Матеј
12 Еднаш, на сабат, Исус поминуваше низ полиња со жито. Неговите ученици огладнеа, па почнаа да кинат класје и да јадат. 2 Кога го видоа тоа, фарисеите му рекоа: „Гледај, твоите ученици прават нешто што не е дозволено да се прави на сабат“. 3 А тој им рече: „Зарем не сте читале што направи Давид кога огладнеа тој и неговите луѓе? 4 Влезе во Божјиот дом, па јадеа од лебовите ставени пред Бог, кои не смееја да ги јадат ниту тој ниту неговите луѓе, туку само свештениците. 5 Или, зарем не сте читале во Законот дека свештениците работат во храмот на сабат, а сепак не се виновни за прекршување на Законот? 6 А ви велам дека овде е некој што е поголем од храмот. 7 Да разберевте што значи: ’Милост сакам, а не жртва‘, немаше да ги осудите оние што не се виновни. 8 Зашто, Синот човечки е Господар на сабатот“.
9 Кога си замина оттаму, дојде во синагогата. 10 Таму имаше еден човек со исушена* рака. Тогаш го прашаа Исус: „Дозволено ли е да се лекува на сабат?“ Всушност, бараа причина да го обвинат. 11 А тој им рече: „Ако некој од вас има само една овца и таа му падне во јама на сабат, нема ли да оди и да ја извади? 12 А колку повеќе вреди човекот од една овца! Затоа, дозволено е да се прави добро на сабат“. 13 Тогаш му рече на човекот: „Испружи ја раката“. Тој ја испружи, и раката му оздраве и стана како другата. 14 А фарисеите излегоа и почнаа да кројат планови да го убијат. 15 Кога дозна за тоа, Исус си замина оттаму. Многу луѓе одеа по него, и тој ги излекува сите, 16 но им забрани да им кажуваат на другите кој е тој. 17 Така се исполни она што беше кажано преку пророкот Исаија:
18 „Еве го мојот слуга, кого го избрав, мојот сакан, кој ми е по волја! Ќе му го дадам својот дух, и тој јасно ќе им покаже на народите што е тоа правда. 19 Нема да се кара, нема да вика и неговиот глас нема да се слуша по улиците. 20 Нема да ја докрши поткршената трска и нема да го угасне фитилот што тлее сѐ додека не донесе правда. 21 Народите ќе се надеваат на неговото име“.
22 Тогаш му доведоа еден човек, слеп и нем, кој беше обземен од демон. Исус го излекува, па немиот проговори и прогледа. 23 А целиот народ беше восхитен и велеше: „Да не е ова Синот на Давид?“ 24 Кога го слушнаа тоа, фарисеите рекоа: „Овој човек не може да истерува демони, освен со помош на Ѓаволот,* владетелот на демоните“. 25 А тој знаеше што мислат, па им рече: „Секое царство кое е разединето, пропаѓа. Ниту еден град или куќа кои се разединети, нема да опстанат. 26 Така, ако Сатана го истерува Сатана, се свртел против самиот себе. Тогаш, како ќе опстане неговото царство? 27 А, ако јас истерувам демони со помош на Ѓаволот,* со чија помош вашите ученици ги истеруваат? Затоа тие ќе ве осудат. 28 Но, ако ги истерувам демоните со помош на Божјиот дух, тогаш Божјето Царство веќе е тука, а вие не сте свесни за тоа. 29 Или, како може некој да влезе во куќата на силен човек и да му ја украде покуќнината ако најпрво не го врзе? Само така ќе може да му ја ограби куќата. 30 Кој не е на моја страна, против мене е, и кој не собира со мене, растерува.
31 Затоа ви велам, Бог ќе им прости на луѓето секаков грев и хула, но ако хулат против духот, нема да им прости. 32 На пример, ако некој каже нешто против Синот човечки, ќе му биде простено, но ако каже нешто против светиот дух, нема да му биде простено, ниту сега* ниту во иднина.
33 Ако дрвото ви е добро, ќе дава добри плодови, но ако дрвото ви е гнило, ќе дава гнили плодови. Зашто, дрвото се познава по плодовите. 34 Змии отровници! Како може да излезе нешто убаво од вашата уста кога сте злобни? Зашто, устата го зборува она со кое е полно срцето. 35 Добриот човек од ризницата на своето срце изнесува добри работи, а злобниот човек од ризницата на своето срце изнесува зли работи. 36 Ви велам дека за секој бескорисен збор што ќе го изговорат, луѓето ќе положат сметка во Судниот ден. 37 Зашто, на темел на твоите зборови ќе бидеш прогласен за праведен и на темел на твоите зборови ќе бидеш осуден“.
38 Тогаш некои познавачи на Законот* и фарисеи му рекоа: „Учителе, сакаме да видиме од тебе некаков знак дека си испратен од Бог“. 39 Тој им одговори: „Ова злобно и неверно* поколение постојано бара знак, но нема да му се даде никаков друг знак, освен знакот на пророкот Јона. 40 Зашто, како што Јона беше во стомакот на големата риба три дена и три ноќи, така и Синот човечки ќе биде во срцето на земјата три дена и три ноќи. 41 Жителите на Ниневија ќе воскреснат во Судниот ден заедно со ова поколение и ќе го осудат, зашто се покајаа кога им проповедаше Јона. А овде е некој што е поголем од Јона. 42 Царицата на југот ќе воскресне во Судниот ден заедно со ова поколение и ќе го осуди, зашто дојде од другиот крај на земјата за да ја чуе мудроста на Соломон. А овде е некој што е поголем од Соломон.
43 Кога ќе излезе од некој човек, нечистиот дух поминува низ безводни места и бара место за да се одмори, но не наоѓа. 44 Тогаш вели: ’Ќе се вратам во куќата од која излегов‘. А кога ќе дојде, ја наоѓа празна, исчистена и уредена. 45 Па оди и доведува со себе седум други духови, уште позлобни од него, па влегуваат и се населуваат таму. На крајот, на тој човек ќе му биде полошо од претходно. Така ќе биде и со ова злобно поколение“.
46 Додека тој уште му зборуваше на мноштвото, дојдоа мајка му и неговите браќа. Стоеја надвор и сакаа да зборуваат со него. 47 И некој му рече: „Мајка ти и твоите браќа се надвор и сакаат да зборуваат со тебе“. 48 А тој му одговори: „Која е мојата мајка и кои се моите браќа?“ 49 И покажа со раката кон своите ученици, па рече: „Еве ги мојата мајка и моите браќа! 50 Зашто, секој што ја врши волјата на мојот Татко, кој е на небото, тој ми е брат и сестра и мајка“.