Кога Исус ќе дојде во славата на Царството
„Тука стојат некои, што нема да вкусат смрт дури не Го видат Синот Човечки како оди [доаѓа, НС] во царството Свое“ (МАТЕЈ 16:28).
1, 2. Што се случило кратко после Пентакост 32 година н. е., и која била целта на настанот?
КРАТКО после Пентакост 32 година н. е., тројца од апостолите на Исус Христос виделе една визија вредна за паметење. Според инспирираниот извештај, ‚ги зел Исус со Себе Петра, Јакова и брата му Јована, и ги извел во висока гора сами; и се преобразил пред нив‘ (Матеј 17:1, 2).
2 Визијата на преображението дошла во едно критично време. Исус почнал да им кажува на своите следбеници дека ќе пострада и ќе умре во Ерусалим, но неговите зборови за нив биле тешки за сфаќање (Матеј 16:21—23). Визијата ја зајакнала верата на тројцата Исусови апостоли во подготовката за неговата идна смрт, како и за годините на напорна работа и испитување кои ќе уследат за христијанското собрание. Можеме ли ние денес да научиме нешто од визијата? Да, бидејќи она што таа го навестила, всушност, се случува во нашево време.
3, 4. а) Што рекол Исус шест дена пред преображението? б) Опиши што се случило за време на преображението.
3 Шест дена пред преображението, на своите следбеници Исус им рекол: „Синот човечки ќе дојде во славата на Својот Отец, со ангелите Свои, тогаш ќе му даде на секој според делата негови [ќе му надомести секому според неговото однесување, НС]“. Овие зборови требало да се исполнат во времето на „свршетокот на светот“. Исус понатаму навел: „Вистина ви велам: тука стојат некои, што нема да вкусат смрт дури не Го видат Синот Човечки како оди [доаѓа, НС] во царството Свое“ (Матеј 16:27, 28; 24:3; 25:31—34, 41; Даниил 12:4). Преображението се случило во исполнение на последниве зборови.
4 Што точно виделе тројцата апостоли? Следново претставува Лукин опис на настанот: „И кога [Исус] се молеше, видот на лицето Негово се измени, и облеката Му стана бела и светла. И ете, два човека разговараа со Него; а тие беа Мојсеј и Илија. Па, кога се јавија во слава, тие зборуваа за Неговата смрт, со која требаше да заврши во Ерусалим“. Потоа, ‚се јавил облак и ги засенил [апостолите]; и се уплашиле, штом влегле во облакот. И се чул глас од облакот, кој велел: „Овој е Мојот возљубен Син; Него послушајте Го!“ ‘ (Лука 9:29—31, 34, 35).
Верата зајакната
5. Каков ефект имало преображението врз апостол Петар?
5 Апостол Петар веќе го имал идентификувано Исуса како „Христос, Синот на живиот Бог“ (Матеј 16:16). Јеховините зборови од небото ја потврдиле таа идентификација, а визијата за преобразениот Исус претставувала предвкус за Христовото доаѓање во моќ и слава на Царството, за конечно да му суди на човештвото. Повеќе од 30 години после преображението, Петар напишал: „Ние ви ја покажавме силата и доаѓањето [присутноста, НС] на нашиот Господ Исус Христос не преку измислени параболи, туку откако станавме очевидци на Неговото величие. Оти Он прими чест и слава од Бога Отецот, кога од велелепната слава Му дојде ваков глас: ‚Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Моето благоволение‘. И тој глас, што дојде од небото, ние го чувме, кога бевме со Него на Светата гора“ (2. Петрово 1:16—18; 1. Петрово 4:17).
6. Како се развивале настаните после преображението?
6 Денес, и нашата вера е зајакната од она што го виделе тројцата апостоли. Се разбира, од 32 година н. е., настаните продолжиле да течат. Следната година, Исус умрел и бил воскреснат, вознесувајќи се на десната страна од својот Татко (Дела 2:29—36). На Пентакост таа година бил роден новиот ‚Божји Израел‘ и започнала една проповедничка кампања, почнувајќи во Ерусалим и подоцна ширејќи се сѐ до краевите на Земјата (Галатјаните 6:16; Дела 1:8). Речиси веднаш потоа била испитана верата на Исусовите следбеници. Апостолите биле уапсени и жестоко тепани поради тоа што одбиле да престанат да проповедаат. Наскоро бил отепан Стефан. Потоа бил убиен Јаков, очевидец на преображението (Дела 5:17—40; 6:8—7:60; 12:1, 2). Меѓутоа, Петар и Јован преживеале за да му служат верно на Јехова уште многу години. Всушност, кон крајот на првиот век н. е., Јован запишал натамошни визионерски одблесоци на Исус во небесна слава (Откровение 1:12—20; 14:14; 19:11—16).
7. а) Кога почнала да се исполнува визијата на преображението? б) Кога Исус им надоместил на некои според нивното однесување?
7 Од почетокот на „Господовиот ден“ во 1914 година, се исполниле многу од визиите што ги видел Јован (Откровение 1:10, НС). Што е со Исусовото ‚доаѓање во славата на Својот Отец‘, како што било навестено со преображението? Оваа визија почнала да се исполнува при раѓањето на Божјето небесно Царство во 1914 година. Кога Исус, како некоја деница, се појавил на универзалната сцена како нововостоличен Цар, тоа било, така да се рече, како разденување на еден нов ден (2. Петрово 1:19; Откровение 11:15; 22:16). Дали Исус во тоа време им надоместил на некои според нивното однесување? Да. Постои цврст доказ дека кратко потоа започнало небесното воскресение на помазаните христијани (2. Тимотеј 4:8; Откровение 14:13).
8. Кои настани ќе ја обележат кулминацијата на исполнувањето на визијата на преображението?
8 Сепак, Исус наскоро ќе пристигне „во Својата слава и сите свети ангели со Него“ за да му суди на човештвото како целина (Матеј 25:31). Во тоа време, тој ќе се открие во сета своја величествена слава и „на секој“ ќе му даде праведен надоместок за неговото или нејзиното однесување. Лицата слични на овци ќе наследат вечен живот во Царството подготвено за нив, а лицата слични на јарци ќе заминат во „вечна мака [одрежување, НС]“. Каков само сјаен завршеток ќе биде тоа на исполнувањето на визијата на преображението! (Матеј 25:34, 41, 46; Марко 8:38; 2. Солунјаните 1:6—10).
Исусовите прославени придружници
9. Дали треба да очекуваме Мојсеј и Илија да бидат со Исус во исполнувањето на визијата на преображението? Објасни.
9 Исус не бил сам во преображението. Со него биле видени Мојсеј и Илија (Матеј 17:2, 3). Дали тие биле дословно присутни? Не, бидејќи обајцата мажи одамна умреле и спиеле во правта, чекајќи воскресение (Проповедник 9:5, 10; Евреите 11:35). Дали тие ќе се појават со Исус кога тој ќе дојде во небесна слава? Не, затоа што Мојсеј и Илија живееле пред да се отвори небесната надеж за луѓето. Тие ќе бидат дел од земното „воскресение на . . . праведните“ (Дела 24:15). Значи, нивното појавување во визијата на преображението е симболично. Во кој поглед?
10, 11. Кого го претставуваат Илија и Мојсеј во различни контексти?
10 Во други контексти, Мојсеј и Илија се пророчки ликови. Како посредник на сојузот на Законот, Мојсеј го навестувал Исус, Посредникот на новиот сојуз (5. Мојсеева 18:18; Галатјаните 3:19; Евреите 8:6). Илија го навестувал Јован Крстител, претходник на Месијата (Матеј 17:11—13). Понатаму, во контекстот од Откровение, поглавје 11, Мојсеј и Илија го навестуваат помазаниот остаток во времето на крајот. Од каде го знаеме тоа?
11 Па, сврти кај Откровение 11:1—6. Во стих 3 читаме: „И ќе им дадам на двајца Мои сведоци, и тоа облечени во вреќи, да пророкуваат илјада двесте и шеесет дена“. Ова пророштво се исполнило врз остатокот од помазани христијани во текот на I светска војна.a Зошто двајца сведоци? Затоа што помазаниот остаток извршува дела кои, во духовен поглед, се како оние на Мојсеј и на Илија. Стихови 5 и 6 понатаму велат: „Ако некој сака да им направи неправда [на двајцата сведоци], оган ќе излезе од устата нивна и ќе ги проголта нивните непријатели; да, така треба да биде убиен оној, што ќе посака тоа да го направи. Тие ќе имаат власт да го затворат небото, за да не паѓа дожд во деновите на нивното пророкување, и ќе имаат власт над водите да ги претворат во крв и да ја поразат земјата со секаква мака, кога што ќе посакаат“. На тој начин, потсетени сме на чудата што ги извршиле Илија и Мојсеј (4. Мојсеева 16:31—34; 3. Царства 17:1; 4. Царства 1:9—12).
12. Кои се претставени со Мојсеј и Илија во контекстот на преображението?
12 Тогаш, кого го навестувале Мојсеј и Илија во контекстот на преображението? Лука вели дека тие се појавиле заедно со Исус „во слава“ (Лука 9:31). Јасно е дека тие ги навестуваат христијаните кои биле помазани со свет дух како „придружни наследници“ (НС) со Исус и кои со тоа ја добиваат прекрасната надеж да бидат ‚прославени со Него‘ (Римјаните 8:17). Воскреснатите помазаници ќе бидат со Исус кога тој ќе дојде во славата на својот Татко за да „му надомести секому според неговото однесување“ (Матеј 16:27, НС).
Сведоци како Мојсеј и Илија
13. Кои обележја ги означуваат Мојсеј и Илија како соодветни пророчки слики на Исусовите помазани придружни наследници кои се прославени со него?
13 Постојат значајни обележја кои ги означуваат Мојсеј и Илија како соодветни пророчки слики за Исусовите помазани придружни наследници. И Мојсеј и Илија долги години служеле како Јеховини говорници. Обајцата се соочиле со гневот на некој владетел. Во време на потреба, секој бил поддржан од некое странско семејство. Обајцата смело им пророкувале на цареви и стоеле цврсто наспроти лажните пророци. И Мојсеј и Илија виделе демонстрации на Јеховината моќ на планината Синај (наречена и Хорив). Обајцата овластиле наследници на источната страна од Јордан. А во времето на Мојсеј (со Исус Навин) и во времето на Илија (со Јелисеј) биле доживеани најголемиот број чуда, освен оние што се случиле за време на Исусовиот живот.b
14. На кој начин помазаниците служеле како Јеховин говорник исто како Мојсеј и Илија?
14 Зарем сето тоа не нѐ потсетува на Божјиот Израел? Да, навистина. Исус им рекол на своите верни следбеници: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал, и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Матеј 28:19, 20). Во послушност на овие зборови, помазаните христијани служеле како Јеховин говорник од Пентакост 33 година н. е. па досега. Како Мојсеј и Илија, тие се соочувале со гневот на владетелите и им сведочеле. На своите 12-мина апостоли, Исус им рекол: „Ќе ве одведат пред управници и цареви заради Мене, за да сведочите пред нив и пред незнабошците“ (Матеј 10:18). Неговите зборови се исполнувале секогаш одново во текот на историјата на христијанското собрание (Дела 25:6, 11, 12, 24—27; 26:3).
15, 16. Какви паралели постојат меѓу помазаниците од една страна, и Мојсеј и Илија од друга страна, во поглед на нивното: а) бестрашно поддржување на вистината? б) добивање помош од не-Израелците?
15 Понатаму, помазаните христијани биле исто толку бестрашни колку Мојсеј и Илија во поддржувањето на вистината против религиозната лага. Сети се како Павле го разобличил еврејскиот лажен пророк Вариисус и тактично но цврсто ја разоткрил лажноста на боговите на атињаните (Дела 13:6—12; 17:16, 22—31). Исто така, сети се дека во денешно време помазаниот остаток смело го разоткривал христијанскиот свет за кого таквото сведочење било вистинско измачување (Откровение 8:7—12).c
16 Кога Мојсеј побегнал поради гневот на фараонот, тој нашол засолниште во домот на еден не-Израелец, Рагуил, наречен и Јетро. Подоцна, Мојсеј добил вреден организациски совет од Рагуил, чијшто син, Јовав, го водел Израел низ пустинатаd (2. Мојсеева 2:15—22; 18:5—27; 4. Мојсеева 10:29). Дали на членовите на Божјиот Израел им било помогнато на сличен начин од поединци кои не се помазани членови на Божјиот Израел? Да, тие биле поддржани од ‚големото мноштво‘ од „други овци“ кои се појавиле на сцената во текот на овие последни денови (Откровение 7:9; Јован 10:16; Исаија 61:5). Претскажувајќи ја срдечната поддршка полна со љубов што овие „овци“ би им ја понудиле на своите помазани браќа, Исус пророчки им рекол: „Гладен бев и Ми дадовте да јадам, жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене . . . ‚Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле‘ “ (Матеј 25:35—40).
17. На кој начин помазаниците имале слично искуство како она на Илија на гората Хорив?
17 Понатаму, Божјиот Израел имал едно искуство кое е споредливо со она на Илија на гората Хорив.e Како Илија во времето кога бегал од царицата Језавела, на крајот од I светска војна уплашениот помазан остаток мислел дека неговото дело е завршено. Тогаш, исто како Илија, тие имале една средба со Јехова, кој дошол да ги суди оние организации кои тврделе дека се ‚Божјиот дом‘ (1. Петрово 4:17; Малахија 3:1—3). Додека христијанскиот свет бил најден како недостаточен, помазаниот остаток бил признаен како „верен и разборит роб“ и бил поставен над сиот Исусов земен имот (Матеј 24:45—47, НС). На Хорив, Илија чул „спокоен, тивок глас“ (НС) кој се докажал дека е глас на Јехова, давајќи му да врши уште поголема работа. Во мирниот период на повоените години, верните помазани слуги на Јехова го чуле неговиот глас од страниците на Библијата. И тие согледале дека имаат да исполнат еден налог (3. Царства 19:4, 9—18; Откровение 11:7—13).
18. На кој начин истакнатите манифестирања на Јеховината моќ биле упатувани преку Божјиот Израел?
18 Најпосле, дали преку Божјиот Израел биле упатувани истакнати манифестирања на Јеховината моќ? После Исусовата смрт, апостолите извршиле многу чуда, но овие постепено престанале (1. Коринтјаните 13:8—13). Денес, ние не гледаме чуда во физичка смисла. Од друга страна, на своите следбеници Исус им рекол: „Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши“ (Јован 14:12). Тоа имало почетно исполнување додека Исусовите ученици во првиот век ја проповедале добрата вест ширум Римското Царство (Римјаните 10:18). Денес се извршени уште поголеми дела додека помазаниот остаток го предводел проповедањето на добрата вест „по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Матеј 24:14). Со каков резултат? XX-от век бил сведок на собирањето на најголемиот број предадени, верни слуги на Јехова во историјата воопшто (Откровение 5:9, 10, НС; 7:9, 10). Каков само величествен доказ за Јеховината моќ! (Исаија 60:22).
Исусовите браќа доаѓаат во слава
19. Кога Исусовите помазани браќа се видени со него во слава?
19 Додека остатокот од Исусови помазани браќа го завршуваат својот земен пат, тие се прославени со него (Римјаните 2:6, 7; 1. Коринтјаните 15:53; 1. Солунјаните 4:14, 17). На тој начин, тие стануваат бесмртни цареви и свештеници во небесното Царство. Заедно со Исус, тогаш ќе ‚ги пасат незнабошците со железен жезал, и тие ќе се строшат како земјани садови‘ (Откровение 2:26, 27; 20:4—6; Псалм 109:2, 5, 6). Со Исус, тие ќе седат на престоли, ‚судејќи над дванаесетте Израилеви колена‘ (Матеј 19:28). Творбата која офка, желно ги очекувала овие настани кои се дел од „откривањето на Божјите синови“ (Римјаните 8:19—21, НС; 2. Солунјаните 1:6—8).
20. а) Во врска со кој изглед преображението ја зајакнало Петровата вера? б) Како преображението ги зајакнува денешните христијани?
20 Павле зборувал за откривањето на Исуса за време на ‚големата неволја‘, кога напишал: „Ќе дојде Он за да биде прославен во оној ден среде Своите светии, и да Му се восхитуваат сите оние што поверуваа“ (Матеј 24:21, НС; 2. Солунјаните 1:10). Каков само величествен изглед е тоа за Петар, Јаков, Јован и за сите со дух помазани христијани! Преображението ја зајакнало Петровата вера. Секако, читањето за тоа ја зајакнува и нашата вера и ја зацврстува нашата доверба дека Исус наскоро „ќе му надомести секому според неговото однесување“. Верните помазани христијани кои преживеале до ден-денес, ја гледаат потврдата на својата доверба дека ќе бидат прославени со Исуса. Верата на другите овци е зајакната од спознанието дека тој ќе ги спаси во периодот на крајот на овој зол систем на ствари во славниот нов свет (Откровение 7:14). Какво само охрабрување да се остане цврст до крајот! А оваа визија може да нѐ поучи уште повеќе, како што ќе видиме во следната статија.
[Фусноти]
a Види ги книгите “Let Your Name Be Sanctified” („Да се свети твоето име“), страници 313, 314 и Revelation—Its Grand Climax At Hand! (Откровение — Близу е неговата величествена кулминација!), страници 164, 165, издадени од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b 2. Мојсеева 2:15—22; 3:1—6; 5:2; 7:8—13; 8:18; 19:16—19; 5. Мојсеева 31:23; 3. Царства 17:8—16; 18:21—40; 19:1, 2, 8—18; 4. Царства 2:1—14.
d Види ја книгата You May Survive Armageddon Into God’s New World (Ти можеш да го преживееш Армагедон во Божјиот нов свет), издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., страници 281—283.
e Види „Да се свети твоето име“, страници 317—320.
Се сеќаваш ли?
◻ Кој се појавил со Исус во преображението?
◻ На кој начин верата на апостолите била зајакната со преображението?
◻ Кого го претставувале Мојсеј и Илија кога во преображението се појавиле „во слава“ заедно со Исус?
◻ Какви паралели постојат меѓу Мојсеј и Илија од една, и Божјиот Израел од друга страна?
[Слика на страница 10]
Преображението ја јакнело верата на христијаните во минатото а и денес