Матеј
27 Кога се раздени, сите главни свештеници и народните старешини одржаа совет за тоа како да го убијат Исус.+ 2 И кога го врзаа, го одведоа и му го предадоа на управителот Пилат.+
3 Кога виде дека Исус е осуден, Јуда, кој го предаде, почувствува грижа на совеста и им ги врати триесетте сребреници+ на главните свештеници и на старешините, 4 велејќи: „Згрешив кога предадов праведна крв“.+ А тие рекоа: „Што нѐ засега нас? Тоа си е твоја работа!“+ 5 Тогаш ги фрли сребрениците во храмот и си замина оттаму, па се обеси.+ 6 Но главните свештеници ги зедоа сребрениците и рекоа: „Не е дозволено да се пуштат во светата ризница, бидејќи се цена за крв“. 7 И откако се посоветуваа, со нив ја купија грнчаревата нива за да се закопуваат на неа странци. 8 Затоа таа нива до денешен ден се вика „Крвна нива“.+ 9 Тогаш се исполни она што беше кажано преку пророкот Еремија:* „И ги зедоа триесетте сребреници,+ цената за проценетиот, оној кому некои од синовите на Израел му одредија цена, 10 и ги дадоа за грнчаревата+ нива, како што ми заповеда Јехова“.
11 А Исус стоеше пред управителот. И управителот го праша: „Дали си ти царот на Евреите?“+ Исус одговори: „Ти самиот го велиш тоа“.+ 12 Но, додека главните свештеници и старешините го обвинуваа,+ тој не одговараше.+ 13 Тогаш Пилат му рече: „Зарем не слушаш со колку работи сведочат против тебе?“+ 14 Но тој не му одговори со ниту еден збор, така што управителот многу се чудеше.+
15 А управителот имаше обичај на секој празник да му пушти на народот по еден затвореник, по нивна желба.+ 16 Токму тогаш имаа еден озлогласен затвореник, кој се викаше Варава.+ 17 Кога народот се собра, Пилат ги праша: „Кого сакате да ви го пуштам, Варава или Исус кого го нарекуваат Христос?“*+ 18 Зашто, знаеше дека го предадоа+ од завист.+ 19 А додека седеше на судиската столица, неговата жена му порача: „Немај ништо со тој праведен+ човек, зашто денес многу страдав насон+ поради него“. 20 Но главните свештеници и старешините го наговорија народот да го бара Варава,+ а Исус да го погуби. 21 Тогаш управителот ги праша: „Кој од овие двајца сакате да ви го пуштам?“ Тие одговорија: „Варава“.+ 22 А Пилат ги праша: „Тогаш што да правам со Исус кого го нарекуваат Христос?“ А сите рекоа: „Нека биде прикован на столб!“*+ 23 Тој рече: „Какво зло направил?“ А тие уште посилно викаа: „Нека биде прикован на столб!“+
24 Кога виде дека ништо не помага, туку дека настанува сѐ поголем метеж, Пилат зеде вода+ и си ги изми рацете пред народот, велејќи: „Јас сум невин за крвта на овој човек. Тоа си е ваша работа“. 25 Тогаш целиот народ одговори: „Неговата крв нека падне на нас и на нашите деца!“+ 26 Потоа им го пушти Варава, а Исус го искамшикува+ и го предаде да биде прикован на столб.+
27 Потоа војниците на управителот го одведоа Исус во палатата на управителот и ја собраа околу него целата чета.+ 28 И го соблекоа, го наметнаа со црвена наметка,+ 29 па му исплетоа круна од трње и му ја ставија на главата, а во десната рака му ставија трска. И клекнувајќи пред него, го исмејуваа,+ велејќи: „Здраво, царе на Евреите!“+ 30 И го плукаа,+ па му ја зедоа трската и почнаа да го удираат по главата. 31 Откако го исмеаја,+ му ја симнаа наметката и му ја облекоа неговата облека, па го изведоа за да го приковаат на столб.+
32 Додека излегуваа, наидоа на еден човек од Киринија, по име Симон.+ Него го присилија да му го понесе столбот на кој требаше да биде прикован. 33 И дојдоа на местото наречено Голгота,+ односно Место на черепите. 34 Таму му дадоа на Исус да пие вино помешано со жолчка.+ Но кога го вкуси, не сакаше да пие.+ 35 Кога го приковаа на столб,+ ја разделија неговата облека+ фрлајќи ждрепка.+ 36 И седеа таму и го чуваа. 37 Над главата му ставија натпис на кој пишуваше за што е обвинет: „Ова е Исус, царот на Евреите“.+
38 Тогаш со него приковаа на столб двајца разбојници, едниот од неговата десна, а другиот од неговата лева страна.+ 39 А минувачите го навредуваа,+ подбивно вртејќи со главите+ 40 и велејќи: „Ти, што ќе го урнеше храмот+ и ќе го изградеше за три дена, спаси се самиот себе! Ако си син Божји, слези од столбот!“+ 41 На сличен начин и главните свештеници со книжниците и старешините го исмејуваа, велејќи:+ 42 „Другите ги спаси, а себе не може да се спаси! Тој е цар+ на Израел! Нека слезе сега од столбот, и ќе поверуваме во него!+ 43 Се надеваше на Бог, па тој сега нека го избави+ ако му е мил! Зашто рече: ‚Јас сум Божји Син‘ “.+ 44 Така му се исмејуваа и разбојниците што беа со него ставени на столб.+
45 А во шестиот* час се спушти темнина+ по целата таа земја и траеше сѐ до деветтиот* час.+ 46 А околу деветтиот час, Исус извика со силен глас: „Ели, Ели, лама савахтани?“ — односно: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“+ 47 Кога го слушнаа тоа, некои од оние што стоеја таму рекоа: „Овој го повикува Илија“.*+ 48 И еден од нив веднаш отрча и зеде сунѓер, го натопи во кисело+ вино, па го стави на трска и му даваше да пие.+ 49 Но останатите рекоа: „Нека го! Да видиме дали ќе дојде Илија да го спаси“.+ [Еден друг човек зеде копје и го прободе во слабината, и излезе крв и вода.]*+ 50 А Исус повторно извика со силен глас и издивна.*+
51 И гледај, завесата+ на светилиштето се расцепи надве, одозгора додолу,+ и земјата се затресе, а карпите се распукаа.+ 52 И гробовите се отворија, и беа подигнати многу тела на светите што беа умрени 53 и им станаа видливи на мнозина. (Луѓето што дојдоа од гробиштата по неговото воскресение, влегоа во светиот град.)+ 54 А кога го видоа земјотресот и она што се случуваше, стотникот и оние што со него го чуваа Исус многу се уплашија и рекоа: „Ова навистина беше Божји Син!“+
55 Таму имаше и многу жени, кои оддалеку го набљудуваа тоа,+ а кои од Галилеја го придружуваа Исус за да му служат.+ 56 Меѓу нив беа Марија Магдалена и Марија, мајката на Јаков и Јосиј, и мајката на Зеведеевите синови.+
57 А бидејќи беше доцна попладнето, дојде еден богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој и самиот беше Исусов ученик.+ 58 Тој отиде кај Пилат и го побара Исусовото тело.+ Тогаш Пилат заповеда да му го предадат.+ 59 И Јосиф го зеде телото, го завитка во чисто платно+ 60 и го положи во својот нов гроб,+ кој го беше издлабил во карпа. Потоа дотркала еден голем камен на влезот од гробот и си замина.+ 61 А Марија Магдалена и другата Марија останаа таму, седејќи пред гробот.+
62 Утредента, а тоа беше денот по подготовката,*+ главните свештеници и фарисеите се собраа пред Пилат 63 и му рекоа: „Господине, се сетивме дека овој измамник, уште додека беше жив, рече: ‚По три дена+ ќе воскреснам‘. 64 Затоа заповедај гробот да биде обезбеден до третиот ден, за да не дојдат неговите ученици и да го украдат,+ па да му речат на народот: ‚Стана од мртвите!‘ Така, таа последна измама ќе биде полоша од првата“. 65 А Пилат им рече: „Имате стража!+ Одете и обезбедете го како што знаете“. 66 Тогаш отидоа и го обезбедија гробот така што го запечатија каменот+ и поставија стража.