Стојте цврсто во слободата што ја дава Бог!
„За таква слобода Исус нѐ ослободил. Затоа стојте цврсто, и не давајте повторно да бидете впрегнати во јарем на ропство“ (ГАЛАТЈАНИТЕ 5:1, NW).
1, 2. Како била изгубена слободата што ја дава Бог?
ЈЕХОВИНИОТ народ е слободен. Но тие не бараат независност од Бог, бидејќи тоа би значело робување на Сатана. Тие го ценат својот близок однос со Јехова и се радуваат на слободата што им ја дава тој.
2 Нашите први родители, Адам и Ева, ја изгубиле слободата од Бог со тоа што згрешиле и станале робови на гревот, смртта и на Ѓаволот (1. Мојсеева 3:1-19; Римјаните 5:12). Сатана, всушност го одвел целиот свет на грешниот пат на пропаста! Но оние кои стојат цврсто за слободата од Бог, одат на патот кон вечен живот (Матеј 7:13, 14; 1. Јованово 5:19).
Ослободување од ропството
3. Каква надеж пружил Бог во Еден?
3 Јехова имал намера луѓето кои му оддавале чест на неговото име да бидат ослободени од ропството на Сатана, гревот и смртта. Таа надеж била пружена кога Бог ѝ рекол на змијата којашто Сатана ја употребил во Еден: „Ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената и помеѓу твоето семе и нејзиното семе. Тоа ќе ти ја згмечи главата, а ти ќе му ја згмечиш петата“ (1. Мојсеева 3:14, 15, NW). Исус Христос, Семето од Јеховината небесна организација, бил повреден во петата кога умрел на столбот, но со тоа Бог обезбедил откупна жртва за да го ослободи верното човештво од грев и смрт (Матеј 20:28; Јован 3:16). Со текот на времето, Исус ќе му ја згмечи главата на Сатана, првобитната Змија (Откровение 12:9).
4. Каква слобода уживал Авраам, и што му ветил Јехова?
4 Околу 2.000 години по ветувањето дадено во Еден, ‚Божјиот [Јеховиниот] пријател‘ Авраам го послушал Бог и го напуштил градот Ур за да појде на друго место (Јаков 2:23; Евреите 11:8). Така добил слобода што му ја дал Бог и повеќе не живеел како роб на Сатаниниот свет на лажна религија, расипана политика и алчен комерцијализам. Кон еденското пророштво, Бог го додал ветувањето дека сите семејства и народи ќе бидат благословени преку Авраам и неговото Семе (1. Мојсеева 12:3; 22:17, 18). Авраам бил ослободен од осуда затоа што му ‚поверувал на Јахве, и тој му го вброил тоа во праведност‘ (Постанак 15:6, Ст). Денес блискиот однос со Јехова на сличен начин донесува божествено ослободување дадена од осуда и од ропството на светот кој лежи во власта на Сатана.
Заносна симболична драма
5. Со кои околности било поврзано раѓањето на Исак?
5 За да би имал Авраам семе, неговата жена неротка, Сара, му ја дала својата слугинка, Агара, да му роди дете. Преку неа, Авраам станал татко на Исмаил, но Бог не го избрал него за ветено Семе. Наместо тоа, кога Авраам имал 100 години, а Сара 90, Јехова им овозможил да имаат син по име Исак. Кога Исмаил му се потсмевал на Исак, Агара и нејзиниот син биле отпуштени, оставајќи го Авраамовиот син од слободната жена Сара како Авраамово неоспорно семе. Како Авраам, и Исак покажувал вера и уживал слобода што му ја дал Бог (1. Мојсеева 16:1-16; 21:1-21; 25:5-11).
6, 7. Во што лажните учители убедиле некои од христијаните во Галатија, но што објаснил Павле?
6 Тие настани предочувале мошне значајни работи за љубителите на слободата што ја дава Бог. Тоа било забележано во писмото на апостол Павле, напишано до собранијата во Галатија околу 50 до 52 н.е. Во тоа време, водечкото тело одлучило од христијаните да не се бара обрежување. Но, лажните учители убедиле некои Галатјани дека тоа било животоважно обележје на христијанството.
7 Павле им рекол на Галатјаните: Човекот се прогласува за праведен преку верата во Христос, а не преку делата на Мојсеевиот Закон (1:1–3:14, NW). Законот не го поништувал ветувањето поврзано со Авраамскиот сојуз, туку ги откривал престапите и служел како воспитувач кој водел до Христос (3:15-25). Со својата смрт, Исус ги ослободил оние под Законот, овозможувајќи им да станат Божји синови. Според тоа, враќањето кон едно уредување во кое се внимава на денови, месеци, сезони и години, би значело враќање во ропство (4:1-20). Тогаш Павле напишал:
8, 9. (а) Објасни накратко со свои зборови што рекол Павле во Галатјаните 4:21-26. (б) Кој или што било претставено со Авраам и со Сара во оваа симболична драма, и кој е ветеното Семе?
8 „Кажете ми, вие, што сакате да бидете под Законот: не го слушате ли Законот? Зашто е напишано дека Авраам имаше двајца синови, еден [Исмаил] од слугинката [Агара], а друг [Исак] од слободната [Сара]; Но оној што беше од слугинката, се роди од плот [тело]; а оној што беше од слободната — по ветување. А ова е речено сликовито и ги претставува двата завета: едниот [Законот на сојузот] од Синајската планина [кадешто Бог го вовел тој сојуз со Израелците], која раѓа за ропство; а тој е Агара [Другиот сојуз бил оној кој бил воспоставен со Авраам во врска со неговото Семе], бидејќи Агара ја означува планината Синај во Арабија, а одговара на сегашниот Ерусалим и робува со децата свои [потомците на Авраам, Исак и Јаков]; а горниот Ерусалим е слободен: тој е мајка на сите нас“ (Галатјаните 4:21-26).
9 Во оваа симболична драма, Авраам го претставувал Јехова. „Слободната“ жена, Сара, ја претставувала Божјата „жена“, или света универзална организација. Таа го произвела Христос, Семето на таа симболична жена и на Поголемиот Авраам (Галатјаните 3:16). За да им го покаже на луѓето начинот за ослободување од нечистото обожавање, од гревот и од Сатана, Исус учел за вистината и ја разоткрил лажната религија, но Ерусалим и неговите деца останале во религиозно ропство затоа што го отфрлиле (Матеј 23:37, 38). Исусовите еврејски следбеници станале слободни од Законот кој го покажувал нивното робување на несовршеноста, гревот и смртта. Всушност, слободни се сите луѓе кои го прифаќаат Исус како Оној кој дошол преку Божјата „жена“ за да биде Месијанскиот Цар и Ослободител, ‚огласувајќи слобода за заробените‘! (Исаија 61:1, 2, ДК; Лука 4:18, 19).
Бегај од ропскиот јарем
10, 11. Од кој ропски јарем Исус ги ослободил своите следбеници, и која паралела може денес да се повлече?
10 На оние кои го сочинуваат Авраамовото семе заедно со Христос, Поголемиот Исак, Павле им вели: „Горниот Ерусалим е слободен, и тој е наша мајка. (...) Но ние браќа, сме деца кои му припаѓаат на ветувањето, како што беше и Исак. Но како што тогаш родениот по телесен пат [Исмаил] почна да го прогонува родениот по духовен пат [Исак], така е и сега. (...) Ние не сме деца на слугинка, туку на слободната жена. За таква слобода [од Законот] Исус нѐ ослободил. Затоа стојте цврсто, и не давајте повторно да бидете впрегнати во јарем на ропство“ (Галатјаните 4:26–5:1, NW).
11 Секој еден од Исусовите следбеници би бил впрегнат во јарем на ропство кога би се подложил на Законот. Лажната религија е денешен ропски јарем, а т.н. христијанство одговара на стариот Ерусалим и неговите деца. Но помазаниците се деца на горниот Ерусалим, Божјата слободна небесна организација. Тие и другите верници со земска надеж, не се дел од овој свет и не се во ропство на Сатана (Јован 14:30; 15:19; 17:14, 16). Ослободени преку вистината и преку Исусовата жртва, да стоиме цврсто во нашата слобода од Бог.
Да се заземе став за слободата што ја дава Бог
12. Како постапуваат верниците, и за што ќе биде дискутирано сега?
12 Милиони сега се радуваат на вистинска слобода како Јеховини сведоци. Се водат библиски студии со други милиони, од кои многумина се „исправно наклонети за вечен живот“. Откако ќе станат верници, ќе заземат став за слободата што ја дава Бог така што ќе се крстат (Дела на апостолите 13:48, NW; 18:8). Но кои чекори претходат на христијанското крштевање?
13. Во каков однос се спознанието и крштението?
13 Пред некој да се крсти, мора да се здобие и да постапува според точното спознание од Писмото (Ефесјаните 4:13). Затоа, Исус им рекол на своите следбеници: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал“ (Матеј 28:19, 20).
14. Какво спознание бара крштевањето во името на Отецот, Синот и светиот дух?
14 Крштевањето во името на Отецот значи да се признае Јеховината положба и власт како Бог, Творец и универзален Суверен (1. Мојсеева 17:1; 2. Царевите 19:15; Откровение 4:11). Крштевањето во името на Синот бара да се признае Христовата положба и власт како возвишено духовно суштество, како Месијански Цар, и оној преку кого Бог овозможил „соодветна откупнина“ (1. Тимотеј 2:5, 6, NW; Даниел 7:13, 14; Филипјаните 2:9-11). Лицето кое се крштева во името на светиот дух сфаќа дека тоа е Божја активна сила која Јехова ја користел при создавањето и со која ги инспирирал библиските писатели, како и на други начини (1. Мојсеева 1:2, NW; 2. Петрово 1:21). Се разбира, има уште многу да се учи за Бог, Христос и светиот дух.
15. Зошто поединецот мора да покажува вера пред да се крсти?
15 Пред крштението, лицето мора да покажува вера која се темели на точно спознание. „Без вера не е можно да Му се угоди на Бога“ (Евреите 11:6). Поединецот кој покажува вера во Бог, Христос и божествената намера, ќе сака да биде еден од Јеховините сведоци, да живее во склад со Божјата Реч и да има значителен удел во проповедањето на добрата вест. Тој ќе зборува за славата на Јеховиното царување (Псалми 144 [145]:10-13; Матеј 24:14).
16. Што е покајание, и како е поврзано со христијанското крштение?
16 Друг предуслов за крштение е покајанието. Да се покаеш значи да го „промениш умот во поглед на минатото (или намерното) постапување или однесување поради жалење или незадоволство“, или да „чувствуваш жалење, каење или грижа на совеста поради она што некој го сторил или пропуштил да го стори“. Евреите од првиот век морале да се покајат заради своите гревови против Исус Христос (Дела на св. апостоли 3:11-26). Некои верници во Коринт се покајале поради блудство, идолопоклонство, прељуба, хомосексуалност, крадење, лакомство, пијанство, исмејување и уценување. Затоа биле ‚измиени‘ во Исусовата крв, биле ‚посветени‘ како такви кои се сочувани за Јеховина служба, и биле ‚прогласени за праведни‘ во името на Исус Христос и со духот на Бог (1. Коринтјаните 6:9-11, NW). Значи покајанието е чекор кон чиста совест и слобода што ја дава Бог и која ослободува од вината за грев (1. Петрово 3:21).
17. Што значи обраќање, и што тоа бара од оној кој планира да се крсти?
17 Пред да може некој да се крсти како Јеховин сведок, исто така треба да се преобрати. Обраќањето на поединецот кој се кае, се случува откако ќе го отфрли својот погрешен пат и ќе се одлучи да го прави она што е исправно. Хебрејските и грчките глаголи кои се однесуваат на обраќањето, означуваат „да се врати назад, да се сврти или да се врати“. Кога е употребено во позитивна духовна смисла, се однесува на обраќање кон Бог од погрешен пат (1. Царевите 8:33, 34). Обраќањето бара „дела достојни за покајание“, да го правиме она што Бог го заповеда, да ја напуштиме лажната религија и непоколебливо да го насочиме своето срце кон Јехова за да му служиме само нему (Дела на св. апостоли 26:20; 5. Мојсеева 30:2, 8, 10; 1. Самоилова 7:3). Тоа бара „ново срце и нов дух“, за променето размислување, настроеност и цел во животот (Језекиил 18:31). Новата личност која произлегува од тоа ги заменува безбожните особини со божествени особини (Колосјаните 3:5-14). Да, вистинското покајание навистина предизвикува лицето да се ‚сврти‘ (Дела на св. апостоли 3:19).
18. Зошто треба во молитва да се направи предание на Бог, и какво е значењето на тој чекор?
18 На крштението мора да му претходи предание на Бог во молитва. (Спореди Лука 3:21, 22.) Преданието значи да се одвои за света цел. Тој чекор е толку важен што мораме да му ја изразиме на Бог во молитва нашата одлука дека ќе му даваме исклучителна оддаденост и дека ќе му служиме засекогаш (5. Мојсеева 5:8, 9; 1. Летописи 29:10-13). Се разбира дека ние не му се предаваме на некакво дело, туку на самиот Бог. Таа мисла била истакната на погребот на првиот претседател на Друштвото Стражарска кула, Чарлс Тејз Расел. Во таа прилика во 1916, секретарот-благајник, В. Е. Ван Амбург, рекол: „Ова огромно дело ширум светот не е дело на само еден човек. Преголемо е за еден. Тоа е Божје дело кое не се променува. Бог употребил многу слуги во минатото и Тој без сомнение ќе употреби многу и во иднина. Нашето посветување [предание] не е на човек или на човечко дело, туку да ја вршиме Божјата волја, како што Тој ќе ни ја открие преку Неговата Реч и милосрдните водства. Бог сѐ уште е на кормилото“. Но, што уште мора да се направи во врска со преданието на Бог?
19. (а) Како поединците даваат јавен доказ за преданието на Јехова? (б) За што е симбол крштевањето во вода?
19 Кога некој ќе се крсти, се дава јавен доказ за преданието на Јехова. Крштението е симбол што покажува дека оној кој се потопува во вода, извршил безусловно предание на Јехова Бог преку Исус Христос. (Спореди Матеј 16:24.) Кога кандидатот за крштение се потопува под водата и потоа излегува од неа, тој симболично умира во поглед на својот поранешен начин на живот и се подигнува за нов начин на живот, безрезервно да ја врши Божјата волја. (Спореди Римјаните 6:4-6.) Кога Исус се крстил, тој безрезервно му се предал на својот небесен Татко (Матеј 3:13-17). Писмото секогаш одново покажува дека верниците коишто ги исполнуваат условите, треба да се крстат (Дела на св. апостоли 8:13; 16:27-34; 18:8). Значи, за да стане Јеховин сведок денес, лицето мора да биде верник кој вистински покажува вера и се крштева. (Спореди Дела на св. апостоли 8:26-39.)
Стој цврсто!
20. Кои се некои библиски примери кои докажуваат дека ќе бидеме благословени ако заземеме став за слободата што ја дава Бог како крстени Сведоци на Јехова?
20 Ако си зазел цврст став за слободата што ја дава Бог така што си станал крстен Сведок на Јехова, тој ќе те благослови како што ги благословил своите слуги во минатото. На пример, Јехова ги благословил остарените Авраам и Сара со богобојазлив син, Исак. Со вера пророкот Мојсеј избрал да биде малтретиран со Божјиот народ „отколку да има земска сладост на гревот: Држејќи го срамот на Христос или Божјиот Помазаник [чијашто претслика бил самиот тој] за поголемо богатство од сето благо Мисирско“ (Јеврејима 11:24-26, ДК). Мојсеј ја имал предноста да биде употребен од Јехова да ги води Израелците од египетско ропство. А освен тоа, бидејќи верно му служел на Бог, тој ќе биде воскреснат и ќе служи како еден од ‚кнезовите по целата земја‘ под Поголемиот Мојсеј, Исус Христос (Псалми 44 [45]:16; 5. Мојсеева 18:17-19).
21. Какви охрабрувачки примери се дадени во врска со побожните жени од старо време?
21 Денешните предадени христијани можат исто така да бидат охрабрени ако ги имаат предвид жените кои станале вистински слободни и радосни. Меѓу нив била Моавката Рут, која ја искусила болката да биде и вдовица како и радоста на слободата што ја дава Бог од лажната религија. Напуштајќи го својот народ и своите богови, останала со својата свекрва вдовица, Ноемина. „Каде што ќе одиш ти, таму ќе дојдам и јас“, рекла Рут, „и каде ќе живееш ти, таму ќе живеам и јас; твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог — мој Бог“ (Рут 1:16). Како жена на Воз, Рут станала мајка на Давидовиот дедо, Овид (Рута 4:13-17). А на таа понизна неизраелска жена, Јехова ѝ дал ‚потполна плата‘ така што ѝ дозволил да стане предок на Месијата Исус (Рута 2:12, ДК). Колку радосна ќе биде Рут кога ќе воскресне и ќе дознае дека имала таква предност! Слична предност без сомнение ќе го исполни срцето на воскреснатата некогашна блудница Рахава, која била ослободена од неморалноста и лажното обожавање, како и на грешната, но покајничка Вирсавија, бидејќи и тие ќе дознаат дека Јехова им дозволил да бидат претци на Исус Христос (Матеј 1:1-6, 16).
22. Што ќе се разгледува во следната статија?
22 Списокот на оние кои ќе добијат слобода од Бог може да биде многу долг. На пример, во нивните редови се вклучени верни мажи и жени споменати во Евреите 11. поглавје. Тие поднеле неволји и малтретирања, „а светот не им беше достоен“, (NW). Кон тоа мноштво треба да ги додаме и лојалните Христови следбеници од првиот век и други верни оттогаш наваму, вклучувајќи ги и милионите кои сега му служат на Јехова како негови Сведоци. Како што ќе видиме понатаму, ако си зазел став со нив за слободата што ја дава Бог, имаш многу причини за радост.
Како би одговорил?
◻ Каква надеж дал Бог кога била изгубена слободата од Бог?
◻ Од каков „јарем на ропство“ Исус ги ослободил своите следбеници?
◻ Кои чекори претходат на крштението како Јеховин сведок?
◻ Кои библиски примери покажуваат дека ќе бидеме благословени ако заземеме став за слободата од Бог
[Слика на страница 16]
Дали знаеш кои чекори му претходат на крштението како Јеховин сведок?