Матеј
19 Откако го кажа сето тоа, Исус замина од Галилеја и дојде во граничното подрачје на Јудеја, од онаа страна на Јордан.+ 2 По него одеше многу народ, и тој ги излекува таму.+
3 И му пристапија фарисеи за да го искушаат, па го прашаа: „Дозволено ли е мажот да се разведе од својата жена од која и да било причина?“+ 4 Тој им одговори: „Зарем не сте читале дека оној што ги создаде во почетокот, ги создаде машко и женско+ 5 и рече: ‚Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си+ и ќе се прилепи до својата жена, и двајцата ќе бидат едно тело‘?+ 6 Така повеќе не се две, туку едно тело. Затоа, Бог што составил,* човек да не разделува!“+ 7 А тие му рекоа: „Зошто тогаш Мојсеј пропиша мажот да може да ѝ даде потврда за развод и да се разведе од неа?“+ 8 Тој им одговори: „Поради закоравеноста на вашето срце+ Мојсеј направи отстапка за да се разведувате од своите жени, но во почетокот не беше така.+ 9 Ви велам, секој што ќе се разведе од својата жена, освен поради блуд, и ќе се ожени со друга, прави прељуба“.+
10 Тогаш учениците му рекоа: „Ако е таква врската помеѓу мажот и жената, подобро е човек да не се жени!“+ 11 А тој им рече: „Не можат сите да живеат според тие зборови, туку само оние што го имаат тој дар.+ 12 Зашто, има такви што не се способни за женидба бидејќи такви се родиле,+ има такви што не се способни за женидба бидејќи луѓето ги онеспособиле, а има и такви што доброволно се одрекуваат од женидба заради царството небесно. Кој може да живее така, нека живее така“.+
13 Тогаш му доведоа деца за да ги положи рацете врз нив и да се помоли, но учениците ги прекоруваа.+ 14 А Исус рече: „Пуштете ги децата! Не спречувајте ги да доаѓаат кај мене, зашто на таквите им припаѓа царството небесно“.+ 15 И ги положи рацете врз нив и си отиде оттаму.+
16 И гледај, му пријде еден човек и му рече: „Учителе, какво добро морам да направам за да добијам вечен живот?“+ 17 А тој му рече: „Зошто ме прашуваш што е добро? Само еден е добар.+ Значи, ако сакаш да добиеш живот, држи ги заповедите“.+ 18 Човекот го праша: „Кои?“+ Исус одговори: „Овие: ‚Не убивај‘,+ ‚Не врши прељуба‘,+ ‚Не кради‘,+ ‚Не сведочи лажно‘,+ 19 ‚Почитувај ги татка си и мајка си‘+ и ‚Сакај го својот ближен како себеси‘“.+ 20 Тогаш младиот човек му рече: „Сето тоа го држам. Што уште ми недостига?“ 21 Исус му одговори: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди продај го својот имот и дај им ги парите на сиромасите, па ќе имаш богатство на небото.+ А потоа дојди и оди по мене“.+ 22 Кога ги чу овие зборови, младиот човек си отиде нажален, зашто имаше голем имот.+ 23 А Исус им рече на своите ученици: „Вистина, ви велам, на богатиот ќе му биде тешко да влезе во царството небесно.+ 24 И пак ви велам, полесно ѝ е на камила да помине низ иглени уши отколку на богатиот да влезе во Божјето царство“.+
25 Кога учениците го чуја тоа, многу се изненадија и прашаа: „Тогаш кој може да се спаси?“+ 26 Исус ги погледна в очи и им рече: „За луѓето тоа е невозможно, но за Бог сѐ е возможно“.+
27 Тогаш Петар му рече: „Еве, ние оставивме сѐ и те следиме. Што ќе добиеме за тоа?“+ 28 Исус им одговори: „Вистина, ви велам, при повторното создавање, кога Синот човечки ќе седне на својот славен престол, вие што ме следевте ќе седнете на дванаесет престоли и ќе им судите на дванаесетте Израелови племиња.+ 29 И секој што оставил куќи или браќа или сестри или татко или мајка или деца или земја заради моето име, ќе добие многу повеќе и ќе наследи вечен живот.+
30 А мнозина кои се први, ќе бидат последни, а последните, први.+