20. поглавје
Воскресение — за кого и каде?
1, 2. Што докажува дека Божјите слуги во старо време верувале во воскресение?
БОЖЈИТЕ СЛУГИ отсекогаш верувале во воскресение. За Авраам, кој живеел 2000 години пред Христовото раѓање, во Библијата пишува: ”Тој [сметаше] на тоа дека Бог е способен и од мртвите да го воскресне [неговиот син Исак]“ (Евреите 11:17–19, NW). Подоцна Божјиот слуга Јов го поставил прашањето: ”Кога ќе умре човек ќе живее ли пак?“ Како одговор на сопственото прашање, Јов му одговорил на Бог: ”Ти би викнал, а јас би Ти дал одговор.“ Со тоа покажал дека верувал во вокресението (Јов 14:14, 15, ББД).
2 Кога Исус Христос живеел на Земјата, објаснил: ”А дека мртвите стануваат, покажа и Мојсеј кај капината каде го нарече Господ [Јехова] Бог Авраамов и Бог Исаков и Бог Јаковлев. А Бог не е Бог на мртвите туку на живите; зашто за него сите се живи“ (Лука 20:37, 38, ДК). Во Христијанските грчки списи зборот ”воскресение“ се појавува повеќе од 40 пати. Воскресението на мртвите е една од главните науки на Библијата (Евреите 6:1, 2).
3. Како Марта ја покажала својата вера во воскресение?
3 Марта, која била во пријателство со Исус, покажала дека верува во воскресение кога нејзиниот брат Лазар умрел. Кога дознала дека Исус доаѓа, му притрчала во пресрет: ”Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми“, рекла таа. Кога Исус ја видел нејзината болка, ја утешил со зборовите: ”Твојот брат ќе воскресне.“ На тоа Марта одговорила: ”Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден“ (Јован 11:17–24, ББД).
4-6. Кои причини ги имала Марта да верува во воскресение?
4 Марта имала убедливи причини да верува во воскресение. Знаела, на пример, дека Божјите пророци Илија и Јелисеј многу години пред тоа со Божја помош воскреснале по едно дете (1. Царевите 17:17–24; 2. Царевите 4:32–37). И знаела дека воскреснал мртовецот кој бил фрлен в јама, кога ги допрел коските на умрениот Јелисеј (2. Царевите 13:20, 21). Тоа што најмногу ја зајакнало нејзината вера во воскресението е она што самиот Исус го учел и правел.
5 Можеби Марта била две години пред тоа во Ерусалим кога Исус говорел за улогата што ќе ја има при воскресението на мртвите. Тој рекол: ”Зашто како што Таткото ги крева мртвите и ги оживува, така и синот ги оживува оние коишто сака. Не чудете се на ова, зашто доаѓа часот во кој сите кои се во гробовите ќе го чујат гласот на синот Божји и ќе излезат“ (Јован 5:21, 28, 29, ДК).
6 Библијата не кажува ништо за тоа дека Исус воскресенал кого и да е пред да ги изговори овие зборови. Но, после тоа подигнал од мртвите едно момче, син на некоја вдовица од Наин. Веста за тоа се проширила до Јудеја на југ и Марта сигурно слушнала за тоа (Лука 7:11–17). Марта веројатно подоцна слушнала што се случило во Јаировата куќа близу Галилејско Море. Јаировата 12-годишна ќерка тешко се разболела и умрела. Но, штом Исус стигнал во куќата на Јаир, пришол до мртвото дете и рекол: ”Девојко, стани!“ И таа станала! (Лука 8:40–56, ББД).
7. Како Исус ѝ покажал на Марта дека може да ги воскреснува мртвите?
7 Па сепак, Марта не очекувала Исус веднаш да го воскресне нејзиниот брат од мртвите. Затоа рекла: ”Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден.“ За да ја подвлече својата улога што ќе ја има при воскресението на мртвите, Исус рекол: ”Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека.“ Веднаш после тоа Исус го одвеле до гробот каде што бил положен Лазар. Исус повикал: ”Лазаре, излези надвор!“ И Лазар, кој четири дена бил мртов во гробот, излегол надвор (Јован 11:24–26, 38–44, ББД).
8. Што докажува дека Исус воскреснал?
8 Неколку недели подоцна и самиот Исус бил убиен и ставен в гроб. Но тој бил таму само неполни три дена. Апостол Петар тоа го објаснува на следниот начин: ”Овој Исус Го воскресна Бог, за кое сме сите ние сведоци.“ Религиозните водачи не можеле да го спречат Исус да излезе од гробот (Дела на апостолите 2:32, ББД; Матеј 27:62–66; 28:1–7). Не може да постои никакво сомневање во тоа дека Христос станал од мртвите, бидејќи после тоа се појавувал жив пред многу ученици, а еднаш дури пред околу 500 ученици (1. Коринтјаните 15:3–8). Исусовите ученици толку цврсто верувале во воскресението, што биле готови да поднесат прогонства и дури смрт во службата за Бог.
9. Кои девет лица според библискиот извештај биле воскреснати?
9 Апостолите Петар и Павле подоцна дале уште еден доказ дека мртвите можат да воскреснат. Најпрво Петар ја воскреснал Тавита, наречена и Дорка, од Јопа (Дела на апостолите 9:36–42). Потоа Павле го повратил во живот младиот Евтих, кој паднал од прозорецот од третиот кат додека Павле држел говор (Дела на апостолите 20:7–12). Сигурно дека тие девет воскресенија споменати во Библијата даваат сигурен доказ дека мртвите можат да воскреснат.
КОЈ ЌЕ БИДЕ ВОСКРЕСНАТ?
10, 11. (а) Зошто Бог го предвидел воскресението? (б) Кои две групи ќе воскреснат, според Дела на апостолите 24:15?
10 Во почетокот Бог немал намера да воскреснува, затоа што кога Адам и Ева би останале верни, никој не би морал да умре. Но, поради Адамовиот грев, секој е подложен на несовршеност и смрт (Римјаните 5:12). Јехова Бог предвидел воскресение за да им овозможи на Адамовите потомци да се радуваат на вечен живот. Но, што одлучува дали некој ќе воскресне или не?
11 Библијата изјавува дека ”ќе има воскресение и на праведните и на неправедните“ (Дела на апостолите 24:15, NW). Тоа може некого да го изненади. ”Зошто да воскреснат ’неправедните‘?“ можат да прашаат. Она што се случило додека Исус висел на маченичкиот столб ќе ни помогне да одговориме на ова прашање.
12, 13. (а) Што му ветил Исус на злосторникот? (б) Каде ќе се наоѓа рајот за кој зборувал Исус?
12 Овие двајца луѓе покрај Исус се злосторници. Едниот од нив штотуку го навредил и рекол: ”Зар ти не си Христос? Спаси се себеси и нас.“ Меѓутоа, другиот злосторник верувал во Исус. Тој го молел: ”Сети се на мене кога ќе дојдеш во своето Царство.“ На тоа Исус му ветил: ”Навистина ти велам денес: Ќе бидеш со мене во рајот“ (Лука 23:39–43, NW).
13 Но, што мислел Исус кога рекол: ”Ќе бидеш со мене во рајот?“ Каде е тој рај? Каде бил рајот што Бог го создал на почетокот? На Земјата, зар не? Бог ја поставил првата човечка двојка во прекрасен рај, наречен градина Еден. Кога читаме дека тој поранешен злосторник ќе биде во рајот, значи притоа треба да си ја претставиме Земјата претворена во прекрасно место за живеење, затоа што зборот ”рај“ значи ”градина“ или ”парк“ (1. Мојсеева 2:8, 9).
14. Во која смисла Исус ќе биде со поранешниот злосторник во рајот?
14 Секако, Исус Христос, нема да биде со поранешниот злосторник на Земјата. Тој, всушност, ќе владее од небото како цар над земскиот рај. Тој ќе биде со овој човек во таа смисла што ќе го воскресне од мртвите и ќе се грижи за неговите телесни и духовни потреби. Но, зошто Исус ќе му дозволи на човек кој бил злосторник да живее во рајот?
15. Зошто ќе воскреснат ”неправедниците“?
15 Точно е дека тој човек постапувал лошо. Бил ’неправеден‘. Исто така не ја знаел Божјата волја. Но, дали би бил злосторник кога би ги познавал Божјите намери? За да го утврди тоа, Исус ќе го воскресне тој неправеден човек како и многу милијарди луѓе кои умреле во незнаење. На пример, во изминатите векови умреле многу луѓе кои не умееле да читаат и кои никогаш не ја виделе Библијата. Но, тие ќе воскреснат од шеолот или хадесот. Тогаш на рајската Земја ќе бидат поучени за Божјата волја и ќе добијат можност да докажат дека навистина го љубат Бог вршејќи ја неговата волја.
16. (а) Кои од мртвите нема да воскреснат? (б) Зошто не треба да се обидуваме да бидеме во улога на судии? (в) На што треба во прв ред да мислиме?
16 Тоа не значи дека секој ќе воскресне. Библијата покажува дека Јуда Искариотски, кој го издал Исус, нема да воскресене. Поради својата намерна злоба, Јуда е означен како ’погибелен син‘ (Јован 17:12, ББД). Тој отишол во симболичната гехена, од каде што нема воскресение (Матеј 23:33). Лицата кои намерно постапуваат лошо откако ја запознале Божјата волја, можат да грешат против светиот дух. А Бог нема да ги воскресне лицата кои грешат против неговиот свет дух (Матеј 12:32; Евреите 6:4–6; 10:26, 27). Сепак, бидејќи Бог е Судијата, не треба да нагаѓаме дали некои зли од минатото или сегашноста ќе воскреснат или не. Бог знае кој е во хадесот, а кој во гехената. Треба да сториме сѐ што е во наша моќ да бидеме такви личности какви што Бог сака да има во својот нов систем (Лука 13:24, 29).
17. Кој не мора да воскресне за да ужива во вечниот живот?
17 Сите оние кои ќе добијат вечен живот не мораат да воскреснат. Многу Божји слуги кои живеат сега во овие ”последни денови“ на сегашниот систем, ќе го преживеат Армагедон. И тогаш, како составен дел на праведната ”нова земја“, никогаш повеќе нема да мораат да умрат. Она што Исус ѝ го рекол на Марта може буквално да се исполни на нив: ”И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека“ (Јован 11:26, ББД; 2. Тимотеј 3:1).
18. Кои се ”праведниците“ што ќе воскреснат?
18 Кои се ”праведниците“ коишто треба да воскреснат? Меѓу нив ќе бидат Божјите слуги кои живееле пред Исус Христос да дојде на Земјата. Многумина од нив се споменати по име во Евреите, поглавје 11. Тие не се надевале дека ќе отидат на небо, туку дека повторно ќе живеат на Земјата. Меѓу ”праведниците“ кои ќе воскреснат, ќе бидат и верните Божји слуги кои умреле во последниве години. Бог ќе се погрижи да се оствари нивната надеж за вечен живот на Земјата така што ќе ги воскресне.
КОГА И КАДЕ ЌЕ ВОСКРЕСНАТ
19. (а) Во која смисла Исус е прв од воскреснатите? (б) Кој треба да воскресне после него?
19 За Исус пишува дека треба да биде ’прв кој ќе воскресне од мртвите‘ (Дела на апостолите 26:23, ББД). Тоа значи дека тој бил првиот воскреснат кој не морал повторно да умре. Исто така бил прв кој воскреснал како духовна личност (1. Петрово 3:18). Но, Библијата зборува и за други и вели: ”Но, секој по свој ред: Христос како првенец, потоа оние кои му припаѓаат на Христос за време на неговата присутност“ (1. Коринтјаните 15:20–23, NW). Значи во воскресението, некои ќе бидат воскреснати порано отколку други.
20. (а) Кои се ”оние кои му припаѓаат на Христос“? (б) Какво воскресение имаат тие?
20 ”Оние кои му припаѓаат на Христос“ се 144000 верни ученици кои ќе владеат со него во Царството. За нивното небесно воскресение во Библијата пишува: ”Блажен е и свет оној кој има учество во првото воскресение: втората смрт нема власт над него, (...) и ќе царува со него илјада години“ (Откровение 20:6, ДК; 14:1, 3).
21. (а) Кога почнува ”првото воскресение“? (б) Кој веќе воскреснал за небесен живот?
21 Значи, после Христовото воскресение треба да воскреснат 144000. Тие имаат учество во ”првото воскресение“ или ”раното воскресение“ (Филипјаните 3:11). Кога почнува тоа воскресение? ”За време на неговата присутност“, пишува во Библијата. Како што веќе научивме во претходните поглавја, Христовата присутност започнала во 1914 година. Значи, ”денот“ на ”првото воскресение“ на верните христијани за небесен живот веќе дошол. Без сомнение, апостолите и другите први христијани веќе се воскреснати за небесен живот (2. Тимотеј 4:8).
22. (а) Кој уште ќе има учество во ”првото воскресение“? (б) Кога воскреснуваат тие?
22 Но, и сега, за време на Христовата невидлива присутност, живеат христијани кои исто така имаат надеж да владеат со Христос на небото. Тие се преостанатите — остаток од 144000. Кога воскреснуваат тие? Тие не мораат да бидат во смртен сон, туку воскреснуваат веднаш штом умрат. Библијата објаснува: ”Сите нема да умреме, [да бидеме во смртен сон], но сите ќе се измениме, одеднаш, во еден миг, при последната труба; ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливи“ (1. Коринтјаните 15:51, 52, ББД; 1. Солунјаните 4:15–17).
23. Како во Библијата е опишана преобразбата во духовно тело?
23 Тоа ”прво воскресение“ во небесен живот е секако невидливо за човечки очи. Тоа е воскресение за живот како духовни суштества. Таа преобразба во духовен живот, во Библијата се опишува на следниот начин: ”Се сее за распадливост, а се станува за нераспадливост; се сее во срамота, а се станува во слава; (...) Се сее тело телесно, а станува тело духовно“ (1. Коринтјаните 15:42–44, ДК).
24. (а) Кое воскресение следи после ”првото воскресение“? (б) Зошто е наречено ”подобро воскресение“?
24 Но, изразот ”прво воскресение“ укажува на тоа дека има уште едно воскресение. Тоа е воскресението на праведните и неправедните за живот на рајската Земја. Тоа ќе започне после Армагедон. Тоа ќе биде ”подобро воскресение“ отколку она што го имале момчињата кои ги воскреснале Илија и Јелисеј, и другите кои биле воскреснати на Земјата. Зошто? Затоа што оние кои ќе бидат воскреснати после Армагедон не мораат никогаш да умрат доколку се одлучат да му служат на Бог (Евреите 11:35).
ЧУДО ОД БОГ
25. (а) Зошто не воскреснува телото на мртвиот? (б) Што воскреснува, и што им се дава на оние кои воскреснуваат?
25 Што ќе воскресне кога некој ќе умре? Не истото тело на умрениот. Библијата ни го покажува тоа кога го опишува духовното воскресение (1. Коринтјаните 15:35–44). Дури и оние кои ќе воскреснат за живот на Земјата нема да воскреснат во истото тело што го имале во претходниот живот. Тоа тело веројатно се распаднало и се вратило во земјин прав. Со текот на времето, можеби елементите на мртвото тело станале составен дел од други живи суштества. Значи, Бог не го воскреснува истото тело, туку истата личност која умрела. На лицата кои одат на небо им дава ново духовно тело. На лицата кои воскреснуваат за живот на Земјата им дава ново физичко тело. Тоа ново физичко тело, без сомнение ќе биде слично на она кое лицето го имало пред својата смрт, така што може да биде препознаено од неговите пријатели.
26. (а) Зошто воскресението е прекрасно чудо? (б) Кои човечки пронајдоци можат да ни помогнат да ја разбереме извонредната Божја способност да се сети на мртвите?
26 Воскресението навистина е прекрасно чудо. Покојниот можеби во текот на својот живот собрал многу искуства и знаења, како и многу спомени. Развил личност која го разликувала од сите други луѓе кои некогаш живееле. Сепак, Јехова Бог се сеќава на секој детаљ и при воскресението ќе ја обнови потполната личност. Во Библијата пишува за мртвите кои ќе воскреснат: ”За него сите се живи“ (Лука 20:38, ДК). Луѓето можат да снимаат гласови и слики од луѓе и повторно да ги слушаат и да ги гледаат, иако истите одамна умреле. Но, Јехова може и ќе ги воскресне сите луѓе кои се живи во неговото сеќавање!
27. На кои прашања за воскресението ќе биде подоцна одговорено?
27 Во Библијата многу се говори за животот во рајот после воскресението. На пример, Исус говорел за лицата кои ќе излезат во ’воскресение на живот‘ и за другите кои ќе излезат во ”воскресение на суд“ (Јован 5:29). Што мислел со тоа? Дали ситуацијата на ”праведниците“ ќе се разликува од онаа на ”неправедниците“? Разгледувањето на темата за Судниот ден ќе ни помогне да добиеме одговор на тие прашања.
[Слики на страница 167]
”Знам дека ќе воскресне“
Илија го воскреснал синот на една вдовица
Јелисеј воскреснал едно дете
Оживеал еден човек кој ги допрел коските на Јелисеј
[Слики на страница 168]
Луѓе кои ги воскреснал Исус:
Синот на една вдовица од Наин
Лазар
Ќерката на Јаир
[Слики на страница 169]
Други кои биле воскреснати:
Дорка
Самиот Исус
Евтих
[Слика на страница 170]
Каде е рајот што му го ветил Исус на разбојникот?