Јехова го нарекол свој пријател
„Ти, Израеле, си слуга мој. Ти си, о Јакове, избраник мој, потомство на Авраам, мојот пријател“ (ИСА. 41:8)
1, 2. а) Од каде знаеме дека луѓето можат да бидат Божји пријатели? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
ОД МОМЕНТОТ кога ќе се родиме па сѐ до смртта имаме потреба од љубов. Да, луѓето копнеат да бидат сакани. Освен романтична љубов, нам ни се потребни и добри пријатели со кои ќе имаме близок и срдечен однос. Но, најмногу од сѐ, на сите ни е потребна Јеховината љубов. На мнозина им е тешко да сфатат дека луѓето можат да бидат блиски пријатели со Бог, бидејќи тој е Семоќен и невидлив. Но, ние добро знаеме дека тоа е можно.
2 Библијата покажува дека некои несовршени луѓе биле Божји пријатели. Можеме многу да научиме од нивниот пример. Зошто? Затоа што најважната цел која можеме да си ја поставиме во животот е да станеме пријатели со Јехова. Извонреден пример на човек кој бил Божји пријател е Авраам. (Прочитај Јаков 2:23.) Како Авраам станал толку близок со Јехова? Неговата вера одиграла клучна улога во тоа пријателство. Всушност, Библијата го нарекува Авраам „татко на сите што веруваат“ (Рим. 4:11). Да видиме како верата му помогнала на овој човек да стекне блиско пријателство со Бог. Освен тоа, добро е секој од нас да се праша: ‚Како можам и јас да покажам вера како што покажал Авраам и да го зацврстам моето пријателство со Јехова?‘
КАКО АВРААМ СТАНАЛ ЈЕХОВИН ПРИЈАТЕЛ?
3, 4. а) Што веројатно било најтешкиот испит на верата на Авраам? б) Зошто Авраам бил спремен да го жртвува Исак?
3 Замисли си како остарениот Авраам се качува на планината Морија. Тоа веројатно е најтешкиот пат на кој тргнал во животот. Но, причината за ова не е неговата старост. Иако можеби има околу 125 години, тој сѐ уште е полн со сила.[1] По него оди син му Исак, кој можеби има 25 години. Тој е натоварен со дрва за жртвата паленица. Авраам со себе носи нож и сѐ што му е потребно да запали оган. Но, каде е жртвата? Замисли, Јехова побарал од Авраам да го жртвува сопствениот син! (1. Мој. 22:1-8).
4 За Авраам, ова веројатно бил најтешкиот испит на верата. Некои велат дека Бог бил суров затоа што побарал такво нешто од него. Други тврдат дека Авраам му бил слепо послушен на Бог и дека не го сакал својот син. Тие мислат така бидејќи немаат вера и не знаат што е вера (1. Кор. 2:14-16). Авраам не покажал слепа послушност кон Бог. Напротив, му бил послушен затоа што имал вистинска вера. Тој бил уверен дека нашиот небесен Татко, Јехова, никогаш не би побарал од своите слуги да направат нешто што ќе им причини трајна штета. Авраам знаел дека, ако биде послушен, неговиот Бог ќе ги благослови и него и неговиот сакан син. На што се темелела неговата вера? На знаење и на искуство.
5. Од каде Авраам можеби знаел кој е Јехова, и како тоа влијаело врз него?
5 Знаење. Иако пораснал во Ур, халдејски град во кој било раширено идолопоклонството, Авраам знаел кој е Јехова. Но, од каде знаел за Јехова кога и неговиот татко, Тара, им служел на идоли? (Ис. Нав. 24:2). Библијата не кажува конкретно, но открива дека тој бил деветта генерација од Сем, синот на Ное. Животот на Авраам се преклопувал околу 150 години со животот на Сем. Не знаеме точно дали Авраам чул за Јехова лично од овој син на Ное. Но, бидејќи имал голема вера, Сем најверојатно му пренел на своето семејство сѐ што знаел за Јехова. На некој начин, овие информации стигнале до Авраам и го допреле до срце. Она што го дознал го поттикнало да го засака Јехова и да изгради вера во него.
6, 7. Кои искуства му ја зајакнале верата на Авраам?
6 Искуство. Познато е дека од мислите се раѓаат чувства, а чувствата водат до постапки. Она што Авраам го дознал за Бог родило кај него длабока страхопочит кон „Јехова, Севишниот Бог, Создателот на небото и на земјата“ (1. Мој. 14:22). Без ваква страхопочит, односно „богобојазливост“, како што ја нарекува Библијата, не е можно да бидеме блиски пријатели со Бог (Евр. 5:7; Пс. 25:14). Токму оваа особина го поттикнала Авраам да му биде послушен на Јехова.
7 Бог им заповедал на остарените Авраам и Сара да го напуштат Ур и да се преселат во непозната земја. Тие требало да живеат во шатори до крајот на својот живот. Авраам бил свесен дека ќе се соочи и со разни опасности. На пример, бидејќи Сара била многу убава, тој се плашел дека би можеле да му ја земат, а него да го убијат. Неговите стравови не биле неосновани. Сепак, Авраам бил решен да го послуша Јехова. Бог навистина го благословил, и со чудо го заштитил во повеќе наврати (1. Мој. 12:10-20; 20:2-7, 10-12, 17, 18). Ваквите искуства уште повеќе му ја зајакнале верата на Авраам.
8. Како може да ги стекнеме потребното знаење и искуство кои ќе ни помогнат да го зацврстиме нашето пријателство со Јехова?
8 Дали и ние можеме да бидеме блиски пријатели со Јехова? Се разбира! Библијата ќе ни помогне во тоа. Од неа можеме да црпиме знаење и да учиме од искуствата на верните Божји слуги во минатото. Авраам поседувал само делче од скапоценото богатство и мудрост што денес ги содржи Божјата Реч (Дан. 12:4; Рим. 11:33). Библијата е полна со знаење за „Создателот на небото и на земјата“, кое денес може да ни помогне да развиеме ценење и љубов кон него. Таквите чувства нѐ поттикнуваат да му бидеме послушни. А кога сме послушни, гледаме како Бог нѐ штити и нѐ благословува, и така од лично искуство сфаќаме каков е тој. Кога со сета душа му служиме на Јехова, исполнети сме со задоволство, радост и мир (Пс. 34:8; Изр. 10:22). Колку повеќе учиме за Бог и го чувствуваме неговиот благослов во својот живот, толку поцврста станува нашата вера и нашето пријателство со него.
КАКО АВРААМ ГО ЗАЧУВАЛ СВОЕТО ПРИЈАТЕЛСТВО СО БОГ
9, 10. а) Што е потребно за да се зацврсти некое пријателство? б) Што покажува дека Авраам го ценел своето пријателство со Јехова и дека многу се трудел да го зацврсти?
9 Пријателството е бесценето богатство. (Прочитај Изреки 17:17.) Но, тоа не е како некој обичен предмет кој ќе го купиме, а потоа ќе го зафрлиме некаде да собира прашина. Пријателството повеќе наликува на прекрасно цвеќе на кое му треба вода и нега за да расте и да цвета. Авраам го ценел своето пријателство со Јехова и многу се трудел да го зачува. Како?
10 Авраам никогаш не помислил дека е доволно што во минатото покажувал страхопочит и послушност кон Бог. Додека заедно со своето големо домаќинство патувал до Ханаан, тој и понатаму дозволувал Јехова да го води кога донесувал одлуки, сеедно дали големи или мали. Една година пред да се роди Исак, кога Авраам имал 99 години, Јехова побарал од него да го обреже секое машко во својот дом. Дали Авраам приговарал на оваа заповед или барал изговор да не ја послуша? Не. Со целосна доверба во Бог, тој го послушал и ‚истиот ден‘ ги обрежал сите машки (1. Мој. 17:10-14, 23).
11. Зошто Авраам бил загрижен за Содом и Гомор, и како Јехова му помогнал?
11 Бидејќи Авраам си стекнал навика да му биде послушен на Јехова дури и во навидум мали работи, нивното пријателство станувало сѐ поцврсто. Тој се чувствувал слободен да зборува со Јехова за сѐ, па дури и барал помош од него кога го измачувале некои прашања. На пример, кога дознал дека Бог ќе ги уништи Содом и Гомор, Авраам бил загрижен да не бидат уништени и праведните заедно со злите. Можеби мислел на својот внук Лот и на неговото семејство, кои тогаш живееле во Содом. Бидејќи имал доверба во Јехова, „Судијата на целата земја“, Авраам понизно зборувал со него за она што го загрижувало. Јехова бил стрплив со својот пријател, и му помогнал да сфати дека Тој е милостив Бог, кој го чита секое срце и ги бара праведните за да ги зачува, дури и во време на суд (1. Мој. 18:22-33).
12, 13. а) Како знаењето и искуството што ги стекнал Авраам му помогнале подоцна во животот? б) Што покажува дека Авраам имал доверба во Јехова?
12 Без сомнение, сето знаење и искуство што ги стекнал Авраам му помогнале да го зачува своето блиско пријателство со Јехова. Затоа, кога подоцна Бог побарал од него да го жртвува својот син, Авраам точно знаел каков е неговиот небесен Пријател — стрплив, милостив, достоен за доверба и секогаш спремен да ги заштити своите слуги. Дали помислил дека Јехова наеднаш станал суров и немилосрден Бог? Во никој случај! Од каде го знаеме ова?
13 Пред да ги остави слугите кои дошле заедно со него до планината Морија, Авраам им рекол: „Вие останете овде со магарето, а јас и момчето ќе појдеме онаму за да му се поклониме на Бог, па ќе се вратиме кај вас“ (1. Мој. 22:5). Што сакал да каже со тоа? Дали ги излажал своите слуги велејќи дека Исак ќе се врати, иако знаел дека ќе го принесе како жртва? Не. Библијата ни помага да сфатиме како размислувал Авраам. (Прочитај Евреите 11:19.) Тој ‚сметал дека Бог може и од мртвите да го подигне Исак‘. Да, овој верен Божји слуга верувал во воскресение. Авраам знаел дека Јехова му овозможил со чудо да има дете, иако тој и Сара веќе биле многу стари (Евр. 11:11, 12, 18). Освен тоа, бил свесен дека ништо не е невозможно за Бог. Затоа бил уверен дека, што и да се случи тој ден, Јехова ќе го врати неговиот сакан син за да можат да се исполнат сите Божји ветувања. Ништо чудно што Авраам е наречен „татко на сите што веруваат“!
14. Со кои предизвици се соочуваш додека му служиш на Јехова, и како може да ти помогне примерот на Авраам?
14 А како е со нас? Се разбира, денес Бог не бара такво нешто од своите слуги. Сепак, очекува да му бидеме послушни дури и кога неговите заповеди ни се тешки или кога не разбираме зошто бара нешто од нас. Има ли некоја заповед која тебе лично ти е тешка? За некои тоа е проповедањето. Можеби се срамежливи, и затоа не им е лесно да им пристапуваат на непознати луѓе за да им сведочат. На други понекогаш им е предизвик да бидат поинакви од своите соученици или колеги на работното место (2. Мој. 23:2; 1. Сол. 2:2). Кога ќе добиеш задача која ти изгледа претешка, сети се на извонредниот пример на вера и храброст што го дал Авраам. Ако длабоко размислуваме за примерите на многу верни Божји слуги, тоа може да нѐ поттикне да се угледаме на нив и да станеме уште поблиски со нашиот Пријател, Јехова (Евр. 12:1, 2).
ПРИЈАТЕЛСТВО ШТО НОСИ БЛАГОСЛОВИ
15. Зошто може да бидеме сигурни дека Авраам никогаш не зажалил што му бил послушен на Јехова?
15 Дали Авраам некогаш зажалил затоа што му бил послушен на Јехова? Библијата вели дека тој ‚умрел во длабока старост, стар и задоволен‘ (1. Мој. 25:8). Кога имал 175 години и силата веќе го издала, Авраам можел со задоволство да размислува за својот долг и исполнет живот. Зошто? Затоа што пријателството со Јехова Бог секогаш му било најважно од сѐ. Сепак, кога читаме дека Авраам бил „стар и задоволен“, не треба да заклучиме дека се заситил од животот и дека немал никаква желба да живее во иднина.
16. На што ќе се радува Авраам во рајот?
16 Во врска со Авраам, Библијата вели: „[Тој] очекуваше град со вистински темели, чиј градител и творец е Бог“ (Евр. 11:10). Авраам верувал дека еден ден ќе го види тој град, Божјето Царство, кое ќе владее над Земјата. Тој навистина ќе го доживее тоа! Можеш ли да замислиш колку ќе се радува кога ќе живее во рајот на Земјата и ќе продолжи да го зајакнува своето пријателство со Јехова? Колку ќе биде среќен кога ќе дознае дека неговиот пример на вера им помагал на Јеховините слуги илјадници години по неговата смрт! Во новиот свет, Авраам ќе дознае дека, тоа што бил спремен да го жртвува Исак, ‚послужило како споредба‘ за нешто далеку повозвишено (Евр. 11:19). Исто така, ќе дознае дека болката што ја чувствувал како татко додека се подготвувал да го жртвува Исак им помогнала на милиони верни лица да ја разберат болката што ја чувствувал Јехова кога го дал како жртва својот Син, Исус Христос (Јован 3:16). Примерот на Авраам ни помага на сите да ја цениме уште повеќе откупнината, која е најголемиот чин на љубов во историјата на човештвото!
17. На што си решен ти, и што ќе разгледаме во следната статија?
17 Да бидеме цврсто решени да се угледаме на верата на Авраам. Исто како нему, и нам ни се потребни знаење и искуство. Колку повеќе учиме за Јехова и го слушаме, толку повеќе гледаме како тој нѐ благословува и нѐ штити. (Прочитај Евреите 6:10-12.) Нека Јехова биде и наш Пријател засекогаш! Во следната статија ќе разгледаме уште три примери на верни лица кои му станале блиски пријатели на Бог.
^ [1] (пасус 3) Овој човек и неговата жена се викале Аврам и Сараја, но во оваа статија за нив ќе ги користиме имињата Авраам и Сара, кои Јехова им ги дал подоцна.