Матеј
22 Исус повторно им зборуваше со споредби: 2 „Царството небесно може да се спореди со еден цар кој правеше свадба за својот син. 3 И ги испрати своите робови да ги викнат оние што беа поканети на свадбата, но тие не сакаа да дојдат. 4 Повторно испрати други робови и им рече: ’Кажете им на поканетите: „Подготвив гозба, ги заклав јунците и другата згоена стока, и сѐ е спремно. Дојдете на свадбата“‘. 5 Но тие не беа заинтересирани за тоа, туку си отидоа — кој на својата нива, кој на својата трговска работа. 6 А останатите ги фатија неговите робови, ги претепаа и ги убија.
7 Царот се разгневи и ја испрати својата војска, па ги погуби тие убијци и им го изгоре градот. 8 Тогаш им рече на своите робови: ’Свадбата е подготвена, но оние што беа поканети не заслужија да дојдат на свадбата. 9 Затоа, одете по патиштата надвор од градот и поканете го на свадба секого што ќе го најдете‘. 10 И робовите излегоа по патиштата и ги собраа сите што ги најдоа, и злобни и добри. И свадбената сала се наполни со гости.
11 Кога влезе да ги види гостите, царот забележа еден човек кој не носеше свадбена облека. 12 И го праша: ’Пријателе, како влезе овде кога не си облечен во свадбена облека?‘ А тој ништо не одговори. 13 Тогаш царот им рече на своите слуги: ’Врзете му ги рацете и нозете и исфрлете го надвор во темнината! Таму ќе плаче и ќе чкрта со забите‘.
14 Зашто, многумина се поканети, но малкумина се избрани“.
15 Тогаш фарисеите отидоа и се договорија да го фатат за збор. 16 И ги испратија кај него своите ученици заедно со следбениците на Ирод за да го прашаат: „Учителе, знаеме дека ја зборуваш вистината, дека исправно поучуваш за начинот на кој Бог сака да живееме и дека не се обидуваш да им угодиш на другите, зашто не гледаш кој е кој. 17 Затоа, кажи ни што мислиш, дозволено ли е да му се плаќа данок на цезарот или не?“ 18 Но Исус знаеше колку се злобни, па затоа им рече: „Зошто ме искушувате, лицемери? 19 Покажете ми една пара со која плаќате данок“. И му донесоа еден денариј.* 20 А тој им рече: „Чиј е овој лик и натпис?“ 21 Тие му одговорија: „На цезарот“.* Тогаш им рече: „Дајте му го цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог!“ 22 Кога го слушнаа тоа, беа восхитени, па го оставија и си отидоа.
23 Тој ден кај него дојдоа садукеите, кои велат дека нема воскресение, и го прашаа: 24 „Учителе, Мојсеј рече: ’Ако некој човек умре и нема деца, брат му треба да се ожени со неговата жена и да ја продолжи лозата на својот брат‘. 25 Си беа седум браќа. Првиот се ожени и умре, а бидејќи немаше деца, брат му се ожени со неговата жена. 26 Истото се случи и со вториот и со третиот, сѐ до седмиот. 27 На крај, умре и жената. 28 Кога ќе воскреснат, на кого од седумте браќа ќе му биде жена? Зашто, на сите им беше жена“.
29 Тогаш Исус им рече: „Вие сте во заблуда, бидејќи не ги познавате ниту Писмата ниту Божјата моќ. 30 Зашто, кога ќе воскреснат, луѓето нема ни да се женат ни да се мажат, туку ќе бидат како ангели на небото. 31 А за воскресението на мртвите, зарем не сте читале што ви рекол Бог: 32 ’Јас сум Богот на Авраам, Богот на Исак и Богот на Јаков‘? А тој не е Бог на мртвите, туку на живите“. 33 Кога го слушна тоа, народот беше восхитен од неговото учење.
34 Кога слушнаа дека им ја затворил устата на садукеите, фарисеите се собраа* и дојдоа кај него. 35 А еден од нив, кој добро го познаваше Законот, сакаше да го искуша, па го праша: 36 „Учителе, која е најголемата заповед во Законот?“ 37 Исус му одговори: „’Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа* и со сиот свој ум‘. 38 Тоа е најголемата и прва заповед. 39 Втората, слична на неа, е оваа: ’Сакај ги другите луѓе* како себеси‘. 40 На овие две заповеди се темелат целиот Закон и Пророците“.
41 Додека фарисеите уште беа таму, Исус ги праша: 42 „Што мислите за Христос? Чиј син е тој?“ Тие му одговорија: „На Давид“. 43 А тој им рече: „Како тогаш Давид, воден од светиот дух, го нарекува ’Господар‘* кога вели: 44 ’Јехова му рече на мојот Господар: „Седи од мојата десна страна додека не ги ставам твоите непријатели под твоите нозе“‘? 45 Ако Давид го нарекува ’Господар‘, како тогаш му е син?“ 46 И никој не можеше да му одговори ниту збор, и оттогаш никој повеќе не се осмели да го праша нешто.