Јован
14 „Нека не се вознемирува вашето срце. Верувајте во Бог, а верувајте и во мене. 2 Во куќата на мојот Татко има многу места за живеење. Да не беше така, ќе ви кажев. А сега одам да подготвам место за вас. 3 Кога ќе појдам и ќе ви подготвам место, повторно ќе дојдам и ќе ве примам кај себе, за да бидете и вие таму каде што сум јас. 4 А вие го знаете патот до местото каде што одам.“
5 Тогаш Тома му рече: „Господару, не знаеме каде одиш. Од каде да го знаеме патот?“
6 Исус му рече: „Јас сум патот и вистината и животот. Никој не може да дојде кај Таткото, освен преку мене. 7 Ако ме познавате мене, ќе го познавате и мојот Татко. Отсега ќе го познавате; всушност, веќе сте го виделе“.
8 А Филип му рече: „Господару, покажи ни го Таткото, и тоа ќе ни биде доволно“.
9 Исус му одговори: „Толку време сум со вас, а ти Филип, уште не си ме запознал? Кој ме видел мене, го видел и Таткото. Како можеш да кажеш: ’Покажи ни го Таткото‘? 10 Зар не веруваш дека јас сум во единство со Таткото и дека Таткото е во единство со мене? Она што ви го зборувам јас, не го зборувам сам од себе. Таткото кој останува во единство со мене, тој ги врши своите дела преку мене. 11 Верувајте ми дека јас сум во единство со Таткото и дека Таткото е во единство со мене. Ако не верувате во она што го кажувам, верувајте поради делата што ги правам. 12 Вистина, вистина ви велам, кој верува во мене, ќе ги прави делата што ги правам јас. Ќе прави дури и поголеми дела, бидејќи јас си одам кај Таткото. 13 И, за што и да замолите во мое име, ќе го направам тоа, за Таткото да се прослави преку Синот. 14 Ако замолите за нешто во мое име, ќе го направам тоа.
15 Ако ме сакате, ќе се држите за моите заповеди. 16 И јас ќе го замолам Таткото, и тој ќе ви даде друг помошник* за да биде со вас засекогаш, 17 духот на вистината, кој светот не може да го прими, бидејќи не го гледа и не го познава. А вие го познавате, бидејќи е во вас и останува со вас. 18 Нема да ве оставам сами.* Ќе се вратам кај вас. 19 Уште малку и светот повеќе нема да ме види, но вие ќе ме видите, бидејќи јас ќе живеам, а и вие ќе живеете. 20 Во тој ден ќе знаете дека јас сум во единство со мојот Татко, вие сте во единство со мене, и јас сум во единство со вас. 21 Кој ги прифаќа моите заповеди и се држи за нив, тој ме сака. А кој ме сака мене, него ќе го сака мојот Татко, а и јас ќе го сакам и ќе му се откријам“.*
22 Тогаш Јуда, но не Јуда Искариот, му рече: „Господару, зошто имаш намера да ни се откриеш нам, а не на светот?“
23 Исус му одговори: „Ако некој ме сака, ќе се држи за моите зборови, и мојот Татко ќе го сака. Ќе дојдеме кај него и ќе живееме со него. 24 Кој не ме сака, не се држи за моите зборови. Речта што ја слушате не доаѓа од мене, туку од Таткото кој ме испрати.
25 Ова ви го зборувам додека сѐ уште сум со вас. 26 А помошникот, светиот дух, кого Таткото ќе го испрати во мое име, тој ќе ве поучи за сѐ и ќе ве потсети на сѐ што сум ви кажал. 27 Мир ви оставам, својот мир ви го давам. Мирот што ви го давам не е како мирот што го дава светот. Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се плаши. 28 Чувте дека ви реков: ’Си заминувам и ќе се вратам кај вас‘. Ако ме сакате, ќе се радувате што си заминувам кај Таткото, зашто Таткото е поголем од мене. 29 Сега ви го кажувам тоа, пред да се случи, за да верувате кога ќе се случи. 30 Нема уште многу да зборувам со вас, зашто доаѓа владетелот на светот, но тој нема власт над мене. 31 Но за светот да знае дека го сакам Таткото, јас правам така како што ми заповеда Таткото. Станете, да си одиме одовде.