Вистинска љубов — дали е само сон?
„Жарот [на љубовта] е жар огнен, пламен што го дава Јах“ (ПЕСНА 8:6)
1, 2. Кој може да извлече поука од Песна над песните, и зошто? (Види ја сликата погоре.)
МЛАДЕНЦИТЕ мило се погледнуваат и се насмевнуваат, нежно држејќи се за рака. Сите можат да видат колку многу се сакаат. Додека гледа како го играат првиот свадбен танц, братот кој им го одржал говорот за венчавање помислува: ‚Дали овој брак ќе го положи испитот на времето? Дали нивната љубов низ годините ќе гори сѐ посилно или полека ќе згасне?‘ Ако мажот и жената вистински се сакаат, ќе можат да ги пребродат сите брачни бури на кои ќе наидат. Но, за жал, многу бракови се несреќни и на крајот се распаѓаат. Затоа, можеби се прашуваш: ‚Дали љубовта навистина може да трае засекогаш?‘
2 Вистинската љубов била реткост дури и во времето на цар Соломон, кој владеел со древниот Израел. Тој напишал: „Најдов човек чесен, еден во илјада, а жена чесна меѓу сите нив не најдов. Ете, само ова го открив: вистинскиот Бог ги направил луѓето чесни, но тие одат по многуте свои замисли“ (Проп. 7:26-29). Најверојатно под влијание на туѓинките кои му служеле на лажниот бог Ваал, моралот на Израелците во времето на овој цар паднал толку ниско што било тешко да се најде морално чесна личност.a Сепак, Песна над песните, поема што Соломон ја напишал 20 години пред тоа, покажува дека помеѓу еден маж и една жена може да постои трајна љубов. И христијаните кои се во брак и оние кои не се, можат да научат многу ако внимателно ја разгледаат оваа библиска книга. Таа ќе ни помогне да разбереме што е вистинска љубов, и како може да ја покажуваме.
ВИСТИНСКАТА ЉУБОВ НЕ Е САМО СОН!
3. Зошто е можно еден маж и една жена вистински да се сакаат?
3 Прочитај Песна над песните 8:6. Во овој стих, љубовта е опишана како „пламен што го дава Јах“. Зошто? Затоа што Јехова е извор на љубовта и тој нѐ создал и нас со способност да ја покажуваме оваа особина (1. Мој. 1:26, 27). Откако го направил првиот човек, Адам, Бог му дал прекрасна жена. Кога ја видел за првпат, Адам бил толку среќен, што со поетски зборови ги опишал своите чувства. Без сомнение, Ева чувствувала блискост со Адам, од кого била „земена“ (1. Мој. 2:21-23). Бидејќи Јехова ги создал луѓето со способност да сакаат, тоа значи дека е можно меѓу еден маж и една жена да постои вистинска и трајна љубов.
4, 5. Раскажи го накратко дејството од Песна над песните.
4 Во Песна над песните е даден прекрасен опис на љубовта што мажот и жената можат да ја чувствуваат еден кон друг. Во неа се зборува за една девојка од селото Сунам, или Сулам, која била вљубена во еден млад пастир. Таа работела на лозјето на своите браќа во близина на воениот логор на Соломон. Тој забележал дека е убава и им заповедал на своите слуги да ја доведат кај него. Но, уште од самиот почеток било јасно дека таа го сака само младиот пастир. Иако Соломон се обидел да ја освои опсипувајќи ја со пофалби и со многу дарови, таа јасно му ставила до знаење дека копнее да биде со својот сакан (Песна 1:4-14). Пастирот ја барал и влегол во логорот. Кога ја нашол, тие ја изразиле својата љубов со поетски зборови (Песна 1:15-17).
5 Кога се вратил во Ерусалим, Соломон ја зел Суламката со себе, а пастирот тргнал по неа (Песна 4:1-5, 8, 9). Меѓутоа, сите обиди на царот да го освои срцето на девојката биле залудни (Песна 6:4-7; 7:1-10). На крајот, тој ѝ дозволил да се врати дома. Песната завршува со зборовите на Суламката која го повикува својот сакан да дотрча кај неа брзо како елен (Песна 8:14).
6. Зошто може да биде тешко да се одреди кој што кажува во Песна над песните?
6 Песна над песните е прекрасна поема (Песна 1:1). Но, во неа Соломон не ги наведува имињата на ликовите кои зборуваат. Тој не вклучил многу детали веројатно затоа што не сакал ништо да ја засени убавината на поезијата. Иако во песната нема имиња, сепак може да ги препознаеме ликовите по она што го кажуваат.
„ТВОЈАТА ЉУБОВ Е ПОДОБРА ОД ВИНО“
7, 8. Како пастирот и девојката ја искажувале својата љубов еден кон друг? Наведи примери.
7 Песна над песните изобилува со изрази на љубов кои си ги разменувале девојката и пастирот. Некои од тие изрази можеби ни звучат чудно затоа што биле запишани пред повеќе од 3.000 години. Сепак, иако таа култура била поинаква од нашата, чувствата за кои зборувале не ни се непознати. На пример, пастирот се восхитувал на прекрасните очи на девојката и ги споредил со ‚очи на гулабица‘ (Песна 1:15). А таа рекла дека неговите темни очи се убави како гулаби кои се капат во езерце од млеко. (Прочитај Песна над песните 5:12.)
8 Изразите на љубов што си ги кажувале девојката и пастирот не биле поврзани само со нивниот физички изглед. На пример, на пастирот му се допаѓал начинот на кој таа зборувала со другите. (Прочитај Песна над песните 4:7, 11.) Затоа ѝ рекол: „Од усните ти капе мед од саќе, о невесто моја. Мед и млеко имаш под јазикот“. За него, нејзините зборови биле благи и вкусни како млеко и најдобар мед. Кога ѝ рекол: „Целата си убава... и немаш никаква маана“, тој сигурно не мислел само на нејзината надворешна убавина туку и на нејзините прекрасни особини.
9. а) Што вклучува љубовта меѓу брачните другари? б) Зошто е важно сопружниците да си покажуваат дека се сакаат?
9 Бракот меѓу маж и жена кои му служат на Јехова не е само формален договор. Напротив, тие треба вистински да се сакаат и да си го покажуваат тоа. За каква љубов станува збор? Дали за несебична љубов која е водена од библиски начела? (1. Јов. 4:8). Дали е тоа љубов која нормално ја чувствуваме кон членовите на семејството? Дали вклучува длабока приврзаност каква што постои меѓу добри пријатели? (Јован 11:3). Дали е романтична љубов? (Изр. 5:15-20). Всушност, брачните парови кои вистински се сакаат ја покажуваат својата љубов еден кон друг на сите овие начини. Со своите зборови и постапки, тие можат да го уверат другиот дека навистина многу им значи. Во никој случај не треба да дозволат секојдневните обврски да ги спречат да си покажуваат дека се сакаат. Меѓусебните изрази на наклоност можат многу да придонесат да се чувствуваат среќни и сигурни. Во некои култури, каде што браковите се договараат однапред, понекогаш мажот и жената речиси воопшто не се познаваат пред да се венчаат. Затоа, откако љубовта меѓу нив ќе се роди и постепено ќе почне да расте, добро е да си кажуваат дека се сакаат. Ова е многу важно бидејќи ќе им помогне да станат уште поблиски еден со друг и да го зајакнат својот брак.
10. На кој друг начин се зајакнува бракот кога сопружниците си покажуваат љубов?
10 Кога брачните другари си покажуваат љубов, тие го зајакнуваат својот брак на уште еден начин. Суламката му останала верна на својот сакан пастир иако цар Соломон ѝ ветил дека ќе ѝ направи „златни алки со зрна сребрени“ и ја опсипал со пофалби, кажувајќи ѝ дека е „убава како полната месечина, чиста како сонцето што сјае“ (Песна 1:9-11; 6:10). Што ѝ влевало сила и утеха на оваа девојка додека била разделена од пастирот? (Прочитај Песна над песните 1:2, 3.) Суламката се сеќавала на зборовите со кои тој ѝ изразувал љубов. За неа, таа била „подобра од вино“ што го радува срцето, а неговото име ѝ ја ублажувало болката од разделбата како мирисливо масло што се излева врз главата (Пс. 23:5; 104:15). Од нивниот пример може да видиме колку е важно сопружниците често да си кажуваат дека се сакаат. Така нивната љубов расте, а пријатните спомени на меѓусебните изрази на љубов уште повеќе го зацврстуваат нивниот брак.
НЕ ПОБУДУВАЈТЕ ЈА ЉУБОВТА „АКО САМАТА НЕ СЕ РАЗБУДИЛА“
11. Што учиме од она што им го кажала Суламката на жените во палатата на Соломон?
11 Песна над песните содржи корисни поуки и за оние што сакаат да стапат во брак. Суламката не чувствувала никаква љубов кон Соломон, и затоа одлучно им рекла на жените во неговата палата: „Не будете ја, не побудувајте ја љубовта во мене ако самата не се разбудила“ (Песна 2:7; 3:5). Што учиме од ова? Наместо да развиваат романтични чувства кон кого и да било, мудро е христијаните кои имаат желба да стапат во брак стрпливо да чекаат додека не ја најдат личноста што вистински ќе ја сакаат.
12. Зошто Суламката го сакала пастирот?
12 Зошто Суламката го сакала пастирот? За неа тој бил убав како елен. Рацете му биле силни како „златни цилиндри“, а нозете му биле убави и цврсти како „мермерни столбови“. Но, пастирот не бил само убав и силен. Девојката знаела дека тој го сака Јехова и дека има прекрасни особини. Затоа пастирот бил посебен за неа, „каква што е јаболкницата меѓу шумските дрвја“ (Песна 2:3, 9; 5:14, 15, Превод на Санде Тодоровски).
13. Зошто пастирот ја сакал Суламката?
13 А каква била Суламката? Иако била толку убава што го привлекла вниманието на еден цар кој во тоа време имал „шеесет царици и осумдесет наложници и девојки без број“, таа се сметала за обично полско цвеќе — „шафран од крајбрежната рамница“. Суламката била многу скромна и понизна, и го сакала Јехова. Ништо чудно што во очите на пастирот таа била нешто посебно, „каков што е кринот меѓу трњето“ (Песна 2:1, 2; 6:8).
14. Што можат да научат од пастирот и Суламката оние што сакаат да стапат во брак?
14 Во Библијата, Јехова јасно им заповедал на своите слуги да стапуваат во брак „само во Господарот“ (1. Кор. 7:39). Тоа значи дека не е исправно христијаните кои сакаат да стапат во брак да започнат врска со некој што не е крстен слуга на Јехова. Кога и двајцата сопружници имаат добар однос со Бог, нивниот брак ќе биде стабилен и среќен, и тие полесно ќе се справат со секојдневните притисоци. Затоа, ако сакаш да стапиш во брак, следи го примерот на пастирот и Суламката. Барај некого што има убави особини и што навистина го сака Јехова.
‚МОЈАТА НЕВЕСТА Е ГРАДИНА ОГРАДЕНА‘
15. Како верноста на Суламката е добар пример за христијанските двојки кои планираат да стапат во брак?
15 Прочитај Песна над песните 4:12. Зошто пастирот вели дека неговата сакана е како ‚оградена градина‘? Во една градина која е оградена со ѕид или со плот не може да влезе кој сака. Таму може да се влезе само низ врата која треба да се отклучи. Суламката може да се спореди со таква градина затоа што го сакала само својот пастир. Бидејќи требало да се омажи за него, таа не попуштила на додворувањето на царот. Оваа девојка покажала дека е како „ѕид“, а не како „врата“ која лесно се отвора (Песна 8:8-10). На сличен начин, кога двајца планираат да стапат во брак, тие не развиваат романтични чувства кон никој друг.
16. Што учиме од Песна над песните во врска со запознавањето пред брак?
16 Кога еден пролетен ден пастирот ја викнал Суламката да излезат на прошетка, нејзините браќа не ја пуштиле. Наместо тоа, ѝ дале задача да го чува лозјето. Зошто? Дали затоа што немале доверба во неа? Дали можеби си мислеле дека ќе направи неморал? Всушност, тие само биле претпазливи бидејќи не сакале нивната сестра да се најде на искушение (Песна 1:6; 2:10-15). Христијаните кои се во врска можат да научат нешто од ова. Додека се запознаваат, тие треба да бидат претпазливи и однапред да се договорат кои работи ќе ги избегнуваат за да останат чисти во морален поглед. Мора да внимаваат да не одат на места каде што никој не може да ги види. Иако некои изрази на наклоност се соодветни, треба да се чуваат од ситуации кои можат да ги стават на искушение да направат нешто погрешно.
17, 18. Како ти користеше разгледувањето на Песна над песните?
17 Кога стапуваат во брак, христијанските двојки обично многу се сакаат. Бидејќи Јехова имал намера бракот да биде трајна заедница, многу е важно љубовта меѓу сопружниците постојано да се разгорува, како пламен што никогаш не згаснува (Мар. 10:6-9).
18 Ако имаш желба да стапиш во брак, барај некого кого можеш вистински да го сакаш. А кога ќе го најдеш, и двајцата дајте сѐ од себе за вашата љубов никогаш да не престане. Како што видовме од Песна над песните, вистинската и трајна љубов не е само сон — таа е „пламен што го дава Јах“! (Песна 8:6).