Развивај самосовладување
Плод на духот е самосовладување (ГАЛ. 5:22, 23)
1, 2. а) До што може да води недостигот од самосовладување? б) Зошто е важно да ја разгледаме оваа тема?
САМОСОВЛАДУВАЊЕТО е една од особините кои можеме да ги развиеме со помош на Божјиот свет дух (Гал. 5:22, 23). Јехова совршено ги контролира своите чувства и постапки. Но, нам тоа не ни е лесно бидејќи сме несовршени. Всушност, многу од проблемите со кои се соочуваат луѓето денес се резултат на недостигот од самосовладување. Токму поради тоа што немаат самоконтрола, некои луѓе одложуваат важни работи, немаат добар успех на училиште или не се добри работници. Исто така, недостигот од самосовладување може да води до вербално малтретирање, опивање, насилство, развод, непотребни долгови, зависности, затворски казни, емоционални трауми, сексуално преносливи болести и несакана бременост (Пс. 34:11-14).
2 Луѓето кои немаат самосовладување си прават проблеми себеси, а и на другите. Очигледно е дека луѓето сѐ помалку ја покажуваат оваа особина. Ова не треба воопшто да нѐ изненади бидејќи во Божјата Реч е проречено дека недостигот од самосовладување ќе биде еден од доказите дека живееме во „последните денови“ (2. Тим. 3:1-3).
3. Зошто треба да имаме самосовладување?
3 Зошто треба да имаме самосовладување? Да разгледаме две важни причини. Како прво, луѓето кои можат да ги контролираат своите чувства, општо земено, имаат помалку проблеми. Тие се емоционално постабилни, имаат подобри односи со другите, не се разлутуваат лесно и обично помалку страдаат од преголема загриженост или депресија. Како второ, за да останеме Божји пријатели, треба да им се спротивставуваме на искушенијата и да ги контролираме погрешните желби. Адам и Ева потфрлиле токму во ова (1. Мој. 3:6). Слично на нив, многу луѓе денес трпат страшни последици бидејќи немаат самосовладување.
4. Што може да ги охрабри оние на кои не им е лесно да покажуваат самосовладување?
4 Јехова знае дека сме несовршени и дека не ни е лесно да покажуваме самосовладување. Но, тој сака да ни помогне да ги контролираме погрешните желби (1. Цар. 8:46-50). Како грижлив пријател, Јехова ги охрабрува оние на кои понекогаш им е тешко да ги контролираат своите чувства и желби. Во оваа статија ќе го разгледаме совршениот пример што ни го дава Јехова во овој поглед. Исто така, ќе разгледаме некои добри и лоши примери на лица кои се спомнати во Библијата. Ќе видиме и некои практични предлози што можат да ни помогнат да развиеме поголемо самосовладување.
ЈЕХОВА НИ ДАЛ ПРИМЕР
5, 6. Каков пример ни дал Јехова во врска со самосовладувањето?
5 Јехова покажува совршено самосовладување бидејќи тој е совршен во секој поглед (5. Мој. 32:4). Од друга страна, ние сме несовршени. Сепак, можеме да научиме како да покажуваме поголемо самосовладување ако го следиме неговиот пример. Затоа, треба да дознаеме како Јехова ја покажува оваа особина. Тоа ќе ни помогне да постапиме исправно кога ќе се случи нешто што ќе нѐ вознемири. Кои се некои ситуации во кои Јехова покажал самосовладување?
6 Размисли за тоа како реагирал Јехова кога Сатана дрско се побунил. Веројатно, поради тврдењето на Сатана, сите верни Божји слуги на небото чувствувале гнев, лутина и презир. Можеби и ти се чувствуваш така кога размислуваш за сето страдање што го предизвикал Сатана. Но, реакцијата на Јехова не била избрзана, туку била одмерена и сосема соодветна. Со начинот на кој реагирал на побуната на Сатана, Јехова покажал дека е бавен на гнев и праведен (2. Мој. 34:6; Јов 2:2-6). Една од причините зошто Јехова дозволил да помине време е тоа што не сака никој да биде уништен, туку сака „сите да дојдат до покајание“ (2. Пет. 3:9).
7. Што можеме да научиме од примерот на Јехова?
7 Од примерот на Јехова учиме дека треба внимателно да размислиме пред да кажеме нешто и дека не треба да реагираме избрзано. Кога треба да донесеш некоја важна одлука, одвој си доволно време за размислување. Моли го Јехова да ти даде мудрост за да знаеш што да кажеш и како да постапиш (Пс. 141:3). Кога сме лути или вознемирени, многу лесно може да реагираме непромислено. Многумина од нас понекогаш избрзано кажале или направиле работи поради кои подоцна зажалиле (Изр. 14:29; 15:28; 19:2).
ДОБРИ И ЛОШИ ПРИМЕРИ
8. а) Каде можеме да најдеме примери на луѓе кои покажале самосовладување? б) Што му помогнало на Јосиф да се спротивстави на искушението кога жената на Петефри се обидела да го заведе? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)
8 Кои примери од Библијата истакнуваат колку е важно да покажуваме самосовладување? Еден таков пример е Јосиф, синот на Јаков. Тој не дозволил да падне во искушение додека служел во куќата на Петефри, заповедникот на фараоновата стража. Бидејќи имал „убава става и убаво лице“, Јосиф ѝ се допаднал на жената на Петефри, и таа неколкупати се обидела да го заведе. Што му помогнало на Јосиф да се спротивстави на искушението? Тој веројатно однапред размислил кои би можеле да бидат последиците ако попушти на притисокот. Затоа, кога таа го зграпчила за облеката, Јосиф веднаш избегал. Тој рекол: „Како би можел да направам толку големо зло и да му згрешам на Бог?“ (1. Мој. 39:6, 9; прочитај Изреки 1:10).
9. Како можеш однапред да се подготвиш за да се спротивставиш на искушенијата?
9 Што учиме од примерот на Јосиф? Треба да се спротивставиме на секое искушение да прекршиме некој од Божјите закони. Пред да станат Јеховини сведоци, некои се прејадувале, се опивале, пушеле, се дрогирале, воделе неморален начин на живот или, пак, имале други проблеми. Иако веќе се крстени, понекогаш можеби се во искушение повторно да се вратат на тие лоши навики. Ако и ти некогаш се најдеш во искушение да прекршиш некој од законите на Јехова, размисли колку лошо тоа ќе се одрази врз твоето пријателство со него. Потруди се однапред да видиш во кои ситуации би можело да дојде до тоа и размисли што би направил за да ги избегнеш (Пс. 26:4, 5; Изр. 22:3). Сепак, доколку се најдеш во искушение, моли го Јехова да ти даде мудрост и самосовладување за да му се спротивставиш.
10, 11. а) Со што се соочуваат многу млади на училиште? б) Што може да им помогне на младите да се спротивстават на искушението да ги прекршат Божјите закони?
10 Многу млади Божји слуги се нашле во слична ситуација како Јосиф. Да го разгледаме примерот на Кимберли. Нејзините соученици често се фалеле дека во текот на викендот имале сексуални односи со некого. Кимберли не можела да се „пофали“ со такво нешто. Таа вели дека поради тоа што била поинаква понекогаш се чувствувала отфрлено и осамено и дека нејзините соученици мислеле дека е глупава затоа што нема дечко. Но Кимберли, всушност, постапувала мудро. Таа знаела дека, кога некој е млад, желбата да има сексуални односи може да биде многу силна (2. Тим. 2:22). Соучениците честопати ја прашувале дали сѐ уште е невина. Тоа ѝ давало можност да објасни зошто не сака да има односи пред брак. Се гордееме со нашите млади кои се решени да му се спротивстават на притисокот да направат сексуален неморал. А и Јехова многу се гордее со нив!
11 Во Библијата се запишани и примери на луѓе кои не се спротивставиле на искушението да направат сексуален неморал. Исто така, во неа се наведени последиците кои можеме да ги сносиме ако немаме самосовладување. Доколку се најдеш во слична ситуација како Кимберли, размисли за неразумното момче за кое пишува во Изреки поглавје 7. Размисли и за Амнон и за страшните последици од неговото однесување (2. Сам. 13:1, 2, 10-15, 28-32). Родителите можат да им помогнат на своите деца да стекнат самосовладување и мудрост така што ќе разговараат за ваквите примери на Семејната вечер.
12. а) Како Јосиф ги држел под контрола чувствата кон своите браќа? б) Во кои ситуации треба да ги контролираме нашите чувства?
12 Во една друга прилика, Јосиф повторно оставил добар пример за самосовладување. Тоа се случило кога неговите браќа дошле во Египет да купат храна. За да дознае што имаат во срцето, Јосиф не им кажал дека им е брат. А кога чувствата го совладале, тој се тргнал настрана за да може да се исплаче насамо (1. Мој. 43:30, 31). Ако некој брат или сестра направи нешто со што ќе те вознемири, тоа што ќе покажеш самосовладување како Јосиф ќе ти помогне да не кажеш или да не направиш нешто за кое подоцна ќе зажалиш (Изр. 16:32; 17:27). А што ако некој твој роднина е исклучен? Треба да ги држиш под контрола своите чувства за да избегнеш непотребен контакт со него. Можеби ова ти паѓа тешко. Но, ќе ти биде полесно ако имаш на ум дека на тој начин го следиш примерот на Јехова и дека го правиш она што тој ти го заповеда.
13. Што можеме да научиме од примерот на цар Давид?
13 Можеме многу да научиме и од примерот на цар Давид. Кога бил испровоциран од Саул, а во една друга прилика од Симеј, Давид не се разлутил и не ја искористил својата моќ против нив (1. Сам. 26:9-11; 2. Сам. 16:5-10). Но, имало и ситуации кога Давид не покажал самосовладување. Тоа се гледа од гревот што го направил со Витсавеа и од начинот на кој реагирал кога чул за алчноста на Навал (1. Сам. 25:10-13; 2. Сам. 11:2-4). Сепак, од примерот на Давид извлекуваме важни поуки. Прво, старешините мора особено да внимаваат да покажуваат самосовладување за да не го злоупотребуваат својот авторитет. Второ, никој од нас не треба да биде претерано самоуверен и да си мисли дека никогаш нема да попушти на некое искушение (1. Кор. 10:12).
ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ ТИ
14. Што му се случило на еден брат, и зошто е важно како реагираме во слични ситуации?
14 Што можеш да направиш за да развиеш поголемо самосовладување? Размисли за она што му се случило на Луиџи. Еден возач удрил со својата кола во колата на Луиџи. Иако ја предизвикал несреќата, другиот возач почнал да го навредува Луиџи и се обидел да започне тепачка. Луиџи му се помолил на Јехова за да остане смирен и се обидел да го смири и другиот возач. Но, човекот продолжил да му вика. Луиџи го запишал бројот на регистарските таблички на другиот возач со цел да добие отштета од осигурителната компанија. Потоа си заминал, иако човекот сѐ уште викал. Една недела подоцна, Луиџи отишол на повторна посета кај една жена. Замисли колку бил изненаден кога видел дека нејзиниот сопруг бил другиот возач! Човекот бил засрамен и се извинил за своето лошо однесување. Тој му понудил на Луиџи да стапи во контакт со осигурителната компанија за побрзо да добие отштета. Човекот се вклучил во библискиот разговор, и многу му се допаднало тоа што го чул. Од ова Луиџи сфатил колку било важно тоа што останал смирен по сообраќајката и колку би можеле да бидат страшни последиците доколку и тој се разлутел. (Прочитај 2. Коринќаните 6:3, 4.)
15, 16. Како може проучувањето на Библијата да ви помогне тебе и на твоето семејство да развиете самосовладување?
15 Тоа што редовно и длабоко ќе ја проучуваме Библијата може да ни помогне да развиеме самосовладување. Не треба да заборавиме што му рекол Бог на Исус Навин: „Оваа книга на законот нека не ти се одделува од устата! Внимателно читај ја дење и ноќе за да го правиш совесно сето она што е запишано во неа, зашто тогаш ќе бидеш успешен на својот пат и ќе постапуваш мудро“ (Ис. Нав. 1:8). Но, како може проучувањето на Библијата да ти помогне да развиеш самосовладување?
16 Како што видовме, во Библијата се запишани примери кои покажуваат зошто е важно да имаме самосовладување и какви можат да бидат последиците ако ја немаме оваа особина. Јехова со причина дал да се запишат овие извештаи (Рим. 15:4). Колку е мудро да ги читаме, да ги проучуваме и длабоко да размислуваме за нив! Труди се да разбереш како можат да ти користат тебе и на твоето семејство. Моли го Јехова да ти помогне да ги применуваш советите од неговата Реч. Ако увидиш дека на некое поле ти недостига самосовладување, признај си го тоа. Потоа моли се и труди се да видиш како можеш да се подобриш (Јак. 1:5). Истражувај во нашите публикации за да најдеш практични совети кои можат да ти помогнат.
17. Како можат родителите да им помогнат на своите деца да развијат самосовладување?
17 Како можеш да им помогнеш на твоите деца да развијат самосовладување? Родителите знаат дека децата не се раѓаат со оваа особина. Затоа треба со својот добар пример да им помогнат да стекнат убави особини (Еф. 6:4). Ако гледаш дека на твоите деца им недостига самосовладување, прашај се каков пример им даваш ти. Можеш позитивно да влијаеш врз нив ако редовно одиш во служба, присуствуваш на состаноците и ја одржуваш Семејната вечер. И немој да се плашиш да им кажеш „не“ на децата кога тоа е потребно. Јехова им поставил граници на Адам и Ева со цел да им помогне да научат да го почитуваат неговиот авторитет. На сличен начин, и родителите треба да ги дисциплинираат своите деца и да им даваат добар пример со цел да научат да покажуваат самосовладување. Некои од најважните работи за кои родителите можат да ги поучат децата е да сакаат Бог да им биде Владетел и да ги почитуваат неговите мерила. (Прочитај Изреки 1:5, 7, 8.)
18. Зошто треба мудро да ги избираме нашите пријатели?
18 Без разлика дали сме родители или не, сите ние треба мудро да си ги избираме пријателите. Ако твоите пријатели го сакаат Јехова, ќе те поттикнуваат да си поставуваш добри цели и да се чуваш од неволји (Изр. 13:20). Нивниот позитивен пример ќе те мотивира да покажуваш самосовладување. А и твоето добро однесување веројатно ќе им помогне ним. Со тоа што ќе стекнеме поголемо самосовладување, ќе го радуваме Јехова, ќе уживаме во животот и ќе имаме добри односи со нашите блиски.