Прогонството поттикнува пораст во Антиохија
КОГА после маченичката смрт на Стефан се разгорува прогонство, многумина од Исусовите ученици бегаат од Ерусалим. Едно од местата каде што барале засолниште било Антиохија (Сирија), на околу 550 километри на север (Дела 11:19). Настаните кои следеле потоа влијаеле врз целокупниот тек на христијанската историја. За да разбереме што се случило, ќе биде корисно да дознаеме нешто за Антиохија.
Што се однесува до градовите во Римската Империја, по големина, просперитет и важност Антиохија ја надминувале само Рим и Александрија. Оваа сириска метропола доминирала со североисточниот дел на средоземниот басен. Антиохија (денешна Антакија, Турција) се наоѓала на пловната река Оронт, која ја поврзува со нејзиното приморско пристаниште Селевкија Пјерија, на оддалеченост од околу 32 километра. Таа имала контрола над една од најважните поморски трговски линии меѓу Рим и долината Тигар-Еуфрат. Како трговски центар, имала деловни врски со целата империја и во неа се движеле секакви луѓе, кои носеле вести за верските движења низ целиот римски свет.
Во Антиохија цветале хеленистичката религија и филозофија. Но, „во времето на Христос“, вели историчарот Гланвил Дауни, „старите религиозни култови и филозофии имале тенденција да станат работа на лично верување, додека луѓето независно трагале по религиозно задоволство за своите лични проблеми и стремежи“ (A History of Antioch in Syria — Историја на Антиохија во Сирија). Многумина наоѓале задоволство во монотеизмот, церемониите и етиката на јудаизмот.
Уште од нејзиното основање, во 300 пр.н.е., во Антиохија имало голема населба на Евреи. Се проценува дека имало некаде од 20.000 до 60.000 луѓе, што претставувало над 10 проценти од населението. Историчарот Јосиф вели дека селевкиската династија на цареви ги охрабрувала Евреите да се населат во градот, давајќи им ги сите граѓански права. Во тоа време, Хебрејските списи биле достапни на грчки јазик. Ова го поттикнало интересот кај оние кои ги симпатизирале еврејските аспирации во врска со Месијата. Затоа меѓу Грците имало многу прозелити. Сиве овие фактори ја направиле Антиохија плоден терен за правење христијански ученици.
Сведочење на не-Евреи
Повеќето од Исусовите прогонети следбеници, кои се распрснале од Ерусалим, ја споделувале својата вера само со Евреи. Меѓутоа, во Антиохија некои ученици од Кипар и Кирена разговарале со ‚луѓе кои зборувале грчки‘ (Дела 11:20, NW). Иако проповедањето на Евреите и на прозелитите кои зборувале грчки почнало од Пентекост 33 н.е., се чини дека проповедањето во Антиохија било нешто ново. Тоа не било насочено само кон Евреите. Вистина, не-Евреинот Корнилиј и неговото семејство веќе станале ученици. Но, била потребна визија од Јехова за да го убеди апостол Петар дека е погодно да им проповеда на не-Евреите, или на луѓето од нациите (Дела 10:1—48).
Во град кој бил домаќин на голема и древна еврејска заедница и каде што немало големо непријателство меѓу Евреите и паганите, сведоштво добивале и не-Евреите и поволно реагирале на добрата вест. Изгледа дека Антиохија пружила вистинска атмосфера за еден таков развој, и ‚голем број луѓе станале верници‘ (Дела 11:21, NW). А кога прозелити, кои порано обожавале пагански богови, станале христијани, тие биле на еден единствен начин опремени да им сведочат на другите не-Евреи кои сѐ уште го правеле тоа.
Откако чуло како се развиваат настаните во Антиохија, собранието од Ерусалим го испратило таму Варнава за да испита како стојат работите. Тој избор бил мудар и полн со љубов. Тој бил од Кипар, како некои од оние кои почнале да им проповедаат на не-Евреите. Варнава би бил опуштен меѓу не-Евреите од Антиохија. Тие пак, од своја страна, би гледале на него како на член на една за нив позната средина.a Тој можел да има сочувство за работата која се вршела. Затоа, ‚кога тој стигнал и ја видел Божјата незаслужена љубезност, се израдувал и почнал да ги охрабрува сите да останат во Господ со решително срце‘ и ‚едно значително мноштво се присоединило кон Господ‘ (Дела 11:22—24, NW).
„Практични причини за успехот на раната мисија во Антиохија“, укажува историчарот Дауни, „можеби се тие што мисионерите во овој град не требало да се плашат од еврејски фанатици како оние на кои наишле во Ерусалим; исто така во тој град, како главен град на Сирија, управувал службен пратеник, и затоа во него имало поголем степен на јавен ред, при што имало помали шанси за насилство од толпи какво што се случило во Ерусалим, каде што изгледа дека прокураторите на Јудеја (барем во тој период) не можеле да ги зауздаат еврејските фанатици.“
Во такви поволни околности и со толку многу работа, Варнава веројатно сфатил дека му е потребна помош, и помислил на својот пријател Савле. А зошто Савле, односно Павле? Изгледа затоа што Павле, иако не бил еден од 12-темина апостоли, добил апостолство за нациите (Дела 9:15, 27; Римјаните 1:5; Откровение 21:14). Според тоа, Павле добро одговарал за придружник во објавувањето на добрата вест во нееврејскиот град Антиохија (Галатјаните 1:16). Затоа Варнава заминал за Тарс, да го пронајде Савле, и го донел во Антиохија (Дела 11:25, 26; види ја рамката на страници 26, 27).
Наречени христијани преку божествено провидение
Варнава и Савле цела година ‚поучувале многу народ; и најнапред во Антиохија [преку божествено провидение, NW] ги нарекле учениците христијани‘. Не постои веројатност дека Евреите биле тие кои први ги нарекле Исусовите следбеници христијани (грчки) или месијанисти (хебрејски), зашто тие го отфрлиле Исус како Месија, или Христос, па според тоа не би го признале немо како таков — нарекувајќи ги неговите следбеници христијани. Некои мислат дека паганското население им дало прекар христијани во шега или од презир. Меѓутоа, Библијата покажува дека името христијани било дадено од Бог (Дела 11:26).
Во Христијанските грчки списи глаголот кој е употребен во врска со новото име, кој обично се преведува со „беа наречени“, секогаш е поврзан со нешто натприродно, пророчко или божествено. Затоа изучувачите го преведуваат со: „да се искаже пророштво“, „божествено да се навести“ или „да се даде божествена заповед или опомена, да се поучи од небото“. Со оглед на тоа што Исусовите следбеници биле наречени христијани „преку божествено провидение“, можно е Јехова да ги водел Савле и Варнава да го дадат тоа име.
Тоа ново име останало. Исусовите ученици повеќе не можело да бидат помешани со некоја секта од јудаизмот, од кој сосема се разликувале. Околу 58 н.е. римските власти многу добро знаеле кои се христијаните (Дела 26:28). Според историчарот Тацит, во 64 н.е. името било општо прифатено и меѓу масите во Рим.
Јехова ги користи своите верни
Добрата вест одлично напредувала во Антиохија. Со Јеховин благослов и со решеноста на Исусовите следбеници да продолжат да проповедаат, Антиохија станала центар на христијанството од првиот век. Бог го употребил тамошното собрание како отскочна даска за ширење на добрата вест во далечни земји. На пример, Антиохија била појдовно место за сите историски мисионерски патувања на апостол Павле.
Во наше време, ревноста и одлучноста наспроти противењето на сличен начин го потпомогнале ширењето на вистинското христијанство, што им овозможило на многумина да ја чујат добрата вест и да покажат ценење за неа.b Затоа, ако се соочиш со противење затоа што го поддржуваш чистото обожавање, имај на ум дека Јехова си има свои причини зошто го дозволува. Како и во првиот век, на луѓето денес мора да им се даде прилика да чујат за Божјето Царство и да заземат став на негова страна. Твојата одлучност да продолжиш верно да му служиш на Јехова може да биде токму она што е потребно за да му се помогне некому да дојде до точно спознание на вистината.
[Фусноти]
a Кога денот е јасен, островот Кипар се гледа од планината Касиз, југозападно од Антиохија.
b Види Стражарска кула од 1 август 1999, страница 9; Разбудете се! од 22 април 1999, страници 21, 22 (српски); Годишњак Јеховиних сведока за 1999, страници 250—252.
[Рамка/слики на страници 26 и 27]
Савловите „тивки години“
ПОСЛЕДНОТО спомнување на Савле во книгата Дела, пред неговото заминување за Антиохија околу 45 н.е., е кога била осуетена заверата да биде убиен во Ерусалим и кога соверниците го испратиле за Тарс (Дела 9:28—30; 11:25). Но, тоа било девет години пред тоа, околу 36 н.е. Што правел тој во меѓувреме — во периодот кој е наречен Савловите тивки години?
Од Ерусалим Савле заминал во пределите на Сирија и Киликија, а собранијата од Јудеја чуле: „Оној, кој некогаш нив ги гонел, сега ја проповеда верата, која што порано ја разорувал“ (Галатјаните 1:21—23). Можеби извештајот укажувал на активноста со Варнава во Антиохија, но несомнено Савле и пред тоа не седел без работа. До 49 н.е. во Сирија и Киликија постоеле неколку собранија. Едно имало во Антиохија, но некои мислат дека другите можеби биле резултат на активноста на Савле во текот на неговите таканаречени тивки години (Дела 11:26; 15:23, 41).
Некои изучувачи веруваат дека драматичните настани во животот на Савле би требало да датираат од истиот период. Инаку, би било тешко во неговата мисионерска кариера да се сместат многуте тешкотии кои ги претрпел како ‚Христов слуга‘ (2. Коринтјаните 11:23—27). Кога добил Савле петпати по 39 удари од Евреите? Каде бил трипати тепан со стапови? Каде бил затворан „повеќепати“? Неговото притворање во Рим се случило подоцна. Имаме извештај за една прилика кога бил тепан и затворен — во Филипи. Но, што е со другите? (Дела 16:22, 23). Еден писател смета дека во тој период Савле „сведочел за Христос во синагогите на дијаспората на таков начин што тоа му донело прогонство како од религиозните така и од граѓанските власти“.
Савле четирипати доживеал бродолом, но Писмото дава детали само за еден, што се случил откако ги набројал своите тешкотии кога им пишувал на коринтјаните (Дела 27:27—44). Значи другите три веројатно го снашле во текот на неговите патувања за кои не знаеме ништо. Некои или сите овие настани можеби припаѓаат на ‚тивките години‘.
Друг настан кој изгледа датира од тој период е опишан во 2. Коринтјаните 12:2—5. Савле рекол: ‚Знам еден човек во Христа, кој пред четиринаесет години беше грабнат и однесен во рај и дека чул неискажливи зборови, кои што човек не може да ги искаже‘. Изгледа Савле зборувал за себеси. Бидејќи ова го напишал околу 55 н.е., 14 години пред тоа би било 41 н.е., во средината на ‚тивките години‘.
Таа визија несомнено му дала на Савле еден посебен увид. Дали нејзината цел била да го опреми како „апостол на незнабожците“? (Римјаните 11:13). Дали влијаела врз начинот на кој размислувал, пишувал и зборувал подоцна? Дали годините меѓу Савловото преобраќање и неговиот повик во Антиохија служеле за да го обучат и да созрее за понатамошни одговорности? Какви и да се одговорите на овие прашања, можеме да бидеме сигурни дека кога Варнава го поканил да му помогне во предводењето на делото на проповедање во Антиохија, ревносниот Савле бил целосно квалификуван за да ја исполни доделбата (Дела 11:19—26).
[Карта на страница 25]
(Види во публикацијата)
СИРИЈА
Оронт
Антиохија
Селевкија
КИПАР
СРЕДОЗЕМНО МОРЕ
Ерусалим
Јордан
[Извор на слика]
Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.
[Слики на страница 24]
Горе: Современа Антиохија
во средина: Јужниот дел на Селевкија
долу: ѕид покрај пристаниште во Селевкија