Христијаните наоѓаат среќа во служењето
„Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (ДЕЛА 20:35).
1. Кој погрешен став преовладува денес, и зошто е штетен?
ВО ТЕКОТ на последните децении од 1900-тите често се слушаше зборот „јас-изам“. „Јас-изам“ всушност значи „прво јас“ и означува став во кој се комбинирани себичност и лакомост со недостиг на грижа за другите. Можеме да бидеме сигурни дека во 2000 година јас-измот во никој случај не изумрел. Колку пати си ги чул прашањата: „Каква корист имам јас од тоа?“ или „Што ќе извлечам јас од тоа?“ Таквиот себичен став не придонесува за среќа. Тој е сосема спротивен на начелото кое го навел Исус: „Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35).
2. По што се гледа дека давањето донесува среќа?
2 Дали е вистина дека давањето донесува поголема среќа од примањето? Да. Помисли на Јехова Бог. Во него е „изворот на животот“ (Псалм 36:9). Тој ни обезбедува сѐ што ни е потребно за да нѐ направи среќни и продуктивни. Всушност, тој е Изворот на „секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јаков 1:17). Јехова, „среќниот Бог“, постојано дава (1. Тимотеј 1:11). Тој го сака своето човечко творештво, на кое му дава толку многу (Јован 3:16). Помисли и на едно човечко семејство. Ако си родител, знаеш колку жртви, колку давање е потребно за да се подигне едно дете. А детето многу години не е ни свесно за жртвите што ги правиш. Сите нив тоа ги зема како нешто само по себе разбирливо. Сепак, те усреќува кога гледаш како детето цвета како резултат на твоето несебично давање. Зошто? Бидејќи го сакаш.
3. Зошто е задоволство да им служиме на Јехова и на нашите соверници?
3 На сличен начин, вистинското обожавање се карактеризира со давање кое се темели на љубов. Бидејќи го љубиме Јехова и ги љубиме нашите соверници, задоволство ни е да им служиме, да се даваме за нив (Матеј 22:37—39). Секој кој обожава од себични мотиви завршува со многу малку радост. Но, оние кои служат несебично, кои се повеќе загрижени за она што можат да го дадат отколку за она кое се надеваат да го примат, навистина наоѓаат среќа. Во оваа вистина можеме да стекнеме подлабок увид ако разгледаме како некои библиски зборови кои се однесуваат на нашето обожавање се употребени во Писмото. Во оваа и во следната статија ќе дискутираме за три вакви зборови.
Исусовата јавна служба
4. Каква е природата на ‚јавната служба‘ на христијанскиот свет?
4 Во оригиналниот грчки јазик, еден важен збор што има врска со обожавањето е литургиа, кој во Превод Нов свет е преведен со „јавна служба“. Во христијанскиот свет од литургиа настанал зборот „литургија“.a Меѓутоа, формалистичките литургии на христијанскиот свет не се вистински корисна јавна служба.
5, 6. а) Каква јавна служба била извршувана во Израел, и со какви користи? б) Која далеку повеличествена служба ја заменила онаа што се извршувала во Израел, и зошто?
5 Апостол Павле употребил еден грчки збор кој е поврзан со литургиа, во врска со свештениците на Израел. Тој рекол: „Секој свештеник од ден на ден го зазема своето место за да врши јавна служба [облик на литургиа] и често да ги принесува истите жртви“ (Евреите 10:11). Левитските свештеници извршувале една многу скапоцена јавна служба во Израел. Тие поучувале за Божјиот закон и принесувале жртви кои ги покривале гревовите на народот (2. Летописи 15:3; Малахија 2:7). Кога свештениците и народот го следеле Јеховиниот Закон, нацијата имала причини да биде радосна (Второзаконие 16:15).
6 Извршувањето јавна служба под Законот било вистинска предност за израелските свештеници, но нивната служба ја изгубила вредноста кога Израел бил отфрлен поради неверноста (Матеј 21:43). Јехова подготвил нешто многу повеличествено — јавната служба која ја извршувал Исус, големиот Првосвештеник. Во врска со него читаме: „Тој, бидејќи засекогаш останува жив, го има своето свештенство без никакви наследници. Затоа тој може потполно да ги спаси оние кои преку него му пристапуваат на Бог, бидејќи секогаш е жив за да се зазема за нив“ (Евреите 7:24, 25).
7. Во која смисла Исусовата јавна служба донесува ненадминливи користи?
7 Исус останува како свештеник засекогаш, без наследници. На тој начин само тој може во потполност да ги спаси луѓето. Тој ја извршува таа неспоредлива јавна служба, не во храм направен од човек туку во храмот противслика, Јеховиното величествено уредување за обожавање кое почнало да функционира во 29 н.е. Сега Исус служи во Најсветата светиња на тој храм, на небото. Тој е „јавен слуга [литургос] на светото место и на вистинскиот шатор што го подигна Јехова, а не човек“ (Евреите 8:2; 9:11, 12). Колку и да е возвишена таа позиција, Исус сѐ уште е „јавен слуга“. Тој го користи својот висок авторитет за да дава, а не да зема. И таквото давање му донесува радост. Тоа е дел од ‚радоста што била поставена пред него‘ и која го зајакнувала да истрае на својот пат на Земјата (Евреите 12:2).
8. Како Исус извршувал јавна служба за да го замени сојузот на Законот?
8 Постои и еден друг аспект од Исусовата јавна служба. Павле напишал: „Исус доби поизвонредна јавна служба, така што е и посредник на соодветно подобар сојуз, кој е законски утврден врз подобри ветувања“ (Евреите 8:6). Мојсеј бил посредник на сојузот кој бил темел за односот на Израел со Јехова (Излез 19:4, 5). Исус бил посредник на еден нов сојуз, кој го овозможил раѓањето на една нова нација, „Израелот Божји“, составен од духовно помазани христијани од многу нации (Галатите 6:16; Евреите 8:8, 13; Откровение 5:9, 10). Каква само одлична јавна служба било тоа! Колку само сме среќни што сме го запознале Исус, јавниот слуга преку кого можеме да вршиме прифатливо обожавање на Јехова! (Јован 14:6).
И христијаните извршуваат јавна служба
9, 10. Кои се некои видови јавна служба што ги извршуваат христијаните?
9 Ниеден човек не извршува толку возвишена јавна служба како Исус. Меѓутоа, кога помазаните христијани ја добиваат својата небесна награда, тие го заземаат своето место покрај Исус и имаат удел во неговата јавна служба како небесни цареви и свештеници (Откровение 20:6; 22:1—5). Сепак, христијаните на Земјата извршуваат јавна служба и наоѓаат голема радост во неа. На пример, кога во Палестина имало оскудица на храна, апостол Павле ги однел донациите од браќата во Европа за да помогне да се ублажи неволјата на еврејските христијани во Јудеја. Тоа било јавна служба (Римјаните 15:27; 2. Коринќаните 9:12). Денес христијаните се среќни што можат да извршуваат слична служба, брзо давајќи помош кога нивните браќа доживуваат неволја, природни катастрофи или други несреќи (Пословици 14:21).
10 Павле укажал и на една друга јавна служба кога напишал: „Дури и ако се излевам како налевен принос врз жртвата и врз јавната служба на која ве навела верата, радосен сум и се радувам со сите вас“ (Филипјаните 2:17). Напорната работа на Павле во корист на филипјаните била јавна служба која ја извршувал со љубов и марливост. Слична јавна служба се извршува и денес, особено од страна на помазаните христијани, кои служат како ‚верен и разборит роб‘ обезбедувајќи духовна храна во право време (Матеј 24:45—47). Освен тоа, како група, тие се „свето свештенство“ кое има налог ‚да принесува духовни жртви прифатливи за Бог преку Исус Христос‘ и да ‚ги објавува надалеку извонредностите на оној кој ги повикал од темнината во својата чудесна светлина‘ (1. Петрово 2:5, 9). Слично на Павле, тие се радуваат на таквите предности дури и додека ‚се излеваат‘ во исполнување на своите одговорности. А нивните придружници „други овци“ им се придружуваат и ги поддржуваат во делото на објавување на човештвото за Јехова и за неговите намериb (Јован 10:16; Матеј 24:14). Каква само величествена и радосна јавна служба е тоа! (Псалм 107:21, 22).
Принесувај света служба
11. Како пророчицата Ана дала добар пример за сите христијани?
11 Еден друг грчки збор кој има врска со нашето обожавање е латриа, преведен во Превод Нов свет со „света служба“. Светата служба е поврзана со чинови на обожавање. На пример, за 84-годишната вдовица и пророчица Ана се вели дека ‚никогаш не изостанувала од храмот, принесувајќи света служба [грчки збор поврзан со латриа] ноќ и ден со пост и преколнувања‘ (Лука 2:36, 37). Ана го обожавала Јехова со постојаност. Таа е добар пример за сите нас — млади и стари, мажи и жени. Исто како што Ана сериозно го молела Јехова и редовно го обожавала во храмот така и нашата света служба вклучува молитва и присуство на состаноците (Римјаните 12:12; Евреите 10:24, 25).
12. Кое е едно главно обележје на нашата света служба, и на кој начин таа е и јавна служба?
12 Апостол Павле спомнал едно главно обележје на нашата света служба кога напишал: „Бог, кому му принесувам света служба со својот дух во поврзаност со добрата вест за неговиот Син, ми е сведок дека секогаш без престан ве спомнувам во моите молитви“ (Римјаните 1:9). Да, проповедањето на добрата вест не е само јавна служба во корист на оние кои ја слушаат туку и чин на обожавање на Јехова Бог. Сеедно дали наоѓаме приемчиво уво или не, делото на проповедање е света служба која му се принесува на Јехова. Нашите напори да им кажуваме на другите за добрите особини и добротворните цели на нашиот сакан небесен Татко сигурно ни донесуваат голема радост (Псалм 71:23).
Каде принесуваме света служба?
13. Каква надеж имаат оние кои извршуваат света служба во внатрешниот двор на Јеховиниот духовен храм, и кој се радува со нив?
13 На помазаните христијани Павле им напишал: „Бидејќи треба да примиме царство кое не може да се затресе, да имаме и понатаму незаслужена љубезност, преку која можеме на прифатлив начин да му принесуваме на Бог света служба со побожен страв и со страхопочит“ (Евреите 12:28). Во сигурно исчекување да го наследат Царството, помазаниците се непоколебливи во верата додека го обожаваат Највишиот. Само тие можат да му принесуваат света служба во Светото одделение и во внатрешниот двор на Јеховиниот духовен храм, и се во желно исчекување да служат со Исус во Најсветата светиња, самото небо. Нивните придружници, класата на другите овци, се радуваат со нив на нивната прекрасна надеж (Евреите 6:19, 20; 10:19—22).
14. Како големото мноштво извлекува корист од јавната служба на Исус?
14 Но, што е со другите овци? Како што предвидел апостол Јован, во овие последни денови се појавило едно големо мноштво од нив и ‚тие ги испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето‘ (Откровение 7:14). Тоа значи дека, како и нивните помазани сообожаватели, тие практикуваат вера во Исусовата јавна служба, неговото принесување на својот совршен човечки живот во полза на човештвото. И другите овци извлекуваат корист од Исусовата јавна служба на тој начин што ‚се држат за [Јеховиниот] сојуз‘ (Исаија 56:6, NW). Не, тие не се странките на новиот сојуз туку се држат за него во таа смисла што се послушни на законите кои се однесуваат на него и соработуваат со подготовките направени преку него. Тие се дружат со Израелот Божји, хранејќи се од истата духовна трпеза и работејќи заедно со неговите членови, фалејќи го јавно Бог и принесувајќи му духовни жртви кои му се угодни нему (Евреите 13:15).
15. Каде принесува света служба големото мноштво, и како влијае врз нив тој благослов?
15 На тој начин големото мноштво е видено како „стои пред престолот и пред Јагнето, облечено во бели долги облеки“. Освен тоа, тие „се пред Божјиот престол; и му вршат света служба ден и ноќ во неговиот храм; и Оној што седи на престолот ќе го распне својот шатор над нив“ (Откровение 7:9, 15). Прозелитите во Израел обожавале во надворешниот двор на Соломоновиот храм. На сличен начин, големото мноштво го обожава Јехова во надворешниот двор на неговиот духовен храм. Служењето таму им носи радост (Псалм 122:1). Дури и откако последниот од нивните помазани придружници ќе го добие своето небесно наследство, тие ќе продолжат да му принесуваат света служба на Јехова како негов народ (Откровение 21:3).
Света служба која е неприфатлива
16. Какви предупредувања се дадени во врска со светата служба?
16 Во деновите на древниот Израел, светата служба морала да се принесува во склад со Јеховините закони (Излез 30:9; Левит 10:1, 2). На сличен начин, и денес постојат барања за кои треба да се придржуваме ако сакаме нашата света служба да му биде прифатлива на Јехова. Затоа Павле им напишал на Колошаните: „Ние . . . не престанавме да се молиме за вас и да бараме да бидете исполнети со точното спознание за неговата волја во сета мудрост и духовно сфаќање за да одите достојно на Јехова, за потполно да му угодите додека и понатаму донесувате плод во секое добро дело и растете во точното спознание за Бог“ (Колошаните 1:9, 10). Не е наше да одредуваме кој е исправниот начин да се обожава Бог. Животоважни се точното библиско спознание, духовното разбирање и побожната мудрост. Инаку, работите можат да тргнат катастрофално лошо.
17. а) Како била изопачена светата служба во деновите на Мојсеј? б) Како би можела светата служба денес да се насочи во погрешен правец?
17 Сети се на Израелците во деновите на Мојсеј. Читаме: „Бог се одврати и ги пушти да ѝ вршат света служба на војската небесна“ (Дела 7:42). Тие Израелци ги виделе Јеховините моќни дела во нивна корист. Сепак, се свртеле кон други богови кога мислеле дека тоа би им користело. Не биле лојални, а лојалноста е барање за нашата света служба да му биде угодна на Бог (Псалм 18:25). Вистина, малкумина денес ќе се одвратат од Јехова за да обожаваат ѕвезди или златни телиња, но постојат други облици на идолопоклонство. Исус предупредил да не му се служи на „Богатството“, а лакомоста Павле ја нарекол идолопоклонство (Матеј 6:24; Колошаните 3:5). Сатана се унапредува себеси како бог (2. Коринќаните 4:4). Таквите видови идолопоклонство се раширени и претставуваат стапица. На пример, размисли за некој кој тврди дека го следи Исус, но чија вистинска цел во животот е да стане богат или чија вистинска доверба е во себеси или во сопствените идеи. Кому всушност му служи тој? Колку се разликува тој од Евреите во времето на Исаија кои се колнеле во името на Јехова, но заслугата за своите големи дела им ја припишувале на нечистите идоли? (Исаија 48:1, 5).
18. Како светата служба се извршувала на погрешен начин во минатото и денес?
18 Исто така, Исус предупредил: „Доаѓа часот кога секој кој ве убива ќе мисли дека му врши света служба на Бог“ (Јован 16:2). Савле, кој станал апостол Павле, несомнено мислел дека му служи на Бог кога ‚го одобрил убиството на Стефан‘ и ‚дишел со закана и убиство против Господовите ученици‘ (Дела 8:1; 9:1). Денес, некои од оние кои вршат етничко чистење и геноцид исто така тврдат дека го обожаваат Бог. Постојат многумина кои тврдат дека го обожаваат Бог, но нивното обожавање, всушност, е насочено кон боговите на национализмот, лојалноста кон своето племе, богатството, своето јас или некое друго божество.
19. а) Како гледаме на нашата света служба? б) Кој вид света служба ќе ни донесе радост?
19 Исус рекол: „Јехова, твојот Бог, да го обожаваш, и единствено нему да му принесуваш света служба“ (Матеј 4:10). Тој му ги упатил овие зборови на Сатана, но колку само е важно сите ние да внимаваме на нив! Принесувањето света служба на Суверениот Господ на универзумот е една возвишена предност која влева страв. А што може да се каже за извршувањето јавна служба која е поврзана со нашето обожавање? Да се прави тоа во корист на нашиот ближен е радосно дело кое донесува голема среќа (Псалм 41:1, 2; 59:16). Сепак, таквата служба донесува вистинска среќа само ако се принесува со цело срце и на исправен начин. Кој навистина го обожава Бог исправно? Чија света служба ја прифаќа Бог? На овие прашања ќе може да одговориме ако го разгледаме третиот библиски збор кој има врска со нашето обожавање. Тоа ќе го сториме во следната статија.
[Фусноти]
a Литургиите на христијанскиот свет се обично или богослужби или специфични ритуали, како што е евхаристијата во Римокатоличката црква.
b Во Дела 13:2 се известува дека пророците и учителите во Антиохија ‚вршеле јавна служба‘ (превод на еден грчки збор кој е поврзан со литургиа) на Јехова. Веројатно оваа јавна служба вклучувала проповедање во јавноста.
Како би одговорил?
• Каква величествена служба извршувал Исус?
• Каква јавна служба извршуваат христијаните?
• Што е христијанската света служба, и каде се извршува?
• Што мора да стекнеме за нашата света служба да му биде угодна на Бог?
[Слика на страница 10]
Родителите наоѓаат голема радост во давањето
[Слики на страници 12 и 13]
Христијаните извршуваат света служба кога им помагаат на другите и кога ја објавуваат добрата вест
[Слика на страница 14]
Нам ни е потребно точно спознание и разбирање за да бидеме сигурни дека нашата света служба му е прифатлива на Бог