Матеј
23 Тогаш Исус им рече на насобраните луѓе и на своите ученици: 2 „Познавачите на Законот* и фарисеите го зазедоа местото на Мојсеј. 3 Затоа, правете сѐ што ви кажуваат и држете се за тоа, но не постапувајте како нив, бидејќи зборуваат, но не го прават она што го зборуваат. 4 Ставаат тешки товари врз плеќите на луѓето, а самите не сакаат ни со прст да ги помрднат. 5 Сѐ што прават, прават за да ги видат луѓето. Ги зголемуваат своите филактерии* и ги продолжуваат ресите на своите облеки. 6 Сакаат да седат на најистакнатите места на гозбите и на најдобрите* места во синагогите, 7 и луѓето да ги поздравуваат по пазарите и да ги нарекуваат учители.* 8 Но вие не дозволувајте да ве нарекуваат учители,* зашто еден е вашиот Учител, а сите вие сте браќа. 9 И никого на земјата не нарекувајте го татко, зашто еден е вашиот Татко — оној што е на небесата. 10 Не дозволувајте ниту да ве нарекуваат водачи, зашто еден е вашиот Водач — Христос. 11 А најголемиот меѓу вас нека ви биде слуга. 12 Зашто, кој се возвишува, ќе биде понижен, а кој се понизува, ќе биде возвишен.
13 Тешко вам, познавачи на Законот* и фарисеи! Лицемери! Ги затворате пред луѓето вратите на Царството небесно. Самите не влегувате, а не ги пуштате да влезат ни оние што сакаат да влезат. 14* ——
15 Тешко вам, познавачи на Законот* и фарисеи! Лицемери! Патувате преку море и копно за да убедите некого да ја прифати вашата вера, а кога ќе ја прифати, од него правите човек што два пати повеќе од вас заслужува потполно уништување.*
16 Тешко вам, слепи водачи! Вие велите: ’Ако некој се заколне во храмот, тоа не е ништо, но ако некој се заколне во златото на храмот, должен е да ја исполни заклетвата‘. 17 Глупави и слепи! Што е поважно, златото или храмот што го посветил тоа злато? 18 И уште велите: ’Ако некој се заколне во жртвеникот, тоа не е ништо, но ако некој се заколне во дарот што е на него, должен е да ја исполни заклетвата‘. 19 Колку сте слепи! Што е поважно, дарот или жртвеникот што го посветува тој дар? 20 Затоа, кој ќе се заколне во жртвеникот, се заколнува во него и во сѐ што е на него. 21 Кој ќе се заколне во храмот, се заколнува во него и во оној што живее во него. 22 Кој ќе се заколне во небото, се заколнува во Божјиот престол и во оној што седи на него.
23 Тешко вам, познавачи на Законот* и фарисеи! Лицемери! Давате десеттина од нане, копар и ким, а го занемарувате она што е поважно во Законот: правдата, милоста и верноста. Точно, првото требаше да го правите, но и другото не смеевте да го занемарите. 24 Слепи водачи, го цедите пијалакот за да не голтнете комарец, а голтате камила!
25 Тешко вам, познавачи на Законот* и фарисеи! Лицемери! Ги чистите чашата и чинијата однадвор, а однатре се полни со нечистотија, бидејќи сте алчни* и гледате само да си угодите себеси. 26 Слеп фарисеју, прво исчисти ги чашата и чинијата однатре, за да бидат чисти и однадвор.
27 Тешко вам, познавачи на Законот* и фарисеи! Лицемери! Личите на варосани гробови, кои однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и со секаква нечистотија. 28 Така и вие, однадвор им изгледате на луѓето праведни, а однатре сте полни со лицемерство и злоба.*
29 Тешко вам, познавачи на Законот* и фарисеи! Лицемери! Им градите гробници на пророците и ги украсувате гробовите на праведните, 30 и велите: ’Да живеевме во деновите на нашите прататковци, немаше да учествуваме со нив во пролевањето на крвта на пророците‘. 31 Така сами против себе сведочите дека сте синови на оние што ги убиваа пророците. 32 Затоа, довршете го она што вашите прататковци го почнаа.*
33 Змии! Змии отровници! Како ќе побегнете од осудата? Ќе бидете потполно уништени.* 34 Затоа, ви испраќам пророци, мудри луѓе и учители. Некои од нив ќе ги убиете и ќе ги приковете на столб, а други ќе ги камшикувате во своите синагоги и ќе ги прогонувате од град во град. 35 Така ќе бидете виновни за пролеаната крв на сите праведни луѓе на земјата, од крвта на праведниот Авел до крвта на Захарија, синот на Варахија, кого го убивте меѓу светилиштето и жртвеникот. 36 Вистина ви велам, ова поколение ќе биде виновно за сето тоа.
37 Ерусалиме, Ерусалиме! Ти кој ги убиваш пророците и ги каменуваш оние што се испратени кај тебе. Колкупати сакав да ги соберам твоите деца како што кокошката ги собира своите пилиња под крилјата! Но вие не сакавте. 38 Еве, вашиот дом* ќе биде напуштен и ќе ви биде препуштен вам. 39 Зашто, ви велам, повеќе нема да ме видите сѐ додека не речете: ’Благословен е оној што доаѓа во името на Јехова!‘“