„Од кого да се плашам?“
„И војна да се поведе против мене, и тогаш ќе имам доверба во Бог“ (ПС. 27:3)
СПОРЕД СЛЕДНИВЕ СТИХОВИ, ШТО МОЖЕ ДА НИ ВЛЕЕ ХРАБРОСТ?
1. На кои прашања може да најдеме одговор во Псалм 27?
ЗОШТО и понатаму проповедаме во сѐ поголема мера и покрај тоа што условите во светот се влошуваат од ден на ден? Зошто со радост ги трошиме своето време и сила во ова дело додека економските проблеми насекаде земаат сѐ поголем замав? Што ќе ни помогне да останеме храбри иако многу луѓе се плашат од иднината? Одговорот на овие прашања се наоѓа во Псалм 27, кој го напишал цар Давид под водство на светиот дух.
2. Како може да влијае стравот врз некого, но во што сме уверени ние?
2 Давид го започнува овој псалм со следниве зборови: „Јехова е мојата светлина и моето спасение. Од кого да се плашам? Јехова е тврдината на мојот живот. Од кого да треперам?“ (Пс. 27:1). Силниот страв може да парализира. Но, оној што има доверба во Јехова е храбар и не се плаши (1. Пет. 3:14). Ако Јехова е наша тврдина, ‚ќе живееме мирно, и нема да се плашиме од зло‘ (Изр. 1:33; 3:25).
„ЈЕХОВА Е МОЈАТА СВЕТЛИНА И МОЕТО СПАСЕНИЕ“
3. Во која смисла Јехова е нашата светлина, но што мора да правиме ние?
3 Изразот „Јехова е мојата светлина“ укажува дека Тој нѐ ослободува од незнаење и од духовна темнина (Пс. 27:1). Дословната светлина може да ни открие некоја опасност или пречка на патот, но нема да ја отстрани. Ние мора да направиме нешто за да ја избегнеме опасноста. На сличен начин, Јехова ни го открива значењето на светските настани и нѐ предупредува на опасностите во овој свет. Освен тоа, ни дал начела во Библијата кои секогаш можат да ни помогнат. Но, ние мора да го применуваме она што го учиме. Тогаш ќе бидеме како псалмистот, кој рекол дека Божјите заповеди му помогнале да стане помудар од своите непријатели и од своите учители (Пс. 119:98, 99, 130).
4. а) Зошто Давид можел со увереност да каже: ‚Јехова е моето спасение‘? б) Кога Јехова ќе ги спаси своите денешни слуги?
4 Од она што го напишал Давид во Псалм 27:1 се гледа дека тој сигурно размислувал како Јехова го спасувал порано. На пример, Јехова го избавил „од шепите на лавот и на мечката“, а му помогнал и да го победи џинот Голијат. Подоцна, кога цар Саул неколкупати се обидел да го прободе со копје, Јехова пак го избавил (1. Сам. 17:37, 49, 50; 18:11, 12; 19:10). Ништо чудно што Давид со увереност можел да каже: ‚Јехова е моето спасение‘! Јехова ќе ги спаси и своите денешни слуги исто како што го спасил овој цар. Кога? Во претстојната ‚голема неволја‘ (Отк. 7:14; 2. Пет. 2:9).
РАЗМИСЛУВАЈ КАКО ЈЕХОВА ТИ ПОМАГАЛ ДОСЕГА
5, 6. а) Како тоа што ќе размислуваме за минатото ќе ни влее храброст? б) Зошто е добро да размислуваме како Јехова им помагал на своите слуги во минатото?
5 Во Псалм 27:2, 3 е наведена една важна работа која може да ни влее храброст. (Прочитај.) Давид размислувал како Јехова го избавувал во многу прилики (1. Сам. 17:34-37). Тоа му дало храброст да се соочи со уште поголеми неволји. Дали и ти размислуваш како Јехова ти помагал во минатото? Дали таквите искуства ти влеваат храброст? На пример, дали некогаш горливо си се молел кога си се нашол во тешка ситуација и си почувствувал како Јехова ти дава мудрост или сила за да се справиш со неа? Се сеќаваш ли како ти помогнал да надминеш некои пречки кои ти отежнувале да му служиш со радост или, пак, ти ‚отворил голема врата за работа‘ во неговото дело? (1. Кор. 16:9). Како се чувствуваш кога размислуваш за тие работи денес? Зарем сето тоа не те уверува дека Јехова може да ти помогне да истраеш или да надминеш уште поголеми пречки и тешкотии? (Рим. 5:3-5).
6 Што ако некоја моќна влада се обиде да ги уништи Јеховините сведоци? Многу луѓе во нашево време пробале да го сторат токму тоа, но залудно. Ако размислуваме како Јехова досега му помагал на својот народ, ќе можеме храбро да се соочиме со сето она што нѐ очекува во иднина (Дан. 3:28).
ЦЕНИ ГО ОБОЖАВАЊЕТО НА ВИСТИНСКИОТ БОГ
7, 8. а) Според Псалм 27:4, за што се молел Давид? б) Што претставува Јеховиниот голем духовен храм, и како го обожаваме таму?
7 Друго нешто што ни влева храброст е нашето ценење за обожавањето на вистинскиот Бог. (Прочитај Псалм 27:4.) Во времето на Давид, „Јеховиниот дом“ бил светиот шатор. При крајот на својот живот, тој подготвил сѐ што било потребно за да може неговиот син Соломон да му изгради прекрасен храм на Јехова. Но, со векови подоцна, Исус објаснил дека ќе дојде време кога луѓето нема да го обожаваат Јехова во дословен храм (Јован 4:21-23). Денес постои голем духовен храм кој го претставува сето она што Бог го подготвил за да можеме да го обожаваме на прифатлив начин. Тој го прифаќа нашето обожавање ако покажуваме вера во откупната жртва на Исус. Во посланието до Евреите, поглавја 8-10, апостол Павле кажал дека темелот на овој духовен храм бил поставен во 29 год. од н.е., кога Исус се крстил и покажал дека е спремен да ја врши Божјата волја (Евр. 10:10). Како го обожаваме Бог во неговиот духовен храм? Така што му се молиме „со искрено срце, полни со сигурност и вера“ и така што непоколебливо ја објавуваме нашата надеж. Освен тоа, го обожаваме Бог во духовниот храм кога ги храбриме браќата на собраниските состаноци и кога ја одржуваме Семејната вечер (Евр. 10:22-25). Ако го цениме обожавањето на вистинскиот Бог, ќе продолжиме непоколебливо да му служиме во овие тешки последни денови.
8 Насекаде во светот, верните Божји слуги проповедаат во сѐ поголема мера, учат други јазици и се преселуваат во места каде што има поголема потреба од објавители. Со тоа покажуваат дека се како псалмистот, кој го молел Бог само за една работа — ‚да гледа колку е добар Јехова и да се восхитува на неговиот храм‘. И на Божјите слуги денес им е најважно Тој да ги благослови и да продолжат да му служат без оглед на сѐ. (Прочитај Псалм 27:6.)
ИМАЈ ДОВЕРБА ДЕКА БОГ ЌЕ ТИ ПОМАГА
9, 10. Кое ветување ни е дадено во Псалм 27:10?
9 Давид покажал колку силна доверба има во Јехова кога рекол: „И да ме остават татко ми и мајка ми, Јехова ќе ме прифати“ (Пс. 27:10). Од извештајот во 1. Самоилова, поглавје 22, може да заклучиме дека родителите не го оставиле Давид. Но, денес мнозина претрпеле силно противење и биле отфрлени од семејството. Сепак, многу од нив добиле помош од христијанското собрание и нашле љубов и заштита во него.
10 Со оглед на тоа што Јехова е спремен да им помага на своите слуги кога другите ќе ги напуштат, зарем нема да ги поддржува кога ќе се најдат во која и да било друга неволја? На пример, ако сме загрижени дали ќе можеме да го издржуваме семејството, може да бидеме уверени дека Јехова ќе ни помогне во тоа (Евр. 13:5, 6). Тој знае во какви околности се наоѓаат сите негови верни слуги и знае што им е потребно.
11. Како може нашата доверба во Јехова да влијае врз другите? Наведи пример.
11 Да ја земеме за пример Викторија, која ја проучувала Библијата со Јеховините сведоци во Либерија. Откако почнала да проучува, мажот со кој живеела ги оставил неа и нејзините три деца. Иако останала без работа и без покрив над главата, таа продолжила духовно да напредува. Откако Викторија се крстила, нејзината 13-годишна ќерка нашла ташниче полно со пари. Тие не сакале дури ни да ги избројат парите за да не паднат на искушение да си ги земат. Наместо тоа, брзо стапиле во контакт со војникот што го изгубил ташничето. Тој им рекол дека, кога сите луѓе би биле чесни како Јеховините сведоци, целиот свет би бил подобро и помирно место. Викторија му покажала во Библијата дека Бог ветува еден нов свет. Восхитен од нејзината вера и чесност, овој војник ѝ дал голема сума од парите што му ги вратила. Јеховините сведоци се познати по својата чесност. Тие се чесни затоа што имаат безусловна доверба дека Бог ќе се грижи за нив.
12. Што покажуваме кога продолжуваме да му служиме на Јехова иако можеби сме ја изгубиле работата или сме останале без плата? Наведи пример.
12 Друг пример е Томас, некрстен објавител од Сиера Леоне. Тој почнал да работи како професор во едно средно училиште, но не добил плата речиси цела година. За да му бидат исплатени сите пари, тој морал да појде на разговор кај еден член на училишната управа, кој бил свештеник. Свештеникот му рекол дека верувањата на Јеховините сведоци се неприфатливи за тоа училиште и дека не може да ја задржи работата ако остане во таа религија. Томас решил да даде отказ иако тоа значело дека нема да добие ништо од парите што ги заработил за цела година. Веднаш потоа нашол друго работно место, каде што поправал радија и мобилни телефони. Овој и многу други примери покажуваат дека, ако имаме доверба во Јехова, не треба никогаш да се плашиме дека ќе останеме без основните работи. Бидејќи Јехова е наш Творец и Заштитник, уверени сме дека тој секогаш ќе се грижи за нас.
13. Како напредува проповедањето во сиромашните земји?
13 Во многу земји каде што условите за живот се тешки, браќата и сестрите се многу активни во проповедничкото дело. Зошто? Една подружница пишува: „Голем број од луѓето што прифаќаат библиска студија се невработени и затоа имаат повеќе време да проучуваат. А и браќата имаат повеќе време да проповедаат. На оние што живеат во најпогодените подрачја не треба да им се каже дека ова се последните денови — тоа им е јасно како ден“. Еден мисионер, кој служи повеќе од 12 години во земја каде што секој објавител има во просек по повеќе од 3 библиски студии, го пишува следново: „Бидејќи многу објавители водат едноставен живот, обично имаат повеќе време да проповедаат и да ги поучуваат другите за Библијата“.
14. На кои начини Бог може да го заштити големото мноштво?
14 Јехова им ветува на своите слуги дека ќе им помага, ќе ги штити и ќе ги избави како група — и во физички и во духовен поглед. Ние имаме доверба во ова негово ветување (Пс. 37:28; 91:1-3). Мноштвото кое ќе ја преживее „големата неволја“ ќе биде големо (Отк. 7:9, 14). Јехова ќе ги заштити своите слуги како група и нема да дозволи да бидат истребени до крајот на овие последни денови. Тој ќе им даде сѐ што им е потребно за да ги издржат неволјите и за да го зачуваат своето пријателство со Него. Освен тоа, Јехова ќе го спаси секој свој верен слуга во Армагедон, последната фаза од големата неволја.
„ПОУЧИ МЕ, О ЈЕХОВА, ЗА СВОЈОТ ПАТ“
15, 16. Какви користи имаме кога ги применуваме Божјите совети? Наведи пример.
15 За да останеме храбри, треба и понатаму да учиме за Божјите патишта. Давид рекол: „Поучи ме, о Јехова, за својот пат и води ме по патеката на справедливоста за да бидам заштитен од моите непријатели“ (Пс. 27:11). Ќе постапиме во склад со оваа молитва ако обрнуваме внимание на сите библиски упатства што ги добиваме од Јеховината организација и ако веднаш ги применуваме. На пример, многумина решиле да го применат мудриот совет да водат едноставен живот и да не се задолжуваат непотребно. Затоа имале многу помалку грижи и проблеми во неодамнешната економска криза која го зафати светот. Сега не мора напорно да работат за да плаќаат за материјални работи што, всушност, и не им требаат. На тој начин имаат повеќе време за служба. Добро е секој од нас да се праша: ‚Дали веднаш применувам сѐ што ќе прочитам во Библијата и во публикациите од верниот и разборит роб, дури и ако тоа бара некои жртви од мене?‘ (Мат. 24:45).
16 Ако му дозволиме на Јехова да нѐ поучува и да нѐ води по патеката на праведноста, нема причина да се плашиме. На пример, еден општ пионер од САД конкурирал за работно место кое ќе му помогнело на целото негово семејство да остане во полновремена служба. Но, шефот му рекол дека никогаш нема да ја добие таа работа без факултетска диплома. Да си бил на местото на овој наш брат, дали ќе ти било криво што си одлучил да служиш полновремено наместо да одиш на факултет? Две седмици подоцна, шефот бил отпуштен од работа, а братот бил повикан на разговор кај новиот шеф. Нашиот брат му објаснил дека заедно со својата жена служат како полновремени проповедници на Јеховините сведоци и дека сакаат да продолжат со таа служба. Пред да каже уште нешто, шефот извикал: „Знаев дека си поинаков од другите! Кога татко ми беше тешко болен, кратко пред да умре, двајца Јеховини сведоци доаѓаа кај него секој ден и му читаа од Библијата. Тогаш си ветив дека, ако ми се укаже прилика, ќе му помогнам на кој и да било Јеховин сведок“. Следното утро, нашиот брат ја добил истата работа што претходниот шеф одбил да му ја даде. Ова покажува дека, кога го ставаме Царството на прво место во животот, Јехова го исполнува своето ветување дека ќе ни го даде сето она што ни е потребно (Мат. 6:33).
МОРА ДА ИМАМЕ ВЕРА И НАДЕЖ
17. Што ќе ни помогне храбро да се соочиме со иднината?
17 Давид ни помага да сфатиме колку е важно да имаме вера и надеж. Тој вели: „Да не верував дека ќе ја видам Јеховината доброта во земјата на живите, каде ќе бев сега?“ (Пс. 27:13). Навистина, каде ќе бевме сега ако ја немавме надежта што ни ја дава Бог и ако не го разбиравме она што стои во Псалм 27? Затоа, да продолжиме со доверба да го молиме Јехова да ни даде сила и да нѐ заштити додека се приближува Армагедон. (Прочитај Псалм 27:14.)
[Слика на страница 23]
Давид се охрабрил кога размислувал за начинот на кој го избавувал Јехова
[Слика на страница 25]
Дали на економските тешкотии гледаме како на можност уште повеќе да ја зголемиме нашата служба за Јехова?