Дрво „на кое лисјето не му венеат“
СИ ВИДЕЛ ЛИ некогаш предел полн со бујни, зелени дрвја? Сигурно ќе се согласиш дека тоа е многу убава глетка. Ако во некое место видиш големи и разлистени дрвја, би помислил ли дека таму владее суша? Не. Ќе ти биде јасно дека во близина сигурно има изобилство вода што ги одржува дрвјата да бидат здрави и свежи.
Сосема е на место што во Библијата лицата кои се духовно здрави се споредени со големи, бујни дрвја. На пример, обрни внимание на овие прекрасни зборови од почетните три стиха на првиот Псалм:
„Среќен е човекот што не постапува според советот на злите, не стои на патот на грешниците и не седи во друштвото на потсмевачите, туку ужива во законот на Јехова и внимателно го чита неговиот закон дење и ноќе. Тој е како дрво посадено крај води што течат, кое својот плод го донесува во свое време и на кое лисјето не му венеат, и во сѐ што прави, ќе биде успешен“.
Нешто слично читаме и во Еремија 17:7, 8: „Благословен да е човекот што се надева на Јехова, кому Јехова му е сигурност! Тој ќе биде како дрво посадено покрај води, кое ги пушта своите корења крај водниот тек. Нема да види жега кога таа ќе дојде, туку лисјата ќе му останат зелени. Во сушна година нема да се грижи и нема да престане да раѓа плод“.
И во Псалмите и во Еремија, дрвјата се употребени за да се покаже што се случува со човекот што постапува исправно, ужива во Божјите закони и има целосна доверба во Бог. Ова го отвора прашањето: ‚Во кој поглед таквото лице е како бујно дрво во духовна смисла?‘ Да ги разгледаме подетално овие библиски стихови.
„Дрво посадено крај води што течат“
Од библиските стихови што ги спомнавме, гледаме дека дрвјата се засадени „крај води што течат“, или „покрај води“, а не само покрај некоја река или поток. Нешто слично читаме и во Исаија 44:3, 4, каде што Јехова Бог зборува за тоа како ќе се погрижи за покајничките Евреи кои се вратиле од ропството во Вавилон. Преку пророкот Исаија, Јехова рекол: „Ќе излеам вода врз жедниот и потоци врз сувото место... Ќе никнуваат како зелена трева, како тополи крај канали со вода“. Овде се вели дека благословените растат како разлистени тополи благодарение на „потоци“ и „канали со вода“.
Дури и денес, во земјоделските краеви може да се видат канали со вода и потоци што течат од некој голем извор на вода, како што е длабок бунар, река, езеро или насип. Обично тие се дел од еден систем за наводнување на полиња или плантажи. Понекогаш, каналите со вода се насочуваат кон некој овоштарник. Во некои случаи, потоците ги наводнуваат полињата на едниот брег и ред разлистени дрвја на другиот брег, со кои можеби е означена меѓата на некој имот.
Како виреат дрвјата засадени крај такви потоци? Во Псалм 1:3 се зборува за дрво „кое својот плод го донесува во свое време“. Во библиските земји има смокви, калинки и јаболкници, како и урмини палми и маслини. Иако смоквата може да достигне височина од 9 метри и да биде многу широко разгранета, повеќето други овошки не растат толку високо. Сепак, може да бидат бујни и здрави и да даваат изобилство плодови во свое време.
Во старо време, долж реките и потоците во Сирија и Палестина растеле големи тополи. Во Библијата, тополите обично се спомнуваат во поврзаност со водни текови (3. Мојсеева 23:40). Во местата каде што имало изобилство вода растеле и врби, кои спаѓаат во иста фамилија со тополите (Езекиел 17:5). Со овие големи, бујни дрвја добро е пренесена сликата што сакале да ни ја прикажат и псалмистот и Еремија: Оние што се трудат да го следат Божјиот закон и имаат целосна доверба во него, ќе останат духовно здрави и ‚во сѐ што прават, ќе бидат успешни‘. Зар тоа не е токму она што го сакаме — да имаме успех во животот?
Да уживаме во Јеховиниот закон
Денес луѓето бараат најразлични начини да постигнат успех во животот. Се впуштаат во потфати што би можеле да им донесат слава и богатство, но честопати не завршуваат така и им носат само разочарување. Тогаш, што може да донесе вистинско задоволство и трајна среќа во животот? Одговорот го наоѓаме во она што го кажал Исус во Проповедта на гората. Тој рекол: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби, зашто нивно е царството небесно“ (Матеј 5:3). Значи, вистинската среќа не доаѓа од поседувањето многу материјални работи, туку од тоа дали сме свесни за нашите духовни потреби и дали ги задоволуваме, зашто тоа ќе ни помогне да бидеме духовно здрави, како некое бујно дрво што дава плод во свое време. Како можеме духовно да растеме?
Како што рекол псалмистот, прво треба да се држиме настрана од некои работи. Тој ги спомнал „советот на злите“, „патот на грешниците“ и „друштвото на потсмевачите“. За да бидеме среќни, треба да се тргаме од оние што ги исмеваат Божјите закони, па дури и од оние што само ги игнорираат.
Исто така, треба да уживаме во Јеховиниот закон. Кога уживаме во нешто, едвај чекаме да го правиме тоа, зар не? Да уживаме во Божјиот закон значи да имаме длабоко ценење за Божјата реч, желба да научиме повеќе за неа и да ја разбереме подобро.
И на крајот, треба ‚внимателно да ја читаме дење и ноќе‘. Тоа значи да ја читаме Библијата редовно и да размислуваме за она што сме го прочитале. За Божјата реч треба да го чувствуваме истото што го чувствувал и псалмистот, кој во песна рекол: „Колку го сакам твојот закон! Цел ден размислувам за него“ (Псалм 119:97).
Да, ако добро го запознаеме Јехова Бог и стекнеме целосна доверба во него и во неговите ветувања, сигурно ќе бидеме духовно здрави. Во тој случај, ќе бидеме како среќниот човек што го опишал псалмистот — како човек кој „во сѐ што прави, ќе биде успешен“.