”Гледај, сѐ ново создавам!“
1-4. а) Во кои глетки од нашата насловна страница би сакал да учествуваш? б) Каков величествена глетка е прикажана овде? в) Кои се некои од библиските стихови кои ја потпираат таквата надеж?
ПОГЛЕДНИ ги овие среќни луѓе на насловната страница од оваа брошура. Дали би сакал да бидеш еден од нив? ”Па, да“ — велиш, бидејќи тука има мир и хармонија кои ги посакува целото човештво. Луѓе од сите раси — црни, бели, жолти — се заедно како едно семејство. Каква радост! Какво единство! Очигледно, овие луѓе не се загрижени поради стравот од нуклеарна војна или закани од тероризам. Воени млазни авиони не го распоруваат мирното небо над овој прекрасен парк. Нема војници, нема тенкови, нема пушки. Не е потребна дури ни милициска палка за одржување на редот. Војни и злосторства едноставно не постојат. Нема ни стамбени проблеми бидејќи секој си има свој прекрасен дом.
2 Погледни ги само овие деца! Прекрасно е да ја набљудуваш нивната игра. И со какви само животни си играат! Не се потребни железни решетки во овој парк бидејќи сите животни се во мирољубив однос со луѓето и едни со други. Дури и јагнето и лавот станале пријатели. Погледни ги овие птици со прекрасни бои како прелетуваат таму-ваму и слушни ја нивната прекрасна песна придружена со детски смев како го исполнува воздухот. Нема кафези? Не, бидејќи овде владее слобода и бескрајна радост. Помирисај ги само овие цвеќиња, слушни го жуборењето на потоците, почувствувај ја пријатната топлина на сонцето. О, а вкусот на плодовите во кошницата, тоа е најдоброто што земјата може да го произведе, да, најдоброто, како и сѐ што може да се види и да се ужива во оваа величествена градина-парк.
3 ”Но, почекај“, може некој да рече, ”каде се старите луѓе? Зарем тие не ќе можат да уживаат во ова радосно друштво?“ Старите се всушност, тука, но тие се повторно млади. Никој не умира поради старост во овој парк. Младите нараснуваат до зрелост и повеќе не стареат. Сеедно дали имаат 20 или 200 години, сите од овие милиони луѓе кои живеат во овој прекрасен парк се радуваат и одушевуваат на прекрасен живот во младост во совршено здравје. Милиони, велиш? Да, милиони, бидејќи паркот е проширен по целата Земја. Живот, мир и убавина ќе изобилуваат до најоддалечените краеви на Земјата, од Фуџијама до Андите, од Хонгконг па сѐ до Медитеранот. Целата Земја ќе биде претворена во рајска градина. Рајот ќе биде обновен по целата Земја.
4 ”Неверојатно“ — велиш? Но пред сѐ, разгледај ги доказните факти. За тебе и твоето семејство постои можност да го преживеете сегашниот систем и да се најдете во Рајот прикажан на насловната страница.a
Книга која објаснува што е тоа Рај
5. а) Која книга ги објаснува овие работи? б) Зошто оваа книга отскокнува од другите книги?
5 Сите овие величествени работи и веројатноста дека можат да се исполнат објаснети се во една книга, најпрекрасната книга која воопшто е напишана. Тоа е Библијата. Таа е многу стара книга, а некои нејзини делови напишани се пред 3 500 години. Истовремено тоа е и најсовремената книга која дава здрав, практичен совет за денешниот живот. Нејзините пророштва донесуваат светла надеж за иднината. Тоа е најпродавана книга во целата историја, преку 2 000 000 000 примероци на целата Библија или поголеми нејзини делови се распространети на околу 1 810 јазици.
6. По што се разликува Библијата од другите записи кои се сметаат за свети?
6 Ниту една света книга не била толку многу распространета, а повеќето дури не се ни приближно толку стари. Куранот е стар помалку од 1 400 години. Буда и Конфучие живееле пред околу 2 500 години и нивните списи датираат од тоа време. Шинтоистичките списи се составени во нивниот сегашен облик пред помалку од 1 200 години. Книгата на Мормоните е стара само 160 години. Ниту една од овие свети книги не можат со сигурност да ја следат човечката историја 6 000 години наназад како што тоа го прави Библијата. Значи, за да ја спознаеме вистинската религија, потребно е да ја испитаме Библијата. Таа е единствена книга која содржи универзална порака за сите луѓе.
7. Што рекле некои мудри луѓе за Библијата?
7 Мудроста и убавината на библиската порака е потврдена и од мислители од сите народи и професии. Славниот научник Исак Њутн, пронаоѓачот на законот на гравитацијата, рекол: ”Ниту една наука не е подобро потврдена од Библијата.“ Американскиот револуционерен водач Патрик Хенри, познат по изреката ”Или слобода или смрт“, исто така изјавил: ”Библијата вреди повеќе од сите други книги кои некогаш биле печатени.“ Дури и големиот хиндуистички мудрец Мохандас К. Ганди во една прилика му рекол на британскиот подкрал во Индија: ”Кога вашата и мојата земја би се сложиле на темел на учењето кое го изложил Исус Христос во својата Проповед на гората, би ги решиле проблемите не само на нашите земји, туку и проблемите на целиот свет.“ Ганди зборувал на евангелието на библискиот писател Матеј, глава 5. до 7. Прочитајте ги сами овие поглавја и ќе видите колку ќе ве возбуди нивната силна порака.
Библијата — ориентална книга
8, 9. а) Зошто е погрешно Библијата да се нарекува книга западњачка книга? б) Како била пишувана Библијата и во кој временски период? в) Зошто Библијата може да се нарече библиотека? г) Колку луѓе употребил Бог при пишувањето на Библијата? д) Какво сведоштво дале некои од тие мажи за Авторот на Библијата?
8 Спротивно на познатото верување, Библијата не е производ на западната цивилизација, ниту пак ја воздигнува истата. Речиси целата Библија е напишана во земјите на Ориентот. Мажите кои ја пишувале исто така потекнувале од таму. Околу илјада години пред Буда, во 1 513 година пр.н.е, Мојсеј, кој живеел на Блискиот Исток, бил инспириран од Бог да ја напише првата книга од Библијата, наречена Постанок. Од тој почеток, Библијата следи една хармонична тема сѐ до последната книга Откровение. Целосно е завршена во 98 година од н.е, 600 години после Буда. Дали знаете дека Библијата е составена од 66 различни книги? Да, Библијата сама по себе претставува една библиотека!
9 Така, во периодот од преку 1 600 години од времето на Мојсеј па наваму, 40 мажи учествувале во пишувањето на складните записи на Библијата. Тие сведочат дека нивното пишување било инспирирано од сила далеку поголема од смртниот човек. Христијанскиот апостол Павле запишал: ”Сето Писмо е инспирирано од Бог и корисно за поучување, за укорување, за исправно поставување на работите, за воспитување во праведност“b (2. Тимотеј 3:16, NW). И апостол Петар објаснил: ”Ниту едно пророштво од Писмото не произлегува од лично толкување. Бидејќи пророштво никогаш не е било изнесено по човечка волја, туку луѓето зборуваа од Бог, како што беа водени од светиот дух (2. Петрово 1:20, 21, NW; 2. Самоилова 23:2, NW; Лука 1:70).
10. а) Како дошла Библијата до нас денес? б) Зошто можеме да бидеме сигурни дека сѐ уште го поседуваме оригиналниот инспириран библиски текст?
10 Забележителен е исто така и начинот на кој Библијата останала до денешен ден. Со илјадници години, сѐ до пронаоѓањето на машината за печатење пред околу 500 години, Библијата била препишувана со рака. Ниедно литературно дело од минатото не било толку грижливо препишувано. Библијата била препишувана повторно и повторно, но секогаш со голема внимателност. Луѓето кои ја препишувале Библијата правеле само некои помали грешки и со нивното споредување е потврден првобитниот, оригинален текст инспириран од Бог. Водечкиот авторитет на полето на библиски ракописи, Сер Фредерик Кенјон, рекол: ”Последната причина за какво и да било сомнение дека Светото писмо е дојдено до нас онакво, какво што било првобитно напишано, сега е одстранета.“ Денес сѐ уште постојат околу 16 000 рачно препишувани копии на Библијата или поедини нејзини делови, некои сочувани дури од вториот век пред Христос. Освен тоа, направени се и точни преводи на Библијата од јазиците на кои била првобитно пишувана, хебрејски, арамејски и грчки, и тоа речиси на сите јазици во светот.
11. Кои современи откритија се во согласност со библиските записи?
11 Некои се обиделе да ја обезвреднат Библијата, изјавувајќи дека не е точна. Меѓутоа, во последните неколку години археолозите откопувајќи ги урнатините на стари градови во библиските земји, пронашле натписи и други предмети кои убедливо докажуваат дека личностите и местата споменати дури и во најстарите библиски списи, навистина постоеле. Пронајдени се и многу други докази кои укажуваат на општиот потоп за кој Библијата известува дека се случил пред повеќе од 4 000 години, во времето на Ное. Во врска со тоа, познатиот археолог, принцот Микаса, изјавил: ”Дали навистина имало потоп? ... Фактите дека некогаш навистина имало потоп, се уверливо докажани.“c
Библискиот Бог
12. а) Што велат некои потсмевачи за Бог? б) Зошто Библијата се осврнува на Бог како на Татко? в) Што покажува Библијата во врска со Божјето име?
12 Како што некои луѓе ѝ се смеат на Библијата, други пак, се потсмеваат на тоа дека постои Семоќен Бог (2. Петрово 3:3-7). Тие велат: ”Како можам да верувам во Бог кога не можам да го видам? Постојат ли докази дека навистина постои невидлив Творец, повозвишен од човекот? Зарем Бог не постои во сѐ?“ Други велат: ”Не постои ни Бог ни Буда.“ Сепак, Библијата покажува дека како што сите сме добиле живот со посредство на земски татко, така нашите прародители добиле живот од небесниот Татко или Творец, чие лично име е Јехова (Псалми 83:18, 19, Ст; 100:3, ДК; Исаија 12:2; 26:4).
13. На кои два начина Јехова им се открил на луѓето?
13 Јехова самиот им се открил на луѓето на два истакнати начина. Главниот начин е преку Библијата која ја објавува вистината за него и неговите вечни намери (Јован 17:17; 1. Петрово 1:24, 25). Вториот начин е преку сѐ она што тој го создал. Набљудувајќи ги прекрасните нешта околу себе, многумина оцениле дека мора да постои Творец-Бог чија величествена личност се огледува во неговите дела (Откровение 15:3, 4, NW).
14. Што ни зборува Библијата за Јехова?
14 Јехова Бог е автор на Библијата. Тој е Голем Дух кој постои низ целата вечност (Јован 4:24; Псалми 90:1, 2). Неговото име ”Јехова“ свртува внимание на неговата намера со сето творештво. Неговата намера е да го оправда своето големо име уништувајќи ги злите и избавувајќи ги оние кои го љубат, за да можат да живеат во рајот на Земјата (2. Мојсеева 6:2-8; Исаија 35:1, 2). Бидејќи е Семоќен Бог, тој има моќ да го стори тоа. Како Творец на целата вселена, тој е далеку над обичните народни богови и идоли (Исаија 42:5, 8, NW; Псалми 115:1, 4-8, NW).
15. До каков заклучок дошле интелигентните луѓе со своето проучување на делата на создавање?
15 Во текот на минатите векови научниците посветиле многу време на изучување на делата на создавањето. До каков заклучок дошле? Еден од пионерите на подрачјето на електрицитетот, познатиот британски физичар Лорд Келвин, изјавил: ”Сметам дека, колку што повеќе науката темелно се изучува, толку повеќе тоа нѐ оддалечува од сѐ што е во врска со атеизмот.“ Во Европа родениот научник Алберт Ајнштајн иако бил сметан за атеист, признал: ”За мене е доволно ... да размислувам за прекрасната структура на универзумот кој ние можеме само нејасно да го сознаеме, и понизно да се обидам да го сфатам дури и неизмерно малиот дел на интелигенција која се очитува во природата.“ Американскиот научник и нобеловец Артур Холи Комптон, рекол: ”Систематското разоткривање на универзумот сведочи за вистинитоста на највеличествената изјава изречена кога и да е: ”Во почетокот Бог создаде“. Тој ги цитирал почетните зборови од Библијата.
16. На кој начин вселената ја прославува Божјата творечка мудрост и моќ?
16 Владетелите на моќните народи можеби се фалат со својата интелигенција и научното усовршување во освојувањето на вселената. Но колку безначајно изгледаат нивните вселенски сателити во споредба со Месечината која кружи во орбитата околу Земјата или пак планетите кои кружат во орбитите околу Сонцето! Колку се мали достигнувањата на смртните луѓе во споредба со милијардите галаксии кои ги создал Јехова, од кои секоја содржи милијарди такви сонца како што е нашето, и кои Бог за недогледно време ги поставил на нивните места во вселената (Псалм 19:1, 2, ДК; Јов 26:7, 14, Ст). Не е чудо што Јехова луѓето ги смета за скакулци, а моќните народи за ”ништо“ (Исаија 40:13-18, 22).
17. Зошто е разумно да се верува во Творец?
17 Дали живееш во куќа? Можеби не си ја градел ти, ниту пак знаеш кој ја изградил. Како и да е, фактот дека не го познаваш градителот не те спречува да ја прифатиш вистината дека ја изградил некој разумен човек. Заклучокот дека куќата се изградила сама од себе би изгледал будалест! Бидејќи големиот универзум и сѐ што е во него бараат далеку поголема интелигенција за нивна конструкција, не е ли разумно да се заклучи дека мора да постои интелигентен Творец? Навистина само неразумен човек може во своето срце да рече: ”Не постои Јехова“ (Псалми 14:1, NW; Евреите 3:4).
18. Што покажува дека Бог е личност, достојна за слава и чест?
18 Прекрасните чуда кои нѐ опкружуваат - цвеќињата, птиците, животните, прекрасното суштество наречено човек, чудото на животот и раѓањето - сите тие сведочат за невидлив Врховен Ум кој ги создал (Римјаните 1:20, Ст). Каде постои интелигенција, таму постои ум. Каде постои ум, таму постои личност. Врховниот ум е ум на една Врховна личност, Творецот на сите живи суштества — големиот Извор на живот (Псалм 36:9, ДК). Единствено Творецот ја заслужува сета фалба и восхит (Псалм 104:24, ДК; Откровение 4:11).
19. а) Зошто ниедна нација денес не може да тврди дека Бог ѝ дал победа во војна? б) Зошто Бог нема удел во војните на народите?
19 Постојат луѓе чија вера во Бог е разнишана поради страшните доживувања за време на Втората светска војна. Тогаш секоја земја го повикувала својот ”Бог“ без оглед на тоа дали е католички, протестантски или од источните религии. Дали би можело да се рече дека ”Бог“ ѝ дал победа на некоја од овие нации, а дозволил другите да бидат поразени? Библијата ни покажува дека ниту една од овие нации не го повикувала вистинскиот Бог. Јехова Бог, Творецот на небото и земјата, не е одговорен за нередот и војните меѓу народите (1. Коринтјаните 14:33). Неговите мисли се далеку над мислите на политичките и воени нации на Земјата (Исаија 55:8, 9). Исто така, вистинската религија и обожавањето на Јехова немаат ништо заедничко со војните меѓу народите. Јехова е високо над националистичките богови. Тој е единствен Бог на мирот кој ги сака луѓето од сите народи. Како што вели Библијата: ”Бог не е пристрасен, туку од секоја нација му е прифатлив човекот кој се плаши од него и чини правда“ (Дела на апостолите 10:34, 35, NW). Луѓето од сите народи кои се наклонети кон праведност ја изучуваат Библијата и го прифаќаат обожавањето на вистинскиот ”Бог кој дава мир“, Творецот на целото човештво (Римјаните 16:20, NW; Дела на апостолите 17:24-27).
20. Што покажува дека т.н. христијанство е нехристијанско и спротивно на Бог?
20 Некои луѓе укажуваат на раздорот и лицемерството во религиите на т.н. христијанство, кои тврдат дека ја следат Библијата. Тие исто така велат: ”Како можам да верувам во Богот на Библијата кога народите кои ја поседуваат Библијата спаѓаат меѓу оние кои грозничаво натрупуваат нуклеарно оружје?“ Факт е дека Библијата секогаш останува вистинита, додека народите на т.н. христијанство толку се оддалечиле од библиското христијанство како што Северниот пол е оддалечен од Јужниот. Нивното спроведување на христијанството е лицемерно. Ја имаат Библијата, но не ги слушаат нејзините науки. Американскиот претседател кој наредил да се фрли првата атомска бомба на Хирошима, еднаш извикал: ”О, кога би имале сега еден Исаија или св. Павле!“ за да ги водат луѓето во таа светска криза. Кога тој навистина би се сложил со библискиот Исаија, никогаш не би ни фрлил атомска бомба, бидејќи Исаија се заземал за ’расковување на мечовите во плугови, а копјата свои во српови‘. Исто така, библискиот Павле бил тој кој во Библијата изјавил: ”Зашто, иако во тело одиме, телесно не се бориме. Оружјето на нашето војување не е телесно, но со помошта Божја е силно да разрушува тврдини; со него ние уништуваме мудрувања“ (Исаија 2:4; 2. Коринтјаните 10:3, 4). Меѓутоа, наместо да го следат мудриот библиски совет, народите на т.н. христијанство се вовлечени во самоубиствената трка во вооружување. Секое нивно тврдење дека се христијани кои се послушни на Библијата, е лажна. Ќе мораат да се соочат со Божјата осуда поради тоа што пропуштиле да ја вршат неговата волја (Матеј 7:18-23; Софонија 1:17, 18).
Јеховините творештва и чуда
21. Зошто е разумно да не се сомневаме во Божјите чуда?
21 Јехова создава и прави чуда. Дали некогаш си размислувал за претворањето на водата во крв, разделувањето на Црвеното Море, раѓањето на Исус преку девица и други чуда запишани во Библијата? Бидејќи разумот на човекот има свои граници, веројатно никогаш не ќе може да разбере како се случиле некои од овие чуда, како што не може потполно да го разбере и секојдневното чудо на заоѓањето и изгревањето на сонцето. Создавањето на човекот било чудо. Современиот човек иако не го видел тоа чудо, сепак знае дека тоа се случило, бидејќи со своето постоење денес го докажува тоа. Всушност, целиот живот и универзум се едно вечно чудо. Тогаш, дали ќе се сомневаме кога Божјата Реч, Библијата, вели дека тој направил посебни чуда во посебно време, иако денес нема потреба од такви чуда?
22. Опиши ја Божјата прва творба.
22 Сѐ што создал Јехова е извонредно и прекрасно! Меѓутоа, неговата прва творба е најчудесна од сите. Тоа бил неговиот духовен Син, неговиот ”првороден“ (Колосјаните 1:15). Овој небесен Син добил име ”Реч“. Неброени години откако бил создаден, дошол на Земјата и бил наречен ’Човек, Христос Исус‘ (1. Тимотеј 2:5). Во врска со тоа за него било речено: ”Така Речта стана тело и престојуваше меѓу нас, и ја гледавме неговата слава, слава каква што му припаѓа на единороден син од татко; и беше полн со незаслужена доброта и вистина“ (Јован 1:14, NW).
23. а) Како може да се објасни односот помеѓу Бог и неговиот Син? б) Што создал Јехова преку својот Син?
23 Односот меѓу Јехова и неговиот Син може да се спореди со односот на сопственикот-управител на една работилница и неговиот син, каде синот помага во изработката на поединостите кои ги замислил неговиот татко. Преку својот првороден Син и соработник, Јехова создал многу други духовни суштества, Божји синови. Подоцна тие се радувале гледајќи го Јеховиниот Син, неговиот мајсторски Работник, како ги создава материјалното небо и Земјата на која живееме. Дали се сомневаш дека тие работи се создадени? Илјадници години подоцна, Јехова запрашал еден верен човек: ”Каде беше ти кога ги поставував основите на земјата? — кажи, ако знаеш. (...) кога ликуваа утринските ѕвезди, и кога сите Божји синови извикуваа од радост? (Јов 38:4, 7; Јован 1:3).
24. а) Која Јеховина земска творба се истакнува и во кој поглед? б) Зошто е неразумно да се каже дека човекот се развил од животно?
24 Со тек на времето Јехова на оваа планета создал живи, материјални работи: билки, дрвја, цвеќиња, риби, птици и животни (1. Мојсеева 1:11-13, 20-25). Тогаш Бог му рекол на својот мајсторски Работник: ”Да создадеме човек според нашиот изглед, сличен на нас (...) И Бог го создаде човекот според својот изглед, според Божјиот изглед го создаде; машко и женско ги создаде“ (1. Мојсеева 1:26, 27, NW). Бидејќи е создаден според Божјиот изглед и слика, со Божјите големи особини на љубов, мудрост, правда и моќ, првиот човек бил далеку понадмоќен од животните. Во споредба со животните, човекот е класа за себе поради тоа што може разумно да заклучува, може да ја планира својата иднина и способен е да го обожава Бог. Животните немаат разум со кој разумно би заклучувале, туку живеат по инстинкт. Колку е неразумно да се рече дека не постои Творец и дека богато надареното, разумно суштество, човекот, се развил од неразумни пониски суштества — животните! (Псалми 91:6, 7; 138:14).
25, 26. а) Каков величествен изглед бил ставен пред човекот? б) Зошто не би имало никакви проблеми околу пренаселеноста на Земјата?
25 Бог го сместил човекот во ’Еденската градина, кон исток‘. Тоа била градина на милината, слична на градината на нашата насловна страница, иако тогаш постоеле само две човечки суштества, Адам и неговата жена. Тој првобитен рај повеќе не постои, бидејќи е уништен во потопот од деновите на Ное. Но, неговата приближна локација на Средниот Исток е позната, бидејќи Библијата ги споменува реките кои текле низ него, а тие реки постојат и денес (1. Мојсеева 2:7-14). Човекот имал голема предност да ја употреби таа градина како појдовна точка од која постепено на ист начин би ја уредил целата Земја, претварајќи ја во сеопшт рај (Исаија 45:12, 18).
26 Како што Бог и неговиот Син се работници, така Бог и на човекот му дал работа овде на Земјата (Јован 5:17). На првите луѓе, Адам и Ева, им рекол: ”Бидете плодни, и намножете се, и наполнете ја Земјата и подложете си ја, и подложете си ги рибите морски и летечките суштества од небото и секое живо суштество што се движи по Земјата“ (1. Мојсеева 1:28, NW). Дали тоа значи дека човекот требало да се размножува, за да ја наполни Земјата, и да продложи да се размножува сѐ додека Земјата не се преполни? Не. Кога некој ќе ти каже да наполниш шолја со чај, ти нема да сипуваш сѐ додека чајот не почне да се прелева од неа по масата. Ќе ја наполниш чашата и тогаш ќе престанеш со полнењето. На ист начин Јехова им заповедал на луѓето, ”наполнете ја Земјата“, со што укажал на својата намера луѓето целосно да ја наполнат Земјата, а потоа размножувањето на човечкиот род овде на Земјата би престанало. За совршеното човечко општество тоа не би претставувало никаков проблем. Но во денешниот свет од несовршени луѓе пренаселеноста претставува проблем.
Зошто Бог го допушта злото?
27. Кои прашања сега бараат одговор?
27 Ако Божјата намера се состои во тоа да создаде рајска Земја, тогаш зошто денешната Земја е полна со зло, страдања и тага? Ако Бог е семоќен, зошто толку долго ја допушта ваквата состојба? Дали постои надеж дека ќе престанат сите наши неволји? Што кажува Библијата?
28. Како влегол бунтот во рајската градина?
28 Библијата покажува дека неволјите на човештвото започнале кога еден од духовните Божји синови се побунил против Јеховиниот суверенитет, односно неговата власт (Римјаните 1:20, Ст; Псалми 103:22, NW со објаснувања, фуснота). Без сомнение тој ангел бил меѓу оние кои се радувале гледајќи го создавањето на човекот. Потоа во неговото срце се вкорениле зависта и горделивоста и бил привлечен од желбата Адам и Ева да го обожаваат него наместо својот Творец, Јехова. Зборувајќи преку змијата, слично како што некој зборува од стомак, овој ангел ја наговорил Ева на непослушност кон Семоќниот Бог. Подоцна нејзиниот маж, Адам, ја следел во непослушноста (1. Мојсеева 2:15-17; 3:1-6; Јаков 1:14, 15).
29. а) Кои спорни прашања се појавиле? б) Како Бог реагирал на предизвикот? в) Како можеме ние да учествуваме во давањето одговор на исмејувањето од Сатана?
29 Тој бунтовен ангел станал познат како ”стара змија (празмија, NW)“ (Откровение 12:9; 2. Коринтјаните 11:3). Исто така е наречен и сатана, што значи ”противник“, и ѓавол, што значи ”клеветник“. Тој го довел во прашање правото и праведноста на Јеховиното владеење над Земјата и го предизвикал Бог дека тој, сатана, ќе го одврати целото човештво од вистинското обожавање. Бог му оставил на сатана околу 6 000 години да се обиде да го докаже својот предизвик, така што спорното прашање околу Јеховиниот суверенитет би се решило еднаш засекогаш. Човечките влади, независни од Бог, жалосно потфрлиле. Но, верни мажи и жени, меѓу кои Исус е истакнат пример, останале верни на Бог и под најтешки искушенија, оправдувајќи го Јехова и докажувајќи дека ѓаволот е лажливец (Лука 4:1-13; Јов 1:7-12; 2:1-6; 27:5). И ти можеш да ја сочуваш својата беспрекорност кон Бог (Изреките 27:11). Но, сатана не е единствениот непријател кој ни нанесува страдања. Кој друг непријател уште постои?
Непријателот — смрт
30. Што вели Писмото за казната која луѓето ја примиле поради непослушноста?
30 Бог рекол дека непослушноста ќе биде казнувана со смрт. Во пресудата изречена над првата жена, Јехова рекол: ”Многу ќе ги зголемам болките на твојата бременост; во породилни болки ќе раѓаш деца, и длабоко ќе копнееш по твојот маж, и тој ќе владее над тебе.“ На Адам му рекол: ”Во потта на своето лице ќе јадеш леб додека не се вратиш во земја од која си земен. Зашто си прав, и во прав ќе се вратиш“ (1. Мојсеева 3:16-19, NW). Непослушниот пар бил истеран од среќниот рај во необработената земја. Со тек на времето обајцата умреле (1. Мојсеева 5:5).
31. Што е грев и каква е неговата последица за човештвото?
31 Дури откога ја изгубиле својата совршеност, Адам и Ева почнале да раѓаат деца. Сите луѓе денес се нивни несовршени потомци, и затоа сите умираат. Еден библиски писател го објаснува тоа со следните зборови: ”Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот — смртта, по таков начин смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија.“ Што е тоа ”грев“? Тоа значи да се изгуби ознаката на совршеност или потполност. Јехова Бог не прифаќа и не поддржува во живот ништо што не е совршено. Бидејќи сите луѓе наследиле грев и несовршеност од првиот човек, Адам, така смртта ’царува‘ над сите луѓе (Римјаните 5:12, 14). Паднатите луѓе умираат на ист начин како што умираат и животните (Проповедник 3:19-21).
32. Како Библијата ја опишува смртта која сме ја наследиле?
32 Што се подразбира под ”смрт“? Смртта е спротивност на животот. Бог му ставил на човекот во изглед вечен живот на Земјата, доколку биде послушен. Меѓутоа, станал непослушен и казната за тоа била смрт, бесвесна состојба, непостоење. Бог не рекол ништо за тоа дека човечкиот живот ќе го пренесе во духовно царство или во огнен ”пекол“ ако биде непослушен и умре. Тој го предупредил човекот: ”Сигурно ќе умреш“. Ѓаволот, човечкиот убиец, е тој кој рекол: ”Сигурно нема да умрете“ (1. Мојсеева 2:17, NW; 3:4; Јован 8:44). Она што сите луѓе наследиле од Адам е смртта — претворањето во прав (Проповедник 9:5, 10; Псалми 115:17, Ба; 146:4, ДК).
33. а) Каква прекрасна иднина ги очекува луѓето и Земјата? б) Кои три важни работи Јехова ги исполнува преку својот Син?
33 Зарем тогаш не постои иднина за човекот кој ќе умре? Постои, и тоа прекрасна иднина! Библијата покажува дека Божјата намера со рајската Земја за сите луѓе, вклучувајќи ги и оние кои сега се мртви, сигурно ќе се оствари. Јехова вели: ”Небото е Мој престол, а земјата — подножје на нозете Мои.“ ”Ќе го прославам подножјето на нозете Свои“ (Исаија 66:1; 60:13). Поради својата голема љубов, Јехова го испратил својот Син, ’Речта‘, на Земјата за да може човештвото преку него да добие живот (Јован 3:16; 1. Јованово 4:9). Притоа треба да разгледаме три важни работи, кои Јехова ги исполнува преку својот Син: (1) овозможил ослободување од смртта; (2) враќање на мртвите во живот; (3) воспоставување на совршена влада над целото човештво.
Ослободување од смртта
34, 35. а) Само на кој начин луѓето можат да бидат откупени од смртта? б) Што е откупнина?
34 Уште од дамнешни времиња Божјите пророци ја изразувале својата вера, не во човечка бесмртност, туку во надежта дека Бог ќе ги ’избави‘ од смртта (Осија 13:14). Но, како може човекот да биде ослободен од смртта? Јеховината совршена правда барала ”душа за душа“, ”око за око“, ”заб за заб“ (5. Мојсеева 19:21). Поради тоа, бидејќи Адам со својата намерна непослушност кон Бог го изгубил совршениот човечки живот и со тоа на целото човештво му пренел наследена смрт, друг совршен човек морал да го замени Адам за да го откупи неговиот совршен живот, она што Адам го изгубил.
35 Принципот на плаќање ’еднакво за еднакво‘ бил нашироко прифатен низ историјата. Обично се користел изразот ”плаќање на окупнина“. Што е откупнина? Тоа е ”цената која се плаќа за да некое лице или предмет се ослободи од некого кој тоа лице или предмет го држи во ропство. Затоа за воените заробеници или робови се вели дека се откупени тогаш кога ќе бидат ослободени со плаќање на соодветен надоместок. (...) Секоја замена или размена како надоместок за тоа лице е негова откупнина.“d Поради Адамовиот грев сите луѓе се слични на воени заробеници или робови, оковани во несовршеност и смрт. За да бидат ослободени, морало да се даде откупнина. За да се отстрани било каква противречност сега или подоцна во врска со тоа дали откупната цена е праведна, било потребно да се жртвува совршен човечки живот, односно точна противредност на Адам.
36. Како Јехова се погрижил за совршен човечки живот како откупнина?
36 Меѓутоа, каде можело да се најде таков совршен човечки живот? Сите луѓе, како потомци на несовршениот Адам, се родени несовршени. ”Ниту еден од нив не може ниту на еден начин да го откупи дури и братот, ниту да му даде откупнина на Бог за него“ (Псалми 49:7). Потикнат од длабока љубов кон човештвото, Јехова притрчал на помош и го дал својот љубен ”првороден“ Син да биде таа неопходна жртва. Го пренел совршениот живот на тој духовен Син, Речта, во утробата на еврејската девица Марија. Младата жена забременила и во одредено време родила син, кој бил наречен ”Исус“ (Матеј 1:18-25). Логично е дека Творецот на животот е во состојба да направи такво прекрасно чудо.
37. Како Исус ја покажал својата љубов спрема сите луѓе кои го сакаат животот?
37 Исус станал возрасен маж, му се претставил на Јехова и се крстил. Бог тогаш го ополномоштил да ја врши Неговата волја (Матеј 3:13, 16, 17). Бидејќи Исусовиот земски живот дошол од небото и бил совршен, можел да го жртвува својот совршен човечки живот употребувајќи го да го ослободи човештвото од смртта (Римјаните 6:23; 5:18, 19). Како што рекол самиот: ”Јас сум дојден за да имаат живот и да можат да го имаат во изобилство.“ ”Никој нема поголема љубов од оваа, да ја положи својата душа во корист на своите пријатели“ (Јован 10:10; 15:13, NW). Кога Сатана го убил Исус на маченичкиот столб, Исус се помирил со таа ужасна смрт, знаејќи дека луѓето кои имаат вера ќе постигнат живот преку таа откупна подготовка (Матеј 20:28; 1. Тимотеј 2:5, 6).
Враќање во живот
38. Како Божјиот Син бил вратен во живот и кои докази говорат за тоа?
38 Иако непријателите го убиле, Божјиот Син никогаш не го изгубил правото на совршен човечки живот, бидејќи ја зачувал својата беспрекорност спрема Бог. Но, бидејќи бил мртов во гробот, како можел Исус да ја искористи таа вредност, правото на човечки живот, и да ја примени во корист на човештвото? Тука Јехова направил уште едно чудо, прво од таков вид. Откако бил три дена в гроб, Јехова го подигнал Исус од мртвите како духовно, бесмртно суштество (Римјаните 6:9; 1. Петрово 3:18). За да го зацврсти верувањето во воскресението, Исус во различни прилики се материјализирал во човечки тела и се појавувал пред своите ученици, еднаш пред повеќе од 500. Никој од нив, па дури ни апостол Павле кој подоцна бил заслепен при појавата на прославениот Исус, немал никаква причина да се сомнева во чудото на неговото воскресение (1. Коринтјаните 15:3-8; Дела на апостолите 9:1-9).
39. а) Како Исус ја употребува вредноста на својата жртва и најпрвин во чија корист? б) За кое друго големо чудо зборувал Исус?
39 По 40 дена воскреснатиот Исус се вознел на небо за да таму ја претстави вредноста на својата совршена човечка жртва како откупнина за човештвото. ”А Он, принесувајќи само една жртва за гревовите, засекогаш седна оддесно на Бог, очекувајќи понатаму додека непријателите Негови не бидат ставени во подножјето на нозете Негови“ (Евреите 10:12, 13). Првите кои ќе бидат ослободени со оваа откупнина се оние од ”малото стадо“ верни христијани ”кои му припаѓаат на Христос“ (Лука 12:32; 1. Коринтјаните 15:22, 23, Ба). Тие се ”откупени меѓу луѓето“, и затоа кога ќе воскреснат ќе станат Христови духовни придружници на небото (Откровение 14:1-5). Но, што е со масите луѓе кои сега лежат мртви во своите гробови? Кога бил на Земјата, Исус рекол дека неговиот Татко му доделил власт да суди и да дава живот. Додал: ”Не чудете се на ова, зашто доаѓа часот во кој сите кои се во спомен-гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат (...) во воскресение“ (Јован 5:26-29, NW). Тој ќе ги врати тие луѓе во живот на рајската Земја.
40, 41. а) Објасни што точно се подразбира со изразот ”воскресение“. б) Зошто можеме да веруваме во Божјето ветување за воскресение?
40 Забележи ги Исусовите зборови: ”Не чудете се на ова“. Но, како може некој кој долго време бил мртов, да биде ослободен од смртта и да биде вратен во живот? Зарем неговото тело не се вратило во прав? Некои делови кои го сочинувале неговото тело можеби дури преминале во други живи суштества, на пример во некои растенија и животни. Меѓутоа, воскресението не значи повторно составување на истите хемиски елементи. Тоа значи дека Бог повторно ќе ја создаде истата личност, со истите особини. Тој создава ново тело од земските елементи и во тоа тело тој ги всадува истите карактеристики, истите различни особини, истото сеќавање, истите животни навики коишто таа личност ги изградила до својата смрт.
41 Можеби си доживеал да изгори куќата којашто многу си ја сакал. Меѓутоа, лесно можеш повторно да изградиш потполно иста куќа, бидејќи образецот на сите драги поединости е многу јасен во твоето сеќавање. Тогаш, сигурно е дека Бог, кој е Творец на сеќавањето, може повторно да го создаде човекот којшто го задржал во своето сеќавање затоа што го љубел (Исаија 64:8). Поради тоа Библијата го употребува изразот ”спомен-гробови“. Кога ќе дојде од Бог одреденото време повторно да ги оживее мртвите, тој ќе го стори тоа чудо на ист начин како што го направил чудото при создавањето на првиот човек, само што овој пат тоа ќе го направи повеќе пати одново (1. Мојсеева 2:7, ДК; Дела на апостолите 24:15).
42. Зошто вечниот живот на Земјата е можен и сигурен?
42 Бог ќе ги врати луѓето повторно во живот со изглед никогаш повеќе да не умрат и исчезнат од Земјата. Но, како е можен вечен живот на Земјата? Тоа е можно и сигурно, бидејќи е таква Божјата намера и волја (Јован 6:37-40; Матеј 6:10). Единствена причина поради која луѓето денес умираат е таа што ја наследиле смртта од Адам. Покрај тоа, ако само помислиме на големата разновидност од прекрасни работи на Земјата во кои човекот би уживал, животниот век помал од сто години е премногу краток! Бог им ја дал Земјата на луѓето со намера трајно да живеат и да уживаат во таа убавина на Неговото творештво, и тоа не само стотина или илјада години, туку вечно! (Псалм 115:16, ДК; 133:3).
“Совршена влада на мирот
43. а) Зошто е потребна совршена влада? б) Која е Јеховината намера во врска со тоа?
43 Поради тоа што нашите прародители го отфрлиле Божјиот закон, човечкото владеење дошло под власта на сатана. Библијата со право го нарекува сатана ”бог на овој систем“ (2. Коринтјаните 4:4, NW). Доказ за тоа се војните, свирепостите, нечесноста и нестабилноста на човечките влади. Лигата на народите и Обединетите нации не успеале од тој неред да создадат мир. Човештвото копнее по влада на мирот. Не е ли разумно да се очекува дека Творецот, чија намера е да го обнови рајот на Земјата, ќе создаде и совршена влада за тој рај? Токму тоа Јехова има намера да го стори. Царот кој го застапува Него во таа влада е неговиот ”Кнез на мирот“, Исус Христос, и ”на изобилството на неговата кнежевска власт и мир ќе ѝ нема крај“ (Исаија 9:6, 7, NW).
44. а) Каде ќе биде таа влада? б) Како ќе биде составена?
44 Библијата покажува дека таа совршена влада ќе биде на небото. Од таа поволна положба Царот Исус Христос ќе владее во правда над целата Земја. Дури и повеќе, тој ќе има придружени совладетели во таа невидлива небесна влада. Тие се избрани меѓу верните луѓе, следбеници на Исус, кои истрајале со него во сите свои искушенија и на кои тој им рекол: ”Јас склучувам со вас сојуз, како што мојот Татко склучил сојуз со мене, за Царство“ (Лука 22:28, 29, NW). Само малку луѓе се земаат на небото за да владеат со Исус Христос. Тоа е слично како кај денешните нации, во кои само малкумина од нив се избрани да владеат во собранието или парламентот. Библијата покажува дека Исус Христос ќе има точно 144 000 совладетели. Според тоа, Божјето Царство, односно небесната влада, се состои од Исус Христос и 144 000 луѓе земени од Земјата на небото (Откровение 14:1-4; 5:9, 10). А, што е со Земјата? Псалм 45:16 (NW) вели дека Царот ќе постави ”кнезови по целата Земја“. Човечките ”кнезови“, односно владините надгледници, ќе бидат поставени од небото поради својата длабока одаденост на начелото на праведноста. (Спореди Исаија 32:1.)
45, 46. а) Која била главна тема на Исусовото проповедање на Земјата? б) Зошто совршената влада не била воспоставена веднаш? в) По што 1914 г.н.е. била истакната година во пророштвото и во светските настани?
45 Кога и како е воспоставена таа совршена влада? Кога Исус бил на Земјата, Царството било главна тема на неговото проповедање (Матеј 4:17; Лука 8:1). Меѓутоа, тој не го воспоставил Царството во тоа време, ниту го сторил тоа при своето воскресение (Дела на апостолите 1:6-8). Дури и откога се вознел на небо, сѐ уште морал да чека до времето што го одредил Јехова (Псалми 110:1, 2, NW; Евреите 1:13). Библиските пророштва укажуваат дека тоа одредено време настапило 1914 година н.е. Меѓутоа, некој би можел да праша: ”Но зарем 1914 година не значеше попрвин почеток на сѐ поголеми светски неволји отколку воспоставување на совршена влада?“ Тоа е точно! Постои тесна поврзаност помеѓу доаѓањето на Божјето Царство и катастрофалните настани во овој век, како што ќе видиме сега.
46 Околу 35 години пред 1914, Стражарска кула, (сега најраспространет религиозен часопис на Земјата) укажувала на 1914 година како на година означена во библиските пророштва. Тие пророштва започнале да се исполнуваат на извонреден начин во 1914. Едно од тие било и пророштвото на самиот Исус што го изрекол пред 1 900 години, а кое се однесува на ”комбинираниот знак“ кој ќе се покаже на крајот од системот и кој ќе докаже дека тој е невидливо присутен во царска моќ. Во одговорот на прашањето од своите ученици за тој ”комбиниран знак“, Исус рекол: ”Ќе се крене народ против народ и царство против царство, и ќе има недостиг на храна и земјотреси на едно место по друго. Сите овие работи се почеток на болни неволји“ (Матеј 24:3, 7, 8, NW). Истакнато исполнување на ова пророштво била I. Светска војна која започнала 1914, донесувајќи седум пати поголемо разурнување отколку сите 900 војни во изминатите 2 500 години! Болните неволји продолжуваат и ден-денес. Дали си доживеал воено разурнување, недостиг на храна или некој од поголемите земјотреси кои ја погодиле Земјата од 1914 па наваму? Ако да, тогаш си сведок на ”знакот“ на ”времето на завршетокот“ на овој систем (Даниел 12:4, NW).
47. Како во последните години се засилиле настаните кои претставуваат исполнување на ”знакот“?
47 ”Болните неволји“ се зголемиле во времето на II. Светска војна, која била четири пати поразорна од I. Светска војна, и понатаму во нуклеарната ера, кога се исполнува Исусовото натамошно пророштво: ’На Земјата [ќе има] страв меѓу народите (...) додека луѓето ќе паѓаат во несвест од страв и очекување од она што иде на населената Земја (Лука 21:25, 26, NW). Пораст на криминалот и злобата, непослушност и деликвенцијата меѓу децата, како и зголемување на безбожноста и неморалот — сите овие вознемирувачки појави се исто така проречени како обележје на ”последните денови“ од овој зол систем (2. Тимотеј 3:1-5; Матеј 24:12).
48. Кој е одговорен за неволјите на Земјата, и зошто тие се зголемиле од 1914?
48 Но, ако небесната влада е воспоставена 1914, зошто има толку неволји на Земјата? Сатана или Ѓаволот е тој кој е одговорен за тоа. Кога Исус примил царска моќ, прво што требало да стори било да започне војна со сатана во невидливите небеса. Како последица на тоа, сатана, ”кој ја заведува целата населена Земја“ е фрлен со своите анѓели од небото во близина на Земјата. Знаејќи дека му се приближува уништување, тој на Земјата предизвикува големи неволји. Тоа е она ”тешко на Земјата и морето, бидејќи ѓаволот се симнал кај вас и многу е разлутен, зашто знае дека има само малку време“ (Откровение 12:7-9, 12, NW).
49. а) Што ќе се случи со оние кои ја ”уништуваат Земјата“? б) Како Јехова ќе ја изврши својата ”судска одлука“ над народите?
49 Дали ќе им дојде крај на сите тие неволји? Да! — кога небесната влада, Царството на семоќниот Бог ќе стапи во акција да ”ги уништи оние кои ја уништуваат Земјата“ (Откровение 11:18, NW; Даниел 2:44). Бог никогаш нема да им дозволи на политичките сили, лажните христијани или кој и да е друг да го уништи делото на неговите раце, Земјата, со нуклеарно оружје. Наместо тоа, тој изјавува: ”Јас одлучив да ги соберам народите, да ги свикам царствата, за да го излијам врз нив Моето негодување, сета јарост на Мојот гнев“ (Софонија 3:8). Преку својот Христос, Јехова ќе употреби големи сили кои тој ги контролира во вселената за да изврши сеопфатно уништување на сите кои го следат сатана на Земјата. Тоа уништување ќе се случи по целата Земја, по величина слично на потопот од времето на Ное (Еремија 25:31-34; 2. Петрово 3:5-7, 10).
50. а) Што е ”Армагедон“? б) Кој ќе го преживее Армагедон?
50 Во Библијата тоа уништување на безбожните народи се нарекува Божја војна Армагедон (Откровение 16:14-16). Само кротките луѓе, оние кои го бараат Јехова и праведноста, ќе можат да го преживеат Армагедон и да влезат во Божјиот мирољубив нов систем (Софонија 2:3, ДК; Исаија 26:20, 21). За нив Библијата вели: ”Кротките ќе ја поседуваат Земјата и навистина ќе наоѓаат своја најголема радост во изобилството од мир“ (Псалми 37:11, NW). Тогаш ќе започне големото дело на обновување на рајот на Земјата!
Поучување за влегување во Рајот
51. Зошто е потребно сега да преземеш чекори?
51 Дали би сакал да живееш во рај? Ако твојот одговор е да, тогаш сигурно ќе бидеш возбуден од Исусовата изјава што ја додал откако зборувал за денешнот расипан систем и за ”знакот“ на неговото скорешно уништување: ”Оваа генерација никако нема да помине додека не се случат сите овие работи.“ Барем некои од генерацијата која го доживеала ”почетокот на болните неволји“ во 1914 година, ќе го доживеат обновениот рај на Земјата (Матеј 24:3-8, 34, NW). Но за жал, повеќето луѓе денес се наоѓаат на широкиот пат кој води во уништување (Матеј 7:13, 14). Им останува малку време да се променат. Колку само можеш да бидеш благодарен што Јехова навреме дал предупредување! Зашто, Јехова сака да живееш и затоа ќе ти помогне да преземеш исправни чекори (2. Петрово 3:9, ДК; Езекиел 18:23).
52. Што треба да сториш за да направиш мудар избор во врска со религијата?
52 Сега е итно потребно да стекнеш точно спознание (1. Тимотеј 2:4; Јован 17:3). Каде можеш да го добиеш? Дали може да се најде во која и да било религија? Некои луѓе велат дека сите религии водат кон иста цел, како што сите патеки на некоја планина водат до нејзиниот врв. Колку се лажат! За да ја пронајдат вистинската патека, планинарите користат карти и најмуваат водичи. Исто така, постои само една вистинска религија која води до вечен живот, а за да се пронајде, потребно е водство (Дела на апостолите 8:26-31).
53. а) Што мораш да продолжиш да правиш за да добиеш вечен живот? б) Кои искушенија од сатана можеби ќе мораш да ги совладаш?
53 Оваа брошура Јеховините сведоци ја издале за да ти помогнат. Таа веќе ти помогнала да сфатиш некои основни библиски вистини, зарем не? Без сомнение си дошол до заклучок дека секое тврдење се темели на Божјата инспирирана Реч. Но, за да напредуваш кон својата цел, мораш да продолжиш да учиш. Како што е потребно соодветно световно образование за да се најде место во општеството, така и соодветната библиска поука е неопходна за да се оспособиш за влегување во општество кое ќе преживее за живот на рајската Земја (2. Тимотеј 3:16, 17, NW). Сатана можеби ќе се обиде да те одврати така што ќе предизвика блиските пријатели да ти се спротивставуваат или ќе те доведува во искушение наведувајќи те на себични материјалистички или неморални постапки. Не попуштај му на сатана. Твојата безбедност и целата иднина, како и иднината на твоето семејство зависи од твоето натамошно проучување на Библијата (Матеј 10:36; 1. Јованово 2:15-17).
54. Каква можности за натамошни образование обезбедил Јехова во вашето соседство?
54 Покрај проучувањето на Библијата, постои уште еден начин за учење. Луѓето во твоето соседство кои се заинтересирани за библиско поучување редовно ги посетуваат состаноците во Царската сала во вашето место. Сите кои ги посетуваат тие состаноци доаѓаат таму за да примат поуки од Библијата и искрено се трудат да станат подобри луѓе. Тие срдечно ги поздравуваат новодојдените, велејќи: ”Дојдете, да одиме на Јеховината гора (местото на неговото обожавање) (...) и тој ќе нѐ поучи за своите патишта, а ние ќе одиме по неговите патеки“ (Исаија 2:3, NW). Во писмото до Евреите 10:24, 25 се објаснува зошто е добро да се посетуваат библиските состаноци: ”И да бидеме внимателни еден кон друг, за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела, не напуштајќи го своето собрание, како што некои имаат обичај, туку да се поучуваме еден со друг, и тоа до толку повеќе, до колку гледате дека се приближува судниот ден.“
55. а) На кој начин Јеховината организација се разликува од другите? б) Како Јеховините сведоци се обединети како ниеден друг народ?
55 Ако се поврзеш со Јеховината организација, тука ќе пронајдеш атмосфера која е сосема поинаква од онаа во храмовите и црквите. Нема собирање на пари, нема клеветење и кавги и нема дискриминација поради семејното потекло или финансиската положба. Најистакната особина меѓу Јеховините сведоци е љубовта. Како прво, тие го љубат Јехова, а како второ, ги сакаат другите луѓе. Тоа се ознаки на вистинските христијани (Матеј 22:37-39; Јован 13:35). Можеш да ги посетиш нивните состаноци и самиот да се увериш во тоа. Сигурно ќе ти остави впечаток нивното единство. Ширум светот постојат повеќе од четири милиони Сведоци во преку 200 земји. Но, Сведоците по целата Земја следат иста програма на своите состаноци. А поради истовременото печатење на многу јазици, повеќето Јеховини сведоци на своите неделни состаноци ширум светот проучуваат исти библиски теми со разлика од само неколку часа едни од други. Единството на Јеховината организација е современо чудо во овој разделен свет.
56. а) Каква корист можеш да имаш од дружењето со Јеховината организација? б) Како би требало да реагираме кога ќе се појават проблеми? в) Зошто е важно да го посветиш својот живот на Јехова?
56 Ако редовно се дружиш со Јеховините сведоци, мораш да ја облечеш ”новата личност“ и да ги негуваш плодовите на Божјиот дух — ’љубов, радост, мир, долготрпеливост, доброљубивост, доброта, вера, благост и самосовладување‘ (Колосјаните 3:10, 12-14; Галатјаните 5:22, 23, NW). Тоа ќе ти донесе длабоко задоволство. Можеби повремено ќе имаш проблеми кои треба да ги надвладееш, бидејќи живееш во расипан свет, а и поради сопствената несовршеност. Но Јехова ќе ти помогне. На сите оние кои искрено се обидуваат да му угодат, Неговата Реч им гарантира: ”Не бидете тегобно загрижени за ништо, туку во сѐ со молитва и преколнување заедно со благодарност објавете ги вашите молби кај Бог; а мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашата мисловна сила преку Христос Исус“ (Филипјаните 4:6, 7, NW). Ќе бидеш привлечен од Јеховината љубов, така што ќе сакаш да му служиш. Јеховините сведоци ќе бидат среќни да ти покажат како можеш да му го посветиш својот живот на тој Бог полн со љубов и да станеш негов повластен Сведок (Псалми 104:33, NW; Лука 9:23, NW). Да, тоа е предност. Замисли си само! Како обожавател на Јехова можеш да ја достигнеш целта на вечен живот во рајот овде на Земјата (Софонија 2:3, NW; Исаија 25:6, 8, NW).
57. а) Каков близок однос ќе постои помеѓу Бог и луѓето во новиот систем? б) Кои се некои од благословите кои ќе можеш да ги уживаш тогаш?
57 Затоа, продолжи да проучуваш и да растеш во љубовта и ценењето кон Јехова Бог, неговиот Син и праведната небесна влада. Опишувајќи ја Божјата влада и благословите кои ќе ги излее на човештвото, библиското пророштво вели: ”Гледај! Божјиот шатор е кај луѓето, и тој ќе престојува со нив, и тие ќе бидат негов народ. И самиот Бог ќе биде со нив.“ ”Самиот Бог“, кој е толку високо над денешните себични, уништувачки влади, ќе биде во тој нов систем многу блиску, како љубезен Татко кон сите оние кои го љубат и обожаваат. Навистина, тогаш ќе постои само една религија, вистинското обожавање на Јехова Бог, а неговите обожаватели ќе уживаат близок однос со него како деца со Татко. Колку љубезен Татко ќе биде тој! ”И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:3, 4, NW).
58. Зошто можеш да бидеш сигурен дека Јехова ’сѐ ново создава‘?
58 Така ќе се исполни големото чудо: целата Земја ќе стане рај под совршената небесна влада. Тоа е толку сигурно колку што е сигурно дека утре сонцето ќе изгрее и ќе зајде. Зашто, ветувањата на Јехова Бог, Творецот на небото и Земјата, секогаш се ”верни и вистинити“. Тој е оној кој изјавува од својот престол на небото: ”Гледај! Сѐ ново создавам“ (Откровение 21:5).
Со оглед на сѐ што беше речено во оваа брошура, како би одговорил на следните прашања?
По што се истакнува Библијата?
Што си научил за Бог?
Кој е Исус Христос?
Кој е сатана, ѓаволот?
Зошто Бог го допушта злото?
Зошто човекот умира?
Каква е состојбата на мртвите?
Што е откупнина?
Каде и како ќе се случи воскресението?
Што е Царството и што тоа ќе постигне?
Што е ”знакот“ на ”завршетокот на системот“?
Као можеш да се подготвиш за вечен живот во Рајот?
[Фусноти]
a Библиски стихови кои ги потпираат горенаведените извадоци: (Дела на апостолите 17:26; Псалм 46:9 (ДК); Михеј 4:3, 4; (2) Исаија 65:21-23; Исаија 65:25; 11:6-9; 55:12, 13; Псалм 67:6, 7 (ДК); (3) Јов 33:25; Исаија 35:5, 6; 33:24; Псалм 104:24 (ДК); (4) Исаија 55:11 (ДК).
b Доколку не е поинаку назначено, библиските стихови во оваа публикација земени се од превод преводот на Светото писмо на македонски јазик, издание на Британското и инострано библиско друштво (1990).
c Monarchs and Tombs and Peoples—The Dawn of the Orient, стр. 25.
d Cyclopedia of Biblical, Theological, and Ecclesiastical Literature од Џ. Меклинток и Џ. Стронг, том 8, стр. 908.
[Слики на страница 13]
Како суштество, човекот далеку ги надминува животните
[Слика на страница 18]
Исус бил еднаков на совршениот човек Адам