Ти можеш да ги скршиш овие бариери!
ЕДЕН џамбо–џет може да понесе со себе стотици патници и тони товар. Како е можно еден толку тежок авион да се крене од земјата? Едноставно, со помош на аеродинамичката сила.
Кога авионот зема залет на пистата, воздухот струи над и под свитканите крила. Ова создава една поткревна сила наречена аеродинамичка сила. Кога ќе се создаде доволно поткревна сила, авионот може да се одлепи од земјата и да лета. Се разбира, еден претоварен авион не може да ја создаде потребната поткревна сила за да се дигне во воздух.
И ние можеме да станеме претоварени. Пред многу векови, цар Давид рекол дека неговите ‚беззаконија го притиснале како тешко бреме‘ (Псалм 37:4). Исто и Исус Христос предупредил на тоа да не се стане притиснат од грижите на животот (Лука 21:34). Негативните мисли и чувства можат да нѐ притиснат до таа мера што може да изгледа тешко да се „дигнеме“. Дали си притиснат на таков начин? Или, дали си осетил некаква бариера во твојот натамошен духовен развој? Ако да, што може да ти биде од помош?
Дали се досадуваш?
Досадата — една вообичаена поплака денес — може да стане ментална бариера, дури и за некои од Јеховиниот народ. Особено младите тежнеат кон тоа да отфрлат некои активности што тие ги сметаат за досадни. Дали понекогаш мислиш така за христијанските состаноци? Ако да, што можеш да сториш за да го направиш твоето присуство на состаноците поттикнувачко?
Клучот е да земеш учество на состанокот. Павле му пишал на младичот Тимотеј: „Обучувај се во побожност; оти телесното обучавање е малку корисно, а побожноста е полезна за сѐ, бидејќи во себе има ветување за сегашниот и за идниот живот“ (1. Тимотеј 4:7, 8). Една книга за гимнастика би била досадна и од ограничена вредност ако не ги правиме предложените вежби. Христијанските состаноци се така испланирани за да го вежбаат нашиот ум, а тоа ќе биде случај ако се подготвуваме и ако учествуваме на нив. Ваквата вклученост ќе ги направи состаноците покорисни и поинтересни.
Во овој поглед, една млада христијанка по име Мара рекла: „Ако не се подготвувам за состаноците, не уживам во нив. Меѓутоа, кога се подготвувам однапред, мојот ум и срце се поприемчиви. Состаноците се посмисловни и имам желба да коментирам“.
Од помош ќе биде ако се научи да се слуша. Слушањето добра музика е лесно и во истиот момент пријатно. Но, секое задоволство не е моментално. Од програмата на состанокот имаме задоволство само кога слушаме внимателно за што се зборува. Една христијанка по име Рејчел забележала: „Кога говорникот не е ‚жив‘, треба напорно да се сконцентрирам. За мене важи правилото: ‚Колку понеинтересен е говорот, толку повеќе треба да се сконцентрирам‘ . . . Особено внимание им посветувам на библиските стихови, обидувајќи се да извлечам од нив што е можно повеќе“. За да слушаме, потребно е да се самодисциплинираме, како Рејчел. Книгата Изреки вели: „Синко, внимавај на мудроста моја и приближи го увото кон зборовите мои“ (Изреки 5:1).
Извесни информации што се изнесуваат на состаноците можат донекаде да се повторуваат. Ова е неопходно! На сите Божји слуги им се потребни потсетувања. На несовршеното тело, со неговите своеглави склоности и манлива меморија, потребна му е сета помош што стои на располагање. Апостол Петар ‚се грижел на своите соверници секогаш да им напомнува некои работи, иако ги знаеле и биле утврдени во вистината‘ (2. Петрово 1:12). Исус исто така објаснил дека „секој книжник, . . . прилега на домаќин што изнесува од своето сокровиште ново и старо“ (Матеј 13:52). Така, иако на нашите состаноци се изнесуваат познати мисли од Писмото, односно ‚стари скапоцености‘, секогаш има и некои ‚нови скапоцености‘ кои нѐ радуваат.
Решеноста да се извлече потполна корист од состаноците може да резултира со вистинско духовно поткревање. „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби [оние кои молат за духот]“, рекол Исус (Матеј 5:3, НС, фуснота). Еден таков став кон здравата духовна храна која се добива на состаноците ќе ја отера досадата (Матеј 24:45-47).
Обесхрабрен од некој лош пример?
Дали си бил обесхрабрен поради однесувањето на некој во твоето собрание? Веројатно си се прашувал: ‚Како може некој брат така да се однесува и сѐ уште да има добра репутација?‘ Ваквите мисли можат да делуваат како ментална бариера која нѐ заслепува за вредноста на пријатното друштво што можеме да го имаме со Божјиот народ (Псалм 132:1).
Можеби некои членови на собранието во Колоси имале сличен проблем. Павле ги опоменал: ‚Трпете се еден со друг и проштавајте си, ако некој има поплака на некого‘ (Колосјаните 3:13). Павле сфатил дека некои колоски христијани можеби се однесувале лошо и со тоа на другите им давале вистинска причина за приговор. Така, не би требало да бидеме неоправдано изненадени ако на некој од нашите браќа или сестри повремено му недостига извесно христијанско својство. Исус дал здрав совет за решавање на сериозните проблеми (Матеј 5:23, 24; 18:15-17). Но, во поголемиот број случаи треба само да ги поднесуваме ограничувањата на нашите соверници и да им простиме (1. Петрово 4:8). Всушност, еден таков пристап може да ни користи и нам и на другите. Како тоа?
„Благоразумноста го прави човекот бавен на гнев, и за него е чест да биде снисходлив кон грешките“, велат Изреки 19:11. Колку само подобро е да се прости отколку да се дозволи лутината и огорченоста да се распалат! Салвадор, еден старешина познат по својот благ дух, рекол: „Кога некој брат се однесува лошо спрема мене или ми вели нешто нељубезно, јас се прашувам: ‚Како можам да му помогнам на мојот брат? Како можам да избегнам да го изгубам мојот драгоцен однос со него?‘ Секогаш сум свесен за тоа колку е лесно да се каже баш она што не треба. Ако некој зборува бесмислено, идеалната солуција за него би била да го повлече она што го рекол и да почне од почеток. Но, тоа е невозможно, па затоа јас го преземам следниот најдобар чекор — го игнорирам коментарот. Едноставно го припишувам тоа на несовршеноста на телото, а не го гледам како одраз на вистинската личност на мојот брат“.
Можеби мислиш дека ова е многу полесно да се каже отколку да се направи. Но, тоа многу зависи од начинот на кој го усмеруваме нашето размислување. ‚На она што е љубезно . . . само на тоа мислете‘, советувал Павле (Филипјаните 4:8). Зборот „љубезно“ дословно значи „поттикнува на наклоност“. Јехова сака да го гледаме она што е добро кај луѓето, да се сосредоточиме на особините кои поттикнуваат на наклоност, а не на огорченост. Самиот тој ни го дава ненадминатиот пример во овој поглед. Псалмистот нѐ потсетува на ова, велејќи: „Господи, ако гледаш на беззаконијата, — тогаш кој ќе се одржи, Господи?“ (Псалм 102:12; 129:3)
Навистина, на моменти однесувањето на некој брат може да биде разочарувачко, но поголемиот дел од нашите сообожаватели се прекрасни примери на христијанско живеење. Ако го запомниме ова, и ние како Давид ќе бидеме среќни ‚да го славиме Господа многу и меѓу мнозина да Го прославуваме‘ (Псалм 108:30).
Дали изгледа премногу тешко да се биде Сведок?
Жално е што поради една друга ментална бариера, некои сѐ уште не почнале да го слават Јехова. Многумина мажи кои не се Јеховини сведоци одговорно се грижат за своите семејства, па дури и ги поддржуваат своите сопруги во христијанската служба. Тие се пријателски расположени и можеби во извесна мера се интересираат за собранието, но се оградуваат од тоа да станат предадени слуги на Бог. Што ги спречува?
Еден проблем може да биде тоа што овие сопрузи забележуваат колку исполнет живот со теократски активности имаат нивните сопруги и мислат дека премногу се бара за да се биде Сведок. Или, пак, можеби се плашат дека никогаш нема да можат да се вклучат во делото на проповедање од куќа до куќа. Од нивна гледна точка се чини дека обврските ги засенуваат благословите. Зошто се создава таква ментална бариера? Повеќето библиски ученици постепено ја учат и ја применуваат вистината. Но, сопрузите кои не се во верата, честопати се доста свесни за сите христијански одговорности уште пред да ја изградат својата мотивација да ги прифатат.
Мануел, кој бил во една ваква ситуација, објаснува: „Околу десет години ја придружував мојата сопруга на конгресите и состаноците. Да бидам искрен, повеќе ми се допаѓаше друштвото на Сведоците отколку она на луѓето од светот, и се радував кога можев да им помогнам. Бев импресиониран од љубовта која преовладува меѓу нив. Но, помислата да се оди од куќа до куќа беше голема препрека за мене, и се плашев дека колегите од работа ќе ме исмејуваат.
Мојата сопруга беше многу стрплива со мене и никогаш не се обиде да ме присилува да ја проучувам Библијата. Како таа, така и децата ‚проповедаа‘ главно со својот добар пример. Хозе, еден старешина во собранието, особено се заинтересира за мене. Мислам дека неговото охрабрување беше пресудно за конечно да ме поттикне да почнам сериозно да проучувам. Откако се крстив, сфатив дека најголемата препрека беше во мојата сопствена глава. Откако решив да му служам на Јехова, ја почувствував неговата помош во надминување на моите стравови“.
Како можат сопругите и христијанските старешини да им помогнат на сопрузите како Мануел да ја надминат менталната бариера? Библиската студија може да изгради ценење и желба да се врши Божјата волја. Навистина, опширното библиско спознание е темелот за покажување на вера и доверба во надежта која е пред нас (Римјаните 15:13).
Што ќе ги охрабри ваквите сопрузи да прифатат библиска студија? Честопати, пријателството со еден разборит брат од собранието може да биде решавачки фактор. Можеби еден старешина или некој друг искусен брат ќе треба да го запознае сопругот. Кога веќе еднаш е воспоставен добар однос, можеби сѐ што ќе треба да се стори е да му се предложи некој да проучува со него (1. Коринтјаните 9:19-23). Во меѓувреме, внимателната христијанска сопруга може да ги дели духовните залаци со својот сопруг кој не е во верата, сфаќајќи дека тој веројатно нема да реагира позитивно ако му врши притисок (Изреки 19:14).
Како што Мануел го сфатил тоа од лично искуство, кога лицето еднаш ќе се здобие со духовна јачина, препреките слични на планини стануваат како кртечини. Јехова ги закрепнува оние кои сакаат да му служат (Исаија 40:29-31). Со Божјата сила и со помошта од зрелите Сведоци, бариерите можат да бидат отстранети. Така, делото од куќа до куќа може да стане помалку обесхрабрувачко, а колегите од работа помалку заплашувачки, додека службата со цела душа станува попривлечна (Исаија 51:12; Римјаните 10:10).
Да се задржи забрзувањето
Можно е да се скршат бариерите како овие три што ги разгледавме. Кога полетува еден авион, обично е потребна максимална јачина на моторите, како и неподеленото внимание на екипажот на авионот. За време на полетувањето, моторите голтаат значително повеќе гориво отколку за време на кој и да било друг дел од летот. Слично на тоа, за да се ослободиш од негативните мисли и чувства, потребен е максимален напор и концентрација. Почетокот може да биде најтешката фаза, меѓутоа напредокот станува полесен откако забрзувањето веќе еднаш е постигнато. (Спореди 2. Петрово 1:10.)
Континуираното забрзување е постигнато преку точното внимавање на охрабрувањето од Писмото (Псалм 118:60). Можеме да бидеме сигурни дека собранието ќе сака да помогне (Галатјаните 6:2). Меѓутоа, најважна од сѐ е поддршката од Јехова Бог. Како што рекол Давид: „Нека е благословен Јехова, кој секојдневно го носи товарот за нас“ (Псалм 68:19, НС). Кога ќе се довериме во молитва, нашиот товар станува полесен.
Понекогаш, авионот остава зад себе еден дождлив сив свет, поминува низ слој од облаци и лета во небо исполнето со сјајна сончева светлина. И ние можеме да ги оставиме зад себе негативните мисли. Со божествена помош, можеме да се пробиеме низ симболичната бариера од облаци и да уживаме во сјајната, весела атмосфера на Јеховината, ширум светот, раширена фамилија на обожаватели.
[Слики на страница 23]
Со Јеховина помош, можеме да ги скршиме менталните бариери