„Се приближува вашето избавување“!
„Исправете се и подигнете ги главите, бидејќи се приближува вашето избавување“ (ЛУКА 21:28)
1. Кои настани се случиле во 66 год. од н.е.? (Види ја сликата погоре.)
ЗАМИСЛИ да си бил христијанин кој живеел во Ерусалим во 66 год. од н.е. Во градот се случиле многу работи. Прво, римскиот управител Флор украл пари од светата храмска ризница во вредност од 17 таланти. Евреите веднаш кренале побуна така што ги убиле римските војници во Ерусалим и прогласиле независност од Рим. Но, Римјаните брзо возвратиле. За три месеци, градот го опколиле 30.000 војници, предводени од Цестиј Гал, тогашниот римски управител на Сирија. Еврејските бунтовници се скриле во храмската тврдина, но римските војници дошле до надворешниот ѕид на храмот и почнале да го поткопуваат. Градот бил во паника! Како би се чувствувал да си го гледал сето ова?
2. Што требало да направат христијаните во 66 год. од н.е., и како успеале во тоа?
2 Со години пред тоа, во врска со овој настан Исус им го дал следново предупредување на своите ученици: „Кога ќе го видите Ерусалим опколен од улогорени војски, тогаш знајте дека се приближило неговото опустошување! Оние што ќе бидат во градот, нека го напуштат, а оние што ќе бидат во селата, нека не влегуваат во градот!“ (Лука 21:20, 21). Но, како можеле христијаните да го послушаат ова упатство и да го напуштат Ерусалим кога од сите страни бил опколен со војници? Се случило нешто неверојатно — римската војска ненадејно почнала да се повлекува! Како што било проречено, нејзиниот напад бил ‚скратен‘ (Мат. 24:22). Тоа бил момент учениците да ги послушаат зборовите на Исус и веднаш да побегнат во планините од другата страна на реката Јордан заедно со сите други верни христијани од околните места.a Потоа, во 70 год. од н.е., друга римска војска го опколила Ерусалим и го срамнила со земја. Сепак, се спасиле сите кои ги послушале упатствата што ги дал Исус.
3. Со каква ситуација наскоро ќе се соочат христијаните, и што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Наскоро, за многу кратко време, секој од нас ќе се соочи со слична ситуација. Освен што ги предупредил христијаните дека Ерусалим ќе биде уништен, Исус ги искористил тие настани од првиот век за да укаже на она што ќе се случи кога ненадејно ќе започне „големата неволја“ (Мат. 24:3, 21, 29). Исто како што верните христијани го преживеале уништувањето на Ерусалим, така едно „големо мноштво“ луѓе ќе ја преживее оваа катастрофа што ќе го зафати целиот свет. (Прочитај Откровение 7:9, 13, 14.) Многу е важно да го разбереме она што го кажува Библијата за овие идни настани. Зошто? Затоа што од тоа зависи нашиот живот. Сега, да разгледаме подетално како настаните што ни претстојат ќе влијаат врз секого од нас.
ПОЧЕТОКОТ НА ГОЛЕМАТА НЕВОЛЈА
4. Како ќе започне големата неволја?
4 Како ќе започне големата неволја? Со уништување на целокупната лажна религија. Во Библијата, лажната религија е наречена „Големиот Вавилон, мајка на блудниците“ (Отк. 17:5-7). Ова е соодветен назив за неа затоа што верските водачи блудствувале со водачите на овој злобен свет. Наместо верно да ги поддржуваат Исус и неговото Царство, тие им давале поддршка на човечките владетели и ги отфрлиле библиските начела само за да имаат што поголемо влијание врз политиката. Верските водачи се во остра спротивност со Божјите помазаници, кои се споредени со чиста девица (2. Кор. 11:2; Јак. 1:27; Отк. 14:4). Но, кој ќе го уништи Големиот Вавилон? Јехова Бог ќе ја стави „неговата замисла“ во срцата на симболичните „десет рогови“ на ‚црвениот ѕвер‘. Овие рогови ги претставуваат сите денешни политички сили кои во нападот врз лажната религија ќе им ја дадат својата поддршка на Обединетите нации — организацијата која е претставена со ‚црвениот ѕвер‘. (Прочитај Откровение 17:3, 16-18.)
5, 6. Зошто може да заклучиме дека нема да бидат погубени сите членови на лажните религии кога ќе биде уништен Големиот Вавилон?
5 Дали треба да заклучиме дека, кога ќе бидат уништени религиите кои го сочинуваат Големиот Вавилон, ќе бидат погубени и сите нивни поранешни членови? Очигледно не. Со својот дух, Јехова го поттикнал Захарија да прорече што ќе се случува во тоа време. Некој што порано припаѓал на лажната религија ќе рече: „Јас не сум пророк. Јас сум земјоделец, зашто еден човек ме купи како роб уште кога бев млад“. А ако некој го праша: „Какви се тие рани што ги имаш по телото?“, тој ќе одговори: „Ги добив во куќата на оние што многу ме сакаат“ (Зах. 13:4-6). Според тоа, веројатно и некои свештеници ќе се преправаат дека не се побожни и ќе одрекуваат дека некогаш биле дел од лажните религии.
6 Што ќе се случува со Божјиот народ во тоа време? Исус објаснил: „Ако не се скратат тие дни, никој нема да се спаси. Но заради избраните, ќе се скратат тие дни“ (Мат. 24:22). Како што видовме, во 66 год. од н.е., неволјата била ‚скратена‘. Поради тоа, „избраните“ помазани христијани успеале да побегнат од градот и од неговата околина. На сличен начин, и првиот дел од претстојната голема неволја ќе биде скратен заради „избраните“. Јехова нема да им дозволи на политичките „десет рогови“ да го уништат неговиот народ. Наместо тоа, штом ќе заврши првиот дел од нападот, ќе има краток период на затишје.
ВРЕМЕ НА ИСПИТИ И НА СУД
7, 8. а) Каква можност ќе имаме откако ќе биде уништена лажната религија? б) Како Божјиот народ ќе се разликува од сите други луѓе во тоа време?
7 Што ќе се случува по уништувањето на лажната религија? Тоа ќе биде време да покажеме што навистина имаме во срцето. Повеќето луѓе ќе бараат засолниште во човечките организации кои се споредени со ‚карпи во планините‘ (Отк. 6:15-17). Но, во симболична смисла, Божјите слуги ќе побараат засолниште кај Јехова. Откако нападот врз Ерусалим во првиот век бил ‚скратен‘, не дошло до масовно преобраќање на Евреите во христијанство. Тогаш било време оние што веќе биле христијани да го послушаат Исус и да го напуштат Ерусалим. Слично на тоа, не можеме да очекуваме дека многу луѓе одеднаш ќе станат вистински христијани кога ќе биде скратен идниот напад врз Големиот Вавилон. Напротив, тогаш сите вистински Божји слуги ќе имаат можност да ја докажат својата љубов кон Јехова и да ги поддржат Христовите браќа (Мат. 25:34-40).
8 Иако сѐ уште не сфаќаме во потполност што сѐ ќе се случува во тој период на испити, можеме да очекуваме дека секој од нас ќе мора да прави жртви. Во првиот век, христијаните морале да го остават својот имот и да се справат со разни неволји за да преживеат (Мар. 13:15-18). Добро е да се прашаме: ‚Дали сум спремен да претрпам материјална загуба? Дали ќе правам сѐ што е потребно за да му останам лојален на Јехова?‘ Замисли, тогаш ќе бидеме единствените луѓе на Земјата што ќе го следат примерот на древниот пророк Даниел и ќе продолжат да му служат на Бог по секоја цена! (Дан. 6:10, 11).
9, 10. а) Каква порака ќе објавува Божјиот народ во големата неволја? б) Како ќе реагираат непријателите на Божјиот народ?
9 Во големата неволја нема да ја проповедаме „добрата вест за Царството“. Тоа време ќе биде поминато. Библијата вели: „Тогаш ќе дојде крајот“! (Мат. 24:14). Без сомнение, Божјиот народ смело ќе разгласува остра порака на осуда, која најверојатно ќе вклучува објава дека му е дојден крајот на злобниот свет на Сатана. Божјата Реч ја споредува оваа порака со силен град, кога вели: „Голем град, со зрна тешки околу еден талант, падна од небото врз луѓето. И луѓето хулеа на Бог поради злото што го нанесе градот, бидејќи тоа зло беше многу големо“ (Отк. 16:21).
10 Нашите непријатели ќе ја слушнат оваа силна порака. Под водство на светиот дух, пророкот Езекиел објаснил што ќе направи Гог од Магог, кој ја претставува коалицијата составена од сите народи: „Вака вели Севишниот Господар Јехова: ‚Во тој ден ќе ти дојдат мисли во срцето и ќе сковеш зол план, и ќе речеш: „Ќе се кренам против земјата во која има незаштитени села. Ќе ги нападнам оние што живеат мирно и без страв, живеат без ѕидови и немаат ни резе ни врати“. Ќе го направиш тоа за да насобереш плен и да се напљачкаш од сѐ, за да ја кренеш раката на урнатини кои се повторно населени и на народот што е собран од другите народи, народ кој насобрал богатство и имот и живее во средиштето на земјата‘“ (Езек. 38:10-12). Во симболична смисла, Божјиот народ ќе се разликува од сите други, како да „живее во средиштето на земјата“. Непријателите нема да можат да го поднесат тоа, и едвај ќе чекаат да ги нападнат Јеховините помазаници, како и нивните придружници.
11. а) Што треба да имаме на ум во врска со редоследот на настаните во големата неволја? б) Како ќе реагираат луѓето на застрашувачките знаци кои ги прорекол Исус?
11 Додека разгледуваме што ќе се случува понатаму, треба да имаме на ум дека Божјата Реч не ни открива точно по кој редослед ќе се одвиваат настаните. По сѐ изгледа, некои ќе се случуваат истовремено. Во своето пророштво за свршетокот на овој поредок, Исус рекол: „Ќе има знаци на сонцето, на месечината и на ѕвездите, а народите на земјата ќе ги обземе мака и чувство на немоќ поради бучавата на морето и брановите, и тогаш луѓето ќе губат свест од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто небесните сили ќе се затресат. И тогаш ќе го видат Синот човечки како доаѓа во облак со сила и со голема слава“ (Лука 21:25-27; прочитај Марко 13:24-26). Дали ова значи дека ќе има застрашувачки знаци и феномени на дословното небо? Ќе мора да чекаме за да видиме. Како и да е, знаците кои ги спомнал Исус ќе посеат страв и ужас во срцата на Божјите непријатели.
12, 13. а) Што ќе се случи кога Исус ќе дојде „со сила и со голема слава“? б) Како ќе реагираат Божјите слуги во тоа време?
12 Што ќе се случи кога Исус ќе дојде „со сила и со голема слава“? Тој ќе ги награди оние што се верни и ќе ги казни оние што не се (Мат. 24:46, 47, 50, 51; 25:19, 28-30). За подобро да го објасни ова, Исус ја кажал споредбата за овците и јарците. Тој рекол: „Кога Синот човечки ќе пристигне во својата слава и сите ангели со него, тогаш ќе седне на својот славен престол. И сите народи ќе се соберат пред него, и тој ќе ги одвои луѓето едни од други, како што пастирот ги одвојува овците од јарците. Ќе ги постави овците од својата десна страна, а јарците од левата“ (Мат. 25:31-33). Каков суд ќе биде изречен над овците и над јарците? Споредбата завршува со следниве зборови: „Овие [јарците] ќе отидат во вечна смрт, а праведниците во вечен живот“ (Мат. 25:46).
13 Како ќе реагираат јарците кога ќе сфатат дека ги очекува „вечна смрт“? Библијата вели дека тие „ќе заплачат“ (Мат. 24:30). А како ќе реагираат во тоа време Христовите браќа и нивните верни придружници? Со целосна доверба во Јехова Бог и во неговиот Син, тие ќе ја послушаат следнава заповед на Исус: „Кога ќе почне да се случува сето тоа, исправете се и подигнете ги главите, бидејќи се приближува вашето избавување“ (Лука 21:28). Да, ние ќе бидеме цврсто уверени дека Бог ќе нѐ спаси.
„ЌЕ СВЕТАТ КАКО СОНЦЕ ВО ЦАРСТВОТО“
14, 15. Какво собирање ќе има откако ќе започне нападот на Гог од Магог, и на кој начин ќе се случи тоа?
14 Што ќе се случи откако Гог од Магог ќе го започне нападот врз Божјиот народ? И Матеј и Марко го опишале истиот настан: „[Синот човечки] ќе ги испрати ангелите и ќе ги собере своите избрани од четирите страни на светот, од крајот на земјата до крајот на небото“ (Мар. 13:27; Мат. 24:31). Ова собирање не се однесува на првото обележување со печат на помазаниците ниту, пак, на конечното запечатување на преостанатите помазаници, кое ќе се изврши пред да почне големата неволја (Мат. 13:37, 38; Отк. 7:1-4). Тогаш, на кое собирање мислел Исус? Тој се осврнал на времето кога преостанатите од 144-те илјади ќе ја добијат својата небесна награда (1. Сол. 4:15-17; Отк. 14:1). Овој настан ќе се случи во одреден момент откако Гог од Магог ќе тргне во конечен напад врз Божјиот народ (Езек. 38:11). Во тоа време ќе се исполнат следниве зборови на Исус: „Тогаш праведниците ќе светат како сонце во царството на својот Татко“ (Мат. 13:43).b
15 Мнозина во црквите на христијанскиот свет веруваат дека христијаните ќе бидат земени на небото во своите човечки тела. Тие мислат дека потоа Исус ќе се врати на видлив начин за да владее со Земјата. Но, Библијата јасно вели дека на небото ќе се појави „знакот на Синот човечки“ и дека Исус ќе дојде „на облаците небесни“ (Мат. 24:30). И двата израза укажуваат дека неговото враќање ќе биде невидливо. Освен тоа, апостол Павле напишал дека „телото и крвта не можат да го наследат Божјето царство“. Затоа, оние што ќе бидат земени на небото мора најпрво ‚да се преобразат, во еден момент, за миг, при звукот на последната труба‘.c (Прочитај 1. Коринќаните 15:50-53.) Според тоа, сите верни помазаници кои сѐ уште се на Земјата ќе бидат собрани на небото во еден миг.
16, 17. Што мора да се случи пред да се одржи свадбата на Јагнето?
16 Штом сите 144.000 ќе бидат на небото, можат да почнат последните подготовки за свадбата на Јагнето (Отк. 19:9). Но, пред овој радосен настан ќе се случи нешто друго. Имај на ум дека Гог ќе го нападне Божјиот народ додека преостанатите помазаници сѐ уште се на Земјата (Езек. 38:16). Што ќе се случи со Божјите слуги кои во тој момент ќе изгледаат беспомошно? Тие ќе ги послушаат упатствата кои биле дадени во времето на цар Јосафат: „Во оваа борба нема да се борите вие. Само наредете се, стојте и гледајте како Јехова ќе ве спаси!.. Не бојте се и не плашете се!“ (2. Лет. 20:17). Во одреден момент откако ќе започне нападот на Гог, сите помазаници ќе бидат земени на небото. Откровение 17:14 ни кажува што ќе се случи потоа со непријателите на Божјиот народ: „Тие ќе се борат против Јагнето, но Јагнето ќе ги победи, бидејќи е Господар над господарите и Цар над царевите, а ќе ги победат и оние што со него се повикани и избрани и верни“. Значи, Исус, заедно со своите 144.000 небесни совладетели, ќе се крене за да го избави Јеховиниот народ на Земјата.
17 Со тоа ќе започне војната Армагедон, во која Јехова ќе го возвеличи своето свето име (Отк. 16:16). Тогаш сите оние што биле прогласени за јарци „ќе отидат во вечна смрт“. Земјата ќе биде исчистена од сето зло, а големото мноштво ќе го преживее последниот дел од големата неволја. Конечно ќе може да се исполни величествената завршница на книгата Откровение — свадбата на Јагнето! (Отк. 21:1-4).d Ова навистина ќе биде незаборавна свадба! Сите што ќе преживеат на Земјата ќе уживаат во Божјата милост, и ќе ја чувствуваат неговата огромна љубов и великодушност. Зарем не го очекуваме со нетрпение тоа време? (Прочитај 2. Петрово 3:13.)
18. На што треба да бидеме решени додека очекуваме наскоро да се случат проречените возбудливи настани?
18 Што треба да правиме додека ги очекуваме сите овие возбудливи настани кои ќе се случат наскоро? Под водство на светиот дух, апостол Петар напишал: „Бидејќи сето тоа така треба да се распадне, вашите дела нека бидат свети и по нив нека се види дека сте му оддадени на Бог додека го очекувате и го имате на ум Јеховиниот ден... Затоа, сакани, бидејќи го очекувате тоа, дајте сѐ од себе за тој да ве најде неизвалкани и неосквернети и во мир“ (2. Пет. 3:11, 12, 14). Да бидеме решени и понатаму да останеме духовно чисти и да го поддржуваме Царот на Мирот, Исус Христос.
c Помазаниците кои ќе бидат живи во тоа време нема да бидат земени на небото во своето човечко тело (1. Кор. 15:48, 49). Нивните тела веројатно ќе бидат отстранети на ист начин како што било отстрането човечкото тело на Исус.