Матеј
11 Откако им даде упатства на своите 12 ученици, Исус замина оттаму за да поучува и да проповеда во околните градови.
2 А Јован, кој беше во затвор, слушна за делата на Христос, па ги испрати своите ученици 3 да го прашаат: „Ти ли си оној што треба да дојде или да чекаме некој друг?“ 4 Исус им одговори: „Одете и кажете му на Јован што слушате и што гледате: 5 слепите гледаат, сакатите одат, лепрозните се очистени, глувите слушаат, мртвите стануваат и на сиромашните им се објавува добрата вест. 6 Среќен е оној што не се сомнева во мене“.*
7 Кога тие си заминаа, Исус почна да му зборува на мноштвото за Јован: „Кога излеговте во пустината, што сакавте да видите? Трска што ја ниша ветрот? 8 Што сакавте да видите? Човек облечен во раскошна облека? Оние што носат раскошна облека се во царските дворци. 9 Тогаш, зошто излеговте? За да видите пророк? Да, ви велам, тој е и многу повеќе од пророк. 10 Тој е оној за кого е напишано: ’Еве, јас го праќам пред тебе* мојот гласник, кој ќе ти го подготви патот‘. 11 Вистина ви велам, меѓу луѓето не се родил никој поголем од Јован Крстител, но и најмалиот во Царството небесно е поголем од него. 12 А од времето кога Јован Крстител почна да проповеда па сѐ досега, луѓето со сите свои сили се обидуваат да влезат во Царството небесно, и оние што се упорни успеваат во тоа. 13 Зашто, сите, и Пророците и Законот, пророкуваа до Јован. 14 А сеедно дали ќе верувате или не, тој е ’Илија кој треба да дојде‘. 15 Кој има уши, нека слуша.
16 Со кого да го споредам ова поколение? Личи на деца што си играат на пазарите,* па им довикуваат на други деца: 17 ’Ви свиревме на флејта, но вие не игравте. Пеевме тажни песни, но вие не се удиравте во гради од тага‘. 18 Зашто, дојде Јован, кој ниту јадеше ниту пиеше, а луѓето велат: ’Во него има демон‘. 19 Дојде Синот човечки, кој јаде и пие, а луѓето велат: ’Гледај, ненаситник и пијаница, пријател на даночници и на грешници!‘ Сепак, мудроста ја оправдуваат нејзините дела“.
20 Тогаш почна да ги осудува градовите во кои направи најмногу чуда, бидејќи не се покајаа: 21 „Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Зашто, да се случеа истите чуда во Тир и во Сидон, тие уште одамна ќе се покаеја во облека за жалење* и во пепел. 22 Затоа ви велам, на Тир и на Сидон ќе им биде полесно во Судниот ден отколку вам. 23 А ти, Капернауме, зарем ќе се возвишиш до небото? Во гробот* ќе паднеш! Зашто, да се случеа истите чуда во Содом, тој град ќе останеше до ден-денес. 24 Затоа ти велам, на Содом ќе му биде полесно во Судниот ден отколку тебе“.
25 Тогаш Исус рече: „Те славам пред сите, Татко, Господару на небото и на земјата, зашто си го скрил ова од мудрите и учените, а си им го открил на малите деца. 26 Да, Татко, зашто ти сакаше да биде така. 27 Мојот Татко ми предаде сѐ. Никој не го познава Синот толку добро како Таткото, и никој не го познава Таткото толку добро како Синот и како оној кому Синот сака да му открие кој навистина е Таткото. 28 Дојдете кај мене сите вие што сте изморени и оптоварени, и јас ќе ве зајакнам. 29 Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум благ и понизен,* и ќе бидете зајакнати. 30 Зашто, мојот јарем е лесен за носење и мојот товар не е тежок“.