Тие ја извршувале Јеховината волја
Исус е поздравен како Месија и Цар!
БУЧНОТО мноштво кое влегувало во Ерусалим на 9 низан 33 година н. е. изненадило многу Јудејци. Иако не било невообичаено да се видат луѓе како се слеваат во градот пред Пасхата, овие посетители биле поинакви. Централна личност меѓу нив бил еден човек кој јавал на прлето од една магарица. Тој човек бил Исус Христос, а луѓето ги простирале своите облеки и палмини гранки пред него додека извикувале: „Спаси го, молиме, Синот Давидов! Благословен да е кој доаѓа во Јеховино име! Спаси го, молиме, горе на висините!“ Штом го виделе мноштвото, мнозина кои веќе биле во Ерусалим, биле поттикнати да ѝ се придружат на поворката (Матеј 21:7—9, НС; Јован 12:12, 13).
Иако сега бил поздравуван, Исус знаел дека го очекуваат искушенија. Па, за само пет дена тој ќе биде убиен во истиот овој град! Да, Исус знаел дека Ерусалим е непријателска територија, и затоа го приредил своето впечатливо влегување во градот токму со таа мисла на ум.
Едно древно пророштво е исполнето
Во 518 година пр. н. е., Захарија го прорекол Исусовото триумфално влегување во Ерусалим. Тој напишал: „Ликувај од радост, ќерко Сионова, извикувај, ќерко ерусалимска; ете, Царот твој доаѓа при тебе, праведен и со спасувачка сила, кроток, седнат на осле, рожба на ослицата . . . и Он ќе објави мир на народите, и царството Негово ќе се протега од море до море и од реката до краиштата на земјата“ (Захарија 9:9, 10).
Така, Исусовото влегување во Ерусалим на 9 низан исполнило едно библиско пророштво. Тоа не бил случаен, туку внимателно испланиран настан. Порано, додека бил близу Ерусалим, Исус поучил двајца од своите ученици: „Отидете во селоно, што е наспроти вас, и веднаш ќе најдете врзана ослица и осле со неа; одврзете ги и доведете Ми ги! А, ако ви рече некој нешто, ќе му кажете дека Му се потребни на Господа, и веднаш ќе ги прати“ (Матеј 21:1—3). Но, зошто Исус сакал да вјава во Ерусалим на едно магаре, и какво значење имала реакцијата на мноштвото?
Порака во врска со царувањето
Една визуелна слика честопати е посилна отколку изговорениот збор. Затоа, Јехова повремено предизвикувал неговите пророци да ја одглумат својата порака за да ја засилат нивната пророчка порака (3. Царства 11:29—32; Јеремија 27:1—6; Језекиил 4:1—17). Ова крајно визуелно средство за комуникација оставало неизбришлив впечаток дури и во умот на најтврдокорниот набљудувач. На сличен начин, Исус одглумил една силна порака со тоа што во градот Ерусалим вјавал на едно магаре. Како?
Во библиски времиња, магарето се користело за благородни цели. На пример, на своето помазување за цар, Соломон одјавал на маската од татка си, која била хибриден потомок од магаре (3. Царства 1:33—40). Така, со тоа што Исус би вјавал во Ерусалим на магаре, би значело дека се претставува себеси како цар.a Постапките на мноштвото ја засилиле оваа порака. Групата, која несомнено се состоела главно од Галилејци, ги простирала своите наметки пред Исуса — гест што потсетувал на јавното објавување на Јујовото царување (4. Царства 9:13). Тоа што на Исус се осврнувале како на „Син Давидов“, го нагласило неговото законско право на владеење (Лука 1:31—33). А нивната употреба на палмини гранки очигледно ја покажувала нивната подложност на неговиот царски авторитет. (Спореди Откровение 7:9, 10.)
Затоа, поворката што дошла во Ерусалим на 9 низан, дала јасна порака дека Исус е Божјиот поставен Месија и Цар. Се разбира, сите не биле среќни кога виделе дека Исус е претставен на ваков начин. Особено фарисеите мислеле дека е сосема неприкладно Исус да биде опсипуван со таква царска почест. „Учителе“, барале тие, несомнено со гнев во своите гласови, „забрани им на учениците Твои!“ Исус одговорил: „Ви велам, ако тие замолкнат, камењата ќе повикаат“ (Лука 19:39, 40). Да, Божјето Царство било тема на Исусовото проповедање. Тој смело би ја објавил оваа порака, без разлика дали луѓето би ја прифатиле или не.
Поука за нас
Била потребна голема храброст за Исус да влезе во Ерусалим на начинот што бил претскажан од пророкот Захарија. Тој знаел дека со тоа си го навлекува гневот на своите непријатели. Пред своето вознесување на небото, Исус им заповедал на своите следбеници да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство и да ‚прават ученици од луѓето од сите народи‘ (Матеј 24:14; 28:19, 20, НС). За да се изврши ова дело, исто така е потребна храброст. Сите не ја слушаат пораката со радост. Некои се рамнодушни кон неа, други, пак, ѝ се противат. Некои влади поставувале ограничувања врз делото на проповедање или отворено го забранувале.
Сепак, Јеховините сведоци сфаќаат дека добрата вест за Божјето воспоставено Царство мора да се проповеда, сеедно дали луѓето слушаат или одбиваат да го прават тоа (Језекиил 2:7). Додека продолжуваат да го извршуваат ова животоспасувачко дело, тие се успокоени преку Исусовото ветување: „Ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Матеј 28:20).
[Фуснота]
a Марковиот извештај додава дека прлето било такво „што ниеден човек не го јавал“ (Марко 11:2). Очигледно, едно животно кое сѐ уште не било користено, било особено погодно за свети намени. (Спореди 4. Мојсеева 19:2; 5. Мојсеева 21:3; 1. Царства 6:7.)