Обрни внимание на Божјите чудесни дела
„О Господи, Боже мој, Ти твориш многу чудеса [чудесни дела, NW] и замисли чудни — Ти нема рамен!“ (ПСАЛМ 40:5).
1, 2. Какви докази имаме за Божјите чудесни дела, и на што треба да нѐ наведе тоа?
КОГА ја читаш Библијата, лесно можеш да видиш дека Бог направил чудесни дела за својот древен народ, Израел (Исус Навин 3:5; Псалм 106:7, 21, 22). Иако моментално Јехова не интервенира на таков начин во човечките работи, околу нас наоѓаме изобилство докази за неговите чудесни дела. Затоа имаме причина да му се придружиме на псалмистот и да кажеме: „Колку се бројни Твоите дела, О Господи! Со мудрост направи сѐ: земјата е полна со Твои созданија“ (Псалм 104:24; 148:1-5).
2 Денес многумина ги игнорираат или ги отфрлаат таквите јасни докази за активноста на Творецот (Римјаните 1:20). Меѓутоа, за нас ќе биде добро да размислуваме за нив и да извлекуваме заклучоци во врска со нашата положба пред Создателот и нашата должност кон Него. Поглавјата 38 до 41 од Јов се одлична помош во ова, зашто таму Јехова му го свртел вниманието на Јов кон извесни аспекти од своите чудесни дела. Разгледај некои оправдани спорни прашања кои ги покренал Бог.
Моќни и чудесни дела
3. Според она што е запишано во Јов 38:22, 23, 25-29, за кои работи прашувал Бог?
3 Во еден момент, Бог го прашал Јов: „Дали си стигнал до ризниците на снегот и зар ги виде засолништата на градот, што ги запазив за деновите на неволјата, за време на крвав бој и војна?“ Во многу делови на нашата Земја, снегот и градот се дел од животот. Бог понатаму рекол: „Кој го ископа подводниот ров, кој му го исчисти патот на грмежот за да врне дожд врз ненаселено подрачје, врз пустината каде нема жива душа, за да ја напои неплодната пустина, за да никне трева во степата? Има ли дождот свој родител? Кој е тој што ги раѓа капките на росата? Од чие крило излегува мразот, кој ја создава сланата, што паѓа од небото?“ (Јов 38:22, 23, 25-29).
4-6. Во која смисла човековото познавање за снегот е нецелосно?
4 За оние кои живеат во општество со забрзано темпо и мора да патуваат, снегот можеби претставува само препрека. Сепак, за безброј други снегот носи голема радост и создава зимска земја на чудата која отвора прилики за посебни активности. Имајќи го на ум прашањето на Бог, дали имаш темелно познавање за снегот, па дури и за тоа како изгледа тој? О, ние знаеме како изгледа многу снег, можеби од фотографии со снежни наноси или затоа што лично сме виделе многу снег. Но, што е со поединечните снегулки? Знаеш ли како изгледаат тие, можеби со тоа што си испитал како настануваат?
5 Некои луѓе со децении ги проучувале и фотографирале снегулките. Една снегулка може да се состои од сто нежни ледени кристалчиња со најразличен прекрасен дизајн. Книгата Atmosphere (Атмосфера) вели: „Бескрајната разноликост на снегулките е легендарна, и иако научниците упорно тврдат дека никаков закон во природата не го спречува нивното удвојување, никогаш не се пронајдени две еднакви снегулки. Едно истражување на необичните пропорции спровел . . . Вилсон А. Бентли, кој повеќе од 40 години испитувал и фотографирал снегулки преку микроскоп и никогаш не пронашол две што биле потполно исти“. А дури и ако, во редок случај, се појават две еднакви, дали тоа навистина би сменило нешто во врска со чудото на огромна разноликост на снегулките?
6 Сети се на Божјето прашање: „Дали си стигнал до ризниците на снегот?“ Многумина ги сметаат облаците за складишта на снег. Можеш ли да си замислиш да отидеш до овие складишта за да направиш попис на снегулките во нивната бесконечна разновидност и да проучуваш како настанале? Една научна енциклопедија вели: „Сѐ уште не е јасно каква е природата и потеклото на јадрата на мразот, кои се неопходни за да дојде до замрзнување на ситните капки во облаците при температура од околу 40 Целзиусови степени под нулата“ (Псалм 147:16, 17; Исаија 55:9, 10).
7. Колку е исцрпно човечкото знаење за дождот?
7 А што е со дождот? Бог го прашал Јов: „Има ли дождот свој родител? Кој е тој што ги раѓа капките на росата?“ Истата научна енциклопедија вели: „Заради комплексноста на атмосферските движења и огромната варијабилност на содржината на пареа и честички во воздухот, изгледа невозможно да се состави детална, општа теорија за начинот на кој настануваат облаците и врнежите“. Едноставно кажано, научниците понудиле детални теории, но тие навистина не можат целосно да го објаснат дождот. Сепак, ти знаеш дека животоважниот дожд паѓа, ја наводнува Земјата, ги поддржува растенијата и го прави животот возможен и пријатен.
8. Зошто се соодветни зборовите на Павле запишани во Дела 14:17?
8 Зарем не би се сложил со заклучокот до кој дошол апостол Павле? Тој ги поттикнал другите во овие чудесни дела да гледаат сведоштво за Оној кој стои зад нив. Павле за Јехова Бог рекол: „Не се остави без сведоштво, правејќи добро, давајќи ви дождови од небото и плодни раздобја, полнејќи ги до ситост вашите срца со храна и веселост“ (Дела 14:17; Псалм 147:8).
9. Како Божјите чудесни дела ја покажуваат неговата голема моќ?
9 Нема место за сомневање дека Извршителот на тие чудесни и корисни дела има бескрајна мудрост и огромна моќ. Што се однесува до неговата моќ, помисли на ова: Се вели дека секој ден настануваат 45.000 бури со громови, повеќе од 16 милиони годишно. Ова значи дека токму во овој момент настануваат околу 2.000. Комплексните облаци при само една бура со громови произведуваат енергија еднаква на енергијата на десет или повеќе нуклеарни бомби како оние што беа фрлени во II светска војна. Дел од таа енергија гледаш во облик на молњи. Освен што влеваат страхопочит, молњите помагаат да се создадат и облици на азот кои доаѓаат до почвата, каде што растенијата ги апсорбираат како природно ѓубриво. Значи, молњата е енергија во видлив облик, но исто така донесува и вистински користи (Псалм 104:14, 15).
Каков ефект има тоа врз тебе?
10. Како би одговорил на прашањата што се наоѓаат во Јов 38:33—38?
10 Замисли се на местото на Јов, да бидеш испрашуван од Семоќниот Бог. Веројатно ќе се сложиш дека повеќето луѓе малку обрнуваат внимание на Божјите чудесни дела. Јехова ни ги поставува прашањата што ги читаме во Јов 38:33-38. „Зар ги познаваш ти небесните закони, па да им доделиш ним сила на земјата? Можеш ли да им извикаш на облаците, па да те послушаат поројните дождови? Зар по твоја заповед летаат секавиците и зар ти се одѕиваат тебе: ‚Еве нѐ?‘ Кој ја положи мудроста во човекот, кој му даде разум на срцето? Кој ги пребројува мудро облаците и кој ги излева небесните мевови, додека земјата не се згусти во тесто и додека не се залепат нејзините грутки?“
11, 12. Кои се некои работи што покажуваат дека Бог е Извршител на чудесни дела?
11 Опфативме само неколку од точките кои Елиу ги покренал пред Јов, и проследивме некои од прашањата на кои Јехова го повикал Јов да одговори како „јунак“ (Јов 38:3). Велиме „некои“ бидејќи во поглавја 38 и 39 Бог го сосредоточил вниманието и на други истакнати аспекти од творештвото. На пример, соѕвездијата на небото. Кој ги знае сите нивни закони, или одредби? (Јов 38:31-33). Јехова му го свртел вниманието на Јов кон некои животни — лавот и гавранот, дивата коза и зебрата, биволот и нојот, силниот коњ и орелот. Всушност, Бог го прашал Јов дали тој им ги дал карактеристиките на овие различни животни, дозволувајќи им да живеат и да растат. Можеш да уживаш во проучувањето на овие поглавја, особено ако ги сакаш коњите или други животни (Псалм 50:10, 11).
12 Би можел да ги испиташ и поглавја 40 и 41 во Јов, каде што Јехова повторно го замолува Јов да одговори на прашањата во врска со две посебни суштества. Разбираме дека станува збор за нилскиот коњ (Веемот), огромен по големина и со силно тело, и страшниот нилски крокодил (Левијатан). Секое од нив на свој начин е чудо на создавањето, достојно за внимание. Сега да видиме до кои заклучоци треба да дојдеме ние.
13. Каков ефект имало врз Јов тоа што Бог го испрашувал, и како треба овие работи да влијаат врз нас?
13 Јов, 42. поглавје, ни покажува каков ефект имало врз Јов тоа што Бог го испрашувал. Претходно Јов свртувал преголемо внимание кон себе и кон другите. Но, откако ја прифатил исправката која се подразбирала во Божјите прашања, Јов го сменил своето размислување. Тој признал: „Јас знам, Твојата моќ е безгранична: што и ќе наумиш, можеш да го направиш тоа. Кој е тој што со безумни зборови ја помрачува божествената промисла? Затоа зборував, но не разбирав, за чудесата [работите што беа премногу чудесни за мене, NW] што мене ми се несфатливи?“ (Јов 42:2, 3). Да, откако им обрнал внимание на Божјите дела, Јов рекол дека овие работи биле премногу чудесни за него. Откако ги разгледавме овие чуда на создавањето, и ние треба да бидеме импресионирани од Божјата мудрост и моќ. Со каква цел? Дали се работи само за тоа да бидеме импресионирани од Јеховината огромна моќ и способност? Или треба да бидеме поттикнати на нешто повеќе?
14. Како реагирал Давид на Божјите чудесни дела?
14 Па, во Псалм 86, наоѓаме сродни изрази кои ги напишал Давид, кој во еден претходен псалм рекол: „Небесата ја раскажуваат Божјата слава, небесниот свод го навестува делото на Неговите раце. Денот на ден му го објавува тоа, а ноќта на ноќ ѝ соопштува“ (Псалм 19:1, 2). Но, Давид отишол и подалеку од тоа. Во Псалм 86:10, 11 читаме: „Зашто Ти си величествен и правиш чудеса. Ти си Единствен Бог. Научи ме на Својот пат, Господи, за да одам верен кон Тебе, обедини го моето срце, да се бои од Твоето име!“ Страхопочитта на Давид кон Творецот за сите Негови чудесни дела вклучувала и соодветна мерка побожен страв. Можеш да сфатиш и зошто. Давид не сакал да не му угоди на Оној кој може да ги изврши овие чудесни дела. И ние треба да бидеме како него.
15. Зошто бил на место побожниот страв на Давид од Бог?
15 Давид сигурно сфатил дека, со оглед на тоа што Бог поседува и има под контрола огромна моќ, може и да ја насочи против сите кои не ја заслужуваат неговата наклоност. За нив тоа ќе биде кобно. Бог го прашал Јов: „Дали си стигнал до ризниците на снегот и зар ги виде засолништата на градот, што ги запазив за деновите на неволјата, за време на крвав бој и војна?“ Снегот, градот, невремето со дожд, ветрот и молњите спаѓаат во неговиот арсенал. И колку само зашеметувачки моќни природни сили се тие! (Јов 38:22, 23).
16, 17. Што ја илустрира Божјата моќ која влева страхопочит, и како тој ја користел таа моќ во минатото?
16 Веројатно се сеќаваш на некоја локална катастрофа предизвикана од некоја од тие сили — ураган, тајфун, циклон, град или ненадеен порој. Да илустрираме: кон крајот на 1999 година, југозападна Европа беше погодена од страшна луња. Таа ги изненади дури и метеоролошките експерти. Силните ветрови достигнаа брзина од 200 километри на час, носејќи илјадници покриви, соборувајќи далноводи за електрична струја и превртувајќи камиони. Обиди се да си го претставиш тоа: Во текот на таа луња беа искорнати или преполовени околу 270 милиони дрвја, од кои 10.000 само во паркот Версај, надвор од Париз. Милиони домаќинства останаа без електрична струја. Животите ги изгубија речиси 100 луѓе. Сево ова се случи во еден краток период. Колкава сила!
17 Некој би можел да ги нарече луњите ненадејни, неуправувани, неконтролирани појави. Но, што би можело да се случи ако Семоќниот извршува чудесни дела користејќи такви сили на еден контролиран, управуван начин? Нешто слично направил во деновите на Авраам, кој дознал дека Судијата на целата Земја ја измерил злобата во двата града Содом и Гомор. Тие биле толку расипани што извиците заради нив се издигнале до Бог, кој им помогнал на сите праведници да ги избегнат осудените градови. Историјата известува: „Господ истури сулфурен оган од небото“ врз тие градови. Тоа било чудесно дело, при што биле сочувани праведниците и уништени оние кои биле безнадежно злобни (Битие 19:24).
18. На кои чудесни дела се укажува во Исаија, поглавје 25?
18 Подоцна, Бог донел судска одлука против древниот град Вавилон, кој можеби бил градот на кој се укажува во Исаија, поглавје 25. Бог претскажал дека еден град ќе стане урнатини: „Зашто градот го претвори во куп камења, а утврденото место во урнатина. Непријателската тврдина веќе не е град, не ќе биде обновена довека“ (Исаија 25:2). Современите посетители на локацијата на Вавилон можат да потврдат дека токму тоа и се случило. Дали уништувањето на Вавилон било само случајност? Не. Напротив, можеме да ја прифатиме проценката на Исаија: „Господи, Ти си мој Бог, Те величам, го славам Твоето Име, зашто спроведе чудесен наум [чудесни дела, NW], смислен од дамнина, вистински и верен“ (Исаија 25:1).
Чудесни дела во иднина
19, 20. Какво исполнување на Исаија 25:6-8 можеме да очекуваме?
19 Бог го исполнил горенаведеното пророштво во минатото, а ќе дејствува на чудесен начин и во иднина. Во овој контекст, таму каде што Исаија ги спомнува ‚чудесните работи‘ на Бог, наоѓаме едно веродостојно пророштво кое треба допрва да се исполни, исто како што се исполнил судот врз Вавилон. Каква ‚чудесна работа‘ е ветена? Во Исаија 25:6 се вели: „Господ на Воинствата ќе им приготви на сите народи на оваа гора гозба од мрсно месо, гозба со чисто вино, од сочна згуснетост, од стаено вино“.
20 Тоа пророштво сигурно ќе се исполни во новиот свет што го ветил Бог, а кој лежи пред нас. Во тоа време, човештвото ќе биде ослободено од проблемите кои сега оптоваруваат толку многу луѓе. Всушност, пророштвото во Исаија 25:7, 8 гарантира дека Бог ќе ја употреби својата творечка моќ за да направи едно од најчудесните дела на сите времиња: „Ќе ја уништи смртта засекогаш, И Господ Бог ќе ја избрише солзата од секое лице — ќе го симне срамот на Својот народ од целата земја: Господ рече така“. Апостол Павле подоцна цитирал од тој пасус и го применил на времето кога Бог ќе ги врати мртвите во живот, кога ќе ги воскресне. Какво само чудесно дело ќе биде тоа! (1. Коринќаните 15:51-54).
21. Какви чудесни дела ќе направи Бог за мртвите?
21 Друга причина зошто ќе ги снема солзите на тага ќе биде тоа што ќе бидат отстранети физичките болести кај луѓето. Кога бил на Земјата, Исус излекувал многумина — им го вратил видот на слепите, слухот на глувите, енергијата на немоќните. Јован 5:5—9 кажува дека излекувал еден човек кој бил сакат 38 години. Набљудувачите мислеле дека ова е чудо, или чудесно дело. И навистина било! Меѓутоа, Исус им рекол дека тоа што ќе ги воскресне мртвите ќе биде уште почудесно: „Не чудете се на ова, зашто доаѓа часот во кој сите оние што се во спомен-гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат, оние кои правеле добро, за воскресение на живот“ (Јован 5:28, 29).
22. Зошто можат бедните и угнетените да исчекуваат со надеж?
22 Ова сигурно ќе се случи бидејќи ветувањето доаѓа од Јехова. Да останеме уверени дека кога тој ќе ја употреби и внимателно ќе ја насочи својата голема моќ на обновување, резултатите ќе бидат прекрасни. Псалм 72 укажува што ќе стори тој преку својот Син-Цар. Тогаш праведниот ќе цвета. Ќе има изобилен мир. Бог ќе ги избави бедните и угнетуваните. Тој ветува: „Нека има изобилство на жито во земјата, класјето по врвовите нека шуми како кедровите Ливански [древниот Либан]! И нека цветаат градските жители како трева на ливадата“ (Псалм 72:16).
23. На што треба да нѐ поттикнат Божјите чудесни дела?
23 Јасно, имаме причина да обрнеме внимание на сите Јеховини чудесни дела — она што го сторил во минатото, она што го прави денес и она што ќе го стори во блиска иднина. „Благословен да е Господ, Израелевиот Бог, Кој единствен твори чудеса! И благословено да е Неговото славно име довека! Нека се исполни целата земја со Неговата слава! Така нека биде. Амин!“ (Псалм 72:18, 19). Ова треба редовно да биде предмет на нашите одушевени разговори со роднините и со другите. Да, да ‚им ја кажуваме на многубошците Неговата слава, на сите народи Неговите чуда‘ (Псалм 78:3, 4; 96:3, 4).
Како би одговорил?
• Како прашањата што му биле поставени на Јов нагласуваат дека човечкото знаење е ограничено?
• Кои примери за Божјите чудесни дела истакнати во Јов, поглавја 37—41, ти оставаат впечаток?
• Како треба да реагираме откако разгледавме некои од Божјите чудесни дела?
[Слики на страница 10]
Што заклучуваш во врска со зашеметувачката разноликост на снегулки и силата на молњата која влева страхопочит?
[Извор на слика]
snowcrystals.net
[Слики на страница 13]
Нека Божјите чудесни дела редовно бидат дел од твоите разговори