Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгата Исаија — втор дел
ИСАИЈА верно ја извршува својата задача на пророк. Пророштвата што ги кажа против десетплеменското царство Израел веќе се исполнија. Сега има уште една порака во врска со она што го чека Ерусалим.
Градот Ерусалим ќе биде уништен и неговите жители ќе бидат одведени во заробеништво. Но, ова опустошување нема да биде трајно. По извесно време, обожавањето на вистинскиот Бог ќе биде обновено. Ова е главната порака на Исаија 36:1 — 66:24.a И ние можеме да извлечеме поука ако ги разгледаме овие поглавја бидејќи многу од пророштвата во нив имаат главно, односно последно исполнување во нашево време или, пак, ќе се исполнат во блиска иднина. Овој дел од библиската книга Исаија исто така содржи возбудливи пророштва во врска со Месијата.
„ЕВЕ, ИДАТ ДЕНОВИ“
Во 14-тата година од владеењето на цар Езекија (732 год. пр.н.е.), Асирците ја напаѓаат Јуда. Јехова ветува дека ќе го брани Ерусалим. Опасноста поминува кога еден Јеховин ангел убива 185.000 асирски војници.
Езекија се разболува. Јехова му одговара на молитвата и го оздравува, додавајќи му уште 15 години живот. Кога вавилонскиот цар испраќа пратеници да му честитаат на закрепнувањето, Езекија непромислено им го покажува сето свое богатство. Исаија му ја пренесува следнава порака од Јехова: „Еве, идат денови кога сѐ што е во твојот дом и што го насобрале твоите татковци до денес, ќе биде однесено во Вавилон“ (Исаија 39:5, 6). Нешто повеќе од 100 години подоцна, пророштвото се исполнува.
Одговорени библиски прашања:
38:8 — Што биле „скалите“ по кои се вратила сончевата сенка? Бидејќи во осмиот век пр.н.е. во Египет и во Вавилон се користеле сончеви часовници, овие скали би можеле да се однесуваат на скалите на сончевиот часовник што можеби го набавил Ахаз, татко му на Езекија. А можно е да се однесуваат и на скалила што се наоѓале во самата палата. Столбот покрај едни вакви скалила веројатно, постепено фрлал сенка врз скалите, и по тоа би можело да се мери времето.
Поуки за нас:
36:2, 3, 22. Иако Шевна бил отпуштен од должноста на дворски управител, му било дозволено да служи како писар на оној што станал управител по него (Исаија 22:15, 19). Ако од некоја причина ни биде одземена некоја должност во Јеховината организација, зарем не треба да продолжиме да му служиме на Бог во која и да е служба што ќе ни ја дозволи тој?
37:1, 14, 15; 38:1, 2. Кога сме во неволја, мудро е да му се обратиме на Јехова во молитва и да имаме потполна доверба во него.
37:15-20; 38:2, 3. Кога на Ерусалим му се заканувала опасност од Асирците, Езекија најмногу бил загрижен што неговиот пораз ќе му донел срам на Јеховиното име. Кога дознал дека неговата болест е смртоносна, Езекија не се грижел само за себеси. Многу позагрижен бил како ќе се одрази врз Давидовата лоза на цареви тоа што ќе умрел без наследник. Освен тоа, бил загрижен и поради тоа што не знаел кој ќе го предводи народот во борбата против Асирците. Исто како на Езекија, и нам ни е поважно посветувањето на Јеховиното име и исполнувањето на неговата намера отколку нашето сопствено спасение.
38:9-20. Оваа песна на Езекија нѐ учи дека честа да го фалиме Јехова е најважното нешто во животот.
„ПАК ЌЕ БИДЕ ИЗГРАДЕН“
Веднаш откако го претскажува уништувањето на Ерусалим и последователното ропство во Вавилон, Исаија претскажува и обнова (Исаија 40:1, 2). „Пак ќе биде изграден [Ерусалим]“, стои во Исаија 44:28. Идолите на вавилонските богови ќе бидат однесени како да се обичен „товар“ (Исаија 46:1). Вавилон ќе биде уништен. Сето ова се исполнува два века подоцна.
Јехова ќе го постави својот слуга како „светлина на народите“ (Исаија 49:6). Вавилонските ‚небеса‘, односно владејачката класа на Вавилон, „ќе се разнесат како чад“, а нејзините поданици „ќе изумрат како комарци“, но ‚заробената сионска ќерка ќе ги симне оковите од вратот‘ (Исаија 51:6; 52:2). На оние што доаѓаат кај него и го слушаат, Јехова им вели: „Ќе склучам со вас траен сојуз поради милоста што му ја ветив на Давид“ (Исаија 55:3). Ако живееме во согласност со Божјите праведни барања, ‚Јехова ќе биде нашата радост‘ (Исаија 58:14). Престапите на народот, од друга страна, ‚создаваат јаз помеѓу нив и нивниот Бог‘ (Исаија 59:2).
Одговорени библиски прашања:
40:27, 28 — Зошто Израел рекол: „Мојот пат е скриен од Јехова, мојот Бог не се грижи за правдата што ми припаѓа“? Можеби некои Евреи во Вавилон мислеле дека неправдите што ги доживувале биле скриени од Јехова, односно мислеле дека тој не ги гледа. Затоа биле потсетени дека Вавилон не му е надвор од дофат на Творецот на Земјата, кој не се уморува и не папсува.
43:18-21 — Зошто на изгнаниците што се вратиле им било речено да ‚не си спомнуваат за она што било во почетокот‘? Ова не значи дека требало да заборават како Јехова ги избавувал во минатото. Но, сега Јехова сака да го фалат поради „нешто ново“ што самите ќе го искусат, како што било нивното безбедно патување до Ерусалим, веројатно по еден подиректен пат низ пустината. Едно „големо мноштво луѓе“ кои ќе дојдат од „големата неволја“ исто така ќе имаат нови и лични причини да го величаат Јехова (Откровение 7:9, 14).
49:6 — Како Месијата е „светлина на народите“ кога неговата земна служба била ограничена само на Израеловите синови? Овие зборови се исполниле со она што се случило по смртта на Исус. Библијата го применува овој стих на неговите ученици (Дела 13:46, 47). Денес, помазаните христијани, на кои им помага големо мноштво обожаватели на Бог, служат како „светлина на народите“ со тоа што ги просветлуваат луѓето „до крајот на земјата“ (Матеј 24:14; 28:19, 20).
53:10 — Во која смисла на Јехова му било по волја да го сотре својот Син? Јехова, сочувствителниот и милостив Бог, мора да чувствувал голема болка кога гледал како страда неговиот сакан Син. Сепак, спремната послушност на Исус, како и сето она што требало да се постигне со неговото страдање и смрт, му биле по волја на Јехова (Изреки 27:11; Исаија 63:9).
53:11 — Кое е знаењето со кое Месијата „ќе им даде праведност на мнозина“? Ова е знаењето што Исус го стекнал кога дошол на Земјата како човек и пострадал неправедно сѐ до смрт (Евреите 4:15). Со тоа ја дал откупната жртва која била потребна за помазаните христијани и големото мноштво да станат праведни во Божји очи (Римјаните 5:19; Јаков 2:23, 25).
56:6 — Кои се „туѓинците“ и во која смисла „се држат за [Јеховиниот] сојуз“? „Туѓинците“ се Исусовите „други овци“ (Јован 10:16). Тие се држат за новиот сојуз така што се послушни на законите кои стојат во него, целосно соработуваат со сето она што се прави на темел на тој сојуз, земаат од истата духовна храна како и помазаните христијани и ги поддржуваат во проповедањето на Царството и во правењето ученици.
Поуки за нас:
40:10-14, 26, 28. Јехова е силен и нежен, семоќен и семудар, и нашиот ум не може да го сфати обемот на знаењето што тој го поседува.
40:17, 23; 41:29; 44:9; 59:4. Политичките сојузи и идоли се „ништожност“. Безвредно е да се има доверба во нив.
42:18, 19; 43:8. Ако ги затвораме очите пред Божјата пишана реч и ако ги затвораме ушите да не ги слушаме упатствата што Бог ни ги дава преку „верниот и разборит роб“, стануваме духовно слепи и глуви (Матеј 24:45).
43:25. Јехова ги брише нашите престапи заради себе. Ова значи дека тоа што ние ќе бидеме ослободени од ропството на гревот и смртта и ќе добиеме живот е од второстепена важност во однос на посветувањето на Јеховиното име.
44:8. Ние имаме поддршка од Јехова кој е стабилен и цврст како карпа. Никогаш не треба да се плашиме да сведочиме дека тој е вистинскиот Бог! (2. Самоилова 22:31, 32).
44:18-20. Идолопоклонството е знак дека нечие срце е расипано. Ништо не треба да го заземе местото на Јехова во нашето срце.
46:10, 11. Тоа што Јехова е способен ‚да ја оствари својата намера‘ е непобитен доказ дека е вистинскиот Бог.
48:17, 18; 57:19-21. Ако чекаме на спасение од Јехова, ако се зближиме со него и ако обрнуваме внимание на неговите заповеди, нашиот мир ќе биде обилен како водата во надојдена река, а нашите праведни дела ќе бидат бројни како морските бранови. Оние што не обрнуваат внимание на Божјата реч „се како разбранувано море“. Тие немаат мир.
52:5, 6. Вавилонците дошле до погрешен заклучок дека вистинскиот Бог е слаб. Тие не сфатиле дека Израел бил одведен во ропство затоа што Јехова не бил задоволен со својот народ. Кога некој ќе биде погоден со неволји, мудро е да не донесуваме избрзани заклучоци во врска со причините за тие неволји.
52:7-9; 55:12, 13. Имаме најмалку три причини радосно да проповедаме за Царството и да правиме ученици. Нашите нозе се убави за оние што се понизни и духовно гладни. „Со свои очи“ го гледаме Јехова во таа смисла што сме блиски со него. И трето, уживаме во духовно изобилство.
52:11, 12. За да смееме да го носиме „приборот од Јеховиниот дом“ — односно да учествуваме во неговата света служба — мора да бидеме духовно и морално чисти.
58:1-14. Залудно е само да се преправаме дека сме му оддадени на Бог и дека сме праведни. Вистинските Божји слуги треба да вршат дела по кои ќе се види дека му се оддадени на Бог и дека ги сакаат своите браќа (Јован 13:35; 2. Петрово 3:11).
59:15б-19. Јехова гледа што прават луѓето и се замешува тогаш кога Тој мисли дека треба да го стори тоа.
ЌЕ БИДЕ „ПРЕКРАСНА КРУНА“
Укажувајќи на обновата на обожавањето на вистинскиот Бог, како во древни времиња така и денес, Исаија 60:1 вели: „Стани, жено, засвети, зашто дојде твојата светлина, и славата на Јехова блесна над тебе!“ Сион ‚ќе биде прекрасна круна во раката на Јехова‘ (Исаија 62:3).
Исаија му се моли на Јехова за своите сонародници кои ќе се покаат за време на изгнанството во Вавилон (Исаија 63:15 — 64:12). Откако ја истакнува разликата помеѓу вистинските и лажните слуги, пророкот објавува како Јехова ќе ги благослови оние што му служат (Исаија 65:1 — 66:24).
Одговорени библиски прашања:
61:8, 9 — Што е ‚трајниот сојуз‘ и кое е ‚потомството‘? Ова е новиот сојуз што Јехова го склучил со помазаните христијани. ‚Потомството‘ се ‚другите овци‘ — милионите лица што ја прифаќаат нивната порака (Јован 10:16).
63:5 — Како Бог го поддржува неговата лутина? Божјата лутина е контролирана емоција — тоа е неговиот праведен гнев. Оваа лутина го поддржува и го поттикнува да ги изврши своите праведни пресуди.
Поуки за нас:
64:6. Несовршените луѓе не можат да се спасат самите себеси. Нивните праведни дела не можат да ги очистат од гревовите затоа што се рамни на извалкана облека (Римјаните 3:23, 24).
65:13, 14. Јехова ги благословува своите верни слуги и обилно ги задоволува нивните духовни потреби.
66:3-5. Јехова го мрази лицемерството.
„Радувајте се“
Пророштвата за обнова сигурно им донеле голема утеха на верните Евреи што живееле како изгнаници во Вавилон! „Радувајте се“, рекол Јехова, „и веселете се довека поради она што го создавам! Зашто, еве, ќе направам Ерусалим да биде причина за веселба и неговиот народ причина за радост“ (Исаија 65:18).
И ние живееме во време кога мрак ја покрива земјата и народите се во густа темнина (Исаија 60:2). Се соочуваме со „особено тешки времиња“ (2. Тимотеј 3:1). Затоа, Јеховината порака на спасение што ни е дадена во библиската книга Исаија навистина ни дава голема храброст (Евреите 4:12).
[Фуснота]
a Стиховите од Исаија 1:1 — 35:10 беа обработени во „Јеховината реч е жива — избрани стихови од книгата Исаија — прв дел“, во Стражарска кула од 1 декември 2006 година.
[Слика на страница 8]
Дали знаеш главно од која причина Езекија се молел да биде избавен од Асирците?
[Слика на страница 11]
„Колку се убави на планините нозете на оној што донесува добра вест“