Јехова одговара на една горлива молитва
„За да се знае дека единствено ти, чие име е Јехова, си Севишен над целата земја!“ (ПС. 83:18).
1, 2. Што доживеале многумина, и кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?
ПРЕД неколку години, една жена била многу вознемирена од некоја трагедија која се случила во нејзиното соседство. Бидејќи била родена во католичко семејство, таа отишла да побара помош од свештеникот, но тој не сакал ни да зборува со неа. Затоа му се помолила на Бог: „Не знам кој си... но знам дека си таму горе. Те молам, помогни ми да те запознаам!“ Наскоро потоа, Јеховините сведоци ја посетиле и ѝ ги дале утехата и спознанието што ги барала. Меѓу другото, ѝ кажале дека Бог има лично име, Јехова. Ова длабоко ја трогнало. Таа рекла: „Замисли, ова беше Богот што копнеев да го запознаам уште како дете!“
2 Мнозина доживеале нешто слично. Честопати првпат го виделе името „Јехова“ кога во Библијата го прочитале Псалм 83:18. Во Преводот Нов свет, овој стих гласи: „За да се знае дека единствено ти, чие име е Јехова, си Севишен над целата земја!“ Но, дали некогаш си се прашал зошто бил запишан Псалм 83? Кои настани ќе ги принудат сите да признаат дека Јехова е единствениот вистински Бог? Каква порака содржи овој псалм за нас денес? Тие прашања ќе бидат разгледани во оваа статија.a
Завера против Јеховиниот народ
3, 4. Кој го составил Псалм 83, и за каква закана зборува тој?
3 Според натписот, Псалм 83 е „Асафова песна“. Веројатно составувачот на овој псалм бил потомок на левитот Асаф, истакнат музичар од времето на цар Давид. Во псалмот, овој псалмист го моли Јехова да преземе нешто за да го оправда своето право да владее и да го објави своето име. Овој псалм најверојатно бил напишан некое време откако умрел Соломон. Од каде го знаеме тоа? Затоа што, додека владееле Давид и Соломон, царот на Тир бил во пријателски односи со Израел. До времето кога бил составен Псалм 83, жителите на Тир се свртеле против Израел и се здружиле со неговите непријатели.
4 Псалмистот наведува десет народи што сковале завера за да го уништат Божјиот народ. Тие непријатели се наоѓале околу Израел и се наведени во следниот редослед: „Шаторите на Едом и Исмаелците, Моав и Агарјаните, Гевал и Амон и Амалик, Филистеја и жителите на Тир. И Асирија се здружила со нив“ (Пс. 83:6-8). На кој историски настан укажува овој псалм? Некои сметаат дека укажува на нападот што врз Израел го извршиле здружените сили на Амон, Моав и жителите на планината Сеир во деновите на Јосафат (2. Лет. 20:1-26). Други тврдат дека станува збор за општата нетрпеливост што Израел ја чувствувал од своите соседи во текот на целата своја историја.
5. Каква корист имаат христијаните денес од Псалм 83?
5 Како и да е, јасно е дека Јехова Бог го водел со својот дух пишувањето на оваа молитвена песна во време кога неговиот народ бил во опасност. Псалмот ги охрабрува и денешните Божји слуги, кои во текот на целата своја историја биле постојано напаѓани од непријатели што биле решени да ги уништат. И сигурно ќе нѐ зајакне во блиска иднина кога Гог од Магог ќе ги построи своите војски во последниот обид да ги уништи сите што му служат на Бог во дух и во вистина. (Прочитај Езекиел 38:2, 8, 9, 16.)
Најважното нешто за псалмистот
6, 7. а) Според уводните зборови од Псалм 83, за што се молел псалмистот? б) Што му било најважно на псалмистот?
6 Слушни како псалмистот ги излеал своите чувства во молитва: „Боже, не молчи, не биди нем и не мирувај, Боже! Зашто, еве, твоите непријатели се во безредие, подигнале глава оние што многу те мразат. Против твојот народ лукаво склучуваат таен договор... Зашто, со сето срце сложно се советуваат, дури склучија и сојуз против тебе“ (Пс. 83:1-3, 5).
7 Што му било најважно на псалмистот? Сигурно бил многу загрижен за својата лична безбедност и за безбедноста на своето семејство. Сепак, во својата молитва тој зборувал за срамот што му бил нанесен на Јеховиното име и за опасноста што му се заканувала на народот што го носел тоа име. Сите да задржиме вакво урамнотежено гледиште додека истрајуваме во овие тешки последни денови од овој стар свет. (Прочитај Матеј 6:9, 10.)
8. Со која цел народите сковале заговор против Израел?
8 Псалмистот цитира што велат непријателите на Израел: „Дојдете, да ги истребиме, за да не бидат повеќе народ, за да не се спомнува повеќе името Израел“ (Пс. 83:4). Колку многу овие народи го мразат Божјиот избран народ! Но, тие го коваат својот заговор од друг мотив. Тие ја посакуваат земјата на Израелците и горделиво велат: „Да ги освоиме местата каде што живее Бог“ (Пс. 83:12). Дали нешто слично се случува и во нашево време? Да!
„Твоето свето живеалиште“
9, 10. а) Што било Божјето свето живеалиште во старо време? б) Како се благословени денес остатокот од помазаници и ‚другите овци‘?
9 Во старо време, Ветената земја се сметала за свето живеалиште на Бог. Сети се на победничката песна што ја пееле Израелците кога биле избавени од Египет: „Со својата милост го водеше народот што го беше избавил, со својата сила ќе го водиш до твоето свето живеалиште“ (2. Мој. 15:13). Подоцна, во тоа „живеалиште“ бил изграден храмот во кој служело свештенството, како и главниот град, Ерусалим, во кој владееле лоза цареви кои потекнувале од Давид и седеле на Јеховиниот престол (1. Лет. 29:23). Значи, Исус со добра причина го нарекол Ерусалим „град на великиот Цар“ (Мат. 5:35).
10 Што може да се каже за нашево време? Во 33 год. од н.е., бил роден еден нов народ, „Израелот Божји“ (Гал. 6:16). Тој народ, кој се состои од помазани браќа на Исус Христос, ја исполнува задачата која не успеал да ја изврши родениот Израел — да сведочи за Божјето име (Иса. 43:10; 1. Пет. 2:9). Ним Јехова им го дава истото ветување што му го дал на древниот Израел: „Ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат мој народ“ (2. Кор. 6:16; 3. Мој. 26:12). Во 1919 год., Јехова ги постави преостанатите од „Израелот Божји“ на почесна положба и, во тоа време, тие зазедоа една „земја“, односно симболичното подрачје на активност во кое можеа да му се радуваат на духовниот рај (Иса. 66:8). Од 1930-тите наваму, им се придружија милиони „други овци“ (Јован 10:16). Среќата и духовната благосостојба на овие денешни христијани е силен доказ дека Јехова навистина има неприкосновено право да владее. (Прочитај Псалм 91:1, 2.) Колку е бесен Сатана поради тоа!
11. Која е и понатаму главната цел на Божјите непријатели?
11 Во текот на целото време на крајот, Сатана ги подбуцнува своите застапници на Земјата да им се противат на остатокот од помазаници и на нивните придружници, ‚другите овци‘. Ова го правеше во Западна Европа за време на нацистите и во Источна Европа под комунистичката влада на Советскиот Сојуз. Го правеше и во многу други земји, а ќе го прави и понатаму, особено во својот последен напад како Гог од Магог. Во тој напад, можеби противниците алчно ќе ги одземат поседите на Јеховиниот народ, како што правеле и непријателите во минатото. Но, главната цел на Сатана отсекогаш била да нѐ скрши како народ за никогаш повеќе да не се спомнува нашето име кое ни го дал Бог. Како реагира Јехова на таквиот бунт против неговата власт? Да се вратиме на она што го рекол псалмистот.
Примери за Јеховините победи во минатото
12-14. На кои две историски победи во близина на градот Мегидо се потсетил псалмистот?
12 Забележи колку силна вера имал псалмистот во Јеховината способност да ги осуети плановите на непријателските народи. Тој спомнува наизменично две решавачки победи што Израел ги извојувал над своите непријатели близу древниот град Мегидо, кој се издигнувал над долината која го носела истото име. На лето, таму може да се види сувото корито на реката Кисон, кое се извива низ долината. Но, во сезоната на зимски поројни дождови, реката ја поплавува долината. Можеби од таа причина, реката е наречена и „водите на Мегидо“ (Суд. 4:13; 5:19).
13 На петнаесеттина километри од Мегидо, од другата страна на долината, се издига ридот Море, каде што во времето на судијата Гедеон, здружените војски на Мадијамците, Амаличаните и други народи од Исток се собрале за војна (Суд. 7:1, 12). На крајот, малата војска на Гедеон броела само 300 мажи, но со Јеховина помош, тие ги поразиле бројните непријатели. Како? Следејќи ги Божјите упатства, тие ноќе го опколиле непријателскиот логор држејќи во рацете ќупови во кои криеле запалени факли. Кога Гедеон им дал знак, неговите луѓе ги скршиле ќуповите и одеднаш блеснале факлите. Во исто време, затрубиле во роговите и повикале: „Мечот Јеховин и Гедеонов!“ Непријателите се збуниле и почнале да се убиваат еден со друг; а преживеаните летнале да бегаат преку реката Јордан. Во меѓувреме, и други Израелци се придружиле во гонењето на непријателот. Сѐ на сѐ, биле убиени 120.000 непријателски војници (Суд. 7:19-25; 8:10).
14 На околу шест километри зад ридот Море, се издига планината Тавор. Таму судијата Варак претходно собрал војска од 10.000 Израелци за да се борат со војската на Јавин, ханаански цар кој владеел со Асор. Оваа ханаанска војска, под заповедништво на војсководачот Сисара, имала 900 бојни коли на чии тркала биле поставени смртоносни долги железни сечила. Додека слабо опремената израелска војска се собирала на планината Тавор, војската на Сисара била намамена во долината меѓу Тавор и Мегидо. Потоа, ‚Јехова ги збркал Сисара, сите негови бојни коли и сета негова војска‘. Веројатно поради ненадеен дожд, реката Кисон се излеала од своето корито, и бојните коли заглавиле во кал. Тогаш Израелците ги убиле сите непријателски војници (Суд. 4:13-16; 5:19-21).
15. а) Што го молел псалмистот Јехова да направи? б) На што нѐ потсетува името на последната битка што ќе ја води Бог?
15 Псалмистот го преколнува Јехова да им направи нешто слично на народите кои му се закануваат на Израел во неговото време. Тој се моли: „Направи им го истото што им го направи и на Мадијам, на Сисара и на Јавин во долината на Кисон. Беа истребени кај Ен-Дор, станаа ѓубриво за земјата“ (Пс. 83:9, 10). Значајно е тоа што Божјата последна војна против Сатановиот свет е наречена Ар-Магедон (што значи „ридот кај Мегидо“), или Армагедон. Тоа име нѐ потсетува на решавачките битки што се воделе во близината на Мегидо. Јеховината победа во тие древни битки нѐ уверува дека тој ќе победи и во битката Армагедон (Отк. 16:13-16.)
Моли се да биде оправдан Јехова
16. Како биле ‚покриени со срам‘ лицата на противниците денес?
16 Во текот на овие ‚последни денови‘, Јехова ги осуети сите обиди да биде уништен неговиот народ (2. Тим. 3:1). Како резултат на тоа, противниците беа засрамени. Псалм 83:16 укажува на ова кога вели: „Покриј им ги лицата со срам, за да го бараат твоето име, Јехова!“ Од земја во земја, противниците доживеаја потполн неуспех во своите обиди да ги замолкнат Јеховините сведоци. Во тие земји, непоколебливоста и истрајноста на слугите на единствениот вистински Бог беше сведоштво за искрените лица, и мнозина го ‚побараа Јеховиното име‘. Во некои земји каде што Јеховините сведоци порано беа свирепо прогонувани, сега има десетици, па дури и стотици илјади среќни фалители на Јехова. Каква победа за Јехова! И каков срам за неговите непријатели! (Прочитај Еремија 1:19.)
17. Каква можност стои сега пред човештвото, и на кои зборови ќе се сетиме наскоро?
17 Се разбира, ние знаеме дека битката не е завршена. Но, продолжуваме да ја проповедаме добрата вест — дури и на противниците (Мат. 24:14, 21). Сепак, наскоро можноста што им се дава на тие противници да се покаат и да се спасат ќе им биде одземена. Посветувањето на Јеховиното име е далеку поважно од спасението на луѓето. (Прочитај Езекиел 38:23.) Кога народите ќе се здружат за да го уништат Божјиот народ, како што е проречено, ќе се сетиме на овие зборови од молитвата на псалмистот: „Нека се засрамат и нека се збунат за сите времиња, нека се засрамат и нека изгинат“ (Пс. 83:17).
18, 19. а) Што ги очекува оние што решително се противат на Јехова како Севишен Владетел? б) Како влијае врз тебе тоа што наближува конечното оправдување на Јеховиното право да владее?
18 Сите вообразени луѓе кои непопустливо му се противат на Јехова како Севишен Владетел ги чека срамен крај. Божјата реч ни открива дека оние што „не ѝ се покоруваат на добрата вест“ — поради што ќе бидат погубени во Армагедон — ќе претрпат „вечно уништување“ (2. Сол. 1:7-9). Нивното уништување и преживувањето на оние што му служат на Јехова ќе биде убедлив доказ дека Јехова е единствениот вистински Бог. Оваа огромна победа нема да биде заборавена во новиот свет. Оние што ќе станат при ‚воскресението на праведните и неправедните‘ ќе дознаат за овој величествен чин што ќе го изврши Јехова (Дела 24:15). Во новиот свет, тие ќе можат да видат со свои очи колку е мудро да се живее под Јеховината власт. А кротките меѓу нив брзо ќе се уверат дека Јехова е единствениот вистински Бог.
19 Каква прекрасна иднина им подготвува нашиот добар небесен Татко на своите верни слуги! Зарем не си поттикнат да се молиш Јехова наскоро да даде конечен одговор на молитвата што му ја упатил псалмистот со зборовите: „Нека се засрамат [твоите непријатели] и нека изгинат, за да се знае дека единствено ти, чие име е Јехова, си Севишен над целата земја“? (Пс. 83:17, 18).
[Фуснота]
a Пред да ја разгледаш оваа статија, би било добро да го прочиташ Псалм 83 за да видиш за што се зборува во него.
Можеш ли да објасниш?
• Во каква ситуација се наоѓал Израел кога бил напишан Псалм 83?
• Што му било најважно на писателот на Псалм 83?
• Кој е мета на Сатановото непријателство денес?
• Како Јехова конечно ќе одговори на молитвата од Псалм 83:18?
[Карта на страница 15]
(Види во публикацијата)
Како се поврзани со нашата иднина битките што се воделе во близината на древниот Мегидо?
Кисон
Аросет
Кармил
Језраелска Долина
Мегидо
Танах
Гелвуја
Изворот Харод
Море
Ен-Дор
Тавор
Галилејско Море
Јордан
[Слика на страница 12]
Што го поттикнало псалмистот да напише една горлива молитва?