Сведоци против лажните богови
„Мои сведоци, вели Господ, сте вие и Мојот слуга, што го избрав“ (ИСАИЈА 43:10).
1. Кој е вистинскиот Бог, и во кој поглед тој е понадмоќен од мноштвата богови што се обожаваат денес?
КОЈ е вистинскиот Бог? Пред ова најважно прашање денес стои целото човештво. Иако луѓето обожаваат мноштво богови, само Еден може да ни даде живот и да ни понуди среќна иднина. Само за Еден може да се рече: „Преку Него живееме, и се движиме, и постоиме“ (Дела 17:28). Навистина, само Еден Бог има право да биде обожаван. Како што вели небесниот хор во книгата Откровение: „Достоен си, Господи [Јехова, НС] да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сѐ, и според Твојата волја постои сѐ и е создадено!“ (Откровение 4:11).
2, 3. а) На кој начин Сатана лажно го оспорил Јеховиното право да биде обожаван? б) Каква била последицата на Евиниот грев за неа самата и за нејзините деца, а каква за Сатана?
2 Во градината Едем, Сатана лажно го предизвикал Јеховиното право да биде обожаван. Преку една змија, тој ѝ рекол на Ева дека ако се побуни против Јеховиниот закон и јаде од дрвото кое Јехова го забранил, таа самата ќе биде како Бог. Неговите зборови биле: „Бог знае оти оној ден кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло“ (1. Мојсеева 3:5). Ева ѝ поверувала на змијата и јадела од забранетиот плод.
3 Се разбира, Сатана лажел (Јован 8:44). Единствениот начин на кој Ева станала ‚како Бог‘ кога згрешила, бил тој што ја презела одговорноста да одлучува што е исправно, а што погрешно — нешто што требало да му го препушти на Јехова. И покрај Сатановата лага, таа на крајот умрела. Така, единствениот кој навистина имал корист од гревот на Ева, бил Сатана. Всушност, Сатановата неизговорена цел кога ја навел Ева на грев била тој самиот да стане бог. Кога згрешила, Ева станала неговиот прв човечки следбеник, а наскоро ѝ се придружил и Адам. Повеќето од нивните деца не само што биле родени „во грев“ туку паднале и под Сатановото влијание и за кратко време настанал цел еден свет кој бил отуѓен од вистинскиот Бог (1. Мојсеева 6:5; Псалм 50:5).
4. а) Кој е богот на овој свет? б) Каква итна потреба постои?
4 Тој свет бил уништен во потопот (2. Петрово 3:6). После потопот, се развил друг свет кој бил отуѓен од Јехова и кој сѐ уште постои. За него Библијата вели: „Целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19, НС). Со своето постапување против духот и словото на Јеховиниот закон, овој свет им служи на Сатановите цели. Тој е негов бог (2. Коринтјаните 4:4). Сепак, тој во суштина е неспособен бог. Не може да ги направи луѓето среќни ниту, пак, да им даде живот; тоа го може само Јехова. Затоа, луѓето кои сакаат исполнет живот и подобар свет, мораат првин да научат дека Јехова е вистинскиот Бог, а потоа да научат да ја вршат неговата волја (Псалм 36:18, 27, 28; Проповедник 12:13). Затоа, постои итна потреба верните мажи и жени да сведочат, односно да ја објавуваат вистината за Јехова.
5. Каков „облак од сведоци“ споменал Павле? Наведи некои луѓе што тој ги набројува.
5 Уште од почетокот на човечката историја, на светската сцена се појавиле такви верни поединци. Во 11. поглавје од Евреите, апостол Павле наведува една долга листа од такви лица и ги нарекува „толку многу [голем облак од, НС] сведоци“ (Евреите 12:1). Авел, вториот син на Адам и Ева, е прв на Павловата листа. Од времето пред потопот исто така се споменати и Енох и Ное (Евреите 11:4, 5, 7). Особено се истакнува Авраам, предокот на еврејската нација. Авраам, кој е наречен „Јеховин пријател“ (НС), станал прататко на Исус, „Верниот и Вистинскиот Сведок“ (Јаков 2:23, НС; Откровение 3:14).
Авраамовото сведоштво за вистината
6, 7. На кој начин Авраамовиот живот и постапки биле сведоштво дека Јехова е вистинскиот Бог?
6 На кој начин Авраам служел како сведок? Со својата јака вера во Јехова и со лојалната послушност кон него. Кога бил повикан да го напушти урбаниот центар Ур и остатокот од својот живот да го помине во далечна земја, Авраам послушал (1. Мојсеева 15:7; Дела 7:2-4). Домородците кои талкаат од место в место, честопати го напуштаат својот номадски живот и се одлучуваат за посигурниот градски живот. Затоа, кога Авраам го напуштил градот за да започне живот во шатори, тој дал силен доказ за својата доверба во Јехова Бог. Неговата послушност била сведоштво за оние кои го посматрале неговото однесување. Јехова богато го благословил Авраама поради неговата вера. Иако живеел во шатори, Авраам напредувал и во материјален поглед. Кога Лот и неговото семејство биле одведени како заробеници, Јехова му помогнал на Авраам во неговото гонење, така што успеал да ги спаси. Авраамовата сопруга родила син на стари години и на тој начин се исполнило Јеховиното ветување дека Авраам ќе биде татко на едно семе. Преку Авраам, луѓето виделе дека Јехова е жив Бог кој ги исполнува своите ветувања (1. Мојсеева 12:1-3; 14:14-16; 21:1-7).
7 Откако го спасил Лот, на враќање Авраам бил пресретнат од Мелхиседек, царот на Салем (подоцна наречен Ерусалим), кој му изразил добредојде на Авраам, велејќи: „Благословен да е Аврам од Севишниот Бог“. Исто така, и царот на Содом го пресретнал и сакал да му даде дарови. Авраам одбил. Зошто? Не сакал да постои какво и да било сомневање во врска со Изворот на неговиот благослов. Тој рекол: „Ја кревам раката своја кон Севишниот Господ Бог, Создател на небото и земјата, дека ни конец, ниту, пак, ремен од обувки, нема да земам од сѐ она, што е твое, да не речеш — јас го збогатив Аврама“ (1. Мојсеева 14:17-24). Каков извонреден сведок бил Авраам!
Нација од сведоци
8. Како покажал Мојсеј голема вера во Јехова?
8 Мојсеј, потомок на Авраам, исто така се појавува на Павловата листа на сведоци. Мојсеј му свртел грб на египетското богатство и подоцна смело се соочил со владетелот на таа голема светска сила со цел да ги изведе израелските чеда на слобода. Од каде му била таа храброст? Од неговата вера. Павле вели: „[Мојсеј] веруваше во Оној, Кој не се гледаше, како да Го гледа“ (Евреите 11:27). Египетските богови биле видливи, опипливи. Луѓето и ден-денес се импресионирани од нивните статуи. Но Јехова, иако невидлив, бил далеку пореален за Мојсеј отколку сите тие лажни богови. Мојсеј не се сомневал во тоа дека Јехова постои и дека ќе ги награди Своите обожаватели (Евреите 11:6). Мојсеј станал истакнат сведок.
9. Како требало нацијата Израел да му служи на Јехова?
9 Откако ги извел Израелците на слобода, Мојсеј станал посредник на еден завет помеѓу Јехова и потомците на Авраам преку Јаков. Како последица на тоа, настанала нацијата Израел како Јеховин посебен посед (2. Мојсеева 19:5, 6). За првпат, требало да се даде едно национално сведоштво. Јеховините зборови дадени преку Исаија, околу 800 години подоцна, во принцип важеле од почетокот на постоењето на нацијата: „А Мои сведоци, вели Господ, сте вие и Мојот слуга, што го избрав, за да знаете и да Ми верувате, да разберете дека сум тоа Јас“ (Исаија 43:10). На кој начин требало луѓето од оваа нова нација да служат како Јеховини сведоци? Преку нивната вера и послушност и преку Јеховините постапки во нивна корист.
10. На кој начин Јеховините моќни дела во корист на Израел дале сведоштво, и со какви резултати?
10 Околу 40 години од неговото формирање, Израел требало да ја земе во посед Ветената земја. Извидувачите отишле да го извидат градот Јерихон, а Раав, една жителка на Јерихон, ги заштитила. Зошто? Таа рекла: „Чувме, дека Господ Бог ја исуши пред вас водата во Црвеното Море кога сте доаѓале од Египет, и како сте постапиле со двајца аморејски цареви од онаа страна на Јордан, Сион и Ог, кои сте ги погубиле. Кога го чувме тоа, срцето ни се стегна и во никого од нас не остана дух против вас; зашто Господ, вашиот Бог, е Бог на небото и на земјата долу“ (Исус Навин 2:10, 11). Извештајот за Јеховините моќни дела ја поттикнале Раав и нејзиното семејство да го напуштат Јерихон и неговите лажни богови, а да го обожаваат Јехова заедно со Израел. Очигледно, Јехова дал силно сведоштво преку Израел (Исус Навин 6:24).
11. Каква одговорност имале сите израелски родители во поглед на сведочењето?
11 Додека Израелците сѐ уште биле во Египет, Јехова го испратил Мојсеј кај фараонот и рекол: „Оди при Фараонот, зашто Јас му го ожесточив срцето негово и срцето на слугите негови, за да ги покажам овие знаци врз нив; па да им прикажувате на чедата ваши и на внуците ваши што им направив на Египтјаните, како и за знаците Мои, што ги покажав пред нив, и за да знаат, дека сум Јас Господ“ (2. Мојсеева 10:1, 2). Послушните Израелци требало да им кажуваат на своите деца за Јеховините моќни дела. Нивните деца, пак, требало да им го кажуваат тоа на своите деца, правејќи така од генерација на генерација. На тој начин, Јеховините моќни дела требало да се запомнат. Слично и денес, родителите ја имаат одговорноста да им сведочат на своите деца (5. Мојсеева 6:4-7; Изреки 22:6).
12. На кој начин Јеховиниот благослов врз Соломон и Израел служел како сведоштво?
12 Јеховиниот богат благослов врз Израел, додека тој бил верен, служел како сведоштво за околните народи. Откако раскажал за Јеховиниот ветен благослов, Мојсеј рекол: „Ќе видат сите народи на земјата, дека името на Господа, твојот Бог, ти е дадено тебе, и ќе се уплашат од тебе“ (5. Мојсеева 28:10). Поради неговата вера, на Соломон му била дадена мудрост и богатство. За време на неговото владеење, нацијата доживеала напредок и се радувала на еден долг период на мир. Во врска со тоа време, читаме: „Од сите народи доаѓаа да ја чујат Соломоновата мудрост, и сите земни цареви, што беа слушале за неговата мудрост“ (3. Царства 4:25, 29, 30, 34). Меѓу Соломоновите посетители се истакнува царицата Савска. Откако самата го видела Јеховиниот благослов врз нацијата и врз нејзиниот цар, таа рекла: „Нека е благословен Господ, твојот Бог, Кој благоволил да те постави на Својот престол за цар пред Господа, твојот Бог. Поради љубовта на твојот Бог кон Израилот“ (2. Летописи 9:8).
13. Кое било можеби најделотворното сведоштво на Израел и како ние сѐ уште извлекуваме корист од истото?
13 Апостол Павле споменал кое било можеби најделотворно сведоштво на Израел. Кога со христијанското собрание во Рим дискутирал за телесниот Израел, тој рекол: „Ним им е поверено словото Божјо [светите Божји изјави, НС]“ (Римјаните 3:1, 2). Почнувајќи со Мојсеј, извесни верни Израелци биле инспирирани да ги забележат писмено Јеховините постапки со Израел, како и Неговите совети, закони и пророштва. Преку овие списи, тие древни книжници дале сведоштво за сите идни генерации — вклучувајќи нѐ и нас денес — дека постои само еден Бог, чие име е Јехова (Даниил 12:9; 1. Петрово 1:10-12).
14. Зошто некои кои сведочеле за Јехова трпеле прогонство?
14 За жал, Израел честопати не покажувал вера, па затоа Јехова морал да праќа сведоци кај својата сопствена нација. Мнозина од нив биле прогонувани. Павле рекол дека некои ‚поднеле подигрување и бичување, па дури и окови и затвор‘ (Евреите 11:36). Навистина верни сведоци! Колку било жално што нивните прогонства честопати доаѓале од членови на Јеховината избрана нација! (Матеј 23:31, 37). Всушност, гревот на нацијата бил толку голем што во 607 година пр. н. е. Јехова ги довел Вавилонците да го уништат Ерусалим со неговиот храм и да ги одведат повеќето преживеани Израелци во изгнанство (Јеремија 20:4; 21:10). Дали тоа било крај на националното сведоштво за Јеховиното име? Не.
Испит на боговите
15. Како било дадено сведоштво дури и во вавилонското изгнанство?
15 Дури и кога биле во вавилонско изгнанство, верните членови на нацијата не се колебале да сведочат за Јеховиното Божество и моќ. На пример, Даниил храбро ги протолкувал соништата на Навуходоносор, му го објаснил на Валтазар писмото на ѕидот и одбил да се компромитира пред Дариј во поглед на молитвата. Исто така, и тројцата Евреи кога одбиле да се поклонат на еден лик, му дале прекрасно сведоштво на Навуходоносор (Даниил 3:13-18; 5:13-29; 6:4-27).
16. Како го прорекол Јехова враќањето на Израелците во нивната земја, и која би била целта на тоа враќање?
16 Сепак, Јехова имал намера уште еднаш да се даде национално сведоштво на израелско тло. Језекиил, кој пророкувал меѓу изгнаните Евреи во Вавилон, пишувал за Јеховината решеност во врска со опустошената земја: „Ќе населам во вас многу луѓе, сиот дом Израилев, и градовите ќе бидат населени и урнатините обновени“ (Језекиил 36:10). Зошто Јехова би го сторил тоа? Првенствено да служи како сведоштво за неговото сопствено име. Преку Језекиил тој рекол: „Доме Израилев, ќе го направам та не заради вас, туку заради името Мое свето што го обеславивте при народите“ (Језекиил 36:22; Јеремија 50:28).
17. Кој е контекстот на зборовите од Исаија 43:10?
17 Пророкот Исаија бил инспириран да ги запише зборовите од Исаија 43:10 кога го прорекол враќањето на Израел од вавилонско изгнанство, велејќи дека Израел бил Јеховин сведок, негов слуга. Во Исаија 43. и 44. поглавје, Јехова е опишан како Израелов Создател, Обликувач, Бог, Светец, Спасител, Искупител, Цар и Создател (Исаија 43:3, 14, 15; 44:2). Изгнанството на Израел било дозволено затоа што нацијата одново и одново пропуштала да го велича Јехова како таков. Па сепак, тие сѐ уште биле негов народ. Јехова им рекол: „Не плаши се, зашто Јас те откупив, те нареков според името твое; ти си Мој“ (Исаија 43:1). Изгнанството на Израел во Вавилон требало да заврши.
18. На кој начин ослободувањето на Израел од Вавилон покажало дека Јехова е единствениот вистинит Бог?
18 Всушност, ослободувањето на Израел од Вавилон Јехова го претворил во испит на боговите. Тој ги предизвикал лажните богови на народите да си доведат свои сведоци, а Израел го нарекол свој сведок (Исаија 43:9, 12). Кога го ослободил Израел од ропство, тој докажал дека боговите на Вавилон не се никакви богови и дека тој е единствениот вистински Бог (Исаија 43:14, 15). Околу 200 години пред тој настан, кога го наименувал Кир Персиски за свој слуга кој ќе ги ослободи Евреите, тој дал натамошен доказ за своето Божество (Исаија 44:28). Израел требало да биде ослободен. Зошто? Јехова објаснува: „[Израел] ќе ја разгласува славата Моја“ (Исаија 43:21). Тоа би дало натамошна прилика за сведоштво.
19. Какво сведоштво било дадено со тоа што Кир ги повикал Израелците да се вратат во Ерусалим и со делата на верните Израелци по тоа враќање?
19 Кога дошло времето, Кир Персиски го освоил Вавилон, како што било и проречено. Иако бил паганин, Кир го објавил Јеховиното Божество кога издал објава до Евреите во Вавилон: „Кој меѓу сите вас е од Неговиот народ, — Бог нека биде со него, и нека оди во Ерусалим, кој е во Јудеја, да гради дом на Господа, Бога Израилев, [тој е вистинскиот Бог, НС] на оној Бог, Кој е во Ерусалим“ (1. Ездра 1:3). Многу Евреи се оѕвале. Тие отпатувале назад во Ветената земја и подигнале олтар на местото на стариот храм. И покрај обесхрабрувањата и големото противење, најпосле успеале повторно да го изградат храмот и градот Ерусалим. Сето ова се случило, како што рекол самиот Јехова, „не со војска не со сила, а со [неговиот] дух“ (Захарија 4:6). Овие постигнувања дале натамошен доказ дека Јехова е вистинскиот Бог.
20. И покрај Израеловите слабости, што може да се каже за тоа што тој дал сведоштво за Јеховиното име во древниот свет?
20 На тој начин, Јехова продолжил да го употребува Израел како свој сведок, иако бил нација од несовршени и понекогаш бунтовни луѓе. Во претхристијанскиот свет, таа нација, со својот храм и свештенството, претставувала светски центар на вистинското обожавање. Секој кој чита во Хебрејските списи за Јеховините дела во врска со Израел, не може да има никакви сомневања дека постои само еден вистински Бог и дека неговото име е Јехова (5. Мојсеева 6:4; Захарија 14:9). Меѓутоа, требало да се даде уште поголемо сведоштво за Јеховиното име, а за тоа ќе дискутираме во следната статија.
Дали се сеќаваш?
◻ На кој начин Авраам дал сведоштво дека Јехова е вистинскиот Бог?
◻ Која истакната особина му овозможила на Мојсеј да биде верен сведок?
◻ На кои начини Израел дал национално сведоштво за Јехова?
◻ На кој начин ослободувањето на Израел од Вавилон било доказ дека Јехова е единствениот вистински Бог?
[Слика на страница 10]
Со својата вера и послушност, Авраам дал изразито сведоштво за Јеховиното Божество