,Проценете што е најважно‘
‚Проценете што е најважно‘ (ФИЛ. 1:10)
1, 2. Кое пророштво за последните денови најверојатно побудило голем интерес кај учениците на Исус, и зошто?
ПЕТАР, Јаков, Јован и Андреј не можеле да ги тргнат мислите од она што им го кажал Исус во врска со уништувањето на храмот (Мар. 13:1-4). Затоа, кога конечно биле насамо со својот Господар, го прашале: „Кажи ни кога ќе биде тоа и кој ќе биде знакот на твојата присутност и на свршетокот на овој поредок?“ (Мат. 24:1-3). Исус не само што им открил што ќе се случува пред да биде уништен Ерусалим, туку им кажал и што ќе се случува во последните денови . Тој прорекол дека ќе има војни, глад и големо беззаконие. Но, прорекол и едно обележје на последните денови кое најверојатно побудило голем интерес кај неговите ученици. Исус рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Мат. 24:7-14).
2 Неговите ученици веќе ја проповедале добрата вест за Царството заедно со него (Лука 8:1; 9:1, 2). Можеби се сетиле дека им кажал: „Вистина, жетвата е голема, а работници има малку. Затоа молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“ (Лука 10:2). Но, веројатно се прашувале: ‚Како ќе проповедаме „по целиот свет“, и како ќе им дадеме „сведоштво на сите народи“? Од каде ќе дојдат работниците за жетвата?‘ Камо да можеле да ѕирнат во иднината додека биле со Исус тој ден! Сигурно ќе биле восхитени да можеле да видат како се исполнуваат неговите зборови запишани во Матеј 24:14.
3. Како се исполнуваат зборовите што ги кажал Исус во Лука 21:34, и што би требало да се праша секој од нас?
3 Ние живееме во времето кога се исполнува пророштвото на Исус. Милиони Божји слуги обединето ја проповедаат добрата вест за Царството низ целиот свет (Иса. 60:22). Но, Исус укажал и дека на некои од нив нема секогаш да им биде лесно да го стават проповедањето на прво место во животот. Тој рекол дека ќе бидат презафатени со други работи и дека нивните срца ќе бидат „оптоварени“. (Прочитај Лука 21:34.) И ова се исполнува денес. За жал, некои Божји слуги не ги ставаат поважните работи на прво место. Ова се гледа од одлуките што ги донесуваат во врска со вработувањето, високото образование или материјалните работи. Други трошат премногу време на спорт или на забава. А трети, пак, не прават сѐ што можат во службата затоа што се исцрпени од секојдневните грижи и притисоци. Добро е да се прашаме: ‚А како е со мене? Дали од моите одлуки се гледа дека ми е најважно да ја вршам Божјата волја?‘
4. а) За што се молел Павле во врска со христијаните во Филипи, и зошто? б) Што ќе видиме во оваа и во следната статија, и на што ќе нѐ поттикнат тие?
4 Повеќето христијани во првиот век, слично како апостол Павле, ‚смело и без страв ја зборувале речта Божја‘ (Фил. 1:12-14). Но, морале многу да се трудат да ја задржат службата за Бог на прво место во својот живот. Токму затоа Павле се молел браќата во Филипи ‚да проценат што е најважно‘. (Прочитај Филипјаните 1:9-11.) Повеќето од нас исто така храбро ја проповедаат Божјата Реч. Сепак, ако размислиме како Јехова денес ја користи својата организација за да ги исполни зборовите од Матеј 24:14, ќе бидеме поттикнати со уште поголема ревност да учествуваме во ова најважно дело. Во оваа статија ќе видиме која е главната цел на Јеховината организација, и како треба тоа да влијае врз нас и врз нашите семејства. Во следната статија ќе видиме што може да ни помогне со истрајност да ја вршиме Божјата служба и да бидеме во чекор со Јеховината организација.
НЕБЕСНИОТ ДЕЛ НА ЈЕХОВИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА
5, 6. а) Зошто Јехова дал виденија за небесниот дел на неговата организација? б) Што видел Езекиел во едно видение кое му го дал Бог?
5 Јехова одлучил многу работи да не бидат запишани во Библијата. На пример, тој не дал детали во врска со тоа како функционира човечкиот мозок или вселената, иако таквите информации би биле многу интересни. Наместо тоа, Јехова дозволил да биде запишано она што ни треба за да ја разбереме неговата волја и да живееме во склад со неа (2. Тим. 3:16, 17). Интересно е тоа што Јехова одлучил да ни даде увид во невидливиот дел на својата организација. Восхитени сме кога читаме како е опишана Божјата небесна организација во библиските книги Исаија, Езекиел, Даниел и Откровение (Иса. 6:1-4; Езек. 1:4-14, 22-24; Дан. 7:9-14; Отк. 4:1-11). На некој начин, Јехова како да ја тргнал завесата за да ѕирнеме на небото и да видиме што се случува таму. Зошто го сторил тоа?
6 Јехова не сака никогаш да заборавиме дека сме дел од една величествена организација. Невидливиот дел на Божјата организација вложува голем труд за да ја врши неговата волја. На пример, во едно видение, Езекиел видел огромна небесна кочија, која го претставува небесниот дел на Јеховината организација. Оваа кочија се движела многу брзо и можела за миг да ја смени насоката (Езек. 1:15-21). Со секое вртење на тркалата можела да помине големи растојанија. Езекиел го видел и Оној што управувал со кочијата. Тој рекол: „Видов нешто како сјајно бело злато, слично на оган што гореше однатре секаде наоколу... Тоа беше нешто што изгледаше како Јеховината слава“ (Езек. 1:25-28). Езекиел сигурно бил исполнет со страхопочит! Тој видел дека Јехова има целосна контрола над својата организација, и дека го користи својот свет дух за да управува со неа. Колку прекрасен опис на небесниот дел на Јеховината организација која постојано е во движење!
7. Како видението на Даниел ни влева доверба во Јехова и во Исус?
7 И Даниел имал едно видение кое ни влева доверба во Јехова и во Исус. Тој видел како Јехова, „Прадревниот“, седи на престол од огнени пламења. Овој престол имал тркала (Дан. 7:9). Јехова сакал да му покаже на Даниел дека Неговата организација постојано се движи, извршувајќи ја Неговата волја. Даниел видел и „некој како син човечки“, односно го видел Исус, на кого му биле „предадени власта, честа и царството“. Совршеното владеење на Исус нема да трае само неколку години. Напротив, „неговата власт е вечна власт, која никогаш нема да помине, и неговото царство нема да пропадне“ (Дан. 7:13, 14). Тоа што знаеме дека Јехова му дал на својот верен Син власт над земниот дел на својата организација ни влева доверба во Него и во она што го прави Тој. Бидејќи Бог има доверба во својот Син, и ние можеме да му веруваме на Исус како на наш Водач.
8. Како влијаеле виденијата за небесниот дел на Јеховината организација врз Езекиел и Исаија, и како треба да влијаат врз нас?
8 Како треба овие виденија за невидливиот дел на Јеховината организација да влијаат врз нас? Исто како Езекиел, исполнети сме со восхит и страхопочит од тоа што го прави Јехова (Езек. 1:28). Ако размислуваме за Неговата организација, ќе бидеме поттикнати да се ставиме на располагање да служиме во поголема мера, исто како пророкот Исаија. Кога му се укажала можност, тој без двоумење се согласил да им зборува на другите за она што го прави Јехова. (Прочитај Исаија 6:5, 8.) Исаија бил уверен дека со Јеховина помош може успешно да се соочи со каков и да било предизвик. Многу сме охрабрени што имаме чест да бидеме дел од оваа организација која постојано се движи и која е целосно посветена на извршувањето на Јеховината волја!
ЗЕМНИОТ ДЕЛ НА ЈЕХОВИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА
9, 10. Зошто Божјите слуги на Земјата треба да бидат организирани?
9 Преку својот Син, Јехова ги обединил своите слуги на Земјата за да соработуваат со небесниот дел на неговата организација. Тие го сочинуваат видливиот дел на Јеховината организација. Зошто Божјите слуги на Земјата треба да бидат организирани за да го извршат делото што било проречено во Матеј 24:14? Да разгледаме три причини.
10 Прво, Исус рекол дека неговите ученици ќе проповедаат „сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Второ, требало да им се обезбеди духовна храна и да им се пружа помош на оние што ќе учествуваат во ова дело (Јован 21:15-17). И трето, ќе им биле потребни состаноци каде што ќе можеле да се собираат за да го слават Јехова и да учат како да проповедаат (Евр. 10:24, 25). За да го постигнат сето ова, следбениците на Исус морале да бидат добро организирани.
11. Како можеме да ја поддржуваме Јеховината организација?
11 Како можеме да ја поддржуваме Јеховината организација? Еден начин е така што секогаш ќе имаме доверба во оние на кои Јехова и Исус им ја доделиле одговорноста да предводат во проповедничкото дело. Иако во светот има многу проблеми на кои би можело да им се посвети време и внимание, земниот дел на Јеховината организација секогаш се концентрирал на она што е најважно. Да видиме како го прави тоа денес.
ПОСВЕТЕНИ НА ОНА „ШТО Е НАЈВАЖНО“
12, 13. Како старешините ги извршуваат своите одговорности, и зошто нивниот пример те охрабрува?
12 Насекаде во светот, искусни христијански старешини се поставени да го надгледуваат и да го предводат проповедничкото дело. Кога донесуваат одлуки, тие секогаш го молат Јехова за водство и се потпираат на Божјата Реч, која е ‚светилка на нивната нога и светлина за нивната патека‘ (Пс. 119:105; Мат. 7:7, 8).
13 Исто како старешините во првиот век, браќата кои го надгледуваат проповедањето денес се посветени „на поучувањето за речта Божја“ (Дела 6:4). Тие многу се радуваат кога гледаат како напредува делото во нивната земја и низ целиот свет (Дела 21:19, 20). Наместо да му поставуваат безброј правила на Божјиот народ, овие браќа го следат водството од Библијата и од светиот дух додека го организираат проповедањето на добрата вест. (Прочитај Дела 15:28.) На тој начин, им даваат добар пример на своите соверници во собранијата каде што служат (Еф. 4:11, 12).
14, 15. а) Што сѐ се прави за да можеме да проповедаме низ целиот свет? б) Како гледаш на можноста да го поддржуваш проповедничкото дело?
14 Многу наши браќа и сестри неуморно работат на подготвувањето на духовната храна која ја добиваме преку библиските публикации, состаноците и конгресите. На пример, илјадници доброволци вложуваат голем труд за да ги преведуваат публикациите на повеќе од 600 јазици. Како резултат на тоа, многу луѓе можат да учат за „величествените Божји дела“ на својот мајчин јазик (Дела 2:7-11). Голем број млади браќа и сестри учествуваат во производството на нашата литература работејќи напорно на машини за брзо печатење. Потоа овие публикации се доставуваат до собранијата дури и во најдалечните делови на светот.
15 И во нашите локални собранија се прават многу напори за да може секој од нас да се посвети на службата. На пример, илјадници се ставаат на располагање за да помагаат при изградбата на Сали на Царството и на Конгресни сали. Некои им помагаат на оние што се погодени од природни катастрофи или имаат потреба од итна медицинска помош. Други ги организираат нашите собири и конгреси или, пак, поучуваат во разни теократски школи. Зошто се прави сето ова? За да можеме да ја проповедаме добрата вест, духовно да напредуваме и да им помогнеме на уште многу луѓе да станат Божји слуги. Ова е доказ дека земниот дел на Јеховината организација навистина е посветен на она што е најважно.
СЛЕДИ ГО ПРИМЕРОТ НА ЈЕХОВИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА
16. Што би можел да истражуваш за време на Семејната вечер или личното проучување?
16 Дали понекогаш одвојуваш време за да размислуваш за сето она што го прави Јеховината организација? Би можел подлабоко да истражуваш за овие работи за време на Семејната вечер или личното проучување. На пример, виденијата што им биле дадени на Исаија, Езекиел, Даниел и Јован се многу интересен материјал за проучување. Можеш многу да научиш за организацијата и од книгата Јеховини сведоци — објавители на Божјето Царство (Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom), како и од други публикации или DVD-ја на твојот јазик.
17, 18. а) Како ти помогна оваа статија? б) Кои прашања треба да си ги поставиш?
17 Добро е да размислуваме за сето она што го прави Јехова преку својата прекрасна организација. Да го следиме нејзиниот пример така што ќе бидеме решени да се посветиме на она што е најважно. Тогаш ќе се чувствуваме како Павле, кој напишал: „Бидејќи оваа служба ја имаме според милосрдието што ни е покажано, не се откажуваме“ (2. Кор. 4:1). Тој ги охрабрил и своите браќа со следниве зборови: „Да не се откажеме од правење добро, бидејќи, ако не се умориме, ќе жнееме кога ќе дојде време“ (Гал. 6:9).
18 Дали ти или твоето семејство треба да направите некакви промени за да ги ставите најважните работи на прво место? Можете ли да си го поедноставите животот за да се посветите на најважното дело кое се врши денес? Во следната статија, ќе разгледаме пет работи кои ќе ни помогнат да останеме во чекор со Јеховината организација.