви–риби–водоземци–влечуги–цицачи–„човек-мајмун“, како нивни „творец“. Меѓутоа, тие знаат дека не постои вистински едноставен едноклеточен организам за да започне синџирот. Наједноставниот познат организам содржи сто милијарди атоми со илјадници хемиски реакции во него кои се случуваат истовремено.
18, 19. а) Кој е Правиот на кого треба да му се припише заслугата за потеклото на животот? б) Колкав дел од Јеховиното творештво можеме да видиме?
18 Јехова Бог е Творецот на животот (Псалми 35:9). Тој е големиот Прв Причинител. Неговото име, Јехова, значи „Тој предизвикува да настане“. Неговите творби ја надминуваат нашата моќ на броење. Сигурно дека постојат милиони други за кои човекот не е свесен. Псалми 103:24, 25 го навестуваат ова: „Колку се многубројни делата Твои, Господи [Јехова, NW]! Сѐ си направил премудро“. Јов 26:14 е јасен за ова: „Ете, тоа се делови [рабовите, NW] од патиштата Негови; а колку малку сме слушале за Него! И кој може да го разбере громот на Неговата моќ?“ Ние можеме да видиме неколку рабови, да слушаме неколку шепоти, но невозможно е потполно да го сфатиме громот на неговата моќ.
19 Меѓутоа, имаме извор преку кој можеме подобро да го видиме отколку преку неговите физички творби. Тој подобар извор е неговата Реч, Библијата. Кон тој подобар извор се обраќаме во нашата следна статија.
Дали се сеќаваш?
◻ Што научил Јов кога Јехова му зборувал од бурата?
◻ Зошто Павле рекол дека некои луѓе немале изговор?
◻ Како дејствува кружниот тек на водата?
◻ Какви важни работи врши сончевата светлина за нас?
◻ Кои научни вистини ги открила Библијата пред да ги открие науката?