Поглавје 19
Божјиот Израел обележан со печат
Видение 4 — Откровение 7:1-17
Тема: 144.000-те се обележани со печат, се гледа големо мноштво кое стои пред Јеховиниот престол и пред Јагнето
Кога се исполнува: Од устоличувањето на Исус Христос во 1914 година па сѐ до времето на милениумското владеење
1. „Кој може да опстане“ во големиот ден на Божјиот гнев?
„КОЈ може да опстане?“ (Откровение 6:17). Да, кој навистина може да опстане? Владетелите и луѓето од овој свет сигурно ќе го постават ова прашање кога Сатановиот поредок ќе биде уништен во големиот ден на Божјиот гнев. Ќе им се чини дека во претстојната катастрофа нема да остане никој жив на Земјата. Но, дали е така? За среќа, еден Божји пророк нѐ уверува: „Секој што ќе го повика името на Јехова ќе биде спасен“ (Јоил 2:32). Апостолите Петар и Павле го потврдуваат ова (Дела 2:19-21; Римјаните 10:13). Да, ќе преживеат оние што го повикуваат името на Јехова. Кои се тие? За нив станува збор во следното видение.
2. Зошто е чудно што ќе има преживеани во Јеховиниот ден на суд?
2 Навистина е чудно што воопшто некој ќе го преживее Јеховиниот ден на суд, бидејќи еден друг пророк го опишува тој ден со следниве зборови: „Гледај, доаѓа бурен ветар од Јехова, неговата јарост, виор што носи сѐ пред себе. Врз главата на злите ќе се спушти. Јехова нема да го одврати својот распламтен гнев додека не ги изврши и додека не ги исполни намерите на своето срце“ (Еремија 30:23, 24). Треба итно да преземеме чекори за да ја пребродиме таа бура! (Изреки 2:22; Исаија 55:6, 7; Софонија 2:2, 3).
Четирите ветрови
3. а) Според она што го видел Јован, каква посебна задача извршуваат ангелите? б) Што симболизираат „четирите ветрови“?
3 Пред Јехова да го излее својот гнев, небесните ангели извршуваат една посебна задача. Јован го гледа ова во видението: „Потоа видов четири ангели како стојат на четирите агли на земјата, цврсто држејќи ги четирите земни ветрови, за да не дува никаков ветар на земјата, ниту на морето, ниту на некакво дрво“ (Откровение 7:1). Што значи ова за нас денес? „Четирите ветрови“ се живописен симбол за смртната пресуда што наскоро треба да биде извршена над злобното човечко општество на „земјата“, над разбрануваното ‚море‘ од беззаконици и над горделивите владетели слични на високи дрвја, кои црпат морална и материјална поддршка од луѓето на Земјата (Исаија 57:20; Псалм 37:35, 36).
4. а) Кого го претставуваат четирите ангели? б) Што ќе се случи со Сатановата организација на Земјата кога четирите ветрови ќе бидат пуштени?
4 Нема сомнение, овие четири ангели претставуваат четири групи ангели што Јехова ги користи за да го задржат извршувањето на смртната пресуда додека не дојде време за тоа. Кога ангелите ќе ги пуштат овие четири ветрови на Божјиот гнев да дуваат истовремено од север, од југ, од исток и од запад, уништувањето ќе биде стравотно. Ќе биде слично како во времето кога Јехова ги распрснал древните Еламци со помош на четири ветрови, разбивајќи ги и истребувајќи ги — но овој пат во многу поголеми размери (Еремија 49:36-38). Таа страшна бура ќе биде многу поразорна од ‚виорот‘ со кој Јехова ги уништил Амонците (Амос 1:13-15). Ниту еден дел од Сатановата организација на Земјата нема да може да опстане во денот на гневот, кога Јехова еднаш засекогаш ќе го оправда своето право да владее (Псалм 83:15, 18; Исаија 29:5, 6).
5. Како пророштвото на Еремија ни помага да разбереме дека ниеден дел од Земјата нема да го избегне Божјиот суд?
5 Можеме ли да бидеме сигурни дека ниеден дел од Земјата нема да го избегне Божјиот суд? Да видиме што рекол пророкот Еремија во врска со ова: „Еве, неволја оди од народ на народ, голема бура ќе се подигне од најоддалечените делови на земјата. Во тој ден ќе има погубени од Јехова од едниот крај на земјата до другиот“ (Еремија 25:32, 33). Во текот на оваа силна бура, светот ќе потоне во мрак. Неговите влади ќе исчезнат од светската сцена (Откровение 6:12-14). Но, иднината нема да биде мрачна за сите. Поради кого се задржани четирите ветрови?
Божјите робови се запечатени
6. Кој им заповедал на ангелите да ги задржат четирите ветрови, и што се случува за тоа време?
6 Јован сега опишува како некои ќе бидат обележани за преживување. Тој вели: „И видов друг ангел како влегува од исток и го има печатот на живиот Бог. И им викна на сет глас на четирите ангели на кои им беше дадено да им наштетат на земјата и на морето: ‚Немојте да ѝ наштетите на земјата, ниту на морето, ниту на дрвјата, додека не ги обележиме со печат челата на робовите на нашиот Бог!‘“ (Откровение 7:2, 3).
7. Кој е, всушност, петтиот ангел, и што ни помага да го откриеме тоа?
7 Иако не е наведено името на овој петти ангел, сите докази укажуваат дека тој мора да е прославениот Господар Исус. Од овој стих се гледа дека тој има власт над другите ангели, што е во склад со фактот дека Исус е архангелот (1. Солуњаните 4:16; Јуда 9). Тој влегува од источната страна, како што влегуваат и „царевите од сончевиот исток“ — Јехова и неговиот Христос — кои доаѓаат да извршат пресуда слично како што царевите Дариј и Кир извршиле пресуда кога го освоиле древниот Вавилон (Откровение 16:12; Исаија 45:1; Еремија 51:11; Даниел 5:31). Овој ангел потсетува на Исус и во тоа што е ополномоштен да ги запечати помазаните христијани (Ефешаните 1:13, 14). Освен тоа, кога ветровите се пуштени, Исус е тој што јава на чело на небесните војски во извршувањето на осудата над народите (Откровение 19:11-16). Тогаш, разумно е да заклучиме дека Исус е тој што заповеда уништувањето на Сатановата организација на Земјата да почека додека Божјите робови не бидат обележани со печат.
8. Што е обележувањето со печат, и кога започнало?
8 Што е ова обележување со печат, и за кои Божји робови станува збор? Обележувањето започнало на Педесетница 33 год. од н.е., кога првите еврејски христијани биле помазани со свет дух. Подоцна Бог повикал и помазал и ‚луѓе од другите народи‘ (Римјаните 3:29; Дела 2:1-4, 14, 32, 33; 15:14). Апостол Павле напишал дека помазаните христијани имаат гаранција дека ‚му припаѓаат на Христос‘ и додал дека Бог ‚го ставил својот печат на нив и во срцата им дал дух како гаранција за она што ќе дојде‘ (2. Коринќаните 1:21, 22; спореди Откровение 14:1). Значи, кога овие робови се усвоени како Божји духовни синови, тие однапред добиваат гаранција за своето небесно наследство, односно добиваат печат или залог (2. Коринќаните 5:1, 5; Ефешаните 1:10, 11). Затоа можат да кажат: „Тој дух сведочи со нашиот дух дека сме деца Божји. А ако сме деца, тогаш сме и наследници — наследници Божји, а сонаследници Христови, ако страдаме заедно со него, заедно со него да бидеме и прославени“ (Римјаните 8:15-17).
9. а) Каква истрајност се бара од преостанатите Божји синови родени со дух? б) Колку долго ќе продолжи искушувањето на помазаниците?
9 Што значи изразот „ако страдаме заедно со него“? За да бидат наградени со живот, помазаните христијани мораат да истраат и да останат верни до смрт (Откровение 2:10). Овде не важи изреката ‚еднаш спасен, засекогаш спасен‘ (Матеј 10:22; Лука 13:24). Напротив, тие се опоменати: „Дајте сѐ од себе за да ги потврдите својот позив и избор“. Исто како апостол Павле, на крајот тие мора да кажат: „Добро се борев, трката ја истрчав до крај, верата ја зачував“ (2. Петрово 1:10, 11; 2. Тимотеј 4:7, 8). Значи, преостанатите Божји синови родени со дух мора и понатаму да бидат искушувани и просејувани на Земјата сѐ додека Исус и ангелите што го придружуваат не им го врежат цврсто печатот ‚на челото‘ на сите нив. Ова ќе значи дека конечно и неотповикливо стануваат испитани и верни „робови на нашиот Бог“. Тогаш тој печат станува нивни траен белег или жиг. Очигледно, кога четирите ветрови на неволјата ќе бидат пуштени, сите членови на духовниот Израел ќе бидат трајно обележани со печат, иако мал број од помазаниците сѐ уште ќе бидат живи на Земјата (Матеј 24:13; Откровение 19:7). Ќе биде пополнет целиот број! (Римјаните 11:25, 26).
Колкумина се обележани со печат?
10. а) Кои стихови покажуваат дека бројот на обележаните со печат е ограничен? б) Кој е вкупниот број на обележани, и како се наведени?
10 На некои од оние што требало да бидат обележани со печат, Исус им рекол: „Не плаши се, мало стадо, зашто волјата на вашиот Татко е да ви го даде царството“ (Лука 12:32). Други стихови како, на пример, Откровение 6:11 и Римјаните 11:25, покажуваат дека бројот на членовите на ова мало стадо е ограничен, и дека е, всушност, одреден однапред. Следните зборови на Јован го потврдуваат ова: „И го чув бројот на обележаните со печат — сто четириесет и четири илјади обележани со печат од секое племе на синовите на Израел: Од племето на Јуда дванаесет илјади обележани со печат, од племето на Рувим дванаесет илјади, од племето на Гад дванаесет илјади, од племето на Асер дванаесет илјади, од племето на Нефталим дванаесет илјади, од племето на Манасија дванаесет илјади, од племето на Симеон дванаесет илјади, од племето на Леви дванаесет илјади, од племето на Исахар дванаесет илјади, од племето на Завулон дванаесет илјади, од племето на Јосиф дванаесет илјади, од племето на Венијамин дванаесет илјади обележани со печат“ (Откровение 7:4-8).
11. а) Зошто списокот на 12-те племиња не може да се однесува на дословните, родени Израелци? б) Зошто во Откровението е даден список на 12-те племиња? в) Зошто во Израелот Божји не постои само едно одредено племе чии членови ќе владеат како цареви или ќе служат како свештеници?
11 Зарем не е можно овие зборови да се однесуваат на дословните, родени Израелци? Не, бидејќи редоследот на племињата наброени во Откровение 7:4-8 се разликува од вообичаеното набројување на племињата (4. Мојсеева 1:17, 47). Очигледно, целта на овој список не е да се набројат племињата од кои се состоел дословниот Израел, туку да се покаже дека духовниот Израел е организиран на сличен, урамнотежен начин. Овој нов народ се состои од 144.000 членови — по 12.000 од секое од 12-те племиња. Ниту едно од племињата во Израелот Божји не е посебно избрано како племе чии членови ќе владеат како цареви или ќе служат како свештеници. Членовите на целиот тој народ ќе владеат како цареви, и сите заедно ќе служат како свештеници (Галатите 6:16; Откровение 20:4, 6).
12. Зошто е соодветно тоа што 24-те старешини му ги пеат на Јагнето зборовите од Откровение 5:9, 10?
12 Иако родените Евреи и еврејските прозелити биле првите на кои им била дадена можност да станат членови на духовниот Израел, само малкумина од нив ја искористиле таа можност. Затоа Јехова им упатил покана и на незнабошците (Јован 1:10-13; Дела 2:4, 7-11; Римјаните 11:7). Исто како што било случај со Ефешаните, кои пред тоа биле „отуѓени од израелската заедница“, сега не-Евреите можеле да бидат обележани со печатот на Божјиот дух и да станат дел од собранието на помазани христијани (Ефешаните 2:11-13; 3:5, 6; Дела 15:14). Затоа, сосема е соодветно што 24-те старешини му пеат на Јагнето: „Со својата крв купи за Бог луѓе од секое племе и јазик и народ и народност, и ги направи царство и свештеници на нашиот Бог, и ќе царуваат над земјата“ (Откровение 5:9, 10).
13. Зошто Исусовиот полубрат Јаков со право им го упатил своето писмо на „дванаесетте племиња кои се расеани по светот“?
13 Христијанското собрание е „избран род, царско свештенство, свет народ“ (1. Петрово 2:9). Со тоа што го заменува, односно станува Божји народ наместо родените Израелци, ова собрание станува нов, вистински Израел (Римјаните 9:6-8; Матеј 21:43).a Од оваа причина, Исусовиот полубрат Јаков со право им го упатува своето пастирско писмо на „дванаесетте племиња кои се расеани по светот“, односно на меѓународното собрание од помазани христијани кое со текот на времето ќе брои 144.000 (Јаков 1:1).
Израелот Божји денес
14. Што покажува дека Јеховините сведоци отсекогаш го застапувале ставот дека духовниот Израел се состои дословно од 144.000 помазаници?
14 Интересно е тоа што Чарлс Т. Расел сфатил дека духовниот Израел го сочинуваат дословно 144.000 лица. Во 6. том од Студии на Светото писмо, со наслов Новото создание (The New Creation), издаден во 1904 година, тој напишал: „Имаме добри причини да веруваме дека одредениот, утврден број на избраните [помазаници] е оној што неколку пати е наведен во Откровението (7:4; 14:1), односно 144.000, ‚откупени од луѓето‘“. Во книгата Светлина (Light), том 1, издадена во 1930 година од Истражувачите на Библијата, беше кажано нешто слично: „Овие 144.000 членови на Христовото тело се прикажани како собрание од избрани и помазани, или обележани со печат“. Јеховините сведоци отсекогаш го застапувале ставот дека духовниот Израел се состои дословно од 144.000 помазани христијани.
15. Кратко пред да започне денот на Господарот, што мислеле искрените Истражувачи на Библијата дека ќе добијат родените Евреи на крајот на времињата на незнабошците?
15 Но, зарем родените Израелци денес не заслужуваат барем малку поповолна положба во однос на другите? Кратко пред да започне денот на Господарот, кога искрените Истражувачи на Библијата ги разоткривале многуте основни вистини од Божјата реч, се мислело дека, кога ќе завршат времињата на незнабошците, Евреите повторно ќе добијат привилегирана положба пред Бог. Затоа, во 2. том од Студии на Светото писмо, со наслов Времето наближи (The Time Is at Hand), издаден во 1889 година, Ч. Т. Расел го применил Еремија 31:29-34 на родените Евреи, велејќи: „Светот е сведок дека казната на Израел под власта на незнабошците траела непрекинато од [607] год. пр.н.е. и дека сѐ уште трае. Нема причина да очекуваме [Евреите] да бидат повторно организирани како народ пред 1914 год. од н.е., кога завршуваат нивните ‚седум времиња‘ — 2.520 години“. Се чинеше дека таа година Евреите повторно ќе бидат обновени како народ, и надежите за ова станаа уште посветли во 1917 година кога, со Балфоровата декларација, Велика Британија вети дека ќе помогне Палестина да стане национална држава на Евреите.
16. Какви напори вложиле Јеховините сведоци за да им ја пренесат христијанската порака на родените Евреи, и со каков резултат?
16 По Првата светска војна, Палестина се најде под покровителство на Велика Британија, со што беше отворен патот многу Евреи да се вратат во таа земја. Во 1948 година беше основана политичката држава Израел. Зарем ова не беше показател дека Евреите ќе добијат благослови од Бог? Многу години Јеховините сведоци мислеа така. Затоа, во 1925 година ја издадоа книгата со 128 страници, која носеше наслов Утеха за Евреите (Comfort for the Jews). Во 1929 година ја издадоа убавата книга Живот (Life), која имаше 360 страници. Оваа книга беше посебно наменета за Евреите, а ја разработуваше и библиската книга Јов. Беа вложени големи напори, особено во Њујорк Сити, да им се пренесе месијанската порака на Евреите. Радосно е што некои од нив ја прифатија оваа порака, но Евреите во целина, исто како нивните прататковци од првиот век, одбија да ги прифатат доказите за присутноста на Месијата.
17, 18. Што сфатиле Божјите робови на Земјата во врска со новиот сојуз и со библиските пророштва за обнова?
17 Стана очигледно дека Евреите како народ не се оној Израел што е опишан во Откровение 7:4-8, како и во други библиски пророштва кои се однесуваат на денот на Господарот. Евреите и понатаму се држеа за својата традиција и продолжија да не го користат Божјето име (Матеј 15:1-3, 7-9). Затоа, во книгата Јехова, издадена од Јеховините сведоци во 1934 година, каде што се разработени стиховите од Еремија 31:31-34, беше наведен следниов заклучок: „Новиот сојуз не бил склучен со родените потомци на Израел ниту со човештвото во целина, туку... само со духовниот Израел“. Библиските пророштва за обнова не се однесуваат ниту на родените Евреи ниту на државата Израел, која е членка на Обединетите нации и која е дел од светот за кој зборувал Исус во Јован 14:19, 30 и 18:36.
18 Во 1931 година, Божјите робови на Земјата со голема радост го усвоија името Јеховини сведоци. Тие можеа со цело срце да се согласат со зборовите од Псалм 97:11: „Светлина засвети за праведникот и радост за оние што имаат справедливо срце“. Можеа јасно да видат дека новиот сојуз е склучен само со духовниот Израел (Евреите 9:15; 12:22, 24). Во овој сојуз не биле вклучени рамнодушните родени Евреи, ниту човештвото во целина. Со ова разбирање, Бог овозможи да се сфати една многу важна вистина, и овој настан зазема истакнато место во теократската историја. Стана јасно дека Јехова изобилно ги дарува со милост, љубов и вистина сите оние што се зближуваат со него (2. Мојсеева 34:6; Јаков 4:8). И други освен Израелот Божји ќе извлечат корист од тоа што ангелите ги задржуваат четирите ветрови на уништувањето. Кои се тие? Можеш ли и ти да бидеш меѓу нив? Да видиме.
[Фуснота]
a Името Израел значи „Бог се бори; оној што (истрајно) се бори со Бог“ (1. Мојсеева 32:28, фуснота).
[Слика на целата страница 114]
[Слики на страници 116 и 117]
Општото избирање на вистинскиот Израел Божји главно се одвивало од Педесетница 33 год. од н.е. до 1935 година кога, на историскиот конгрес на Јеховините сведоци во Вашингтон (Д.К.), вниманието беше насочено на собирањето на едно големо мноштво кое има надеж да живее на Земјата (Откровение 7:9)