Матеј
24 Исус излезе од храмот и продолжи понатаму. Тогаш му пристапија неговите ученици за да му го покажат храмското здание.+ 2 А тој им рече: „Го гледате ли сето ова? Вистина, ви велам, овде нема да биде оставен ниту камен на камен, сѐ ќе биде урнато“.+
3 Додека седеше на Маслинската Гора, учениците му пристапија насамо и му рекоа: „Кажи ни кога ќе биде тоа и кој ќе биде знакот на твојата присутност*+ и на свршетокот на овој поредок?“*+
4 Исус им одговори: „Пазете се некој да не ве заведе.+ 5 Зашто, мнозина ќе дојдат во мое име и ќе велат: ‚Јас сум Христос‘.* И ќе заведат мнозина.+ 6 Ќе чуете за војни на разни места. Гледајте да не се уплашите. Зашто, тоа мора да се случи, но тогаш уште не е крајот.+
7 Зашто, ќе се крене народ против народ+ и царство против царство,+ и ќе има глад+ и земјотреси+ на разни места. 8 Сето ова е почеток на болните неволји.
9 Тогаш од луѓето ќе трпите неволји+ и ќе ве убиваат,+ и сите народи ќе ве мразат+ поради моето име.+ 10 И мнозина тогаш ќе отпаднат од верата,+ и ќе се предаваат едни со други, и ќе се мразат едни со други.+ 11 Ќе се појават многу лажни пророци+ и ќе заведат мнозина.+ 12 Беззаконието ќе се зголеми,+ па кај мнозина љубовта ќе олади.+ 13 Но кој ќе истрае+ до крајот, тој ќе биде спасен.+ 14 И оваа добра вест+ за царството+ ќе биде проповедана по целиот свет,* за сведоштво на сите народи,+ и тогаш ќе дојде крајот.+
15 Значи, кога ќе видите дека гадотијата+ која пустоши, за која зборувал пророкот Даниел, стои на свето место+ (читателот нека употреби проникливост), 16 тогаш оние што ќе бидат во Јудеја, нека бегаат+ во планините. 17 Кој ќе биде на покривот, нека не слегува да земе нешто од куќата. 18 И кој ќе биде на нивата, нека не се враќа дома за да си ја земе облеката. 19 Тешко на бремените жени и на доилките во тие денови!+ 20 Молете се вашето бегање да не се случи во зима или во сабота.* 21 Зашто, тогаш ќе има голема неволја+ каква што немало од почетокот на светот до сега,+ ниту повеќе ќе има. 22 И ако не се скратат тие дни, никој* нема да се спаси. Но заради избраните,+ ќе се скратат тие дни.+
23 Ако некој тогаш ви рече: ‚Гледај, овде е Христос!‘+ — или: ‚Онде е!‘ — не верувајте.+ 24 Зашто, ќе се појават лажни Христоси+ и лажни пророци+ и ќе прават големи знаци+ и чуда за да ги заведат, ако е можно, и избраните.+ 25 Ете, ве предупредив.+ 26 Според тоа, ако ви речат: ‚Еве го во пустината‘, не излегувајте. Ако ви речат: ‚Еве го во тајните одаи‘, не верувајте.+ 27 Зашто, како што молњата+ излегува од исток и свети до запад, таква ќе биде присутноста* на Синот човечки.+ 28 Каде што има мрша, таму ќе се соберат орлите.+
29 Веднаш по неволјата на тие дни, сонцето ќе потемни,+ месечината+ повеќе нема да свети, ѕвездите ќе паднат од небото и небесните сили ќе се затресат.+ 30 Тогаш на небото ќе се појави знакот на Синот човечки.+ И тогаш ќе заплачат сите племиња на земјата.+ И ќе го видат Синот човечки како доаѓа на облаците небесни со сила и со голема слава.+ 31 И тој ќе ги испрати своите ангели со силен трубен звук,+ и тие ќе ги соберат неговите избрани+ од четирите страни на светот,*+ од едниот крај на небесата до другиот.
32 Учете од споредбата со смоквата. Кога од неа ќе потера гранка и ќе пушти лисја, знаете дека летото е близу.+ 33 Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека Синот човечки е близу, пред вратата.+ 34 Вистина, ви велам, ова поколение+ нема да помине додека не се случи сето тоа. 35 Небото и земјата ќе поминат,+ но моите зборови нема да поминат.+
36 А за тој ден и час+ никој не знае, ни ангелите на небото ни Синот, туку само Таткото.+ 37 Зашто, како што беше во деновите на Ное,+ таква ќе биде и присутноста* на Синот човечки.+ 38 Зашто, како што во тие денови пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа, сѐ до денот кога Ное+ влезе во арката,+ 39 и не обрнуваа внимание додека не дојде потопот и ги однесе сите,+ таква ќе биде и присутноста* на Синот човечки. 40 Тогаш двајца ќе бидат на нива: едниот ќе биде земен, а другиот ќе биде оставен. 41 Две жени ќе мелат на рачна мелница:+ едната ќе биде земена, а другата ќе биде оставена.+ 42 Затоа, бдејте, зашто не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господар.+
43 Но едно знајте, кога домаќинот би знаел во која стража* ќе дојде крадецот,+ би останал буден и не би дозволил да му провали во куќата. 44 Затоа и вие бидете подготвени,+ зашто Синот човечки доаѓа во час кога не се надевате.
45 Значи, кој е верниот и разборит роб+ кого неговиот господар го поставил над своите слуги за да им дава храна во вистинско време?+ 46 Среќен+ е тој роб ако неговиот господар, кога ќе дојде, го најде да прави така! 47 Вистина, ви велам, ќе го постави над целиот свој имот.+
48 Но, ако тој роб е зол и си рече во срцето:+ ‚Мојот господар доцни‘,+ 49 па почне да ги тепа другите робови и да јаде и да пие со пијаниците, 50 господарот на тој роб ќе дојде во ден кога не очекува и во час+ кога не насетува, 51 и ќе го казни најстрого+ и ќе го стави кај лицемерите. Таму ќе плаче и ќе чкрта со забите.+