Матеј
21 Кога се приближија до Ерусалим и стигнаа во Витфага на Маслинската Гора, Исус испрати двајца ученици 2 и им рече: „Појдете во селото што го гледате пред вас. Кога ќе влезете во него, ќе најдете врзана магарица и прле со неа. Одврзете ги и донесете ми ги. 3 Ако некој ви каже нешто, речете: ’Му требаат на Господарот‘. Тогаш тој веднаш ќе ги пушти“.
4 А тоа се случи за да се исполни она што беше кажано преку пророкот: 5 „Кажете ѝ на сионската ќерка: ’Гледај, твојот Цар доаѓа кај тебе. Тој е кроток и седи на магаре — на прле, младенче на магарица‘“.
6 Учениците отидоа и направија така како што им рече Исус. 7 Ги донесоа магарицата и нејзиното прле, ги ставија врз нив своите наметки, и тој седна на прлето. 8 Повеќето од оние што беа таму ги постилаа своите наметки по патот, а други сечеа гранки од дрвјата и ги ставаа на патот пред него. 9 А народот што одеше пред него и по него викаше: „Те молиме, спаси го Синот на Давид! Благословен е оној што доаѓа во името на Јехова! Спаси го, те молиме тебе, кој си на висините!“
10 Кога влезе во Ерусалим, целиот град се крена на нозе и прашуваше: „Кој е овој?“ 11 А народот што беше со него одговараше: „Ова е пророкот Исус, од галилејскиот град Назарет!“
12 Исус влезе во храмот и ги истера сите што продаваа и купуваа во храмот, и им ги испреврте масите на менувачите на пари и клупите на оние што продаваа гулаби. 13 И им рече: „Напишано е: ’Мојот дом ќе се вика дом на молитвата‘, а вие од него правите разбојничко дувло“. 14 И додека беше во храмот, кај него дојдоа слепи и куци, и тој ги излекува.
15 Кога ги видоа чудата што ги направи и момчињата кои викаа во храмот: „Те молиме, спаси го Синот на Давид!“, главните свештеници и познавачите на Законот* се разлутија 16 и му рекоа: „Слушаш ли што зборуваат?“ Исус им одговори: „Слушам. Никогаш ли не сте читале: ’Од устата на децата и на бебињата си прибави фалба‘?“ 17 Потоа излезе од градот, отиде во Витанија и таму преноќи.
18 Додека рано наутро се враќаше во градот, огладне. 19 Покрај патот здогледа една смоква и отиде до неа, но не најде на неа ништо друго освен лисја, па ѝ рече: „Никогаш веќе да не дадеш плод!“ И смоквата веднаш се исуши. 20 Кога го видоа тоа, учениците се зачудија и рекоа: „Како смоквата се исуши наеднаш?“ 21 Исус им одговори: „Вистина ви велам, ако имате вера и ако не се сомневате, не само што ќе го направите ова што јас го направив со смоквата туку и ако ѝ речете на оваа планина: ’Дигни се и фрли се во морето‘, така и ќе биде. 22 И ќе добиете сѐ што ќе побарате во молитва, ако барате со вера“.
23 Кога влезе во храмот и почна да поучува, кај него дојдоа главните свештеници и народните старешини и го прашаа: „Со кое право го правиш тоа? Кој ти го даде тоа право?“ 24 А Исус им одговори: „И јас ќе ве прашам нешто. Ако ми одговорите, и јас ќе ви кажам кој ми даде право да го правам ова. 25 Од каде му беше на Јован правото да крштава? Од Бог* или од луѓето?“ А тие почнаа да зборуваат меѓу себе: „Ако речеме: ’Од Бог‘, ќе ни рече: ’Тогаш зошто не му верувавте?‘ 26 А ако речеме: ’Од луѓето‘, се плашиме како ќе реагира народот, бидејќи сите го сметаат Јован за пророк“. 27 Затоа му одговорија: „Не знаеме“. А тој им рече: „Ниту јас нема да ви кажам со кое право го правам ова.
28 Што мислите за ова? Еден човек имаше два сина. Отиде кај првиот и му рече: ’Сине, оди денес да работиш на лозјето‘. 29 Тој му одговори: ’Нема да одам‘, но потоа се покаја, па отиде. 30 Потоа отиде кај вториот и му го рече истото. А тој му одговори: ’Ќе одам, татко‘, но не отиде. 31 Кој од овие двајца го направи она што го бараше таткото?“ Тие одговорија: „Првиот“. Тогаш Исус им рече: „Вистина ви велам, даночниците и блудниците ќе влезат пред вас во Божјето Царство. 32 Зашто, Јован дојде кај вас и ви го покажа патот на праведноста, а вие не му верувавте. Меѓутоа, даночниците и блудниците му веруваа. Вие го видовте тоа, но сепак не се покајавте и не му поверувавте.
33 Слушнете уште една споредба: си беше еден човек, кој на својата земја насади лозје, постави ограда околу него, ископа место за гмечење на грозјето и изгради стражарска кула. Па им го даде под закуп на лозари и отпатува далеку од дома. 34 Кога дојде време за берба, ги испрати своите робови кај лозарите за да го соберат неговиот дел од родот. 35 Но, лозарите ги фатија неговите робови, па едниот го претепаа, другиот го убија, а третиот го каменуваа. 36 Повторно испрати други робови, повеќе од првиот пат, но и ним им го направија истото. 37 На крајот, го испрати кај нив својот син, велејќи: ’Ќе го почитуваат мојот син‘. 38 Кога го видоа синот, лозарите си рекоа меѓу себе: ’Ова е наследникот. Ајде да го убиеме и да го земеме неговото наследство!‘ 39 Тогаш го фатија, го исфрлија од лозјето и го убија. 40 Што мислите, кога ќе дојде сопственикот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари?“ 41 Тие му одговорија: „Бидејќи се злобни, ќе ги погуби сите до еден, а лозјето ќе им го даде под закуп на други лозари, кои ќе му го даваат родот кога ќе дојде време за тоа“.
42 Исус им рече: „Зарем никогаш не сте читале во Писмата: ’Каменот што го отфрлија градителите стана главен аголен камен.* Тоа е од Јехова, и прекрасно е во наши очи‘? 43 Затоа ви велам, Божјето Царство ќе ви биде одземено и ќе му биде дадено на народ кој донесува добри плодови.* 44 И кој ќе падне на овој камен, ќе се разбие, а на кого тој камен ќе падне, ќе го смачка“.
45 Кога ги слушнаа неговите споредби, главните свештеници и фарисеите сфатија дека зборува за нив. 46 И сакаа да го фатат,* но се плашеа од народот, бидејќи сите го сметаа за пророк.