Матеј
25 Исто така, Царството небесно може да се спореди со 10 девици кои ги зедоа своите светилки и излегоа да го пречекаат младоженецот. 2 Пет од нив беа неразумни, а пет беа разборити.* 3 Неразумните ги зедоа светилките, но не си понесоа масло, 4 а разборитите, пак, заедно со светилките си понесоа и шишенца со масло. 5 Поради тоа што младоженецот не дојде во очекуваното време, сите задремаа и заспаа. 6 Точно на полноќ некој извика: ’Еве го младоженецот! Излезете да го пречекате‘. 7 Тогаш сите девици станаа и ги подготвија своите светилки. 8 А неразумните им рекоа на разборитите: ’Дајте ни малку од вашето масло, бидејќи нашите светилки само што не изгаснале‘. 9 Разборитите одговорија: ’Можеби ќе нема доволно и за нас и за вас. Подобро појдете кај оние што продаваат масло и купете си‘. 10 Кога тие отидоа да купат, младоженецот стигна. Девиците што беа подготвени влегоа со него на свадбата, и вратата се затвори. 11 Потоа дојдоа и останатите девици и рекоа: ’Господине, господине, отвори ни!‘ 12 А тој им одговори: ’Воопшто не ве познавам‘.
13 Затоа, бидете будни, зашто не го знаете ниту денот ниту часот.
14 Царството небесно може да се спореди и со еден човек кој се спремаше да отпатува далеку од дома, па ги повика своите робови и им го довери својот имот. 15 На едниот му даде пет таланти,* на другиот два, а на третиот, пак, еден — секому според неговата способност. А потоа отпатува. 16 Оној што доби пет таланти веднаш отиде да тргува со нив, па заработи уште пет. 17 Исто така, оној што доби два, заработи уште два. 18 А оној што доби само еден, отиде и ископа дупка во земјата и ги скри парите* на својот господар.
19 По долго време, господарот на тие робови дојде и почна да ги средува сметките со нив. 20 Така, оној што прими пет таланти дојде кај него и донесе уште пет таланти, па рече: ’Господару, ти ми довери пет таланти. Еве, јас заработив уште пет‘. 21 А господарот му рече: ’Одлично, добар и верен робу! Верно се грижеше за малку, и затоа ќе ти доверам многу повеќе. Радувај се со својот господар‘. 22 Потоа дојде оној што прими два таланта и рече: ’Господару, ти ми довери два таланта. Еве, јас заработив уште два‘. 23 А господарот му рече: ’Одлично, добар и верен робу! Верно се грижеше за малку, и затоа ќе ти доверам многу повеќе. Радувај се со својот господар‘.
24 На крајот дојде оној што прими еден талант и рече: ’Господару, знаев дека си строг човек, дека жнееш таму каде што не си сеел и дека собираш род за кој не си се мачел. 25 Затоа се уплашив, па отидов и го скрив твојот талант во земја. Еве, ти го враќам твоето‘. 26 Тогаш господарот му рече: ’Злобен и мрзлив робу! Значи, знаеше дека жнеам таму каде што не сум сеел и дека собирам род за кој не сум се мачел? 27 Тогаш, зошто не ги вложи моите пари кај банкарите? Така, кога ќе си дојдев, ќе ги добиев назад со камата.
28 Затоа, земете му го талантот и дајте му го на оној што има 10 таланти. 29 Зашто, секому кој има, ќе му се даде уште, и ќе има во изобилство. Но на оној што нема, ќе му се одземе и она што го има. 30 Исфрлете го бескорисниот роб надвор во темнината. Таму ќе плаче и ќе чкрта со забите‘.
31 Кога Синот човечки ќе дојде во својата слава со сите ангели, ќе седне на својот славен престол. 32 Сите народи ќе се соберат пред него, и тој ќе ги одвои луѓето едни од други, како што пастирот ги одвојува овците од јарците. 33 И ќе ги постави овците од својата десна страна, а јарците од левата.
34 Тогаш Царот ќе им рече на оние оддесно: ’Дојдете, вие кои сте благословени од мојот Татко, наследете го Царството кое е подготвено за вас од настанувањето на светот. 35 Зашто, огладнев, и ми дадовте да јадам; бев жеден, и ми дадовте да пијам. Бев странец, и гостољубиво ме примивте; 36 немав што да облечам,* и ме облековте. Се разболев, и се грижевте за мене. Бев во затвор, и ме посетивте‘. 37 Тогаш праведните ќе му речат: ’Господару, кога сме те виделе гладен и сме ти дале да јадеш, или жеден и сме ти дале да пиеш? 38 Кога си бил странец и гостољубиво сме те примиле? Кога си немал што да облечеш и сме те облекле? 39 Кога си бил болен или во затвор и сме те посетиле?‘ 40 А Царот ќе им одговори: ’Вистина ви велам, што и да сте направиле за еден од овие мои најмали браќа, за мене сте го направиле‘.
41 Потоа ќе им рече на оние одлево: ’Бегајте од мене, вие кои сте проколнати, и одете во вечниот оган подготвен за Ѓаволот и за неговите ангели. 42 Зашто, огладнев, но не ми дадовте да јадам; бев жеден, но не ми дадовте да пијам. 43 Бев странец, но не ме примивте гостољубиво; немав што да облечам, но не ме облековте; бев болен и во затвор, но не се грижевте за мене‘. 44 Тогаш и тие ќе му речат: ’Господару, кога сме те виделе гладен или жеден, кога си бил странец или си немал што да облечеш, кога си бил болен или во затвор, и не сме ти помогнале?‘ 45 Тогаш тој ќе им одговори: ’Вистина ви велам, она што не сте го направиле за еден од овие најмали, ни за мене не сте го направиле‘. 46 Овие ќе отидат во вечна смрт, а праведните во вечен живот“.