Што ти е најважно во животот?
„Покажи ми го, Господи, патот по кој да одам“ (ПСАЛМ 142:8).
1. Што заклучил цар Соломон во врска со човечките тежнеења и достигнувања?
КАКО и секој друг, веројатно знаеш дека животот е исполнет со активности и грижи. Кога размислуваш за тоа, можеш да идентификуваш некои од нив како неопходни. Други активности и грижи се помалку важни или дури и залудни. Тоа што ти го признаваш ова значи дека си во склад со еден од најмудрите луѓе воопшто — со цар Соломон. Откако темелно ги разгледал животните активности, тој заклучил: „Бој се од Бога и пази ги неговите заповеди, зашто сето тоа е [целата обврска, НС] за човекот“ (Проповедник 2:4—9, 11; 12:13). Какво значење има ова за нас денес?
2. Кое основно прашање треба да си го постават богобојазливите луѓе, и до кои поврзани прашања води тоа?
2 Ако сакаш да ‚се боиш од Бога и да ги пазиш неговите заповеди‘, постави си го ова предизвикувачко прашање: ‚Што е најважно во мојот живот?‘ Се разбира, ти можеби не размислуваш секој ден за тоа прашање, но зошто не го разгледаш сега? Всушност, тоа укажува на некои сродни прашања, како што се: ‚Дали јас можеби ставам преголем нагласок врз мојата работа или професија или, пак, врз материјалните ствари? Каде стојат мојот дом, семејството и блиските во сето тоа?‘ Еден младинец би можел да се праша: ‚Во колкав обем образованието ми го одзема вниманието и времето? Навистина, дали некое хоби, спорт или некој облик на забава или, пак, технологија е мојот првенствен интерес?‘ И без оглед на тоа колкава е нашата возраст или каква е нашата ситуација, би требало со право да се прашаме: ‚Какво место зазема служењето на Бог во мојот живот?‘ Ти веројатно би се согласил околу потребата од приоритети. Но, како и каде можеме да добиеме помош за да ги поставиме на мудар начин?
3. Што вклучува за христијаните поставувањето приоритети?
3 „Најважно“ ја има основната смисла на нешто што доаѓа пред сѐ друго или треба да се разгледа прво. Без разлика дали си Јеховин сведок или, пак, си меѓу милионите искрени проучувачи на Божјата Реч кои се поврзани со нив, разгледај ја оваа вистина: „Сѐ има свое време, и секоја работа под небото има свое време“ (Проповедник 3:1). Тоа со право подразбира дека за семејните односи треба да покажуваш грижа полна со љубов (Колосјаните 3:18—21). Подразбира чесно да се грижиш за твоето домаќинство преку световна работа (2. Солунјаните 3:10—12; 1. Тимотеј 5:8). А за промена, ти можеби одвојуваш време за некое хоби или за повремена забава или рекреација. (Спореди Марко 6:31.) Сепак, откако сериозно ќе размислиш, зарем не гледаш дека ниедна од овие работи не е најважна во животот? Нешто друго е поважно.
4. На кој начин стиховите од Филипјаните 1:9, 10 се поврзани со нашето поставување приоритети?
4 Ти веројатно признаваш дека водечките начела од Библијата се вредна помош во поставувањето приоритети и донесувањето мудри одлуки. На пример, во Филипјаните 1:9, 10 (НС), христијаните се поттикнати ‚сѐ повеќе и повеќе да изобилуваат со точното спознание и со сета способност за просудување‘. За која цел? Апостол Павле додал: „За да можете да се уверите во поважните работи“. Зарем тоа нема смисла? На темел на точното спознание, еден христијанин кој просудува може да одреди што треба да биде од првенствен интерес — најважно — во животот.
Пример за тоа што е најважно
5. Кога го опишува примерот што им е оставен на христијаните, како покажува Писмото што било најважно во Исусовиот живот?
5 Во зборовите на апостол Петар наоѓаме една скапоцена фасета на спознание: „Вие сте за тоа повикани, оти и Христос пострада за нас, оставајќи ни пример, за да врвиме по Неговите стапки“ (1. Петрово 2:21). Да, како патокази за тоа што е најважно во животот, можеме да испитаме што мислел Исус Христос за тоа. Псалм 39:8 пророчки рекол за него: „Одлучив да ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; и Твојот закон е во срцето мое“. Истата мисла тој ја навел вака: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој Ме пратил и да го извршам Неговото дело“ (Јован 4:34; Евреите 12:2).
6. Како можеме да ги имаме истите резултати како што ги имал Исус во ставањето на Божјата волја на прво место?
6 Забележи го тој клуч — вршењето на Божјата волја. Исусовиот пример нагласува што точно треба неговите ученици да направат најважно во својот живот, зашто тој рекол дека „секој што ќе се усоврши [кој е совршено поучен, НС], ќе биде како и учителот негов“ (Лука 6:40). А додека Исус одел по патот што го наумил неговиот Татко, тој покажал дека имало „радување до ситост“ кога Божјата волја се сметала за најважна (Псалм 16:11, НС; Дела 2:28). Дали сфаќаш што подразбира тоа? Кога Исусовите следбеници го избираат вршењето на Божјата волја за најважна работа во својот живот, тие ќе уживаат „радување до ситост“ и вистински живот (1. Тимотеј 6:19). Значи, постои повеќе од една причина вршењето на Божјата волја да биде приоритет во нашиот живот.
7, 8. Со какви искушенија се соочил Исус, и што можеме да научиме од ова?
7 Веднаш откако Исус го симболизирал своето претставување да ја врши Божјата волја, Ѓаволот се обидел да го сврти настрана. Како? Со искушување на три подрачја. Секојпат, Исус одговарал со библиски, недвосмислени термини (Матеј 4:1—10). Но, го очекувале натамошни искушенија — прогонство, исмејување, предавство од Јуда, лажни обвиненија и потоа смрт на маченички столб. Па сепак, ниедно од овие искушенија не го натерале Божјиот лојален Син да скршне од својот пат. Во еден критичен момент, Исус се молел: „Не како Јас што сакам, туку како Ти . . . нека биде волјата Твоја“ (Матеј 26:39, 42). Зарем не треба секој од нас да биде длабоко трогнат од овој аспект на примерот што ни е оставен, поттикнувајќи нѐ да ‚истраеме во молитва‘? (Римјаните 12:12, НС).
8 Да, кога поставуваме свои приоритети во животот, особено е корисно божественото водство, посебно ако се соочуваме со непријатели на вистината и со противници на Божјата волја. Присети се на верната молба на цар Давид за водство кога доживувал непријателско противење. Тоа ќе го видиме додека разгледуваме еден дел од Псалм 142. Тоа треба да ни помогне да просудиме како можеме да го зајакнеме нашиот личен однос со Јехова и да бидеме утврдени да го зачуваме вршењето на Божјата волја на прво место во својот живот.
Јехова ги слуша и одговара на нашите молитви
9. а) Иако бил грешник, што откриваат Давидовите зборови и постапки? б) Зошто не треба да се откажеме да го правиме она што е исправно?
9 Иако бил грешен смртник, Давид имал вера дека Јехова ќе го чуе неговото преколнување. Тој понизно молел: „Господи, услиши ја молитвата моја, чуј го молењето мое поради Твојата вистина; услиши ме поради Твојата правда и не стапувај во суд со Твојот слуга, зашто пред Тебе нема да се оправда ниту еден од живите“ (Псалм 142:1, 2). Давид бил свесен за својата несовршеност, а сепак неговото срце било потполно спрема Бог. Затоа, тој бил уверен дека ќе добие одговор во праведност. Зарем ова не нѐ охрабрува? Иако не ја достигнуваме Божјата праведност, можеме да бидеме уверени дека тој нѐ слуша ако нашето срце е потполно спрема него (Проповедник 7:20; 1. Јованово 5:14, НС). Додека истрајуваме во молитва, мораме да бидеме со намера да ‚го победиме злото со добро‘ во овие зли денови (Римјаните 12:20, 21; Јаков 4:7).
10. Зошто Давид имал периоди на загриженост?
10 Давид имал непријатели исто како што имаме и ние. Без оглед на тоа дали како бегалец од Саул, принуден да бара прибежиште на осамени, непристапни места или, пак, како цар кој е прогонуван од непријатели, Давид имал свои периоди на загриженост. Тој опишал како влијаело тоа врз него: „Непријателот ја прогонува душата моја . . . ме остави во темнина . . . опадна духот мој во мене, се вознемири во мене срцето мое“ (Псалм 142:3, 4). Дали ти си имал причина да се чувствуваш слично?
11. Со какви загрижувачки моменти се соочувале Божјите современи слуги?
11 Притисокот од непријателите, искушенијата од суровите економски тешкотии, сериозна болест или други загрижувачки проблеми навеле некои од Божјиот народ да чувствуваат дека нивниот дух ќе попушти. Понекогаш срцата им биле како здрвени. Како секој поединечно да извикувал: „Затоа што ти направи да видам многу маки и неволји, оживеј ме пак . . . опколи ме и утеши ме“ (Псалм 70:20, 21, НС). Како им било помогнато?
Како да се справиме со напорите на непријателот
12. На кој начин цар Давид се соочил со опасност и со искушенија?
12 Псалм 142:5 покажува што сторил Давид кога бил притиснат со опасност и со големи искушенија: „Се сетив на дамнешните дни и размислував за сите Твои дела, расудував за делата на Твоите раце“. Давид се присеќавал на постапките на Бог со Своите слуги и како самиот тој доживеал ослободување. Медитирал за тоа што сторил Јехова заради Своето големо име. Да, Давид се бавел со Божјите дела.
13. Кога сме соочени со искушенија, на кој начин нашето размислување за древните и за современите примери на верни слуги ќе ни помогне да издржиме?
13 Зарем не сме се сеќавале честопати на постапките на Бог со својот народ? Секако! Во тоа спаѓа извештајот направен од ‚големиот облак сведоци‘ од претхристијански времиња (Евреите 11:32—38; 12:1, НС). Помазаните христијани во првиот век биле исто така охрабрени да ‚се потсетуваат на своите поранешни денови‘ и на она што го поднеле (Евреите 10:32—34). А како е со искуствата на Божјите слуги во денешно време, како што се оние што се раскажани во Јеховини сведоци — објавители на Божјето Царство?a Извештаите што се документирани таму и на други места ни овозможуваат да се сетиме на тоа како Јехова му помагал на својот народ да издржи забрани, затворања, акции на толпи, концентрациони логори и логори за принудна работа. Имало искушенија во земјите што се распарчени од војна, како Бурунди, Либерија, Руанда и поранешна Југославија. Кога ќе се покажело противење, Божјите слуги издржувале затоа што оддржувале цврст однос со Јехова. Неговата рака ги поддржувала оние кои вршењето на неговата волја го направиле најважно во својот живот.
14. а) Кој е еден пример за тоа дека Бог поддржува едно лице во ситуација која би можела да е слична на нашата? б) Што учиш од тој пример?
14 Меѓутоа, можеби реагираш дека ти не си доживеал такво брутално малтретирање и можеби мислиш дека е неверојатно некогаш да се случи тоа. Сепак, Божјата поддршка на својот народ не била секогаш во такви, како што некои би ги нарекле, драматични околности. Тој поддржал мнозина „просечни“ поединци во „нормални“ околности. Еве само еден од многуте примери: Дали ја препознаваш горната фотографија, и дали таа ти помага да се сетиш на Божјите постапки со својот народ? Таа се појави во Стражарска кула од 1 декември 1996 година. Дали го прочита извештајот раскажан од Пенелопа Макрис? Каков само прекрасен пример на христијански интегритет! Можеш ли да се сетиш што поднела таа од соседите, како се борела со тешки болести и колкави напори вложила за да остане во полновремената служба? А што е со нејзиното наградувачко искуство во Митилена? Поентата е: Дали ваквите примери ги сметаш за помош за секого од нас во поставувањето приоритети, ставајќи го вршењето на Божјата волја на прво место во својот живот?
15. Кои се некои од Јеховините дела за кои треба да медитираме?
15 Ние сме зајакнати кога читаме за Јеховините активности, како што правел Давид. Во извршувањето на својата намера, Јехова направил подготовка за спасение преку смртта, воскресението и прославувањето на својот Син (1. Тимотеј 3:16, НС). Тој го воспоставил своето небесно Царство, ги исчистил небесата од Сатана и од неговите демони и го обновил вистинското обожавање овде на Земјата (Откровение 12:7—12). Изградил еден духовен рај и го благословил својот народ со пораст (Исаија 35:1—10; 60:22). Неговиот народ сега дава конечно сведоштво пред избувнувањето на големата неволја (Откровение 14:6, 7). Да, имаме да медитираме за многу работи.
16. Со што сме охрабрени да се бавиме, и каков впечаток ќе ни остави тоа?
16 Ако се бавиме со делата на Божјите раце наместо да станеме преокупирани со човечки настојувања, тоа ќе ни остави впечаток дека Јеховината применета моќ е неодолива. Сепак, овие дела не се ограничени само на прекрасните физички дела на создавање на небесата и овде на Земјата (Јов 37:14; Псалм 18:1; 103:24). Во неговите прекрасни дела спаѓаат и дела на ослободување за неговиот народ од непријателски угнетувачи, како што е прикажано во искуствата на неговиот древен избран народ (2. Мојсеева 14:31; 15:6).
Да се знае по кој пат да се оди
17. Колку реален му бил Јехова на Давид, и како можеме да бидеме утешени од ова?
17 Давид се молел за помош за да не се исуши животниот сок во него: „Ги протегнав кон Тебе рацете мои, душата моја е жедна за Тебе како сува земја. Услиши ме поскоро, Господи: духот мој малакса; не одвраќај го лицето Свое од мене, за да не заприлегам на оние, што слегуваат во гроб“ (Псалм 142:6, 7). Давид, еден грешник, знаел дека Бог е свесен за неговата ситуација (Псалм 30:7). Понекогаш, и ние може да чувствуваме дека нашата духовност спаднала на ниско ниво. Но, ситуацијата не е безнадежна. Јехова, кој ги слуша нашите молитви, може да го забрза нашето обновување со тоа што ќе нѐ освежи преку старешините полни со љубов, преку статиите во Стражарска кула или преку деловите од состаноците што изгледаат како да се наменети токму за нас (Исаија 32:1, 2).
18, 19. а) Какво треба да биде нашето сериозно преколнување до Јехова? б) Во што можеме да бидеме сигурни?
18 Нашата доверба во Јехова нѐ поттикнува да го преколнуваме: „Соопшти ми ја утрената милост Твоја, зашто на Тебе се надевам, Господи. Покажи ми го, Господи, патот по кој да одам“ (Псалм 142:8). Дали ја разочарал сестра Макрис, која била изолирана на еден грчки остров? Тогаш, дали тој ќе те разочара тебе додека вршењето на неговата волја го правиш најважно во својот живот? Ѓаволот и неговите застапници би сакале да го спречат или потполно да го запрат нашето дело на објавување на Божјето Царство. Сеедно дали служиме во земји каде што вистинското обожавање главно е дозволено или, пак, служиме таму каде што тоа е задушувано, нашите обединети молитви се во склад со Давидовата молба: „Избави ме, Господи, од моите непријатели, зашто при Тебе прибегнав“ (Псалм 142:9). Нашата безбедност од духовна неволја зависи од тоа дали престојуваме во тајното место на Севишниот (Псалм 90:1).
19 Нашето уверување во поглед на тоа што е најважно, е цврсто втемелено (Римјаните 12:1, 2). Затоа, спротивстави се на напорите на светот да ти го наметне она што тој мисли дека е важно во човечкиот план на работите. Нека секој аспект од твојот живот и понатаму го одразува она за кое знаеш дека е најважно — вршењето на Божјата волја (Матеј 6:10; 7:21).
20. а) Што научивме за Давид од Псалм 142:1—9? б) На кој начин христијаните денес го одразуваат Давидовиот дух?
20 Првите девет стихови од Псалм 142 го подвлекуваат Давидовиот близок личен однос со Јехова. Кога бил опколен од непријатели, тој слободно го преколнувал Бог за водство. Го истурал своето срце, барајќи помош за правиот пат по кој треба да оди. Слично е и денес со остатокот од помазани со дух на Земјата и со нивните придружници. Тие го сметаат својот однос со Јехова за скапоцен додека го преколнуваат за водство. Вршењето на Божјата волја го држат на прво место и покрај притисоците од Ѓаволот и од светот.
21. Зошто е важно да дадеме добар пример ако сакаме да ги поучиме другите што треба да биде најважно во нивниот живот?
21 Милиони кои ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци треба да увидат дека вршењето на Божјата волја е најважно. Можеме да им помогнеме да го разберат ова кога дискутираме за поглавје 13 од книгата Спознание кое води до вечен живот, кое ги нагласува начелата што се вклучени во тоа да се биде послушен на Речта.b Се разбира, тие треба во нас да го видат она за кое ги поучуваме. После еден релативно краток временски период, и тие ќе го запознаат патот по којшто треба да одат. Додека овие милиони лица лично увидуваат што треба да биде од најголема важност во нивниот живот, мнозина ќе бидат поттикнати да ги преземат чекорите на предание и крштавање. Потоа, собранието може да им помогне да продолжат да одат по патот на животот.
22. Кои прашања ќе бидат разгледани во следната статија?
22 Мнозина спремно признаваат дека Божјата волја треба да биде од најголема важност во нивниот живот. Но, на кој начин Јехова прогресивно ги поучува своите слуги да ја вршат неговата волја? Какви користи им донесува тоа? Овие прашања, како и дискусијата на еден клучен стих, Псалм 142:10, ќе бидат разгледани во следната статија.
[Фусноти]
a Издадена 1992 година од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b Издадена 1995 година од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
Како гласи твојот одговор?
◻ Применувајќи ги стиховите од Филипјаните 1:9, 10, како можеме да поставиме приоритети?
◻ Како покажал Исус што било најважно во неговиот живот?
◻ Што можеме да научиме од Давидовите постапки кога бил под искушение?
◻ На кој начин Псалм 142:1—9 ни помага нам денес?
◻ Што треба да биде најважно во нашиот живот?
[Слика на страница 10]
Постапките на Давид ја докажале неговата доверба во Јехова
[Извор на слика]
Репродуцирано од Illustrirte Pracht - Bibel/Heilige Schrift des Alten und Neuen Testaments, nach der deutschen Uebersetzung D. Martin Luther’s