Христијаните ја одразуваат Јеховината слава
„Среќни се вашите очи, бидејќи гледаат, и вашите уши, бидејќи слушаат“ (МАТЕЈ 13:16).
1. Кое прашање се поставува во врска со начинот на кој реагирале Израелците кога Мојсеј се симнал од планината Синај?
ИЗРАЕЛЦИТЕ што биле собрани на планината Синај имале силна причина да му се приближат на Јехова. Па тој ги избавил од Египет со својата моќна рака. Се грижел за нивните потреби, давајќи им храна и вода во пустината. Потоа, им дал победа над војската на Амаликците, која ги нападнала (Излез 14:26-31; 16:2—17:13). Додека логорувале во пустината пред планината Синај, луѓето биле толку исплашени од громовите и молњите што се треселе од страв. Подоцна, виделе како Мојсеј се симнува од планината Синај, а неговото лице ја одразувало Јеховината слава. Сепак, наместо да реагираат со чудење и ценење, тие се повлекле. „Не се осмелија да пристапат кон [Мојсеј]“ (Излез 19:10-19; 34:30). Зошто се плашеле да гледаат одраз од славата на Јехова, оној што направил толку многу за нив?
2. Зошто се уплашиле Израелците кога ја виделе Божјата слава што ја одразувал Мојсеј?
2 Стравот на Израелците во таа прилика веројатно во голема мера се должел на она што се случило претходно. Кога намерно му биле непослушни на Јехова со тоа што направиле златно теле, тој ги казнил (Излез 32:4, 35). Дали научиле нешто од казната што ја добиле од Јехова и дали биле благодарни за неа? Не, повеќето од нив не биле. Кон крајот на својот живот, Мојсеј се потсетил на настанот со златното теле и на другите прилики кога Израелците биле непослушни. Му рекол на народот: „Се побунивте против словото на Господа, својот Бог; не се надевавте на Него ниту го слушавте неговиот глас. Му бевте непокорни на Господа откако ве познавам“ (Второзаконие 9:15-24).
3. Што правел Мојсеј за да го скрие своето лице?
3 Размисли за тоа како реагирал Мојсеј на стравот на Израелците. Извештајот ни кажува: „Кога Мојсеј го заврши разговорот со нив, спушти превез преку своето лице. Кога влегуваше Мојсеј пред Господа, за да разговара со Него, го симнуваше превезот додека не излезеше пак. Кога излегуваше да им каже на Израелците што му е наредено, Израелците гледаа како од Мојсеевото лице блеска светлина. Тогаш Мојсеј го навлекуваше пак превезот преку лицето додека не влезеше да говори со [Јехова]“ (Излез 34:33-35). Зошто Мојсеј понекогаш ставал превез на лицето? Што можеме да научиме од ова? Одговорот на овие прашања може да ни помогне да го преиспитаме својот личен однос со Јехова.
Пропуштени прилики
4. Што открил апостол Павле, што значело тоа што Мојсеј носел превез?
4 Апостол Павле објаснил дека тоа што Мојсеј носел превез имало врска со умот и состојбата на срцето на Израелците. Павле напишал: „Израеловите синови не можеа да го вперат погледот во Мојсеевото лице поради славата на неговото лице . . . Нивните умствени сили затапеа“ (2. Коринќаните 3:7, 14). Колку жалосно! Израелците биле Јеховин избран народ, и Тој сакал да му се приближат (Излез 19:4-6). Сепак, се колебале да погледнат врз одразот на Божјата слава. Наместо да ги свртат умот и срцето кон Јехова служејќи му од љубов, во извесна смисла тие се свртеле од него.
5, 6. а) Каква паралела постои помеѓу Евреите од првиот век и Израелците од времето на Мојсеј? б) Каква била разликата помеѓу оние што го слушале и оние што не го слушале Исус?
5 Во врска со ова наоѓаме една паралела во првиот век од н.е. Во времето кога Павле се преобратил во христијанството, сојузот на Законот веќе бил заменет со еден нов сојуз, чиј посредник бил Исус Христос, Поголемиот Мојсеј. И со зборови и со дела, Исус совршено ја одразувал славата на Јехова. Во врска со воскреснатиот Исус, Павле напишал: „Тој е одраз на [Божјата] слава и точен отпечаток на самото негово битие“ (Евреите 1:3). Колку величествена прилика имале Евреите! Тие можеле да ги слушаат лично од Божјиот Син зборовите што значат вечен живот! За жал, повеќето од оние на кои им проповедал Исус не слушале. Во врска со нив, Исус го цитирал пророштвото што го дал Јехова преку Исаија: „Срцето на овој народ станало неприемливо, и со ушите чуле, но без да се оѕвијат, и ги затвориле очите; за никогаш да не гледаат со очите и со ушите да не слушаат и да не ја сфатат смислата со срцето, па да се обратат и да ги излекувам“ (Матеј 13:15; Исаија 6:9, 10).
6 Имало остра разлика помеѓу Евреите и Исусовите ученици, за кои Исус рекол: „Среќни се вашите очи, бидејќи гледаат, и вашите уши, бидејќи слушаат“ (Матеј 13:16). Вистинските христијани копнеат да го запознаат и да му служат на Јехова. Тие со радост ја извршуваат неговата волја, која ни е откриена на страниците на Библијата. Како резултат на тоа, помазаните христијани ја одразуваат Јеховината слава во својата служба поврзана со новиот завет, а тоа го прават и другите овци (2. Коринќаните 3:6, 18).
Зошто добрата вест е покриена со превез
7. Зошто не сме изненадени што повеќето луѓе ја отфрлаат добрата вест?
7 Како што видовме, и во времето на Исус и во времето на Мојсеј повеќето Израелци ја отфрлиле неповторливата прилика што им се нудела. Слично е и во денешно време. Повеќето луѓе ја отфрлаат добрата вест што им ја проповедаме. Тоа не нѐ изненадува. Павле напишал: „А ако добрата вест што ја објавуваме, навистина е покриена, покриена е меѓу оние кои гинат, меѓу кои богот на овој систем на работи им ги заслепил умовите на неверниците“ (2. Коринќаните 4:3, 4). Покрај тоа што Сатана се обидува да ја скрие добрата вест, многу луѓе го покриваат своето лице затоа што не сакаат да видат.
8. Како мнозина се заслепени од незнаење, и како можеме ние да избегнеме да бидеме заслепени?
8 Симболичните очи на многу луѓе се заслепени од незнаење. Библијата кажува дека народите „умствено се во темнина и отуѓени од животот кој му припаѓа на Бог, поради незнаењето што е во нив“ (Ефешаните 4:18). Пред да стане христијанин, Павле, кој бил човек што добро го познавал Законот, бил толку заслепен од незнаење што го прогонувал Божјето собрание (1. Коринќаните 15:9). Сепак, Јехова му ја открил вистината. Павле објаснува: „Ми беше укажано милосрдие за Христос Исус да ја покаже сета своја долготрпеливост преку мене како на најистакнат случај, како пример за оние кои ќе ја положат својата вера во него за вечен живот“ (1. Тимотеј 1:16). Исто како Павле, многу од оние што некогаш ѝ се противеле на Божјата вистина, сега му служат на Бог. Ова е добра причина за да продолжиме да им сведочиме дури и на оние што ни се противат. Во меѓувреме, со тоа што редовно ќе ја проучуваме Божјата реч и ќе ја разбереме, заштитени сме од тоа од незнаење да направиме нешто што го лути Јехова.
9, 10. а) Како Евреите од првиот век покажале дека не сакаат да бидат поучени и дека тврдоглаво си стојат на своите гледишта? б) Има ли некаква паралела во христијанскиот свет денес? Објасни.
9 Многу луѓе не можат јасно да ги разберат духовните работи затоа што не сакаат да бидат поучени и тврдоглаво си стојат на своите гледишта. Многу Евреи го отфрлиле Исус и неговите учења затоа што упорно се држеле за Мојсеевиот закон. Се разбира, имало и исклучоци. На пример, по воскресението на Исус, едно ‚големо мноштво свештеници почнале да ѝ стануваат послушни на верата‘ (Дела 6:7). Сепак, во врска со повеќето Евреи, Павле напишал: „Сѐ до ден–денес, кога и да се чита Мојсеј, на нивното срце лежи превез“ (2. Коринќаните 3:15). Павле веројатно знаел дека претходно Исус им рекол на еврејските верски водачи: „Вие го истражувате Писмото, зашто мислите дека со негова помош ќе имате вечен живот; и токму тоа сведочи за мене“ (Јован 5:39). Светото писмо што толку внимателно го истражувале требало да им помогне да сфатат дека Исус е Месијата. Меѓутоа, Евреите си имале свои сфаќања, па не можел да ги убеди во спротивното дури ни Божјиот Син, кој правел чуда.
10 Истото важи и за многу луѓе денес што му припаѓаат на христијанскиот свет. Исто како Евреите од првиот век, тие „имаат ревност за Бог; но не според точно спознание“ (Римјаните 10:2). Иако некои ја проучуваат Библијата, не сакаат да веруваат во она што го вели таа. Не сакаат да прифатат дека Јехова го поучува својот народ преку класата што е претставена со верниот и разборит роб, која ја сочинуваат помазаните христијани (Матеј 24:45). Но, ние разбираме дека Јехова го поучува својот народ и дека разбирањето за Божјата вистина отсекогаш се зголемувало малку по малку (Пословици 4:18). Кога дозволуваме Јехова да нѐ поучи, благословени сме со спознание за неговата волја и неговите намери.
11. Како е скриена вистината поради тоа што некои се залажуваат?
11 Други се заслепени затоа што се залажуваат. Било претскажано дека некои ќе им се потсмеваат на Божјите слуги и на пораката што ја објавуваат тие во врска со Исусовата присутност. Апостол Павле напишал: „Според нивната желба, тие го превидуваат фактот“, имено, дека Бог предизвикал потоп врз светот во времето на Ное (2. Петрово 3:3-6). Слично, многу таканаречени христијани спремно признаваат дека Јехова покажува милост, љубезност и дека простува; но сепак, го игнорираат или го отфрлаат фактот дека не остава никого неказнет (Излез 34:6, 7). Вистинските христијани даваат сѐ од себе за да разберат што навистина учи Библијата.
12. Како луѓето биле заслепени од традициите?
12 Многу луѓе што одат в црква се заслепени од традицијата. На верските водачи од своето време, Исус им рекол: „Вие ја направивте неважечка Божјата реч поради вашата традиција“ (Матеј 15:6). Евреите ревносно го обновиле чистото обожавање откако се вратиле од ропството во Вавилон, но свештениците станале горди и вообразени. Верските празници станале формална работа, без вистинска почит за Бог (Малахија 1:6-8). Во времето на Исус, книжниците и фарисеите веќе имале додадено безброј традиции кон Мојсеевиот закон. Исус ги разоткрил тие луѓе како лицемери затоа што ги изгубиле од вид праведните начела на кои се темелел Законот (Матеј 23:23, 24). Вистинските христијани мораат да водат сметка да не дозволат човечките верски традиции да ги одвратат од чистото обожавање.
‚Да се види Оној кој е невидлив‘
13. На кои два начина Мојсеј видел дел од Божјата слава?
13 Мојсеј побарал да ја види Божјата слава на планината, и навистина го видел блесокот на Јеховината слава. Кога влегол во светиот шатор, не носел превез. Мојсеј бил човек што имал длабока вера и што сакал да ја врши Божјата волја. Иако имал прилика да види во визија дел од Јеховината слава, во извесна смисла веќе го видел Бог со очите на верата. Библијата вели дека Мојсеј „остана цврст како да го гледа Оној кој е невидлив“ (Евреите 11:27; Излез 34:5-7). Исто така, тој ја одразувал Божјата слава не само со светлината што некое време блескала од неговото лице, туку и со своите напори да им помогне на Израелците да го запознаат и да му служат на Јехова.
14. Како Исус ја гледал Божјата слава, и на што се радувал?
14 На небото, Исус директно ја гледал Божјата слава многу долго време, уште откако бил создаден универзумот (Пословици 8:22, 30). За сето тоа време меѓу нив се развил длабок однос на љубов и наклоност. Јехова Бог покажал најнежна љубов и наклоност кон овој првороденец од сето создание. Исус возвратил со тоа што ја покажал својата длабока љубов и наклоност кон Бог, кој му дал живот (Јован 14:31; 17:24). Меѓу Таткото и Синот владеела совршена љубов. Исус, исто како Мојсеј, со радост ја одразувал Јеховината слава со она што ги поучувал другите.
15. На кој начин христијаните размислуваат за Божјата слава?
15 Исто како Мојсеј и Исус, Божјите сведоци на Земјата денес многу сакаат да размислуваат за Јеховината слава. Не го свртеле лицето од славната добра вест. Апостол Павле напишал: „Кога ќе дојде до обраќање кон Јехова [за да се извршува неговата волја], превезот се отстранува“ (2. Коринќаните 3:16). Го проучуваме Светото писмо затоа што сакаме да ја извршуваме Божјата волја. Се восхитуваме на славата што се одразува на лицето на Јеховиниот Син и помазан Цар, Исус Христос, и го следиме неговиот пример. Исто како Мојсеј и како Исус, имаме чест да ни биде дадена задача да извршуваме една служба — да ги поучуваме другите за величествениот Бог што го обожаваме.
16. Како ни користи тоа што ја знаеме вистината?
16 Исус се молел: „Јавно те фалам Татко . . . зашто си ги скрил овие работи од мудрите и умните, а си ги открил на бебињата“ (Матеј 11:25). Јехова им дава разбирање за своите намери и за својата личност на оние што имаат искрено и понизно срце (1. Коринќаните 1:26-28). Тој нѐ штити и се грижи за нас, нѐ учи за наше добро — потполно да му се радуваме на животот. Да ја користиме секоја прилика да му се приближиме на Јехова, покажувајќи ценење за многуте работи што ги прави за да го запознаеме подобро.
17. Како можеме уште подобро да ги запознаеме Јеховините особини?
17 Павле им напишал на помазаните христијани: „Со откриени лица ја одразуваме како огледала Јеховината слава, се преобразуваме во истата слика од слава во слава“ (2. Коринќаните 3:18). Без оглед на тоа дали имаме небесна или земна надеж, колку подобро го запознаваме Јехова — неговите особини и неговата личност што ни се откриени во Библијата — толку повеќе стануваме како него. Ако со ценење размислуваме за животот, за службата и за учењата на Исус Христос, поцелосно ќе ги одразуваме Јеховините особини. Колкава радост ни носи тоа што знаеме дека го фалиме нашиот Бог, чија слава се трудиме да ја одразуваме!
Се сеќаваш ли?
• Зошто Израелците се плашеле да ја гледаат Божјата слава што ја одразувал Мојсеј?
• На кој начин добрата вест била „покриена“ како со превез во првиот век? денес?
• Како ја одразуваме Божјата слава?
[Слика на страница 19]
Израелците не можеле да погледнат во лицето на Мојсеј
[Слики на страница 21]
Исто како Павле, многумина од оние што некогаш се противеле на Божјата вистина, сега му служат на Јехова
[Слики на страница 23]
Јеховините слуги со радост ја одразуваат Божјата слава